Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2017

Спротивстави се на световните гледишта

Спротивстави се на световните гледишта

Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на начелата на овој свет (КОЛ. 2:8)

ПЕСНИ: 38, 31

1. Каков совет им дал апостол Павле на христијаните во Колоси? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

АПОСТОЛ Павле го напишал писмото до христијаните во Колоси некаде во 60 или 61 год. од н.е. додека бил затвореник во Рим. Тој им објаснил зошто им треба „способност за сфаќање што ја дава духот“, односно способност да гледаат на работите како Јехова (Кол. 1:9). Павле рекол: „Тоа го велам за никој да не ве заведе со измамливи зборови. Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења“ (Кол. 2:4, 8). Потоа Павле објаснил зошто некои световни гледишта, иако се погрешни, им се допаѓаат на многу луѓе. На пример, некои од овие гледишта ги поттикнуваат луѓето да мислат дека се попаметни или подобри од другите. Павле им напишал писмо на браќата за да им помогне да им се спротивстават на световните гледишта и да ги отфрлат погрешните постапки (Кол. 2:16, 17, 23).

2. Зошто ќе разгледаме неколку световни гледишта?

2 Световните гледишта ги омаловажуваат Јеховините мерила и можат постепено да ни ја поткопаат верата. Сите сме изложени на световни гледишта преку телевизија, преку Интернет,  на работа или на училиште. Како можеме да се заштитиме од таквото штетно влијание? Во оваа статија, ќе разгледаме пет световни гледишта и ќе видиме како можеме да им се спротивставиме.

ДАЛИ Е ПОТРЕБНО ДА ВЕРУВАМЕ ВО БОГ?

3. Кое гледиште им се допаѓа на многу луѓе, и зошто?

3 „Не мора да верувам во Бог за да бидам добар човек.“ Ова гледиште е вообичаено во многу земји. Луѓето што го велат ова можеби не размислиле длабоко за тоа дали постои Бог, но им се допаѓа можноста да бидат слободни да прават што сакаат. (Прочитај Псалм 10:4.) Други, пак, сметаат дека изгледаат интелигентно кога велат: „Можам да бидам добар човек и без да верувам во Бог“.

4. Како би можел да помогнеш некому што не верува дека постои Творец?

4 Дали е логично да се верува дека нема Творец? Кога одговорот на ова прашање го бараат во науката, некои луѓе се збунети поради различните информации што ги добиваат. Но, вистината е многу едноставна. Ако една обична куќа мора да биде изградена од некого, колку повеќе тоа важи за живите организми. Всушност, наједноставните живи клетки се многу посложени од која и да било куќа бидејќи можат да прават нешто што куќата не може — да се размножуваат. Ова значи дека клетките можат да складираат информации и да ги пренесуваат на нови клетки за и тие да можат да се размножуваат. Кој ги создал живите клетки со таква способност? Библијата го дава одговорот: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евр. 3:4).

5. Што да кажеме некому што тврди дека не мора да веруваме во Бог за да знаеме што е добро, а што лошо?

5 Што да кажеме некому што тврди дека не мора да веруваме во Бог за да знаеме што е добро, а што лошо? Во Библијата пишува дека дури и луѓе што не веруваат во Бог можат да се држат за добри начела (Рим. 2:14, 15). На пример, можеби ги почитуваат и ги сакаат своите родители. Но, колку цврсто ќе се држат за тие начела ако не признаваат дека постои Творец кој нѐ сака и кој има право да поставува мерила за исправно и погрешно? (Иса. 33:22). Голем број интелигентни луѓе се уверени дека ни треба помош од Бог за да ги решиме најголемите проблеми во светот. (Прочитај Еремија 10:23.) Затоа, никогаш да не помислиме дека можеме во потполност да одредиме што е исправно, а што не, без да веруваме во Бог и без да се држиме за неговите мерила (Пс. 146:3).

ДАЛИ НИ Е ПОТРЕБНА РЕЛИГИЈА?

6. Што мислат голем број луѓе за религијата?

6 „Не ти треба религија за да бидеш среќен.“ Многу луѓе мислат дека религијата е застарена и бескорисна. Освен тоа, многу религии ги оддалечуваат луѓето од Бог така што поучуваат дека постои пекол, ги принудуваат да даваат пари и ги поддржуваат политичарите. Затоа, не е чудно што сѐ поголем број луѓе сметаат дека не им треба религија за да бидат среќни! Тие можеби велат: „Јас верувам во Бог, но не сакам да припаѓам на некоја религија“.

7. Како може вистинската религија да ти помогне да бидеш среќен?

