Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  септември 2016

Млади, зајакнете ја својата вера

Млади, зајакнете ја својата вера

Верата е доказ за она што е вистинско, иако не се гледа (ЕВР. 11:1)

ПЕСНИ: 41, 69

1, 2. Под каков притисок се некои млади христијани денес, и што можат да направат за да се справат со него?

„ПРЕМНОГУ си паметна за да веруваш во Бог“, ѝ рекла една соученичка на една млада сестра од Британија. Еден брат од Германија напишал: „Моите професори сметаат дека библискиот извештај за создавањето е измислица. За нив е најнормално сите ученици да веруваат во еволуција“. А една млада сестра од Франција рекла: „Професорите во моето училиште се запрепастени што сѐ уште има ученици кои веруваат во Библијата“.

2 Ако си млада личност која му служи на Јехова или ја проучува Библијата, можеби си под притисок да ги прифатиш раширените идеи, како што е еволуцијата. Во таков случај, можеш да преземеш нешто за да си ја зајакнеш верата во Бог. Една работа што би можел да ја направиш е внимателно да размислуваш за она што го слушаш и што го читаш. „Способноста за расудување“, која е спомната во Библијата, ќе те заштити од световни размислувања и идеи кои можат да ти ја уништат верата во Јехова. (Прочитај Изреки 2:10-12.)

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 За да имаме цврста вера во Јехова, мора добро да го запознаеме (1. Тим. 2:4). Затоа, немој само површно да ја читаш  Божјата Реч и нашите публикации. Одвој време да размислуваш за прочитаното и потруди се добро да го разбереш (Мат. 13:23). Ако проучуваш на ваков начин, ќе најдеш многу докази дека Јехова е нашиот Творец и дека Библијата е книга од него (Евр. 11:1). Во оваа статија ќе видиме како тоа може да ти ја зајакне верата.

КАКО ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕШ ВЕРАТА

4. а) Во што се слични оние кои ја прифаќаат еволуцијата и оние кои сметаат дека постои Бог? б) Што треба да направи секој од нас?

4 Некој би можел да ти рече: „Верувам во еволуција бидејќи научниците тврдат дека таа се темели на факти. Како можеш да веруваш во Бог, кога никој не го видел?“ Многу луѓе размислуваат на ваков начин. Точно е дека никој од нас не го видел Бог ниту, пак, гледал како тој создава нешто (Јован 1:18). Но, што може да се каже за оние кои веруваат во еволуција? И тие веруваат во нешто што не можат да го видат. Ниту еден човек, сеедно дали е научник или не, не видел како еден вид живо суштество еволуира во друг вид. На пример, никој не гледал како еден влекач станува цицач (Јов 38:1, 4). Затоа, секој од нас треба да ги испита доказите, внимателно да размисли за нив и да донесе разумни заклучоци. Многу луѓе кои ја набљудуваат природата дошле до заклучок дека постои Бог. Во врска со творештвото, апостол Павле напишал: „[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено, па така тие луѓе немаат изговор“ (Рим. 1:20).

Користи го сето она што ни го дава организацијата за да ги објасниш своите верувања (Види во пасус 5)

5. Како Божјата организација ни помага да учиме за творештвото?

5 Како разумни суштества, ние мора да го користиме својот ум, а не само своите очи и уши. Кога длабоко размислуваме за сето она што постои во природата, восхитени сме од начинот на кој е создаден живиот свет. Освен тоа, Јеховината организација ни обезбедува изобилство од темелно истражени информации кои можат да ни помогнат да го „видиме“ нашиот Творец со очите на верата (Евр. 11:3, 27). Во нив спаѓаат филмот Чудата на создавањето ја објавуваат Божјата слава, брошурите Дали животот е Божје дело? и Пет важни прашања за потеклото на животот, како и книгата Постои ли Творец кој се грижи  за тебе? [1] Освен тоа, во списанието Разбудете се! честопати излегуваат интервјуа со научници и други стручни лица кои објаснуваат зошто почнале да веруваат во Бог. А рубриката „Случајно или создадено?“ содржи информации за некои животни или други работи во природата, како и за начинот на кој научниците се обидуваат да ги копираат нивните својства и механизми.

6. Како ни помагаат нашите публикации?

6 Еден брат од САД, кој има 19 години, го рекол следново за двете брошури кои беа спомнати погоре: „Тие ми се од многу голема помош. Ги проучував многу пати“. Една сестра од Франција напишала: „Воодушевена сум од статиите што излегуваат во рубриката ‚Случајно или создадено?‘ Тие покажуваат дека ни најголемите инженери не можат во потполност да ги копираат сложените структури и механизми кои постојат во природата“. Родителите на една 15-годишна девојка од Јужноафриканската Република рекле: „Првото нешто што нашата ќерка обично го чита во Разбудете се! е рубриката ‚Интервју‘“. А како е со тебе? Дали извлекуваш целосна корист од сите овие публикации? Тие можат да ти ја зајакнат верата. Слично како што едно дрво со длабоки корења може да ги издржи налетите на ветрот, така и твојата вера ќе ти помогне да им се спротивставиш на сите лажни учења (Ерем. 17:5-8).

