Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2017

Како можеш да се приспособиш на твоето ново собрание?

Како можеш да се приспособиш на твоето ново собрание?

АЛЕН * се труди да се приспособи на новото собрание во кое се преселил, а кое е оддалечено 1.400 километри од местото каде што претходно живеел. Како се чувствувал во врска со преселбата? Тој вели: „Бев загрижен како ќе се вклопам тука. Не знаев дали ќе стекнам пријатели и како ќе ме прифатат“.

Ако си се преселил во друго собрание, можеби и ти имаш одредени стравови. Што ќе ти помогне да се приспособиш на новата средина? Што можеш да сториш ако тоа ти оди потешко отколку што си очекувал? Од друга страна, ако не си во таква ситуација, како би можел да им помогнеш на оние што се доселиле во твоето собрание?

КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПРИСПОСОБИШ И ДА НАПРЕДУВАШ?

Размисли за следниов пример: Кога едно дрво се пресадува на друго место, тоа за него претставува стрес. Додека се откопува дрвото, обично треба да му се отсечат повеќето корени за полесно да се префрли. Откако ќе се пресади, дрвото мора веднаш да почне да пушта нови корени. Слично на тоа, поради преселбата во новото собрание можеби си под стрес. Во претходното собрание си пуштил корени, односно си стекнал добри пријатели и си имал добар распоред на духовни активности. Сега мора да пуштиш нови корени за духовно да напредуваш во нови околности. Во тоа ќе ти помогнат библиските начела. Да разгледаме некои од нив.

Оној што редовно ја чита Божјата Реч е „како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Пс. 1:1-3).

Исто како што едно дрво мора редовно да впива вода за да остане здраво, еден Божји слуга мора редовно да се храни од Божјата Реч за да остане духовно јак. Затоа, продолжи секој ден да ја читаш Библијата и редовно да одиш на собраниските состаноци. Исто така, продолжи редовно да проучуваш и да ја одржуваш Семејната вечер. За духовно да растеш, ќе ти бидат потребни истите работи кои ти биле потребни и пред да се преселиш.

Оној што „обилно ги напојува другите, и самиот ќе биде обилно напоен“ (Изр. 11:25).

Ако ревносно учествуваш во службата на проповедање, ќе се зајакнеш и побрзо ќе се приспособиш на новите околности. Еден старешина по име Кевин вели: „Мене и на жена ми најмногу ни помогна тоа што почнавме со помошна пионерска служба набрзо откако дојдовме во новото собрание. Така за кратко време се запознавме со браќата, со пионерите и со подрачјето“. Роџер се преселил 1.600 километри далеку од местото каде што живеел претходно. Тој вели: „Најдобро ќе се приспособиш на новото собрание ако одиш во служба што е можно почесто. Исто така, кажи им на старешините дека сакаш да помагаш на кој и да било начин — да ја чистиш салата, да замениш некого за точка на состаноците или да префрлиш некого до состанок. Браќата и сестрите полесно ќе се спријателат со тебе ако видат дека си самопожртвуван“.

„Широко отворете ги своите срца“ (2. Кор. 6:13).

 Труди се да се запознаеш со сите браќа и сестри. Откако се преселиле во ново собрание, Мелиса и нејзиното семејство почнале да стекнуваат нови пријатели. Таа вели: „Пред и по состаноците, одвојувавме доволно време за да си разговаравме со браќата и сестрите. Така, наместо само да се поздравиме со другите, имавме можност подобро да се запознаеме“. Ова им помогнало и побрзо да ги научат имињата на браќата и сестрите. Освен тоа, ги канеле браќата на гости и така граделе нови пријателства. Мелиса додава: „Си ги разменувавме телефонските броеви за да може да нѐ вклучат во духовни и други активности“.

Ако те плаши помислата да разговараш со непознати, почни со помали работи. На пример, насмевни се — дури и ако не ти е до смеење. Насмевката ќе ги привлече другите кон тебе. Тоа е во склад со она што стои во Библијата: „Сјајот во очите го весели срцето“ (Изр. 15:30). Рејчел, која се преселила далеку од родното место, вели: „Јас сум срамежлива по природа. Понекогаш мора да се терам да разговарам со браќата и сестрите во новото собрание. Обично барам некој во салата што седи и не разговара со никого, бидејќи тоа лице можеби е срамежливо како мене“. Постави си за цел, пред или по секој состанок, да поразговараш со некој непознат.

