Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2017

„Душата која великодушно дава, и самата ќе биде добро нахранета“

„Душата која великодушно дава, и самата ќе биде добро нахранета“

ЖРТВИТЕ отсекогаш биле важен дел од обожавањето на вистинскиот Бог. Израелците принесувале животински жртви, а христијаните отсекогаш биле добро познати по тоа што принесуваат „жртва на фалба“. Постојат и други жртви кои му се угодни на Бог (Евр. 13:15, 16). Сите тие носат радост и благослови, како што покажуваат следниве примери.

Во минатото, Ана, која верно му служела на Бог, многу сакала да има син, но била неротка. Таа во молитва се заветувала дека, ако роди син, ќе му го даде на Јехова „за сите денови од неговиот живот“ (1. Сам. 1:10, 11). По некое време, Ана навистина забременила и родила син кого го нарекла Самоил. Откако детето било „одбиено од гради“, Ана го одвела во светиот шатор — токму како што се заветувала. Јехова ја благословил Ана за нејзината самопожртвуваност. Таа имала уште 5 деца, а Самоил станал пророк и еден од писателите на Библијата (1. Сам. 2:21).

Слично како Ана и Самоил, Божјите слуги денес имаат чест да го користат својот живот за да му служат на својот Творец. Исус ветил дека секоја жртва што ја правиме во службата за Јехова ќе биде богато благословена (Мар. 10:28-30).

Во првиот век, една христијанка по име Дорка била позната по своите жртви — правела добри дела и им помагала на сиромасите. За жал, таа се разболела и умрела. Поради тоа, целото собрание било разжалостено. Кога чуле дека Петар е во тој крај, учениците го молеле веднаш да дојде. Замисли колку биле радосни кога Петар дошол и ја вратил Дорка во живот! Тоа било првото воскресение запишано во Библијата што го направил еден апостол (Дела 9:36-41). Бог не ги заборавил жртвите на Дорка (Евр. 6:10). Во Божјата Реч е зачуван извештајот за нејзината дарежливост како пример за нас денес.

И апостол Павле оставил одличен пример со тоа што великодушно ги трошел своето време и сила за другите. Тој им го напишал следново на соверниците во Коринт: „Јас со задоволство ќе потрошам сѐ и ќе се истрошам самиот себе за вашите души“ (2. Кор. 12:15). Павле од лично искуство сфатил дека, кога се жртвуваме за другите, чувствуваме радост и задоволство. А што е уште поважно, добиваме благослов и одобрување од Јехова (Дела 20:24, 35).

Јасно е дека Јехова се радува кога ги користиме нашето време и сила за да го поддржуваме делото за Царството и за да им помагаме на нашите браќа и сестри. Но, дали има и други начини на кои можеме да го поддржиме проповедничкото дело? Да! Можеме да го славиме Бог и со нашите доброволни прилози. Тие се користат за да се поддржува проповедањето низ целиот свет, во што спаѓа и поддршката на мисионерите и другите специјални полновремени слуги. Освен тоа, доброволните прилози се користат и за подготвување и преведување на публикации и видеоматеријали, за помош при катастрофи и за изградба на сали за состаноци. Можеме да бидеме сигурни дека „душата која великодушно дава, и самата ќе биде добро нахранета“. Освен тоа, кога му даваме на Јехова од својот имот, ние му искажуваме чест (Изр. 3:9; 11:25).