Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2016

Зајакни си ја верата во Божјите ветувања

Зајакни си ја верата во Божјите ветувања

Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме (ЕВР. 11:1)

ПЕСНИ: 81, 134

1, 2. а) Во кој поглед надежта на вистинските христијани се разликува од надежта на луѓето во светот? б) Кои важни прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

ВИСТИНСКИТЕ христијани имаат прекрасна надеж! Сите ние, сеедно дали сме помазаници или припаѓаме на „другите овци“, се надеваме дека ќе видиме како Бог ќе го посвети своето име и како ќе ја исполни намерата што ја имал во почетокот (Јован 10:16; Мат. 6:9, 10). Ова се најважните ветувања кои очекуваме да се исполнат во иднина. Јехова ни ветил и дека ќе нѐ награди со вечен живот на небото или на Земјата (2. Пет. 3:13). Во меѓувреме, очекуваме Божјиот народ и понатаму да ужива во духовна благосостојба.

2 И луѓето во светот на Сатана се надеваат на многу работи, но не се сигурни дали нивните очекувања воопшто ќе се исполнат. На пример, некои се надеваат дека ќе добијат многу пари на лото, но која е веројатноста дека тоа навистина ќе се случи? Од друга страна, вистинската вера е „цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“ (Евр. 11:1). Сепак, можеби се прашуваш: „Што ќе ми помогне уште повеќе да си ја зајакнам верата во Божјите ветувања? И зошто е важно уште денес да имам цврста вера?“ Одговорот ќе го разгледаме во оваа статија.

3. На што се темели нашата вера?

 3 Никој од нас не се раѓа со вера, и таа не се развива сама од себе. За да ја стекнеме оваа особина, мора да дозволиме Божјиот свет дух да влијае врз нашето срце (Гал. 5:22). Никаде во Библијата не пишува дека Јехова има вера или дека му е потребна оваа особина. Бидејќи е семоќен и семудар, ништо не може да го спречи да ја исполни својата намера. Нашиот небесен Татко е толку сигурен дека неговите ветувања ќе се остварат, што во врска со нив вели: „Се исполнија!“ (Прочитај Откровение 21:3-6.) Нашата вера се темели на фактот дека Јехова е верен Бог кој секогаш си стои на зборот (5. Мој. 7:9).

БОЖЈИ СЛУГИ ОД МИНАТОТО КОИ ИМАЛЕ СИЛНА ВЕРА

4. Каква надеж имале верните Божји слуги од минатото?

4 Во Евреите поглавје 11 се наведени имињата на 16 мажи и жени кои имале цврста вера во Јеховините ветувања. Таму се спомнуваат и многу други луѓе кои го радувале Бог „поради својата вера“ (Евр. 11:39). Сите тие го очекувале ветеното „потомство“, и биле цврсто уверени дека тоа ќе ги уништи Божјите непријатели и ќе ја претвори Земјата во рај (1. Мој. 3:15). Освен тоа, овие слуги на Јехова имале силна вера дека тој ќе ги врати во живот. Тие умреле пред „потомството“ — Исус Христос — да го отвори патот за небесен живот (Гал. 3:16). Сепак, овие верни слуги ќе воскреснат и ќе живеат вечно во рајот на Земјата бидејќи Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања (Пс. 37:11; Иса. 26:19; Оси. 13:14).

5, 6. Што очекувале Авраам и неговото семејство, и што им помогнало да останат цврсти во верата? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

5 Во Евреите 11:13 пишува: „Сите овие умреа во вера, а не го добија она што им беше ветено, туку го видоа оддалеку и го поздравија“. Еден од тие Божји слуги бил Авраам. Дали тој си замислувал дека еден ден ќе живее под власта на ветеното „потомство“? Исус дал јасен одговор на ова прашање кога на своите противници им рекол: „Вашиот татко Авраам многу се радуваше на надежта дека ќе го види мојот ден. И го виде и се зарадува“ (Јован 8:56). Истото било случај и со Сара, Исак, Јаков и многу други, кои едвај чекале да дојде времето кога Царството, „чиј градител и творец е Бог“, ќе владее над целата Земја (Евр. 11:8-11).

6 Што им помогнало на Авраам и на неговото семејство да останат цврсти во верата? Тие веројатно учеле за Јехова од постарите Божји слуги, како и од некои веродостојни древни записи. А понекогаш Бог им се обраќал и преку ангели, виденија или соништа. Авраам и неговото семејство никогаш не ги заборавиле Божјите ветувања, и со радост размислувале за нив. Бидејќи имале цврста надеж, тие биле спремни да поднесат секакви неволји и да му останат верни на Бог.

