Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2010

‚Да му принесеме дар на Јехова‘

‚Да му принесеме дар на Јехова‘

КОГА некој ќе направи нешто љубезно за тебе, како ќе му покажеш дека си благодарен? Да видиме како ја покажале својата благодарност воените заповедници во Израел по една битка со Мадијамците. Битката се водела откако Израелците направиле грев затоа што го обожавале Ваал фегорски. Бог им дал победа во оваа битка, а пленот бил поделен меѓу 12.000-те борци и останатите Израелци. На барање од Јехова, борците дале дел од нивниот плен за свештениците, а другите Израелци дале дел од својот плен за левитите (4. Мој. 31:1-5, 25-30).

Но, воените заповедници сакале да сторат нешто повеќе. „Твоите слуги ги преброија борците што се под наше заповедништво и ниту еден од нашите луѓе не недостига“, му рекле на Мојсеј. Како дар за Јехова, тие одлучиле да принесат злато и различен накит. Вкупната тежина на златниот накит изнесувала над 190 килограми (4. Мој. 31:49-54).

 И денес мнозина се поттикнати да покажат благодарност за сѐ што направил Јехова за нив. Но, таква благодарност не покажуваат само крстените Јеховини сведоци. Да го земеме за пример возачот на автобус кој возел до и од стадионот една група делегати кои присуствувале на меѓународниот конгрес што се одржа во Болоња (Италија), во 2009 год. Бидејќи бил многу внимателен возач и смирен човек, оние што се возеле со него решиле во знак на благодарност да му дадат картичка, нешто пари за да се почести и книгата Што навистина учи Библијата? На тоа возачот одговорил: „Со задоволство ја прифаќам картичката и книгата, но ви ги враќам парите затоа што сакам да ги приложам за да можете да продолжите со вашето дело. Иако не сум Јеховин сведок, сакам да ги дадам парите затоа што гледам дека сѐ правите од љубов“.

Кога ќе почувствуваш благодарност за она што го прави Јехова за тебе, еден начин на кој можеш да ја покажеш е така што ќе приложиш за меѓународното дело на Јеховините сведоци (Мат. 24:14). Некои начини на кои може да се направи тоа се наведени во придружната рамка.