7 Дали навистина може да бидеме среќни ако не припаѓаме на ниту една религија? Се разбира, човек може да биде среќен ако не припаѓа на лажната религија. Но, никој не може да биде вистински среќен доколку не е пријател со Јехова, „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11). Сѐ што прави Јехова им користи на другите. Како негови слуги, среќни сме  бидејќи и ние се трудиме да им помагаме на другите (Дела 20:35). На пример, размисли за тоа како вистинската религија им помага на семејствата да бидат среќни. Од Библијата учиме да го почитуваме и да му бидеме верни на брачниот другар, добро да ги воспитуваме децата и да покажуваме искрена љубов кон членовите на семејството. Вистинската религија им помага на Јеховините слуги да соработуваат во мир во собранијата и да покажуваат љубов кон соверниците. (Прочитај Исаија 65:13, 14.)

8. Како може Матеј 5:3 да ни помогне да сфатиме што ги прави луѓето вистински среќни?

8 Според тоа, може ли некој да биде вистински среќен без да му служи на Бог? Да размислиме што ги прави луѓето среќни. Некои наоѓаат задоволство во својата кариера, во спортот или некое хоби. Други се радуваат кога можат да му помагаат на семејството или на пријателите. Иако овие работи носат задоволство, тоа не е сѐ во животот. За разлика од животните, ние можеме да го запознаеме нашиот Творец и верно да му служиме. Среќни сме кога го правиме тоа бидејќи така сме создадени. (Прочитај Матеј 5:3.) На пример, многу сме радосни и охрабрени кога заедно со браќата и сестрите му служиме на Јехова (Пс. 133:1). Исто така, среќни сме што сме дел од едно меѓународно братство, што водиме морално чист живот и што имаме прекрасна надеж.

ДАЛИ НИ СЕ ПОТРЕБНИ МОРАЛНИ МЕРИЛА?

9. а) Кое гледиште за сексуалните односи е вообичаено во светот? б) Зошто Божјата Реч ги забранува сексуалните односи надвор од бракот?

9 „Што има погрешно во предбрачниот секс?“ Луѓето можеби ќе ни речат: „Зошто сте толку строги? Човек треба да ужива во животот“. Но, Божјата Реч го забранува сексуалниот неморал. * (Прочитај 1. Солуњаните 4:3-8.) Јехова има право да ни поставува закони бидејќи тој нѐ создал. Божјиот закон дозволува сексуални односи само меѓу маж и жена кои се во брак еден со друг. Јехова ни дава закони бидејќи нѐ сака. Тие се за наше добро. Кога едно семејство му е послушно на Бог, тогаш сите членови се сакаат, се почитуваат и се чувствуваат сигурно. Бог ќе ги казни оние што свесно ги прекршуваат неговите закони (Евр. 13:4).

10. Како може еден Божји слуга да се чува од сексуален неморал?

10 Од Библијата дознаваме како да се чуваме од сексуалниот неморал. Еден важен начин е да внимаваме што гледаме. Исус рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Според тоа, ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе“ (Мат. 5:28, 29). Затоа, не смееме да гледаме порнографија ниту да слушаме песни со неморални текстови. Павле напишал: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст“ (Кол. 3:5). Исто така, треба да внимаваме за што размислуваме и што зборуваме (Еф. 5:3-5).

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ПОСВЕТИМЕ НА СВЕТОВНА КАРИЕРА?

11. Зошто би можеле да посакуваме успешна световна кариера?

11 „За да имаш среќен живот, мора да имаш успешна кариера.“ Луѓето можеби  ни велат да го посветиме својот живот на световна кариера која би можела да ни помогне да бидеме славни, да имаме влијание во општеството и да се збогатиме. Бидејќи толку многу луѓе сметаат дека добрата кариера е тајната за среќен живот, и ние би можеле да го прифатиме тоа гледиште.

12. Дали успешната световна кариера ќе те направи вистински среќен?

12 Дали е точно дека кариерата која ти нуди можност да стекнеш влијателна положба или да станеш славен може да те направи среќен? Не. Имај на ум дека Сатана сакал да биде моќен и славен. Во некоја смисла, тој го добил тоа што го сакал. Но, не е среќен, туку гневен (Мат. 4:8, 9; Отк. 12:12). За разлика од него, размисли колку сме среќни ние кога ги поучуваме другите за Бог и за прекрасната иднина што ни ја ветува. Ниту една световна кариера не може да те направи толку среќен. Исто така, во овој свет владее натпреварувачки дух. Затоа, луѓето кои сакаат да бидат успешни честопати стануваат агресивни и љубоморни, а на крајот се чувствуваат празно. Библијата вели дека тоа е „трчање по ветар“ (Проп. 4:4).

13. а) Како треба да гледаме на нашата световна работа? б) Според она што им го напишал на Солуњаните, како Павле станал вистински среќен?

