Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2017

Вистината не носи „мир, туку меч“

Вистината не носи „мир, туку меч“

Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, туку меч (МАТ. 10:34)

ПЕСНИ: 123, 128 *

1, 2. а) Каков мир можеме да имаме денес? б) Зошто сѐ уште не е можно да имаме целосен мир? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

СЕКОЈ од нас сака да има мирен живот без проблеми и грижи. Затоа, многу сме благодарни што Јехова ни го дава „мирот Божји“ — внатрешен мир кој ни помага да се избориме со негативните мисли и чувства (Фил. 4:6, 7). Бидејќи сме му го заветувале животот на Јехова, ние имаме и „мир со Бог“, односно можеме да бидеме блиски со него (Рим. 5:1).

2 Меѓутоа, сѐ уште не е дојдено времето што го одредил Бог за да донесе целосен мир на Земјата. Ние живееме во последните денови, и затоа имаме многу проблеми што нѐ загрижуваат. Опкружени сме со насилни луѓе (2. Тим. 3:1-4). Освен тоа, мора да се бориме против Сатана и лажните учења кои тој ги шири (2. Кор. 10:4, 5). Но, една од работите што може најмногу да нѐ загрижува е противењето од членовите на семејството кои не му служат на Јехова. Некои од нив можеби ги исмејуваат нашите верувања или нѐ обвинуваат дека си го растураме семејството. Тие можеби ни се закануваат дека, ако не престанеме да му служиме на Јехова, повеќе нема да нѐ сметаат за дел од семејството. Како треба  да гледаме на противењето од семејството? И, како можеме да си го зачуваме мирот ако се соочуваме со таков проблем?

КАКО ДА ГЛЕДАМЕ НА ПРОТИВЕЊЕТО ОД СЕМЕЈСТВОТО

3, 4. а) Како влијаеле учењата на Исус врз луѓето? б) Кога особено може да биде тешко некој да го следи Исус?

3 Исус знаел дека нема сите луѓе да ги прифатат неговите учења, и дека на неговите ученици ќе им треба храброст бидејќи ќе се соочат со противење. Таквото противење би можело да го наруши мирот во семејствата. Исус рекол: „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто, дојдов да раздвојам човек од неговиот татко, и ќерка од нејзината мајка, и снаа од нејзината свекрва. Навистина, непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни“ (Мат. 10:34-36).

4 Со тоа што рекол: „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир“, Исус сакал луѓето да бидат свесни дека ќе имаат последици ако станат негови ученици. Се разбира, целта на Исус не била да ги растура семејствата, туку на луѓето да им ја пренесе вистината за Бог (Јован 18:37). Сепак, неговите ученици требало да знаат дека нема секогаш да им биде лесно да го следат, особено ако нивните блиски пријатели или членовите на семејството не ја прифатат вистината.

5. Што доживуваат следбениците на Исус?

5 Исус рекол дека болката што ја носи противењето од семејството е дел од страдањата што неговите следбеници ќе мора да ги поднесат (Мат. 10:38). За да докажат дека се достојни да бидат негови ученици, тие истрајуваат кога нивните семејства ги исмејуваат или ги отфрлаат. Но, добиваат многу повеќе од она што го изгубиле. (Прочитај Марко 10:29, 30.)

6. Што треба да имаме на ум доколку се соочуваме со противење од роднините?

6 Ние ги сакаме нашите роднини дури и ако тие ни се противат. Но, мора да имаме на ум дека нашата љубов кон Бог и кон Исус мора да биде посилна отколку кон кој и да е друг (Мат. 10:37). Не треба да заборавиме и дека Сатана може да ја искористи нашата љубов кон семејството за да нѐ наведе да му бидеме неверни на Јехова. Да видиме што може да ни помогне да истраеме во ситуации кога некој од семејството ни се противи.

АКО ТВОЈОТ СОПРУЖНИК НЕ МУ СЛУЖИ НА ЈЕХОВА

7. Како треба да гледаш на својата ситуација ако сопружникот не му служи на Јехова?

7 Во Библијата пишува дека сите што стапуваат во брак „ќе имаат телесни неволји“, односно проблеми (1. Кор. 7:28). Ако си во брак со некој кој не му служи на Јехова, тоа може да води до уште поголеми грижи и проблеми. Сепак, важно е да гледаш на твојата ситуација од Јеховина гледна точка. Немаме библиска основа да се одвоиме или да се разведеме од сопружникот само поради тоа што не му служи на Јехова (1. Кор. 7:12-16). Ако твојот сопруг не е во вистината и не предводи во духовните активности, сепак треба да го почитуваш како поглавар на семејството. Доколку твојата сопруга не е во вистината, сепак треба да ја сакаш и нежно да се грижиш за неа (Еф. 5:22, 23, 28, 29).

8. Кои прашања е добро да си ги поставиш доколку сопружникот се обидува да ти ја ограничи службата за Јехова?

