Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2017

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова нѐ благословува кога го правиме она што го бара од нас

Јехова нѐ благословува кога го правиме она што го бара од нас

РОДЕНА сум во 1923 год. во Хемсворт, еден град во Јоркшир (Англија). Кога имав девет години, татко ми доби некои книги кои објаснуваа како лажната религија ги мами луѓето. Тој беше воодушевен од книгите бидејќи не му се допаѓаше тоа што верските водачи поучуваа за едно, а го правеа спротивното. По неколку години, кај нас дојде Роберт Аткинсон и ни пушти грамофонска снимка од говор на брат Ратерфорд. Сфативме дека овој говор е од истите луѓе што ги издаваа книгите кои ги прочита татко ми. Моите родители го поканија брат Аткинсон секој ден да доаѓа кај нас на вечера и да ни одговара на многуте библиски прашања што ги имавме. Тој нѐ покани да одиме на состаноците што се одржуваа во домот на еден брат кој живееше на неколку километри од нас. Почнавме редовно да одиме на состаноците, и така во Хемсворт беше формирано мало собрание. Кратко потоа, во нашиот дом почнаа да престојуваат зонски слуги (сега познати како покраински надгледници). Освен тоа, каневме на ручек пионери од соседните собранија. Тие браќа и сестри извршија многу добро влијание врз мене.

Во тоа време нашето семејство започна семеен бизнис. Но, татко ми му рече на мојот постар брат Боб: „Ако сакаш да служиш како пионер, ќе престанеме со оваа работа“. Брат ми се согласи и, кога имаше 21 година, си отиде од дома за да служи како пионер. Две години подоцна, кога наполнив 16 години, и јас почнав со пионерска служба. За време на викендите одев во служба со други објавители, но во работни денови главно проповедав сама. Во службата користев картичка за сведочење и грамофон. Јехова ме благослови така што започнав да проучувам со една жена која многу добро напредуваше и се крсти. Со текот на времето, многумина од нејзиното семејство ја прифатија вистината. Следната година, почнав да служам како специјален пионер заедно со Мери Хеншал. Нѐ испратија да проповедаме на необработено подрачје во областа Чешир.

Во текот на Втората светска војна, и жените имаа обврска да ги поддржуваат воените активности. Бидејќи бевме специјални пионери, очекувавме дека ќе бидеме ослободени од тие активности како што беа и други верски лица. Но, судот не се согласи, и јас бев осудена на казна затвор од 31 ден. Следната година, кога наполнив 19 години, морав уште два пати да одам на суд бидејќи совеста не ми дозволуваше да ја поддржувам војната. И во двата случаи бев ослободена од властите. За сето тоа време знаев дека светиот дух ми помагаше и дека Јехова ме држеше за рака и ме зајакнуваше (Иса. 41:10, 13).

 ГО ЗАПОЗНАВАМ МОЈОТ СОПРУГ

Со Артур Метјус се запознав во 1946 год. Откако отслужил тримесечна затворска казна бидејќи одбил да учествува во војната, тој дојде во Хемсворт за да му се придружи на брат му Денис кој тогаш беше специјален пионер. Нивниот татко од мали ги поучувал за Јехова, и се крстиле кога биле на тинејџерска возраст. Набрзо потоа Денис беше испратен да служи во Ирска, и така Артур остана без постојан соработник за служба. Моите родители беа воодушевени од однесувањето на овој трудољубив пионер, па затоа го поканија да живее кај нив. Кога ги посетував, јас и Артур честопати заедно ги миевме садовите после јадење. Со текот на времето почнавме да се допишуваме. Во 1948 год., Артур мораше да одлежи уште една затворска казна од три месеци. Се зедовме во јануари 1949 год. Имавме цел да останеме во полновремена служба колку што е можно подолго. Многу внимателно ги трошевме нашите пари, а за време на одморот заработувавме така што беревме овошје. Со благослов од Јехова, можевме да продолжиме со пионерската служба.

Во Хемсворт кратко по нашата венчавка (1949)

По нешто повеќе од една година, нѐ замолија да се преселиме во Северна Ирска — прво во Армаг, а потоа во Њури, кои претежно беа католички градови. Во таа област постоеше голема верска нетрпеливост. Затоа, мораше да бидеме многу внимателни и проникливи кога им проповедавме на луѓето. Нашите состаноци ги одржувавме кај еден брачен пар Сведоци кои живееја на 16 километри од нас. На состаноците присуствувавме околу осум души. Понекогаш преноќевавме кај нив. Спиевме на подот, а наутро уживавме во обилен појадок. Многу се радувам што сега таму има голем број Сведоци.