7. Како Јехова ни помага да си ја зајакнеме верата, и што треба да правиме?

7 Како Јехова ни помага да си ја зајакнеме верата? Тој ни ја дал Библијата. За да бидеме среќни и успешни, многу е важно да ја читаме секој ден (Пс. 1:1-3; прочитај Дела 17:11). Освен тоа, преку „верниот и разборит роб“, Јехова ни обезбедува изобилство од духовна „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). Исто како верните слуги од минатото, и ние треба постојано да размислуваме за ветувањата што ги дал Бог и да живееме според неговите мерила. Сето тоа ќе ни помогне да му останеме верни додека го очекуваме времето кога Царството ќе завладее со целата Земја.

8. Како може молитвата да ни ја зајакне верата?

 8 Што друго им помагало на Божјите слуги од минатото да си ја зајакнат верата? Тоа што му се молеле на Јехова. Кога гледале како им ги услишува молитвите, нивната вера станувала уште поцврста (Неем. 1:4, 11; Пс. 34:4, 15, 17; Дан. 9:19-21). На сличен начин, и ние можеме да му го излееме своето срце на Јехова, уверени дека тој нѐ слуша и дека ќе ни даде сила да истраеме. Верата уште повеќе ни се зајакнува кога гледаме дека Јехова одговара на нашите молитви и ни го дава она што ни е потребно. (Прочитај 1. Јованово 5:14, 15.) Освен тоа, бидејќи верата е плод на духот, треба и понатаму да го молиме Бог за свет дух (Лука 11:9, 13).

9. За кои работи треба да се молиме?

9 Кога му се молиме на Јехова, не треба да бараме од него само да ни помага. Во нашите молитви треба секој ден да му благодариме и да го фалиме. Тој навистина направил безброј чудесни дела! (Пс. 40:5). Се молиме и за нашите браќа и сестри низ целиот свет. На пример, не ги забораваме „оние што се во окови“. Исто така, се молиме за оние што нѐ предводат. Кога гледаме како Јехова ги услишува нашите молитви, ни се зајакнува верата и уште повеќе се зближуваме со него (Евр. 13:3, 7).

ТИЕ ОСТАНАЛЕ ВЕРНИ

10. Што им помогнало на мнозина да бидат храбри и да му останат верни на Бог?

10 Во Евреите поглавје 11, апостол Павле рекол: „Жените ги добија своите мртви преку воскресение. А други беа мачени зашто не прифатија да бидат ослободени со некоја откупнина, затоа што сакаа да добијат подобро воскресение“ (Евр. 11:35). Мнозина истрајале во неволјите и му останале верни на Бог затоа што имале силна вера во воскресението што тој го ветил. Тие знаеле дека во иднина Јехова ќе ги воскресне за да живеат засекогаш на Земјата. Размисли за Навутеј и Захарија. Тие биле каменувани затоа што му биле послушни на Бог (1. Цар. 21:3, 15; 2. Лет. 24:20, 21). Даниел бил фрлен во јама полна со гладни лавови, а неговите пријатели биле фрлени во вжарена печка. Тие биле поспремни да умрат отколку да му бидат неверни на Јехова. Овие луѓе биле цврсто уверени дека тој ќе им даде свет дух и дека ќе им помогне да ги поднесат страдањата (Дан. 3:16-18, 20, 28; 6:13, 16, 21-23; Евр. 11:33, 34).

11. Какви неволји претрпеле некои верни пророци од минатото?

11 Многу пророци, како што биле Михаија и Еремија, биле исмејувани или фрлени в затвор. Други, пак, слично на Илија, талкале „по пустини, планини, пештери и по земни јами“. Сите тие истрајале и му останале верни на Бог затоа што биле цврсто уверени дека ќе се случи она на кое се надевале (Евр. 11:1, 36-38; 1. Цар. 18:13; 22:24-27; Ерем. 20:1, 2; 28:10, 11; 32:2).

12. Кој го издржал најтешкиот можен испит, и што му помогнало во тоа?

12 Исус Христос го издржал најтешкиот можен испит така што му останал верен на Јехова. Што му помогнало да истрае? Павле им рекол на христијаните: „Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб, не мислејќи на срамот, и седна од десната страна на Божјиот престол“ (Евр. 12:2). А потоа ги поттикнал длабоко да размислат за тоа како постапувал Исус кога се соочил со тешко противење. (Прочитај Евреите 12:3.) Исто како Исус, многу христијани во првиот век, меѓу кои бил и Антипа, умреле затоа што му биле верни на  Јехова (Отк. 2:13). Тие веќе ја добиле својата награда за разлика од другите Божји слуги кои живееле пред нив и се надевале дека ќе бидат воскреснати на Земјата (Евр. 11:35). Некое време откако Исус станал Цар во 1914 год., помазаните христијани кои умреле биле воскреснати на небото за да владеат со него над целото човештво (Отк. 20:4).

