Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2016

Бидете гостољубиви кон оние што се од друга земја

Бидете гостољубиви кон оние што се од друга земја

Не заборавајте ја гостољубивоста (ЕВР. 13:2)

ПЕСНИ: 124, 79

1, 2. а) Со кои предизвици се соочуваат многу доселеници денес? (Види ја сликата погоре.) б) Каков совет ни дава Библијата, и кои прашања ќе ги разгледаме?

ПРЕД повеќе од 30 години, Осеј, [1] кој во тоа време не бил Јеховин сведок, си заминал од Гана и се доселил во Европа. Тој вели: „Наскоро сфатив дека на повеќето луѓе воопшто не им е грижа за мене. Голем шок ми беше и разликата во климата. Кога излегов од аеродромот, за првпат во животот почувствував студ, и заплакав“. На Осеј не му било лесно да го научи јазикот, и затоа не можел да најде пристојна работа повеќе од една година. Освен тоа, бидејќи бил далеку од дома, се чувствувал осамено и му недостигало семејството.

2 Размисли како би сакал другите да се однесуваат со тебе ако се најдеш во слична ситуација. Зарем нема да бидеш благодарен ако браќата и сестрите во салата ти изразат срдечно добредојде без оглед на твојата националност или раса? Библијата ги поттикнува вистинските христијани да не ја забораваат гостољубивоста — збор кој на изворниот јазик значи „љубов кон непознати“ (Евр. 13:2). Во оваа статија  ќе добиеме одговор на следниве прашања: Како гледа Јехова на доселениците? Дали треба да си го смениме ставот кон нив? И како можеме да им помогнеме да се чувствуваат пријатно во нашето собрание?

КАКО ГЛЕДА ЈЕХОВА НА ДОСЕЛЕНИЦИТЕ

3, 4. Според 2. Мојсеева 23:9, како требало Израелците да постапуваат со дојденците, и зошто?

3 Откако ги ослободил Израелците од ропство во Египет, Јехова им дал закони со кои ги поучил да покажуваат љубов кон луѓето од другите народи што заминале заедно со нив (2. Мој. 12:38, 49; 22:21). Факт е дека животот на доселениците воопшто не е лесен. Затоа, во времето на Израелците, Јехова со љубов се грижел за нив. На пример, тие имале право да го доприбираат она што останувало по жетвата (3. Мој. 19:9, 10).

4 Наместо само да им заповеда на Израелците да ги почитуваат дојденците, Јехова ги поттикнал да се сеќаваат како се чувствувале кога и самите биле дојденци во туѓа земја. (Прочитај 2. Мојсеева 23:9.) Уште пред да им станат робови, Египќаните не ги сакале затоа што биле поинакви од нив (1. Мој. 43:32; 46:34; 2. Мој. 1:11-14). Иако Израелците воделе тежок живот како дојденци во Египет, Јехова очекувал да покажуваат љубов кон оние што ќе дошле да живеат меѓу нив (3. Мој. 19:33, 34).

5. Што ќе ни помогне да покажуваме љубов кон доселениците исто како што покажува Јехова?

5 Јехова не се менува. Тој и денес покажува иста таква грижа кон оние што доаѓаат на состаноци во нашите собранија, а потекнуваат од друга земја или култура (5. Мој. 10:17-19; Мал. 3:5, 6). Размисли за предизвиците со кои се соочуваат тие. На пример, можеби не го разбираат новиот јазик или, пак, се чувствуваат обесправено. Затоа треба да направиме сѐ што можеме за да им покажуваме љубов и да им помагаме (1. Пет. 3:8).

ТРЕБА ЛИ ДА СИ ГО СМЕНИМЕ СТАВОТ КОН ДОСЕЛЕНИЦИТЕ?

6, 7. Што покажува дека христијаните во првиот век успеале да се изборат со предрасудите?

6 Меѓу Евреите во првиот век постоеле длабоко вкоренети предрасуди. Но, како било со христијаните? Тие успеале да се изборат со предрасудите. На пример, на Педесетница 33 год. од н.е., еврејските христијани кои живееле во Ерусалим ги примиле во своите домови новите верници од другите земји и се погрижиле за нивните потреби (Дела 2:5, 44-47). На тој начин покажале вистинска „љубов кон непознати“!

