Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2017

Биди праведен и милостив како Јехова

Биди праведен и милостив како Јехова

Судете според вистинската правда и покажувајте си еден на друг лојална љубов и милосрдие (ЗАХ. 7:9, фус.)

ПЕСНИ: 125, 88

1, 2. а) Што чувствувал Исус за Божјиот закон? б) Како книжниците и фарисеите го извртувале Законот?

ИСУС го сакал Мојсеевиот закон. Тоа не треба да нѐ чуди бидејќи Законот го дал неговиот Татко, Јехова, кој му бил најважната личност во животот. Библијата прорекла колку длабока љубов ќе имал Исус кон Божјиот закон. Во Псалм 40:8 пишува: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене“. Со своите зборови и постапки, Исус потврдил дека Божјиот закон е совршен, корисен и дека сѐ што е напишано во него ќе се исполни (Мат. 5:17-19).

2 На Исус сигурно му било многу тешко кога гледал како книжниците и фарисеите го извртуваат Законот на неговиот Татко. Исус им рекол: „Давате десеттина од нане, копра и ким“, што значи дека тие се држеле за најситните детали од Законот. Тогаш, во што бил проблемот? Тој додал: „Го занемаривте она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста“ (Мат. 23:23). Фарисеите не ја сфаќале смислата на Законот, и за себе мислеле дека се подобри  од другите. Но, Исус го разбирал духот на Законот и знаел дека секоја заповед ги одразувала особините на Јехова.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Како христијани, од нас не се бара да се држиме за Мојсеевиот закон (Рим. 7:6). Тогаш, зошто Јехова го вклучил Законот во својата Реч, Библијата? Тој сака да го разбереме и да го применуваме „она што е поважно“ — начелата на кои се темели Законот. На пример, кои начела стојат зад градовите-прибежишта? Во претходната статија видовме што учиме од чекорите што морал да ги преземе еден бегалец. Во оваа статија ќе видиме што учиме од тие градови за Јехова и како можеме да ги покажуваме неговите особини. Ќе го добиеме одговорот на три прашања: Како градовите-прибежишта покажуваат дека Јехова е милостив? Што учиме од нив за Божјето гледиште за животот? И, како тие ја одразуваат неговата совршена правда? Размисли како можеш да се угледаш на твојот небесен Татко во секоја од овие работи. (Прочитај Ефешаните 5:1.)

МЕСТОПОЛОЖБАТА НА ГРАДОВИТЕ-ПРИБЕЖИШТА

4, 5. а) Што било направено за градовите-прибежишта да бидат лесно достапни, и зошто? б) Што учиме од ова за Јехова?

4 Шесте градови-прибежишта биле лесно достапни. Јехова им заповедал на Израелците да изберат по три града од двете страни на реката Јордан. Зошто? За да може секој бегалец брзо и лесно да дојде до некој од тие градови (4. Мој. 35:11-14). Патиштата што воделе до нив биле одржувани во добра состојба (5. Мој. 19:3). Според некои еврејски записи, покрај нив имало знаци кои им помагале на бегалците да ги најдат градовите. Бидејќи биле достапни вакви градови-прибежишта, еден ненамерен убиец не морал да бега во туѓа земја, каде што би бил на искушение да обожава лажни богови.

5 Размисли за ова: Јехова заповедал убијците да бидат погубени. Но, тој исто така се погрижил на секој ненамерен убиец да му биде покажана милост, сочувство и да биде заштитен. Еден библиски изучувач рекол дека Бог се погрижил „сѐ да биде колку што е можно поедноставно и полесно“. Јехова не е суров судија кој едвај чека да ги казни своите слуги. Напротив, тој е „богат со милосрдие“ (Еф. 2:4).

6. Дали фарисеите биле милостиви како Јехова? Објасни.

6 Меѓутоа, фарисеите не сакале да покажуваат милост кон другите. На пример, според еврејската традиција, тие не сакале да простат некому кој повеќе од три пати ќе направел иста  грешка. За да покаже колку погрешен став имаат, Исус кажал споредба за еден фарисеј кој се молел стоејќи покрај еден даночник. Фарисејот рекол: „Боже, ти благодарам што не сум како останатите луѓе: изнудувачи, неправедници, прељубници или како овој даночник“. Што сакал Исус да каже со оваа споредба? Фарисеите ги потценувале другите и мислеле дека не треба да бидат милостиви (Лука 18:9-14).

Дали им олеснуваш на другите да бараат прошка од тебе? Биди понизен и пристаплив (Види во пасуси 4-8)

7, 8. а) Како можеш да бидеш милостив како Јехова? б) Зошто мора да бидеме понизни за да им простуваме на другите?

7 Биди како Јехова, а не како фарисеите. Покажувај милост и сочувство. (Прочитај Колошаните 3:13.) Олесни им на другите да бараат прошка од тебе (Лука 17:3, 4). Прашај се: „Дали брзо и лесно им простувам на другите, дури и ако повеќе пати ми грешат? Дали давам сѐ од себе за да го обновам мирот со некој што ме навредил или ме повредил?“

8 Ако сакаме да простуваме, мора да бидеме понизни. Фарисеите мислеле дека се подобри од другите, и затоа не простувале. Но, како Божји слуги, ние понизно ги сметаме „другите за поголеми од себе“ и спремно им простуваме (Фил. 2:3). Можеме да се прашаме: „Дали се трудам да бидам понизен како Јехова?“ Ако сме понизни, на другите ќе им биде полесно да бараат прошка од нас, а нам ќе ни биде полесно да им простиме. Наместо брзо да се навредуваш, биди спремен брзо да покажеш милост (Проп. 7:8, 9).