8 Што ако сопружникот се обидува да ти ја ограничи службата за Јехова? На пример, мажот на една сестра ѝ рекол дека може да оди во служба само во некои денови од седмицата. Ако и ти си во слична ситуација, размисли: „Дали мојот сопружник бара сосема да престанам да му служам на Јехова? Ако не,  дали можам сепак да го сторам она што го бара од мене?“ Доколку си разумен, ќе имаш помалку проблеми во бракот (Фил. 4:5).

9. Како можат Божјите слуги да ги поучат своите деца да го почитуваат родителот кој не е во вистината?

9 Ако твојот брачен другар не е Сведок, може да ти биде тешко да ги воспитуваш своите деца. На пример, треба да ги научиш децата да ѝ бидат послушни на библиската заповед: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (Еф. 6:1-3). Но, како да го сториш тоа кога сопружникот не се држи за библиските мерила? Дај им пример на децата со тоа што ти ќе го почитуваш сопружникот. Размислувај за неговите добри особини и покажи благодарност за сите добри работи што ги прави. Немој да кажуваш негативни работи за сопружникот пред децата. Наместо тоа, објасни им дека секој мора сам да одлучи дали ќе му служи на Јехова. Ако ги научиш децата да покажуваат почит кон родителот кој не е во вистината, тоа може да го поттикне да почне да учи за Бог.

Поучувај ги своите деца за вистината од Библијата секогаш кога тоа е можно (Види во пасус 10)

10. Како може родителот што е Сведок да им помогне на децата да го засакаат Јехова?

10 Некои сопружници кои не се Сведоци можеби сакаат нивните деца да слават пагански празници или да бидат поучени за лажни верувања. Некој сопруг можеби ќе ѝ забрани на сопругата да ги поучува децата за Библијата. Но, дури и во таква ситуација, таа ќе направи сѐ што може за да ги поучи децата за Јехова (Дела 16:1; 2. Тим. 3:14, 15). На пример, мажот можеби нема да ѝ дозволи на жената да ја проучува Библијата со децата или да ги носи на состаноци. Иако ќе ја почитува неговата одлука, таа може да зборува со децата за своите верувања секогаш кога е можно.  Така ќе можат да го запознаат Јехова и да дознаат кои се неговите мерила за исправно и погрешно (Дела 4:19, 20). На крај, децата ќе мора сами да одлучат дали ќе му служат на Бог (5. Мој. 30:19, 20). *

АКО СЕ СООЧУВАШ СО ПРОТИВЕЊЕ ОД РОДНИНИТЕ

11. Што може да предизвика проблем меѓу нас и роднините кои не се Сведоци?

11 Кога сме почнале да проучуваме со Јеховините сведоци, можеби не сме им кажале веднаш на роднините. Но, како што нашата вера растела, сме сфатиле дека треба да им кажеме за нашите верувања (Мар. 8:38). Можеби меѓу нас и нив се појавиле проблеми бидејќи сме решиле да му служиме на Бог. Да видиме како можеме да го зачуваме мирот со нив, а сепак да му останеме верни на Јехова.

12. Зошто можеби роднините ни се противат, но како можеме да покажеме разбирање за нив?

12 Труди се да сфатиш како се чувствуваат роднините кои не се Сведоци. Ние сме многу среќни што ја знаеме вистината од Библијата. Но, нашите роднини можеби мислат дека сме измамени или дека сме станале дел од некоја секта. Можеби мислат дека повеќе не ги сакаме бидејќи не славиме празници со нив. Треба да се трудиме да разбереме како се чувствуваат, и внимателно да ги слушаме кога ни зборуваат за да сфатиме зошто се загрижени за нас (Изр. 20:5). Апостол Павле се трудел да ги разбере сите луѓе за да може да им ја пренесе добрата вест. Тоа што ќе се трудиме да ги разбереме роднините, ќе ни помогне да знаеме како да ги поучиме за Бог (1. Кор. 9:19-23).

13. Како треба да зборуваме со роднините кои не се Сведоци?

13 Зборувај љубезно со нив. Во Библијата пишува: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен“ (Кол. 4:6). Можеме да го молиме Јехова да ни помага да ги покажуваме плодовите на духот кога зборуваме со роднините. Не треба да се расправаме со нив за нивните лажни верувања. Ако нѐ повредиле со некој збор или постапка, може да се угледаме на апостолите. Павле напишал: „Кога нѐ навредуваат, благословуваме. Кога нѐ прогонуваат, стрпливо поднесуваме. Кога нѐ клеветат, одговараме љубезно“ (1. Кор. 4:12, 13).

14. Зошто треба да внимаваме на нашето однесување?

14 Внимавај на своето однесување. Зошто е важно тоа? Знаеме дека, тоа што зборуваме на љубезен начин со роднините ни помага да останеме во мир со нив. Но, нашето добро однесување може да има уште посилно влијание. (Прочитај 1. Петрово 3:1, 2, 16.) Затоа, со нашиот пример да им покажеме на роднините дека Јеховините сведоци имаат среќни бракови, дека добро се грижат за децата, дека живеат според библиските начела и дека имаат исполнет живот. Дури и ако роднините никогаш не ја прифатат вистината, ќе бидеме среќни затоа што знаеме дека со нашето добро однесување го радуваме Јехова.

