Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  септември 2016

Законска одбрана на добрата вест

Законска одбрана на добрата вест

„ОВОЈ човек ми е избран сад за да им го носи моето име на незнабошците, и на царевите“ (Дела 9:15). Господарот Исус ги кажал овие зборови за еден Евреин кој го прифатил христијанството и станал познат како апостол Павле.

Еден од тие цареви бил римскиот император Нерон. Како би се чувствувал ти кога би требало да ја браниш својата вера пред еден таков владетел? Како христијани, ние сме поттикнати да го следиме примерот на Павле (1. Кор. 11:1). Една работа во која можеме да се угледаме на него е начинот на кој ја бранел добрата вест пред властите од негово време.

Мојсеевиот закон бил официјален закон во Израел, и за него се држеле сите Евреи, без оглед на тоа каде живееле. По Педесетница 33 год. од н.е., слугите на вистинскиот Бог повеќе не биле обврзани да го држат тој закон (Дела 15:28, 29; Гал. 4:9-11). Сепак, Павле и други христијани не зборувале со непочитување за Мојсеевиот закон. Така можеле без пречка да сведочат на многу места каде што живееле Евреи (1. Кор. 9:20). Всушност, во многу прилики Павле одел во синагогите каде што им сведочел на луѓето кои знаеле за Богот на Авраам. Тој можел да разговара со нив на темел на Хебрејските списи (Дела 9:19, 20; 13:5, 14-16; 14:1; 17:1, 2).

Во почетокот, апостолите го избрале Ерусалим како место од каде што го надгледувале проповедањето. Тие редовно поучувале во храмот (Дела 1:4; 2:46; 5:20). Одвреме-навреме, и Павле доаѓал во Ерусалим. Но, во една прилика, бил фатен и ставен во притвор. Оттогаш против него се повел судски процес поради кој на крајот бил одведен во Рим.

ПАВЛЕ И РИМСКИОТ ЗАКОН

Каков став имале римските власти кон верувањата што ги застапувал Павле? За да го добиеме одговорот на ова прашање, добро е да знаеме како Римјаните гледале на религиите воопшто. Тие не ги присилувале луѓето од разните етнички групи во царството да се откажат од своите верувања, освен ако тие верувања претставувале опасност за државата или за моралот.

 Евреите имале многу права во Римското Царство. Во една книга пишува: „Јудаизмот имал повластена положба [во ова царство]... Евреите можеле слободно да му служат на својот Бог и не морале да ги обожаваат римските божества. Во нивните заедници се спроведувал [Мојсеевиот] закон“ (Backgrounds of Early Christianity). Освен тоа, Евреите не морале да извршуваат воена служба. * Павле го бранел христијанството пред властите повикувајќи се на римскиот закон, кој ја штител еврејската вера.

Противниците на Павле се обиделе на разни начини да ги свртат властите и обичниот народ против него (Дела 13:50; 14:2, 19; 18:12, 13). Да разгледаме еден таков настан. Христијанските старешини во собранието во Ерусалим слушнале дека меѓу Евреите се шират гласини дека Павле го поучува народот да отстапи од Мојсеј. Поради тоа, некои новообратени еврејски христијани можеле да помислат дека Павле не ги почитува Божјите одредби. Исто така, постоела опасност Судскиот совет да го прогласи христијанството за отпадништво од јудаизмот. Доколку се случело ова, Евреите што станале христијани, како и оние што покажувале интерес за христијанската вера, можеле да бидат казнети. Тие ќе биле отфрлени од општеството и ќе им било забрането да проповедаат во храмот и во синагогите. Затоа, старешините од собранието во Ерусалим го советувале Павле да ги побие овие лажни гласини. Тие му рекле да отиде во храмот и да направи нешто што Бог не го барал од него, но не било спротивно на Христовите учења (Дела 21:18-27).

Павле ги послушал, и на крајот тоа му отворило можност законски да го потврди правото да ја проповеда добрата вест (Фил. 1:7). Во храмот се создал метеж меѓу Евреите, кои сакале да го убијат Павле. Тогаш заповедникот на римската војска го ставил в затвор. Кога војниците го врзале за да го камшикуваат, Павле им кажал дека е римски граѓанин. Поради тоа, бил одведен во Цезареја, град од кој Римјаните управувале со Јудеја. Таму Павле имал многу прилики храбро да сведочи пред властите. На тој начин добиле темелно сведоштво и луѓе кои знаеле малку за христијанството.

