Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2017

Да се сакаме со дела и со вистина

Да се сакаме со дела и со вистина

Да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина (1. ЈОВ. 3:18)

ПЕСНИ: 72, 124

1. Кој е највозвишениот облик на љубов, и што вклучува таа? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

ЈЕХОВА е изворот на љубовта (1. Јов. 4:7). Највозвишениот облик на љубов се темели на праведни начела. Во Библијата, за ваквата љубов се користи грчкиот збор агапи. Иако вклучува наклоност и срдечни чувства, оваа љубов не е поврзана само со чувствата. Таа се покажува со несебични постапки и нѐ поттикнува да им правиме добро на другите. Таквата љубов ни дава радост и смисла во животот.

2, 3. Како Јехова покажал несебична љубов кон луѓето?

2 Јехова покажал љубов кон луѓето уште пред да ги создаде Адам и Ева. Тој ја создал Земјата како дом во кој има сѐ што ни е потребно за да преживееме, но и за да му се радуваме на животот. Јехова не го направил ова за себе, туку за нас. Откако нашиот дом бил подготвен, тој ги создал луѓето и им дал можност да живеат вечно на рајска Земја.

3 Подоцна, Адам и Ева се побуниле против Јехова. Но, тој бил толку сигурен дека некои од нивните потомци ќе го сакаат што ја обезбедил откупната жртва на неговиот Син. Тоа бил најголемиот израз на несебична љубов кон луѓето! (1. Мој. 3:15; 1. Јов. 4:10). Уште од моментот кога го  изрекол пророштвото за Месијата, во очите на Јехова откупнината како веќе да била платена. Околу 4.000 години подоцна, Јехова го дал својот сакан единороден Син како жртва за човештвото (Јован 3:16). Многу сме благодарни што Јехова покажал таква несебична љубов.

4. Од каде знаеме дека несовршените луѓе можат да покажуваат несебична љубов?

4 Дали можеме и ние, иако сме несовршени, да покажуваме несебична љубов? Можеме, бидејќи Јехова нѐ создал според својот лик, односно со способност да постапуваме како него. Точно е дека не ни е секогаш лесно да покажуваме несебична љубов, но сепак тоа е можно. Авел покажал љубов кон Бог кога несебично му го принел како жртва најдоброто од она што го имал (1. Мој. 4:3, 4). Ное покажал несебична љубов така што со децении ја проповедал Божјата порака иако луѓето не го слушале (2. Пет. 2:5). Авраам покажал дека неговата љубов кон Бог е посилна од сѐ друго со тоа што бил спремен да го жртвува својот сакан син Исак (Јак. 2:21). Слично како тие верни Божји слуги, и ние сакаме да покажуваме љубов дури и кога не ни е лесно.

ШТО Е ИСКРЕНА ЉУБОВ?

5. На кои начини можеме да покажеме искрена љубов?

5 Во Библијата сме поттикнати: „Да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина“ (1. Јов. 3:18). Дали ова значи дека не треба да изразуваме љубов со зборови? Воопшто не (1. Сол. 4:18). Ова значи дека не е секогаш доволно само да кажеме: „Те сакам“. Треба да го докажеме тоа и со нашите постапки. На пример, ако нашите браќа или сестри немаат доволно храна или облека, ним не им се доволни само убави зборови (Јак. 2:15, 16). Слично на тоа, бидејќи ги сакаме Јехова и луѓето, ние не само што се молиме да има повеќе работници на жетвата туку и самите ревносно ја проповедаме добрата вест (Мат. 9:38).

6, 7. а) Што е нелицемерна љубов? б) Кои се некои примери на лажна љубов?

6 Апостол Јован рекол дека мора да се сакаме „со дела и со вистина“. Според тоа, нашата љубов мора да биде нелицемерна (Рим. 12:9; 2. Кор. 6:6). Понекогаш некој би можел да се преправа дека покажува љубов. Но, дали неговата љубов е вистинска и искрена? Кои се неговите мотиви? Всушност, ако некој покажува лицемерна, односно лажна љубов, тој воопшто нема љубов. Неговата љубов е безвредна.

7 Да разгледаме некои примери на лажна љубов. Кога Сатана зборувал со Ева во рајската градина, можеби изгледало дека ѝ го мисли најдоброто. Но, всушност, тој постапил себично и лицемерно (1. Мој. 3:4, 5). Кога Давид бил цар, неговиот пријател Ахитофел го предал за своја корист. Со тоа покажал дека не му е вистински пријател (2. Сам. 15:31). Денес, отпадниците и други кои создаваат поделби во собранието користат „слатки и ласкави зборови“ (Рим. 16:17, 18). Можеби се преправаат дека се грижат за другите но, всушност, тие се себични.

