Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  септември 2016

„Речта Божја е жива“

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Што е „речта Божја“ за која во Евреите 4:12 се вели дека „е жива и делотворна“?

Од контекстот гледаме дека апостол Павле мислел на сето она што Бог го кажал во врска со својата намера, а многу од тие работи се запишани во Светото писмо.

Овој стих честопати се спомнува во нашите публикации како потврда дека самата Библија има моќ да им го менува животот на луѓето. И тоа навистина е така. Сепак, добро е да го разгледаме контекстот во кој Павле ги кажал зборовите кои се запишани во Евреите 4:12. Тој сакал да ги поттикне еврејските христијани да постапуваат во склад со Божјите намери, а многу од тие намери биле запишани во светите списи. Павле ги спомнал Израелците кои биле избавени од Египет како предупредувачки пример за тоа колку е важно да се соработува со Јехова во исполнувањето на неговите намери. Тие Израелци се надевале дека ќе се населат во ветената „земја во која тече мед и млеко“, каде што ќе можеле вистински да си отпочинат (2. Мој. 3:8; 5. Мој. 12:9, 10).

Бог јасно им ја кажал таа своја намера. Но, бидејќи подоцна Израелците го отфрлиле неговото водство и не покажале вера, повеќето од нив не влегле „во неговата починка“ (4. Мој. 14:30; Ис. Нав. 14:6-10). Сепак, Павле додал дека „ветувањето за [Божјата] починка“ останало (Евр. 3:16-19; 4:1). Јасно е дека ова ветување е дел од сето она што Јехова го открил за својата намера во Библијата. За да нагласи дека тоа се темели на Писмото, Павле цитирал делови од 1. Мојсеева 2:2 и Псалм 95:11. Слично на еврејските христијани, и ние можеме да читаме за таа намера и да постапуваме во склад со неа.

Многу сме среќни што „ветувањето за влегување во [Божјата] починка“ останува. Уверени сме дека, како што вели Библијата, ние сѐ уште можеме да влеземе во Божјата починка, и веќе сме презеле чекори во тој правец. Како? Така што покажуваме вера во Бог, а не така што го држиме Мојсеевиот закон или правиме добри дела за да ја заслужиме Неговата милост. Поради нашата вера, ние радосно постапуваме во склад со Божјата намера, и ќе продолжиме да го правиме тоа. Илјадници луѓе низ целиот свет исто така почнале да ја проучуваат Библијата, и на тој начин го дознаваат она што Бог го открил во врска со својата намера. Ова имало силно влијание врз многумина од нив и ги поттикнало да направат промени во својот живот, да покажат вера и да се крстат. Сето тоа е јасен доказ дека „речта Божја е жива и делотворна“. Она што Бог го открил за својата намера во Библијата веќе влијае врз нашиот живот, и ќе продолжи да врши делотворно влијание врз нас.