ЗАЈАКНИ СИ ЈА ВЕРАТА ВО БИБЛИЈАТА

7. Зошто Бог сака да го користиш својот разум?

7 Дали е погрешно да поставуваш искрени прашања во врска со Библијата? Воопшто не. Јехова не сака да веруваш во нешто само затоа што другите веруваат во тоа. Тој сака да го користиш својот разум за подобро да се запознаеш со Библијата и да се увериш на темел на докази дека таа навистина е негова Реч. Тоа знаење може да биде цврст темел за вистинска вера. (Прочитај Римјаните 12:1, 2; 1. Тимотеј 2:4.)

8, 9. а) Кои теми ги проучуваат некои браќа и сестри? б) Каква корист имале некои што длабоко размислувале за она што го проучувале?

8 Еден начин на кој можеш да стекнеш знаење е да проучуваш теми што те интересираат. Некои ги истражуваат библиските пророштва. Други, пак, ги споредуваат библиските извештаи со она што го велат историчарите, научниците или археолозите. Едно многу важно пророштво кое би можел да го проучуваш е запишано во 1. Мојсеева 3:15. Јехова го дал веднаш откако Адам и Ева се побуниле против него и неговото право да владее. Тоа е првото од многуте библиски пророштва кои ни помагаат да разбереме како Божјето Царство ќе стави крај на сето страдање и како ќе докаже дека Бог владее на најдобар начин. Како можеш да го проучуваш овој стих? Би можел да направиш список на клучните библиски стихови кои откривале сѐ повеќе детали во врска со исполнувањето на ова пророштво. Потоа би можел да истражиш кога биле напишани, и да ги подредиш хронолошки. Кога ќе видиш колку складно се поврзани сите тие стихови во една целина, ќе сфатиш дека библиските писатели навистина биле водени од Јеховиниот свет дух (2. Пет. 1:21).

9 Еден брат од Германија напишал: „Божјето Царство се провлекува како златна нишка низ целата Библија, и покрај тоа што ја пишувале околу 40 мажи. Многумина од нив не живееле во исто време и не се познавале еден со друг“. Додека проучувала една статија во Стражарска кула од 15 декември 2013 год., една сестра од Австралија сфатила како Пасхата е поврзана со Месијата и со пророштвото од 1. Мојсеева 3:15.  Била восхитена кога разбрала како таа еврејска прослава се исполнила на Исус. Подоцна напишала: „Оваа статија ми помогна да сфатам колку величествен Бог е Јехова!.. Просто не можев да верувам колку длабоко пророчко значење има тој настан!“ Зошто оваа сестра имала вакви чувства? Затоа што внимателно размислувала и го разбрала она што го прочитала. Тоа ѝ ја зајакнало верата и уште повеќе ја зближило со Јехова (Мат. 13:23).

10. Како искреноста на библиските писатели ни ја зајакнува довербата во Божјата Реч?

10 Размисли и за тоа колку искрени и храбри биле оние што ја пишувале Библијата. Многу од древните писатели најчесто ги величале своите водачи и својот народ така што ги запишувале само добрите работи. Но, Јеховините пророци секогаш бестрашно ја кажувале вистината. Тие не ги криеле грешките на својот народ, па дури ни на своите цареви (2. Лет. 16:9, 10; 24:18-22). Освен тоа, ги запишале и сопствените грешки, а зборувале отворено и за слабостите на некои други Божји слуги (2. Сам. 12:1-14; Мар. 14:50). „Таквата искреност е вистинска реткост“, рекол еден млад христијанин од Британија. „Тоа уште повеќе нѐ уверува дека Библијата е Божја Реч.“

11. Што ќе им помогне на младите уште повеќе да ги ценат библиските начела?

11 Кога постапуваат во склад со библиските начела, многумина гледаат колку добро влијаат тие врз нивниот живот. Ова ги уверува дека Библијата е од Бог. (Прочитај Псалм 19:7-11.) Една млада сестра од Јапонија напишала: „Откако почнавме да ги применуваме библиските совети во семејството, ние сме навистина среќни. Библијата ни помага да живееме во љубов, слога и мир“. Библиските начела нѐ штитат од лажните учења и обичаи на кои им робуваат луѓето (Пс. 115:3-8). Исто така, Божјата Реч ни помага да се потпираме на Јехова, кој е Семоќен Бог, и ни ветува посреќна иднина. Од друга страна, некои што веруваат во еволуција, всушност, ја сметаат природата за бог и ѝ придаваат божествени особини. Оние што велат дека нема Бог сметаат дека иднината е само во наши раце, но факт е дека луѓето не успеале да ги решат проблемите во светот (Пс. 146:3, 4).