8. Што би било добро да се прашаме?

8 Лицемерната љубов е одвратна бидејќи се користи за да бидат измамени луѓето. Таа е чиста спротивност на самопожртвуваната љубов што доаѓа од Бог. Ние можеби ќе ги излажеме луѓето, но не можеме да го излажеме Јехова. Исус рекол дека лицемерите ќе бидат најстрого казнети (Мат. 24:51). Се разбира, како слуги на Јехова, ние никогаш не сакаме да бидеме лицемерни. Затоа, добро е да се прашаме: „Дали секогаш покажувам искрена љубов или сум себичен и нечесен?“ Да разгледаме  девет начини на кои можеме да покажеме нелицемерна љубов.

КАКО ДА ПОКАЖУВАМЕ ЉУБОВ „СО ДЕЛА И СО ВИСТИНА“

9. На што ќе нѐ поттикне искрената љубов?

9 Спремно служи им на другите дури и кога никој не го забележува тоа. Треба да бидеме спремни да правиме добри дела за другите дури и ако никој никогаш не дознае за тоа. (Прочитај Матеј 6:1-4.) Ананија и Сапфира имале поинаков став. Кога дале еден доброволен прилог, тие сакале да свртат внимание кон себеси. Затоа ги излажале другите колку пари приложуваат и биле казнети за своето лицемерие (Дела 5:1-10). За разлика од нив, ако вистински ги сакаме браќата, со задоволство ќе им правиме добро без да ни биде важно другите да дознаат за тоа. Убав пример во тој поглед ни даваат браќата што му помагаат на Водечкото тело околу подготовката на духовната храна. Тие не привлекуваат внимание кон себеси и не им кажуваат на другите во кои проекти биле вклучени.

10. Како можеме да покажуваме почит кон другите?

10 Почитувај ги другите. (Прочитај Римјаните 12:10.) Исус им покажал почит на апостолите со тоа што им ги измил нозете (Јован 13:3-5, 12-15). Поради својата несовршеност, апостолите не сфатиле веднаш како да го следат примерот на Исус. Тоа го разбрале во потполност дури откако го примиле светиот дух (Јован 13:7). Бидејќи и ние сме несовршени, ќе треба многу да се напрегаме за да бидеме понизни како Исус и да им служиме на другите. Можеме да покажеме почит кон другите така што нема да мислиме дека сме подобри од нив ако имаме повисоко образование, повеќе материјални средства или повеќе одговорности во службата за Јехова (Рим. 12:3). Ако некој добие пофалба за нешто во што сме биле вклучени и ние, не сме љубоморни за тоа. Напротив, се радуваме дури и кога мислиме дека заслужуваме да добиеме дел од пофалбата.

11. Зошто нашите пофалби треба да бидат искрени?

11 Искрено пофалувај ги браќата и сестрите. Сите знаеме дека пофалбата „ги изградува другите“ (Еф. 4:29). Затоа, треба да бараме прилики да ги пофалуваме. Меѓутоа, тоа мора да го правиме искрено, а не да им ласкаме. Не треба да кажуваме нешто што не го мислиме ниту да избегнуваме да дадеме совет кога тоа е потребно (Изр. 29:5). Би биле лицемери доколку ги пофалуваме другите, а потоа ги критикуваме зад грб. Апостол Павле покажувал искрена љубов. Кога им пишал на христијаните во Коринт, тој ги пофалил за добрите работи што ги правеле (1. Кор. 11:2). Но, кога им бил потребен совет, љубезно и јасно им ја кажал причината за тоа (1. Кор. 11:20-22).

Покажуваме љубов и гостољубивост кога сме дарежливи кон соверниците кои имаат некаква потреба (Види во пасус 12)

12. Како може да покажеме искрена љубов со нашата гостољубивост?

12 Биди гостољубив. Јехова ни заповеда да бидеме дарежливи кон нашите браќа и сестри. (Прочитај 1. Јованово 3:17.) Сепак, нашата гостољубивост мора да биде од исправни мотиви. Можеме да се прашаме: „Дали ги канам на гости само блиските пријатели или само оние што ги сметам за важни во собранието? Дали ги канам само оние што мислам дека ќе ми возвратат на некој начин? Или, пак, сум дарежлив кон браќата и сестрите кои не ги познавам добро или од кои не можам да добијам ништо за возврат?“ (Лука 14:12-14). Замисли ги следниве ситуации: Можеби на некој брат му е потребна материјална помош поради некоја негова немудра одлука. Или, можеби некој соверник  никогаш нема да ни се заблагодари затоа што сме го поканиле на гости. Јехова ни го дава следниов совет: „Гостољубиво примајте се еден со друг без негодување“ (1. Пет. 4:9). Ако го следиме овој совет, ќе бидеме среќни бидејќи им даваме на другите од исправни мотиви (Дела 20:35).