Од друга страна, можеби првите неколку недели ќе ти биде интересно да запознаваш нови луѓе. Но, со текот на времето, тоа чувство може да се изгуби. Тогаш можеби ќе ти треба повеќе труд за да продолжиш да стекнуваш нови пријатели.

Кога едно дрво се пресадува на друго место, тоа за него претставува стрес. Но, откако ќе се пресади, веднаш пушта нови корени

ДАЈ СИ ВРЕМЕ ДА СЕ ПРИСПОСОБИШ

На некои дрвја им треба повеќе време за цврсто да се вкоренат во новата средина. Слично на тоа, сите објавители не се приспособуваат на новото собрание со иста брзина. Ако си преселен веќе некое време, а сѐ уште ти е тешко да се приспособиш, можат да ти помогнат следниве начела:

„Да не се откажеме од правење добро, бидејќи, ако не се умориме, ќе жнееме кога ќе дојде време“ (Гал. 6:9).

Можеби ќе ти треба повеќе време да се приспособиш отколку што си очекувал. На пример, многу мисионери од школата Гилеад остануваат неколку години во земјата каде што се испратени пред повторно да ја посетат својата земја. Тоа им помага да се зближат со локалните браќа и да се приспособат на новата култура.

Алехандро, кој се селел неколку пати, знае дека не е можно да се забрза периодот на приспособување. Тој вели: „По последната преселба, жена ми рече: ’Сите мои пријатели се во претходното собрание!‘“ Тој ја потсетил дека истото го рекла и две години пред тоа — по претходната преселба. Но, за време на тие две години, таа покажувала интерес за другите и стекнала добри пријатели.

„Не вели: ’Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?‘ — бидејќи не е мудро да го прашуваш тоа“ (Проп. 7:10).

Немој да го споредуваш новото собрание со претходното. Браќата во новото собрание можеби се поповлечени или поотворени отколку што си навикнат. Но, мисли на нивните позитивни страни, како што би сакал и тие да мислат на твоите. Некои објавители биле изненадени што преселбата ги поттикнала да се прашаат: „Дали навистина ги сакам сите браќа?“ (1. Пет. 2:17).

 „Молете, и ќе ви се даде!“ (Лука 11:9).

Продолжи да се молиш за помош. Еден старешина по име Давид вели: „Немој да се бориш сам. Многу работи можеме да постигнеме само со помош од Јехова. Затоа, моли се!“ Рејчел, која беше цитирана претходно, се согласува со тоа. „Ако јас и маж ми не се чувствуваме како дел од собранието, конкретно му се молиме на Јехова: ’Те молиме помогни ни да видиме дали со нешто им отежнуваме на другите да се зближат со нас‘. Потоа се трудиме да минуваме повеќе време со браќата и сестрите“.

Родители, ако на вашите деца не им е лесно да се вклопат, молете се за тоа заедно со нив. Помогнете им да стекнат нови пријатели така што ќе им организирате изградувачко дружење.

ПОМОГНИ ИМ НА НОВИТЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ ПРИФАТЕНО

Како да им помогнеш на оние што се доселиле во вашето собрание? Од самиот почеток труди се да бидеш вистински пријател. Обиди се да замислиш што би ти помогнало тебе кога би бил на нивно место, и потоа прави го тоа (Мат. 7:12). Дали би можеле да ги поканите новите на вашата Семејна вечер или заедно да ја гледате месечната емисија од JW Broadcasting? Би можеле ли да одите во служба со нив? Освен тоа, ако ги поканите на еден скромен оброк, тие долго ќе го памтат вашето гостопримство. На кој друг начин би можел да им помогнеш на новите?

Карлос вели: „Кога дојдовме во новото собрание, една сестра ни даде список со поевтини продавници. Тоа многу ни помогна“. Оние што дошле од место со поинаква клима ќе бидат благодарни ако дознаат која облека е соодветна за времето кое е вообичаено кај вас. Исто така, би можел да им помогнеш да бидат поделотворни во службата така што ќе ги запознаеш со историјата на местото или ќе им објасниш некои локални верски верувања.

ВРЕДИ ДА СЕ ТРУДИШ ДА СЕ ПРИСПОСОБИШ

Ален, што го спомнавме претходно, служи во ново собрание повеќе од една година. Тој вели: „На почетокот требаше да се терам да ги запознаам браќата и сестрите. Но, сега ми се како семејство, и многу сум среќен“. Ален сфатил дека со селењето не изгубил ниту еден пријател. Напротив, стекнал нови пријателства, кои веројатно ќе траат засекогаш.

^ пас. 2 Некои имиња се сменети.