Во извештајот од Дела 24. поглавје се зборува за судењето на Павле пред Феликс, римски управител на Јудеја, кој веќе знаел нешто за верувањата на христијаните. За време на тој судски процес, Евреите го обвиниле Павле дека го прекршува римскиот закон најмалку на три начини. Тие рекле дека крева бунтови меѓу Евреите низ целото царство, дека е водач на опасна секта и дека се обидува да го оскверни храмот, кој тогаш бил под римска заштита (Дела 24:5, 6). На темел на овие обвиненија, Павле можел да биде осуден на смрт.

Добро е христијаните денес да знаат како Павле се бранел од обвиненијата. Тој останал смирен и покажувал почит. Исто така, се осврнал на Законот и Пророците, и се повикал на правото да му служи на „Богот на своите прататковци“. Римскиот закон им го гарантирал ова право на сите Евреи (Дела 24:14). Подоцна, Павле можел да ја брани својата вера и пред следниот управител, Порциј Фест, како и пред царот Ирод Агрипа.

На крајот, за да добие непристрасно судење, Павле рекол: „Ќе се жалам пред цезарот!“ — најмоќниот владетел во тоа време (Дела 25:11).

ПАВЛЕ „ПРЕД ЦЕЗАРОТ“

Еден ангел подоцна му рекол на Павле: „Ти треба да застанеш пред цезарот“ (Дела 27:24). Римскиот император Нерон уште на почетокот на своето владеење рекол дека нема сам да ги решава сите судски случаи. Првите осум години откако ја презел власта, главно им ја препуштал оваа задача на други. Во една книга пишува дека, кога Нерон ќе прифател да биде судија во некој случај, процесот се одвивал во неговата палата. За време на судењето му помагала група советници кои имале големо  искуство и влијание (The Life and Epistles of Saint Paul).

Библијата не ни кажува дали Нерон го водел случајот на Павле или за тоа овластил некој друг. Како и да е, Павле најверојатно објаснил дека му служи на Богот на Евреите и дека ги поттикнува сите луѓе да покажуваат должна почит кон властите (Рим. 13:1-7; Тит 3:1, 2). По сѐ изгледа, тој успешно ја одбранил добрата вест бидејќи бил ослободен (Фил. 2:24; Филим. 22).

И НИЕ МОРА ДА ЈА БРАНИМЕ ДОБРАТА ВЕСТ

Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе ве изведуваат пред управители и цареви за сведоштво за нив и за другите народи“ (Мат. 10:18). Голема чест е што можеме да го застапуваме Христос на овој начин. Нашите напори да ја браниме добрата вест можат да водат до правни победи. Се разбира, сеедно какви одлуки ќе донесат несовршените луѓе, Јехова е тој што ни дал право да ја проповедаме добрата вест. А наскоро Божјето Царство ќе донесе трајно ослободување од сите неправди (Проп. 8:9; Ерем. 10:23).

Сепак, дури и денес може да го прославиме Јеховиното име кога ја браниме нашата вера на суд. Исто како Павле, и ние треба да се трудиме да бидеме смирени, искрени и да зборуваме со увереност. Исус им рекол на своите следбеници дека нема потреба однапред да вежбаат што ќе кажат во своја одбрана затоа што тој ќе им даде мудрост и зборови на кои сите нивни противници заедно не ќе можат да се спротивстават ниту да ги оспорат (Лука 21:14, 15; 2. Тим. 3:12; 1. Пет. 3:15).

Кога христијаните ја бранат својата вера пред цареви, управители или други владетели, може да им посведочат на луѓе до кои е тешко да се дојде со пораката. Благодарение на некои поволни пресуди, биле изменети или дополнети одредени закони, и на тој начин било заштитено правото на слобода на говор и вероисповед. Без разлика на исходот од таквите случаи, храброста на христијаните кои се изведени на суд го радува Јеховиното срце.

Кога ја браниме нашата вера на суд, го славиме Јеховиното име

^ пас. 8 Писателот Џејмс Паркс вели: „На Евреите... им било дозволено да ги задржат своите верски обичаи. Ова не било никаков исклучок затоа што Римјаните обично им дозволувале најголема можна автономија на разните области во нивното царство“.