13. а) Кога можеби ќе ни треба повеќе стрпливост? б) Како можеме да им помогнеме на слабите?

13 Помагај им на слабите. Библиската заповед да им помагаме на слабите и да бидеме долготрпеливи со сите може да биде вистински испит кој ќе покаже дали нашата љубов е искрена (1. Сол. 5:14). Многу браќа кои биле духовно слаби, подоцна станале силни во верата. Но, на некои постојано им е потребна нашата стрплива помош. Како можеме да им помогнеме на таквите соверници? Можеме да ја користиме Библијата за да ги охрабриме, можеме да одиме заедно во служба, или само да ги сослушаме. Исто така, не треба да ги делиме браќата и сестрите на „силни“ и на „слаби“. Наместо тоа, треба да признаеме дека сите имаме и јаки и слаби страни. Дури и апостол Павле признал дека има слабости (2. Кор. 12:9, 10). На секој од нас му е потребна помош и поддршка од соверниците.

14. Што треба да бидеме спремни да правиме за да го зачуваме мирот со нашите браќа?

14 Гради мир со другите. Мирот со нашите браќа е многу скапоцен. Дури и ако сметаме дека некој погрешно нѐ разбрал или дека постапил неправедно кон нас, треба да направиме сѐ што можеме за да го зачуваме мирот. (Прочитај Римјаните 12:17, 18.) Ако ние сме повредиле некого, можеби едноставно ќе треба да му се извиниме. Но, мора да бидеме искрени. На пример, наместо да кажеме: „Жал ми е што се чувствуваш така“, би било подобро да ја признаеме нашата грешка така што ќе кажеме: „Жал ми е што те повредив со тоа што ти го реков“. Мирот е особено важен во бракот. Би било погрешно ако мажот и жената пред другите се преправаат дека се сакаат, а кога се насамо не зборуваат еден со друг, се навредуваат, па дури и се насилни еден кон друг.

15. Како може да покажеме дека нашето простување е искрено?

15 Спремно простувај. Ако некој нѐ навреди, му простуваме и не држиме лутина. Ова треба да го правиме дури и ако тој не е свесен дека нѐ навредил. Спремно простуваме така што со љубов се поднесуваме еден со друг и вистински се трудиме да го одржиме „единството на духот, во мирот кој [нѐ] поврзува“ (Еф. 4:2, 3). За да можеме потполно да простиме, мора да престанеме да мислиме на она што ни го направил братот. Љубовта „не го памти злото“ (1. Кор. 13:4, 5). Всушност, ако држиме лутина, би можеле да си го нарушиме односот со братот, но и со Јехова (Мат. 6:14, 15). Покажуваме дека  искрено сме простиле и со тоа што се молиме за оној што ни згрешил (Лука 6:27, 28).

16. Како треба да гледаме на задачите што ги добиваме во службата за Јехова?

16 Откажи се од нешто што го сакаш во корист на другите. Кога ќе добиеме задача во службата за Јехова, можеме да покажеме дека нашата љубов е искрена така што нема да ја бараме „својата корист, туку користа на другиот“ (1. Кор. 10:24). На пример, на собирите и конгресите, редарите влегуваат во објектот пред да дојдат другите. Тоа може да ги стави на искушение да ги зафатат најдобрите седишта за себеси и за своите семејства. Наместо тоа, многу од нив избираат места што помалку им се допаѓаат во секторот на кој служат. На тој начин покажуваат несебична љубов. Како би можел да го следиш нивниот добар пример?

17. Ако некој направи тежок грев, на што ќе го поттикне искрената љубов?

17 Признај ги тајните гревови и престани да ги правиш. Некои Божји слуги направиле тежок грев и се обиделе да го скријат поради срам или затоа што не сакаат да ги разочараат другите (Изр. 28:13). Но, со тоа не покажуваат љубов бидејќи си наштетуваат и себеси и на другите. Како? Јехова би можел да престане да го благословува собранието со светиот дух, и така би бил загрозен мирот во собранието (Еф. 4:30). Затоа, ако некој направи тежок грев, искрената љубов ќе го поттикне да разговара со старешините и да ја побара потребната помош (Јак. 5:14, 15).

18. Колку е важно да покажуваме искрена љубов?

18 Љубовта е најважната особина (1. Кор. 13:13). Таа им помага на луѓето да сфатат дека ние сме вистински следбеници на Исус и дека постапуваме како Јехова, изворот на љубовта (Еф. 5:1, 2). Павле рекол дека, ако нема љубов, не би вредел ништо (1. Кор. 13:2). Затоа, да продолжиме да ја покажуваме нашата љубов не само „со зборови“, туку и „со дела и со вистина“.