Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2017

Пеј му од срце на Јехова!

Пеј му од срце на Јехова!

Добро е со песна да се слави нашиот Бог (ПС. 147:1)

ПЕСНИ: 10, 2

1. Што ни овозможува пеењето на нашите песни?

ЕДЕН познат автор рекол: „Кога слушаш зборови, поттикнат си да размислуваш. Кога слушаш музика, ти се будат чувства. Но, кога пееш, зборовите те допираат до срце“. Зарем постојат зборови кои можат повеќе да нѐ допрат до срце од оние што ги има во нашите песни? Со тие зборови го славиме нашиот небесен Татко, Јехова, и ја изразуваме нашата љубов кон него. Според тоа, јасно е зошто пеењето игра толку важна улога во обожавањето на вистинскиот Бог, без разлика дали пееме сами или со нашите браќа и сестри.

2, 3. а) Како се чувствуваат некои кога треба да пеат заедно со другите во собранието? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

2 Но, дали ти лично сакаш да пееш заедно со другите во собранието или, пак, се срамиш да го правиш тоа? Во некои култури, на мажите не им е многу пријатно да пеат пред други. Овој став може негативно да се одрази на целото собрание, особено ако старешините не пеат од срце или ако се зафатени со други активности за време на песните (Пс. 30:12).

 3 Пеењето е важен дел од обожавањето на Јехова. Имајќи го тоа на ум, сигурно не би сакале да излегуваме за време на песните, односно да го пропуштаме тој дел од состаноците. Затоа, секој од нас треба да се праша: „Каков став имам кон пеењето во текот на состаноците? Што можам да направам ако не ми е пријатно да пеам пред другите? И, како можам да пеам од срце?“

ПЕЕЊЕТО Е ВАЖЕН ДЕЛ ОД ОБОЖАВАЊЕТО НА ЈЕХОВА

4, 5. Како било организирано пеењето во храмот во древниот Израел?

4 Верните слуги на Јехова отсекогаш користеле музика за да го слават својот Бог. Вредно е да се забележи дека, кога Израелците верно му служеле на Јехова, пеењето било важен дел од обожавањето. На пример, кога правел подготовки за службата во храмот, Давид организирал 4.000 левити да го слават Јехова со музика. Од нив, 288 биле „извежбани и вешти во пеењето песни“ (1. Лет. 23:5; 25:7).

5 Музиката и пеењето биле важен дел и од свеченото отворање на храмот. Во Библијата пишува: „Додека трубачите и пејачите го фалеа Јехова и му благодареа сложно во еден глас и додека одекнуваше звукот на труби, чинели и на други инструменти, како и фалбената песна на Јехова... славата на Јехова, вистинскиот Бог, го исполни неговиот дом“ (2. Лет. 5:13, 14; 7:6). Замисли си колку им била зајакната верата на Израелците во оваа прилика!

6. На кој впечатлив начин Неемија го организирал пеењето додека бил управител во Ерусалим?

6 Неемија, кој ги организирал Израелците да го изградат разурнатиот ѕид на Ерусалим, исто така ги организирал левитите да свират на инструменти и да пеат. Нивната изведба придонела свеченоста по повод подигањето на градскиот ѕид да биде уште порадосна прилика. Неемија поставил „два големи хора за да пеат благодарности“. Двата хора се движеле на врвот на градскиот ѕид. Тие тргнале во спротивен правец додека не се сретнале на местото кое било најблиску до храмот. Нивното пеење и радосните извици на народот биле толку гласни што можеле да се чујат надалеку (Неем. 12:27, 28, 31, 38, 40, 43). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова се радувал кога ги слушал своите слуги како со одушевеност му пеат фалбени песни.

7. Како Исус покажал дека и христијаните треба со песна да го слават Јехова?

7 И во времето на Исус, музиката имала важна улога во обожавањето на Јехова. Размисли што се случило на најважниот датум во човечката историја. Откако ја воспоставил Господаровата вечера, Исус и неговите ученици пееле фалбени песни за Јехова. (Прочитај Матеј 26:30.)

8. Што учиме од првите христијани во врска со тоа како треба да го фалиме Бог со песна?