КАКО ДА РАЗГОВАРАМЕ СО ДРУГИТЕ

12, 13. На каков начин треба да разговараме со другите за создавањето или за Библијата?

12 Кога разговараш со некого за создавањето или за Библијата, немој веднаш да заклучиш дека знаеш во што верува. Имај на ум дека некои што веруваат во еволуција веруваат и дека постои Бог. Всушност, тие велат дека Бог ги создал сите живи суштества по пат на еволуција. Други сметаат дека еволуцијата мора да е точна затоа што се предава на училиште. А некои престанале да веруваат во Бог затоа што се разочарани од религиите. Затоа, најпрво прашај го оној со кого разговараш во што верува. А потоа слушај го внимателно. Така можеби и тој ќе биде поспремен да те слуша тебе (Тит 3:2).

13 Како можеш да одговориш ако некој ти рече дека е глупаво да се верува во Творец? Љубезно замоли го да ти објасни како, според него, настанал животот. Би можел да му спомнеш дека, ако животот настанал со еволуција, тогаш првиот жив организам морал да има способност да се размножува. Еден професор по хемија рекол дека, меѓу другото, таквиот организам требало да има 1) заштитна мембрана, 2) способност да прима и да троши енергија, 3) генетски информации и 4) способност да ги копира тие информации. Тој додал: „И наједноставниот организам е неверојатно сложен“.

14. Што би можел да користиш кога разговараш со некого за создавањето?

14 Кога зборуваш за создавањето, можеш да ја користиш едноставната споредба  која ја навел апостол Павле. Тој напишал: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евр. 3:4). Се разбира, куќата не никнува сама од себе — некој мора да ја проектира и да ја изгради. Според тоа, некој морал да ги осмисли и да ги направи и живите суштества, кои се далеку посложени од една куќа. Од голема помош можат да ти бидат и нашите публикации. Една сестра разговарала со еден млад човек кој не верувал дека постои Бог. Таа му ги дала двете брошури што беа спомнати погоре, и по една седмица тој ѝ рекол: „Сега верувам во Бог“. Овој младич почнал да ја проучува Библијата, и подоцна станал наш брат.

15, 16. Што треба да направиме пред да објасниме некому дека Библијата е од Бог, и што не смееме да заборавиме?

15 Како можеш да разговараш со оние што сметаат дека Библијата не е веродостојна? Како што веќе беше спомнато, најпрво прашај ги во што веруваат. Освен тоа, обиди се да дознаеш што ги интересира (Изр. 18:13). На оние што се интересираат за наука, би можел да им наведеш примери од Библијата кои покажуваат дека таа е научно точна. На оние што имаат интерес за историја би можел да им покажеш некое пророштво кое веќе се исполнило или да им спомнеш некој настан кој докажува дека Библијата содржи точни историски податоци. А некои можеби ќе бидат спремни да те слушаат ако им истакнеш одредени библиски начела кои можат да им го подобрат животот како, на пример, советите што ги дал Исус во Проповедта на гората.

16 Не заборавај, нашата цел не е да се расправаме со луѓето, туку да допреме до нивното срце. Затоа, слушај ги внимателно. Поставувај искрени прашања и зборувај љубезно, особено со повозрасните. Ако покажуваш почит кон другите, најверојатно ќе бидат спремни да те сослушаат. И сигурно ќе те ценат затоа што, за разлика од другите млади, ти си размислувал длабоко за работите во кои веруваш. Се разбира, не мора да го продолжиш разговорот со оние што само сакаат да се расправаат или да те исмејуваат (Изр. 26:4).

УВЕРИ СЕ ВО ВИСТИНАТА ОД БИБЛИЈАТА

17, 18. а) Што ќе ти помогне да се увериш во вистината од Библијата? б) Кое прашање ќе го разгледаме во следната статија?

17 Иако можеби ги знаеме основните учења од Библијата, тоа не е доволно за да стекнеме силна вера. Треба длабоко да ја истражуваме исто како да трагаме по скриено богатство (Изр. 2:3-6). Еден од најдобрите начини да ја зајакнеш својата вера е да ја прочиташ целата Библија. Би можел да си поставиш цел да ја прочиташ за една година. Токму тоа го сторил еден покраински надгледник кога бил млад. Тој вели: „Тоа што ја прочитав целата Библија ме увери дека таа навистина е Божја Реч. Конечно ги разбрав библиските приказни што ги слушав уште од мали нозе. Тоа беше пресвртница во мојот однос со Јехова“. Исто така, би можел да го користиш сето она што ни го дава нашата организација за подобро да ја разбереме Библијата, како што се Библиотеката на DVD, ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА и Прирачникот за истражување.

18 Родители, вие имате главна улога во духовниот раст на вашите деца. Како можете да им помогнете да изградат силна вера во Јехова? Одговорот на ова прашање ќе го добиеме во следната статија.

^ [1] (пасус 5) Филмот Чудата на создавањето и брошурата Потеклото на животот ги нема на македонски јазик, но достапни се на српски и на хрватски.