15. Како тоа што ќе планираме однапред може да ни помогне да избегнеме расправии со роднините?

15 Планирај однапред. Размисли кои ситуации можат да доведат до расправии меѓу тебе и роднините. Потоа одлучи како ќе постапиш (Изр. 12:16, 23). Една сестра од Австралија го направила токму тоа. Таа вели: „Мојот свекор ни беше голем противник. Затоа, пред да му се јавиме, јас и маж ми го молевме Јехова да ни помогне да не возвратиме на неговите груби зборови на  ист начин. За разговорот да остане пријателски, однапред одлучувавме за што да зборуваме и колку долги да бидат разговорите со цел да избегнеме расправии околу религијата“.

16. Како можеш да ги надминеш чувствата на вина бидејќи не можеш секогаш да им угодиш на роднините?

16 Се разбира, понекогаш ќе има несогласувања меѓу тебе и роднините кои не се Сведоци. Во такви ситуации, можеби ќе се чувствуваш виновен бидејќи ги сакаш и се трудиш да им угодиш. Но, не заборавај дека желбата да му бидеш верен на Бог треба да е посилна од твојата љубов кон роднините. Со тој став можеби ќе им помогнеш да сфатат колку е важно да му служат на Јехова. Како и да е, имај на ум дека не можеш никого да натераш да ја прифати вистината. Сепак, помогни им да видат како тебе ти користи тоа што живееш според библиските начела. Јехова и ним им нуди иста можност како и нам — да изберат дали ќе му служат (Иса. 48:17, 18).

АКО НЕКОЈ ОД СЕМЕЈСТВОТО ГО НАПУШТИ ЈЕХОВА

17, 18. Што ќе ти помогне ако некој од семејството го напушти Јехова?

17 Ако некој од семејството биде исклучен или истапи од организацијата, за неговите блиски тоа може да биде многу болно, како да се прободени со меч. Што ќе ти помогне да ја издржиш болката?

18 Продолжи со духовните активности. Читај ја редовно Библијата, подготвувај се за состаноците и присуствувај на нив, оди во служба и моли го Јехова да ти дава сила да истраеш (Јуда 20, 21). Но, што ако го правиш сето ова, а болката сѐ уште е многу силна? Не се откажувај! Остани зафатен со духовните активности, бидејќи тоа ќе ти помогне да си ги контролираш мислите и чувствата. Ова му се случило на писателот на Псалм 73. Во еден период од животот почнал негативно да размислува и многу се вознемирил. Но, тоа што продолжил да му служи на Јехова му помогнало повторно да гледа исправно на работите (Пс. 73:16, 17). Истото може да ти помогне и тебе.

19. Како можеш да покажеш почит за начинот на кој Јехова дава укор?

19 Почитувај го начинот на кој Бог ги укорува своите слуги. Укорот што го дава Јехова им користи на сите, вклучувајќи го и оној што е исклучен. Многу е болно кога е исклучен некој што го сакаме, но тоа може да му помогне да му се врати на Јехова. (Прочитај Евреите 12:11.) Во меѓувреме, мора да сме послушни на Јеховината заповед да не се дружиме со оние што се исклучени (1. Кор. 5:11-13). Иако не е лесно, не смееме да контактираме со нив преку телефон, СМС-пораки, писма, имејлови или социјални мрежи.

20. На што треба да се надеваме?

20 Никогаш не губи надеж! Љубовта „на сѐ се надева“. Затоа, се надеваме дека нашите блиски ќе му се вратат на Јехова (1. Кор. 13:7). Ако видиш доказ дека некој твој близок член на семејството почнува да го менува ставот на подобро, можеш да се молиш да црпи сила од Библијата и да го прифати повикот од Јехова: „Врати се кај мене“ (Иса. 44:22).

21. Што треба да правиш ако семејството ти се противи затоа што го следиш Исус?

21 Исус рекол дека, ако некој човек ни е поважен од него, не сме достојни да бидеме негови ученици. Освен тоа, бил уверен дека неговите следбеници ќе имаат храброст да му останат верни и покрај противењето од семејството. Затоа, ако тоа што го следиш Исус донело „меч“ и во твоето семејство, имај доверба дека Јехова ќе ти помогне да истраеш (Иса. 41:10, 13). Можеш да бидеш радосен бидејќи знаеш дека Јехова и Исус се задоволни со тебе и дека ќе те наградат за твојата верност.

^ пас. 3 Од оваа статија па натаму, песните се од новата песнарка Пеј му од срце на Јехова.

^ пас. 10 Повеќе информации за тоа како да се воспитуваат децата кога само еден родител му служи на Јехова можеш да најдеш во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 август 2002.