„НИЕ СЕ СТАВАМЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ!“

Во тоа време, брат ми и жена му Лоти, служеа како специјални пионери во Северна Ирска. Во 1952 год., ние четворицата бевме на еден областен конгрес во Белфаст. Престојувавме во домот на еден брат, а таму беше сместен и Прајс Хјуз кој тогаш беше слуга на подружницата во Британија. Една вечер разговаравме за новата брошура Божјиот пат е љубов, која беше наменета за луѓето во Ирска. Прајс Хјуз ни објасни дека е многу тешко да им се проповеда на католиците во Република Ирска. Браќата таму биле принудувани да си одат од местата каде што живеат, а биле и напаѓани од насилни толпи подбуцнати од свештениците. Тогаш брат Хјуз ни рече: „Потребни се брачни парови со автомобили за да учествуваат во посебна акција и да ја делат брошурата низ целата земја“. * Сите четворица веднаш рековме: „Ние се ставаме на располагање!“

Со други пионери на мотор со приколка

Едно место во Даблин каде што пионерите секогаш можеа да престојуваат беше домот на мама * Рутланд, сестра која со години верно му служеше на Јехова. Некое време, и ние бевме сместени кај неа. Откако продадовме дел од нашите лични работи, ние четворицата се качивме  на моторот со приколка на Боб и отидовме да бараме автомобил. Најдовме еден половен автомобил во добра состојба и го замоливме продавачот да ни го донесе бидејќи никој од нас не знаеше да вози. Артур цела вечер седеше на креветот и си замислуваше како менува брзини на колата. Следното утро, додека тој се обидуваше да ја извади колата од гаражата, кај нас намина мисионерката Милдред Вилет (која подоцна се омажи за Џон Бар *). Таа знаеше да вози! Откако ни даде мала обука за возење, бевме спремни да одиме.

Нашиот автомобил и камп-приколката

Потоа, требаше да најдеме место за живеење. Браќата нѐ предупредија да не живееме во камп-приколка бидејќи противниците би можеле да ни ја запалат. Затоа баравме некакво сместување, но без успех. Таа ноќ сите четворица спиевме во автомобилот. Следниот ден успеавме да најдеме само една мала, рачно направена камп-приколка со кревет на кат. Таа ни стана дом. За чудо, секогаш наоѓавме пријателски настроени земјоделци кои ни дозволуваа да се паркираме на нивниот имот. Проповедавме на подрачја што беа оддалечени 16 до 24 километри од нашата приколка. Откако ќе се префрлевме на ново подрачје, се враќавме да им проповедаме и на луѓето каде што претходно ни беше паркирана приколката.

Ги посетивме сите домови во југоисточниот дел на Република Ирска без некакво поголемо противење. Дадовме повеќе од 20.000 брошури, и во подружницата во Британија ги испративме имињата на оние што беа заинтересирани. Навистина е голем благослов тоа што во овој дел на Ирска сега има стотици Сведоци!

СЕ ВРАЌАМЕ ВО АНГЛИЈА, А ПОТОА ВО ШКОТСКА

Неколку години подоцна, бевме префрлени да служиме во јужен Лондон. По неколку седмици, му се јавија на Артур од подружницата во Британија и го замолија да служи како покраински надгледник. Требаше да почне од следниот ден! Добивме обука која траеше една седмица и потоа веднаш отпатувавме во нашата покраина во Шкотска. Затоа Артур немаше многу време да ги подготви своите говори. Но, тој беше спремен да ја изврши секоја задача во службата за Јехова, без оглед на тоа колку беше тешка. Неговиот пример многу ме храбреше. Многу уживавме во покраинското дело. Бидејќи претходно неколку години служевме на необработено подрачје, за нас беше голем благослов што сега можевме да бидеме меѓу толку многу браќа.

Во 1962 год., Артур беше поканет да оди на школата Гилеад. Школата траеше десет месеци, а јас не можев да одам со него бидејќи не бев поканета. Затоа моравме добро да размислиме каква одлука да донесеме. Сепак, сметавме дека е добро Артур да ја прифати оваа убава можност. Бидејќи во тој период ќе немав соработник за служба, подружницата ме врати во Хемсворт како специјален пионер. Артур се врати по една година, и тогаш доби задача да служи како областен надгледник за подрачјето на Шкотска, северна Англија и Северна Ирска.