13 Се разбира, мора да заработуваме за живот, и не е погрешно да избереме работа што ја сакаме. Но, световната работа не треба да ни биде најважна во животот. Исус рекол: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Мат. 6:24). Ако ни е најважно да му служиме на Бог и да ги поучуваме другите за Библијата, ќе чувствуваме голема радост. Апостол Павле го доживеал токму тоа. Кога бил млад, најважно му било да изгради успешна кариера. Подоцна, станал вистински среќен кога гледал како Божјата порака им го менува животот на луѓето на кои им проповедал. (Прочитај 1. Солуњаните 2:13, 19, 20.) Ниедна кариера во светот не може да ни донесе толкава радост.

Среќни сме кога ги поучуваме другите за Бог (Види во пасуси 12-13)

 ДАЛИ ЛУЃЕТО МОЖАТ ДА ГИ РЕШАТ ПРОБЛЕМИТЕ ВО СВЕТОТ?

14. Зошто на луѓето им се допаѓа идејата дека можат сами да ги решат проблемите?

14 „Луѓето можат сами да ги решат проблемите во светот.“ Ова гледиште им се допаѓа на многумина бидејќи, доколку е точно, тоа би значело дека не ни е потребно водство од Бог и дека можеме да правиме што сакаме. Можеби си чул како луѓето велат дека проблемите како војните, криминалот, болестите и сиромаштијата се намалуваат. Во еден извештај пишува: „Човештвото станува сѐ подобро бидејќи луѓето решиле да го направат светот подобро место за живеење“. Дали ова е точно? Дали луѓето конечно нашле решение за проблемите во светот? Да видиме што велат фактите.

15. Кои факти потврдуваат дека проблемите во светот се огромни?

15 Војни: Се проценува дека, за време на двете светски војни, загинале над 60 милиони луѓе. По завршувањето на Втората светска војна, луѓето не научиле како да ги спречат војните. Во 2015 год., 12,4 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради војна или прогонство. Со тоа, вкупниот број на раселени лица порасна на 65 милиони. Криминал: Во некои места, одредени видови криминал се во опаѓање. Меѓутоа, други видови криминал, како што се семејното насилство, компјутерскиот криминал, тероризмот и корупцијата, се во пораст. Очигледно, луѓето не можат да го искоренат криминалот. Болести: Точно е дека луѓето нашле лек за некои болести. Но, според еден извештај од 2013 год., секоја година дури девет милиони луѓе помлади од 60 години умираат од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес, рак и проблеми со дишните патишта. Сиромаштија: Според Светската банка, само во Африка, бројот на оние што живеат во крајна сиромаштија пораснал од 280 милиони во 1990 год. на 330 милиони во 2012 год.

16. а) Зошто само Божјето Царство може да ги реши проблемите во светот? б) Како Исаија и еден псалмист ги прорекле благословите што ќе ги донесе Божјето Царство?

16 Овие факти не се изненадување за нас. Со денешниот економски и политички систем управуваат себични луѓе. Тие не можат да им стават крај на војните, криминалот, болестите и сиромаштијата. Тоа го може само Божјето Царство. Размисли што ќе направи Јехова за луѓето. Војни: Божјето Царство ќе ги отстрани сите причини за војните, како што се себичноста, корупцијата, патриотизмот, лажната религија и самиот Сатана (Пс. 46:8, 9). Криминал: Уште денес, Божјето Царство им помага на милиони луѓе да научат да се сакаат и да имаат доверба едни во други. Тоа не го постигнува ниту една човечка влада (Иса. 11:9). Болести: Наскоро Јехова ќе го благослови својот народ со совршено здравје (Иса. 35:5, 6). Сиромаштија: Јехова ќе ѝ стави крај на сиромаштијата и ќе им овозможи на сите свои слуги да имаат среќен живот и да бидат блиски пријатели со него. Тоа е поскапоцено од која и да било сума пари (Пс. 72:12, 13).

„ДА ЗНАЕТЕ СЕКОМУ ДА МУ ОДГОВОРИТЕ КАКО ШТО ТРЕБА“

17. Како можеш да се спротивставиш на световните гледишта?

17 Ако слушнеш некое световно гледиште кое е спротивно на твоите верувања, истражи што вели Библијата за таа тема. Разговарај за тоа со некој зрел брат или сестра. Размисли зошто на луѓето им се допаѓа тоа гледиште, зошто е погрешно таквото гледиште и како можеш да му се спротивставиш. Сите ние можеме да се заштитиме од световните гледишта ако го примениме советот што му го дал Павле на собранието во Колоси: „Однесувајте се мудро спрема оние што се надвор од собранието... [За] да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Кол. 4:5, 6).

^ пас. 9 Стиховите во Јован 7:53 — 8:11 не биле дел од изворните списи. Затоа, тие не се вклучени во ревидираното англиско издание на Преводот Нов свет. Откако ги прочитале тие стихови, некои луѓе погрешно заклучиле дека само човек што не згрешил може да обвини некого за прељуба. Меѓутоа, Законот што Бог им го дал на Израелците бил јасен: „Ако некој биде затечен како лежи со жена што му припаѓа на друг човек, двајцата да бидат погубени“ (5. Мој. 22:22).