8 Првите христијани дале добар пример за тоа како треба да го фалиме Бог со песна. Иако се собирале во приватни домови, кои не биле толку убави и величествени како храмот, тоа не им го сменило ставот кон пеењето. Напротив, тие продолжиле да му пеат на Јехова од срце. Под водство на светиот дух, апостол Павле им кажал на своите соверници: „Поучувајте се и опоменувајте се еден со друг со псалми, со фалбени песни за Бог, со пријатни духовни песни“ (Кол. 3:16). Песните од нашата песнарка треба да ги пееме од срце кое е полно со благодарност кон Јехова. Тие се дел од духовната храна што ја добиваме од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45).

 КАКО ДА ПЕЕШ СО ПОГОЛЕМА САМОДОВЕРБА

9. а) Зошто можеби на некои не им е пријатно да пеат на нашите состаноци и собири? б) Како треба да му пееме фалбени песни на Јехова, и кој треба да предводи во тоа? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 Од кои причини можеби не ти е пријатно да пееш? Можеби во твоето семејство или култура пеењето не е вообичаено. Можеби се срамиш, па дури и си разочаран од својот глас кога ќе се споредиш со пејачите кои ги слушаш на радио или на телевизија. Сепак, сите имаме одговорност да го славиме Јехова со песна. Затоа, земи ја песнарката в раце, држи ја високо, подигни ја главата и пеј од срце! (Езра 3:11; прочитај Псалм 147:1). Денес, многу од нашите сали за состаноци имаат екрани на кои се прикажува текстот од нашите песни, а тоа ни помага полесно да пееме. Интересно е и тоа што пеењето на теократските песни стана дел од Школата за именувани браќа. Ова покажува колку е важно старешините да предводат во пеењето на собраниските состаноци.

10. Што треба да имаме на ум ако се плашиме да пееме на сет глас?

10 Многумина се плашат да пеат на сет глас бидејќи мислат дека ќе бидат премногу гласни или дека не пеат убаво. Меѓутоа, треба да имаме на ум дека, кога зборуваме, „сите ние честопати грешиме“ (Јак. 3:2). Сепак, тоа не нѐ спречува да зборуваме. Според тоа, зошто да дозволиме нашите несовршени гласови да нѐ спречат да му пееме фалби на Јехова?

11, 12. Како можеме да си го подобриме пеењето?

11 Можеби се плашиме да пееме бидејќи не знаеме како да пееме. Но, може да се подобриме во пеењето ако примениме неколку едноставни предлози. *

 12 Можеме да пееме со силен глас така што ќе научиме како исправно да дишеме. Слично како што на сијалицата ѝ е потребна електрична енергија за да свети, нам ни е потребен воздух за да можеме да зборуваме или да пееме. Треба да пееме толку гласно колку што зборуваме, па дури и погласно од тоа. * Всушност, на некои места во Библијата пишува дека слугите на Јехова треба радосно да извикуваат кога пеат фалбени песни (Пс. 33:1-3).

13. Објасни како можеме да пееме со поголема самодоверба.

13 За време на Семејната вечер или во друга прилика пробај го следново: Избери една твоја омилена песна од песнарката. Читај го текстот со силен глас. Потоа, со иста јачина кажи ги во еден здив сите зборови од една фраза. А потоа, со иста јачина на гласот испеј ја таа фраза (Иса. 24:14). Така твојот глас ќе биде помоќен. Не треба да се срамиш или да се плашиш да пееш толку гласно.

14. а) Што можеш да сториш за да имаш посилен глас? (Види ја рамката „ Како подобро да пееш“.) б) Кои предлози ти помогнале да ги надминеш проблемите со твојот глас?

14 Ако сакаш да пееш со силен глас, треба да ја отвораш устата повеќе отколку кога зборуваш. А што треба да правиш ако сметаш дека гласот ти е слаб или, пак, превисок? Можеш да најдеш корисни предлози во рамката „Да се совладаат специфични проблеми“, која се наоѓа во книгата Извлечи корист од Теократската школа за служба, на страница 184.

ОД СРЦЕ ПЕЈ МУ ФАЛБИ НА ЈЕХОВА

15. а) Какво известување беше дадено на годишниот состанок во 2016? б) Од кои причини беше ревидирана песнарката?