7 Сепак, додека христијанското собрание растело, се појавил еден проблем. Евреите кои зборувале грчки почнале да се жалат дека со нивните вдовици се постапува неправедно затоа што се запоставени при делењето на храната (Дела 6:1). За да го решат ова, апостолите избрале седум мажи кои требало да се погрижат никој да не биде запоставен. Овие мажи имале грчки имиња. Тоа покажува дека, по сѐ изгледа, апостолите сакале да ја смират напнатоста што можеби постоела меѓу христијаните кои биле со различно потекло (Дела 6:2-6).

8, 9. а) Кои прашања ќе ни помогнат да се преиспитаме дали можеби имаме некакви предрасуди? б) Што треба да искорениме од срцето? (1. Петрово 1:22).

8 Сеедно дали сме свесни или не, сите сме под силно влијание на нашата култура или менталитет (Рим. 12:2). Исто така, понекогаш соседите, колегите или соучениците кажуваат лоши работи за луѓето од друга култура, националност или раса. Колкаво влијание имаат таквите негативни ставови врз нас? Како реагираме кога другите прават шеги за  нашата националност или за некое обележје на нашата култура?

9 Едно време, и апостол Петар имал предрасуди кон луѓето што не биле Евреи. Но, постепено успеал да ги искорени таквите негативни ставови и чувства (Дела 10:28, 34, 35; Гал. 2:11-14). И ние треба со сите сили да се трудиме да ја избришеме секоја трага од предрасуди или расна гордост која можеби пуштила корен во нашето срце. (Прочитај 1. Петрово 1:22.) Што ќе ни помогне во тоа? Не заборавај дека сите ние сме несовршени, без разлика од која земја потекнуваме, и никој од нас не заслужува да биде спасен (Рим. 3:9, 10, 21-24). Поради тоа, немаме апсолутно никаква причина да мислиме дека сме подобри од некој друг! (1. Кор. 4:7). Треба да имаме ист став како апостол Павле. Тој им рекол на сохристијаните дека повеќе не се „туѓинци и дојденци“, туку дека се дел од Божјето домаќинство (Еф. 2:19). Сите ние мора да дадеме сѐ од себе за да се ослободиме од секоја предрасуда и да ја облечеме новата личност (Кол. 3:10, 11).

КАКО ДА ПОКАЖУВАМЕ ЉУБОВ КОН ДОСЕЛЕНИЦИТЕ

10, 11. На кој начин Вооз покажал дека има ист став кон дојденците како Јехова?

10 Вооз имал ист став кон дојденците како Јехова. Тоа се гледа од начинот на кој постапувал со Моавката Рут. Кога отишол да види како тече жетвата на неговите ниви, тој ја забележал оваа жена, која напорно доприбирала по жетварите. Иако според Мојсеевиот закон имала право на тоа, таа сепак побарала дозвола. Кога чул за ова, Вооз бил пријатно изненаден. Затоа им рекол на своите момчиња да ѝ дозволат да доприбира дури и меѓу снопјата жито. (Прочитај Рут 2:5-7, 15, 16.)

11 Разговорот што следел потоа јасно покажува дека Вооз бил загрижен за тешката ситуација во која се наоѓала Рут како дојденец во туѓа земја. Тој ѝ рекол да остане со девојките кои жнееле на неговите ниви за да не ја вознемируваат момчињата што работеле на полето. Освен тоа, се погрижил да има доволно храна и вода за неа, исто како и за неговите најмени работници. Вооз покажал почит кон оваа сиромашна туѓинка и ја охрабрил со своите зборови (Рут 2:8-10, 13, 14).

12. Каков може да биде резултатот ако покажуваме добрина кон оние што се доселиле од друга земја?

12 Вооз бил добар кон Рут не само затоа што таа покажала несебична љубов кон својата свекрва, Ноемина, туку и затоа што почнала да му служи на Јехова. Добрината што Вооз ја покажал кон неа, всушност, била израз на Јеховината лојална љубов кон оваа жена која побарала засолниште под Неговите крилја (Рут 2:12, 20; Изр. 19:17). И ние можеме со својата добрина да им помогнеме на „најразлични луѓе“ да ја дознаат вистината и да сфатат дека Јехова многу ги сака (1. Тим. 2:3, 4).

Дали срдечно ги поздравуваме доселениците кога ќе дојдат на состанок? (Види во пасуси 13-14)

13, 14. а) Зошто треба први да им пристапиме на доселениците кога ќе дојдат на состанок? б) Што ќе ти помогне да не се чувствуваш непријатно кога зборуваш со некој од друга култура?