 НОВА ЗАДАЧА ВО ИРСКА

Во 1964 год., Артур доби нова задача да биде слуга на подружницата во Република Ирска. На почетокот, бев загрижена во врска со оваа промена, бидејќи многу уживав во патувачкото дело. Но, денес сум благодарна за честа што ја имам да служам во Бетел. Уверена сум дека, ако прифатиме дури и задача која не ни се допаѓа, Јехова ќе нѐ благослови. Во Бетел работев во канцеларија, пакував литература, готвев и чистев. Освен тоа, Артур понекогаш служеше како областен надгледник на покраинските собири и така можевме да запознаеме браќа од целата земја. Оваа можност, како и тоа што го гледавме напредокот на лицата со кои ја проучувавме Библијата, ни помогна многу да се зближиме со браќата и сестрите во Ирска. Тоа е огромен благослов!

ПРЕСВРТНИЦА ВО ТЕОКРАТСКАТА ИСТОРИЈА НА ИРСКА

Првиот меѓународен конгрес во Ирска се одржа во Даблин во 1965 год. * Иако таму имаше големо противење, конгресот беше многу успешен. Присуствуваа вкупно 3.948 лица, а 65 се крстија. Сите што им укажаа гостопримство на 3.500-те делегати од други земји добија писмо на благодарност од подружницата. Од друга страна, домаќините ги пофалија браќата за нивното добро однесување. Тоа беше голема пресвртница за делото во Ирска.

Артур се поздравува со Натан Нор по неговото пристигнување на конгресот во 1965 год.

Артур го најавува излегувањето на Мојата книга со библиски приказни на ирски гелски јазик (1983)

Во 1966 год., подружницата во Даблин почна да се грижи и за северниот и за јужниот дел на Ирска. Ова единство беше сосема спротивно на она што се случуваше на островот, каде што луѓето беа поделени од политички и религиозни причини. Бевме пресреќни што гледавме како голем број католици ја прифаќаат вистината и му служат на Јехова заедно со своите браќа кои претходно биле протестанти.

МУ СЛУЖАМ НА ЈЕХОВА ВО СОСЕМА НОВИ ОКОЛНОСТИ

Во 2011 год., нашиот живот сосема се смени кога нѐ префрлија во Бетелот во Лондон откако се споија подружниците на Британија и Ирска. Тоа се случи во време кога почна да ме загрижува здравјето на Артур. Беше откриено дека има Паркинсонова болест. За жал, на 20 мај 2015, по 66 години заеднички живот, мојот брачен другар почина.

Последниве неколку години, чувствувам неизмерна емоционална празнина, тага и болка. Порано Артур беше секогаш покрај мене. Многу ми недостига! Но, кога минуваш низ вакви ситуации, уште повеќе се зближуваш со Јехова. Многу се радувам што гледам колку другите го сакаа Артур. Примив писма од браќа и сестри од Ирска, Британија, па дури и од Соединетите Држави. Тие писма, како и охрабрувањето што го добивам од мојот девер Денис, од неговата жена Мавис и од внуките Рут и Џуди, ми помагаат повеќе отколку што можам да опишам.

Еден библиски стих што особено ме охрабрува е Исаија 30:18. Таму пишува: „Јехова ќе чека да ви се смилува и затоа ќе стане да ви покаже милост. Зашто, Јехова е Бог кој дава правда. Среќни се сите што го чекаат него“. Многу ме теши тоа што знам дека Јехова стрпливо чека да ги реши сите наши проблеми, а во неговиот нов свет да ни даде разни нови задачи во кои вистински ќе уживаме.

Кога размислувам за минатото, сфаќам како Јехова го водеше и благословуваше проповедничкото дело во Ирска! За мене е голема чест што бев една од многуте браќа и сестри кои помогнаа во ова дело. Нема никакво сомнение дека Јехова секогаш нѐ благословува кога го правиме она што го бара од нас.

^ пас. 11 Види во Годишникот на Јеховините сведоци за 1988, страници 101-102 (англ.).

^ пас. 12 Многу браќа и сестри нагалено ја викаа мама Рутланд бидејќи таа им беше како мајка.

^ пас. 12 Брат Џон Бар подоцна служеше како член на Водечкото тело.

^ пас. 21 Види во Годишникот на Јеховините сведоци за 1988, страници 109-112 (англ.).