15 Сите присутни на годишниот состанок во 2016 беа воодушевени кога брат Стивен Лет од Водечкото тело го најави излегувањето на новата песнарка  со наслов Пеј му од срце на Јехова. Како што објасни брат Лет, една причина зошто се појави потреба од нова песнарка е тоа што беше ревидирано англиското издание на Светото писмо — превод Нов свет. Од текстовите на песните беа отстранети или променети изразите кои повеќе не се наоѓаат во Преводот Нов свет. Исто така, беа додадени нови песни во врска со проповедањето, како и песни со кои ја изразуваме нашата благодарност за откупнината. Бидејќи пеењето е важен дел од обожавање на Јехова, Водечкото тело сакаше песнарката да биде многу квалитетна. Затоа, корицата е слична на новата корица на Преводот Нов свет.

16, 17. Кои промени беа направени во новата песнарка?

16 За да можеме полесно да ја користиме песнарката, песните се групирани по теми. На пример, првите 12 песни се за Јехова, следните 8 се за Исус и за откупнината итн. На почетокот од песнарката има индекс на теми кој е многу корисен, на пример, за браќата кои треба да изберат песна за јавно предавање.

17 За да можат сите да пеат од срце, некои текстови беа ревидирани и така пораката на песните стана појасна. На пример, насловот на песната „Мирјади браќа“ беше сменет со „Стотици илјади браќа“ бидејќи зборот „мирјади“ не се користи во современиот јазик. Исто така, насловот на песната „Долготрпеливи како Јехова“ сега гласи „Да бидеме стрпливи како Јехова!“, а беше ревидиран и текстот на песната. Слично на тоа, соодветно е што песната со наслов „Чувај си го срцето“, која може да звучи како заповед, сега гласи „Да си го чуваме срцето!“. Зошто? На нашите состаноци, собири и конгреси има новокрстени лица, некрстени објавители, интересенти, млади лица и сестри. За нив би било непријатно да им заповедаат на другите, односно, да им кажуваат што да прават. Затоа, беа направени промени и во насловот и во текстот на песната.

Вежбај ги песните за време на Семејната вечер посветена на Јехова (Види во пасус 18)

18. Зошто треба да ги научиме песните од новата песнарка? (Види ја и фуснотата.)

18 Голем број од песните во песнарката Пеј му од срце на Јехова се еден вид молитви. Таквите песни можат да ти помогнат да му кажеш на Јехова како се чувствуваш. А некои песни од песнарката можат да ни помогнат да се поттикнуваме „кон љубов и кон добри дела“ (Евр. 10:24). Без сомнение, сакаме да ги научиме мелодиите, ритамот и текстовите на нашите песни. Ако ги вежбаш песните дома, ќе можеш да научиш да ги пееш со самодоверба и од срце. *

19. Како можат сите во собранието заедно да го слават Јехова?

19 Секогаш треба да имаме на ум дека пеењето е важен дел од обожавањето на Бог. Тоа е многу убава можност да му покажеме на Јехова дека го сакаме и дека сме му благодарни за сѐ што направил за нас. (Прочитај Исаија 12:5.) Кога пееш од срце, ги поттикнуваш и другите да го прават истото. Сите во собранието — младите, старите, како и оние кои од неодамна почнале да учат за Бог — можат да го слават Јехова на овој начин. Затоа, да не се воздржуваме да пееме од срце. Да бидеме послушни на јасното упатство што под водство на светиот дух го дал псалмистот: „Пејте му на Јехова!“ Навистина, пеј му на Јехова од срце! (Пс. 96:1).

^ пас. 11 Некои предлози за тоа како да се подобриме во пеењето има во месечната емисија на онлајн-телевизијата JW Broadcasting за декември 2014 (англ.).

^ пас. 12 (Види ги предлозите во книгата Извлечи корист од Теократската школа за служба, на страници 181-184, поднаслов „Правилно контролирај го дишењето“.)

^ пас. 18 Секое претпладне и попладне, програмата на собирите и конгресите започнува со десетминутна музичка презентација. Тоа ни помага да ги подготвиме мислите и срцето за програмата. Затоа, уште пред да почне музиката, треба да бидеме на нашите места за внимателно да слушаме.