13 Можеме да покажеме љубов кон доселениците ако срдечно се поздравиме со нив во салата. Оние што неодамна дошле во нашата земја понекогаш се срамежливи и си стојат настрана. Поради нивната култура и општествена положба, можеби мислат дека се помалку вредни од луѓето од друга раса или националност. Затоа, ние треба први да им пристапиме за да им изразиме срдечно добредојде и да им покажеме дека сме искрено заинтересирани за нив. Би можеле да ја користиме апликацијата JW Language за да научиме поздрав на нивниот јазик. [2] (Прочитај Филипјаните 2:3, 4.)

 14 Можеби ти е непријатно да зборуваш со некој од друга култура. Што ќе ти помогне да ги надминеш овие чувства? Би можел да му кажеш нешто за себе. Можеби така ќе сфатиш дека имате повеќе заеднички работи отколку што си мислел. Имај на ум дека секоја култура си има свои јаки и слаби страни.

ДА ИМ ПОМАГАМЕ НА СИТЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ КАКО ДОМА

15. Што ќе ни помогне да покажеме разбирање за оние што се навикнуваат на животот во нова земја?

15 За да им помогнеме на другите да се чувствуваат пријатно во собранието, добро е искрено да се прашаме: „Кога јас би бил во друга земја, како би сакал луѓето да се однесуваат со мене?“ (Мат. 7:12). Важно е да бидеме стрпливи со оние што се навикнуваат на животот во нова земја. Во почетокот, можеби нема потполно да сфатиме како размислуваат и зошто реагираат на одреден начин. Наместо да очекуваме да мислат и да постапуваат како нас, зошто да не ги прифатиме такви какви што се? (Прочитај Римјаните 15:7.)

16, 17. а) Како може да се зближиме со оние што доаѓаат од друга култура? б) Како можеме практично да им помагаме на браќата што се доселиле од друга земја?

16 Веројатно ќе ни биде полесно да ги запознаеме и да ги прифатиме доселениците ако дознаеме нешто за нивната земја и култура. За време на Семејната вечер, можеме да истражуваме за културата на оние кои се доселиле во нашето место или доаѓаат на состаноци во нашето собрание. Друг начин да се зближиме со нив е да ги поканиме на гости. Бидејќи Јехова им ја отворил „вратата кон верата“, треба да се угледаме на него и да го отвориме својот дом за нашите „браќа по вера“ кои доаѓаат од други земји (Дела 14:27; Гал. 6:10; Јов 31:32).

Дали покажуваме срдечно гостопримство кон оние што се доселиле од друга земја? (Види во пасуси 16-17)

17 Ако поминуваме време со некое семејство што се доселило во нашата земја, ќе видиме колку неговите членови се трудат да се привикнат на нашата култура. Но, можеби ќе сфатиме дека им е потребна и практична помош за да го  научат јазикот. Освен тоа, би можеле да им кажеме каде да се обратат за да добијат подобро сместување или работа. Ова може многу да им значи на нашите браќа и сестри (Изр. 3:27).

18. Како можат доселениците да го следат примерот на Рут?

18 Се разбира, оние што се доселиле во друга земја треба да дадат сѐ од себе за да се приспособат на новата култура. Рут оставила добар пример во овој поглед. Прво, таа побарала дозвола да доприбира, и така покажала почит кон обичаите на земјата во која дошла (Рут 2:7). Не сметала дека едноставно има право на тоа или дека другите се должни да се грижат за неа. Второ, таа спремно изразила благодарност за добротата што ѝ била покажана (Рут 2:13). Ако доселениците имаат таков убав став, полесно ќе ја стекнат почитта на своите соверници и на другите луѓе.

19. Зошто треба да им помогнеме на доселениците да се чувствуваат како дома?

19 Многу сме радосни што Јехова покажува незаслужена доброта и дозволува сите луѓе да ја чујат добрата вест. Некои доселеници можеби немале прилика да ја проучуваат Библијата во својата земја или слободно да одат на нашите состаноци. Сега се во можност да бидат заедно со нас, и затоа треба да им помогнеме да се чувствуваат како дома. Иако можеби немаме многу во материјален поглед или не можеме да им пружиме којзнае колкава практична помош, треба да се однесуваме добро со нив бидејќи така ќе ја одразуваме Јеховината љубов. Затоа, да се угледаме на Бог, и да направиме сѐ што е во наша моќ да им изразиме добредојде на браќата што се доселиле и сега служат во нашите собранија! (Еф. 5:1, 2).

^ [1] (пасус 1) Името е сменето.

^ [2] (пасус 13) Оваа апликација ја нема на македонски јазик, но можеш да ја користиш ако знаеш некој од јазиците на кои е достапна.