ВЕРНИ СЛУГИ ВО НАШЕВО ВРЕМЕ

13, 14. Со какви неволји се соочил Рудолф Грајхен, и што му помогнало да му остане верен на Бог?

13 Денес, милиони Божји слуги го следат примерот на Исус. Тие размислуваат за Јеховините ветувања и не дозволуваат испитите да ги поколебаат во верата. Да го разгледаме примерот на Рудолф Грајхен, кој се родил во Германија во 1925 год. Кога бил мал, неговите родители закачувале цртежи на библиски теми во својот дом. Тој рекол: „На една слика беа прикажани волк и јагне, јаре и леопард, теле и лав. Сите беа во мир, а ги водеше едно мало дете“ (Иса. 11:6-9). Овие цртежи му помогнале на Рудолф да размислува за рајот на Земјата и да си ја зајакне верата во Божјето ветување за новиот свет. Како резултат на тоа, тој му останал верен на Јехова  иако со години трпел сурово прогонство од Гестапо за време на нацистите, а потоа и од тајната служба Штази за време на комунистите во Источна Германија.

14 Рудолф претрпел и многу други неволји. Мајка му умрела од тифус во концлогорот Равенсбрик. Татко му, пак, потпишал документ со кој се одрекол од својата вера како Јеховин сведок. Но, Рудолф останал цврст во верата. Откако бил пуштен од затвор, служел како покраински надгледник. Потоа бил поканет на мисионерската школа Гилеад, и бил испратен во Чиле, каде што повторно служел како покраински надгледник. Таму се оженил со една мисионерка по име Петси. За жал, по една година, нивното бебенце умрело. Подоцна починала и Петси, кога имала само 43 години. И покрај сето ова, Рудолф продолжил да му служи на Јехова. Дури и кога бил во поодминати години и имал слабо здравје, тој служел како општ пионер и како старешина. Неговата животна приказна излезе во Стражарска кула од 1 август 1997, на страници 20-25. [1]

15. Наведи примери на браќа и сестри од нашево време кои радосно му служат на Јехова иако се прогонувани.

15 Денес, многу наши браќа и сестри радосно му служат на Јехова и покрај тоа што трпат жестоко прогонство. Стотици од нив се затворени во Еритреја, Јужна Кореја и Сингапур затоа што одбиваат да носат оружје (Мат. 26:52). На пример, Исак, Негеде и Паулос се во затвор во Еритреја повеќе од 20 години, каде што трпат сурово малтретирање. За сето тоа време, не можеле ниту да стапат во брак ниту да се грижат за своите родители. Сепак, тие сѐ уште му се верни на Јехова. Дури и затворските чувари почнале да ги почитуваат. На нашата интернет-страница има слика од овие браќа. Од нивните насмеани лица се гледа дека се радосни и покрај страдањата што ги доживуваат.

Дали учиш од примерот на верните браќа во твоето собрание? (Види во пасуси 15-16)

16. Зошто е важно да имаме силна вера?

16 Повеќето Јеховини слуги не се во затвор и не се изложени на такво малтретирање. Сепак, многумина се борат со сиромаштија, доживуваат природни катастрофи или се погодени од граѓански војни. Други, пак, исто како Авраам, Исак, Јаков и Мојсеј, се откажале од славата и богатството за да му го посветат својот живот на Јехова. Тие со сите сили се борат да му се спротивстават на притисокот да водат себичен живот кој се врти само околу материјални работи. Што им помага да продолжат радосно да му служат на Јехова? Љубовта кон него и цврстата вера во неговите ветувања. Тие се уверени дека тој ќе ги награди своите верни слуги со вечен живот во новиот свет, каде што ќе нема никаква неправда. (Прочитај Псалм 37:5, 7, 9, 29.)

17. Како можеме да останеме цврсти во верата, и што ќе разгледаме во следната статија?

17 Во оваа статија видовме дека верата е „цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“. За да имаме таква вера, треба редовно да му се молиме на Јехова и длабоко да размислуваме за неговите ветувања. Така ќе успееме да ги издржиме сите испити. Во следната статија ќе видиме што друго вклучува вистинската вера.

^ [1] (пасус 14) Види ја и животната приказна на Андреј Ханак од Словачка со наслов „И покрај искушенијата, мојата надеж остана светла“, која излезе во Разбудете се! од 8 август 2002.