ПОЧИТУВАЈ ГО ЖИВОТОТ ЗА „ДА НЕ БИДЕШ ВИНОВЕН ЗА КРВ“

9. Како Јехова им помогнал на Израелците да сфатат дека животот е свет?

9 Една од главните цели на градовите-прибежишта била да ги заштити Израелците од вина за крв (5. Мој. 19:10). Јехова го сака животот, а го мрази убивањето (Изр. 6:16, 17). Бидејќи е праведен и свет, Бог не толерира дури ни убиство кое е ненамерно. Точно е дека на еден ненамерен убиец можело да му се покаже милост. Сепак, тој прво морал да им ја објасни својата ситуација на старешините. Ако тие пресуделе дека убиството било ненамерно, тогаш бегалецот морал да остане во градот-прибежиште сѐ до смртта на првосвештеникот. Ова можело да значи дека бегалецот ќе морал да остане во тој град до крајот на својот живот. Овие сериозни последици им помагале на сите Израелци да сфатат дека животот е свет. Од почит кон Бог кој го дал животот, тие требало да направат сѐ што можат за да не го загрозат животот на другите.

10. Според Исус, како книжниците и фарисеите покажале дека не го ценат животот на другите?

10 За разлика од Јехова, книжниците и фарисеите покажале дека не го ценат животот на другите. Исус им рекол: „Го зедовте клучот на знаењето! Самите не  влеговте, а оние што би сакале да влезат ги спречувате!“ (Лука 11:52). Што мислел Исус со тоа? Книжниците и фарисеите требало да им помагаат на луѓето да ја разберат Божјата Реч и да добијат вечен живот. Наместо тоа, тие ги оддалечувале од Исус, „Главниот Застапник на животот“, и ги воделе кон вечно уништување (Дела 3:15). Книжниците и фарисеите биле горди и себични, и воопшто не се грижеле за животот на другите. Колку сурово и немилосрдно!

11. а) Како апостол Павле покажал дека има исто гледиште за животот како Јехова? б) Што ќе ни помогне ревносно да проповедаме како Павле?

11 Како може да се угледаме на Јехова, а не на книжниците и фарисеите? Треба да го цениме животот како дар од Бог. Апостол Павле го правел ова така што им проповедал на колку што е можно повеќе луѓе. Затоа можел да каже дека е „чист од крвта на сите“. (Прочитај Дела 20:26, 27.) Но, дали Павле проповедал само од чувство на должност или за да не сноси вина за крв? Не. Тој ги сакал луѓето и нивниот живот го сметал за скапоцен (1. Кор. 9:19-23). И ние треба да гледаме на животот како Јехова, кој сака „сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Ако сме милостиви кон луѓето, ќе бидеме поттикнати ревносно да им проповедаме, а тоа ќе ни донесе голема радост.

12. Зошто безбедноста им е важна на Божјите слуги?

12 За да гледаме на животот како Јехова, треба да имаме и исправен став кон безбедноста. Мора да внимаваме на безбедноста додека возиме или работиме. Тоа важи и кога ги градиме и одржуваме нашите теократски објекти, а и кога патуваме до нив. Безбедноста и здравјето на луѓето се поважни од тоа да се заштедат време и пари. Нашиот Бог секогаш го прави она што е исправно, а ние сакаме да бидеме како него. Особено старешините треба да внимаваат на својата безбедност и на безбедноста на другите (Изр. 22:3). Ако некој старешина те потсети на некои безбедносни мерки, послушај го (Гал. 6:1). Гледај на животот како Јехова за „да не бидеш виновен за крв“.

СУДЕТЕ „СПОРЕД ОВОЈ ЗАКОН“

13, 14. Како можеле израелските старешини да ја одразуваат Јеховината правда?

13 Јехова им заповедал на израелските старешини да бидат праведни како него. Прво, тие требало да ги проверат сите факти. Потоа, морале многу внимателно да ги проценат мотивите, ставовите и поранешното однесување на убиецот за да одлучат дали да му покажат милост. Старешините морале да утврдат дали бегалецот ја мразел жртвата и дали имал намера да ја убие. (Прочитај 4. Мојсеева 35:20-24.) Ако имало сведоци, биле потребни изјави од најмалку две лица за убиецот да биде осуден на смрт (4. Мој. 35:30).

14 Откако ќе утврделе што точно се случило, старешините морале да размислат за личноста на убиецот, а не само за неговата постапка. Им била потребна проникливост за да сфатат зошто дошло до убиството. И што е најважно, им бил потребен Божјиот свет дух за да можат да бидат проникливи, милостиви и праведни како Јехова (2. Мој. 34:6, 7).

15. Како гледал Исус на грешниците, а како гледале фарисеите?

15 Фарисеите не биле милостиви кога суделе. Тие не мислеле на личноста на престапникот, туку само на неговата постапка. Кога виделе дека Исус јаде во куќата на Матеј, фарисеите ги прашале учениците: „Зошто вашиот учител јаде со даночници и со грешници?“ Исус им  рекол: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. Затоа, одете и научете што значи ова: ’Милост сакам, а не жртва‘. Зашто, не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“ (Мат. 9:9-13). Дали Исус барал изговори за грешниците? Ни најмалку. Тој сакал тие да се покаат. Тоа било важен дел од пораката што ја проповедал (Мат. 4:17). Исус знаел дека барем некои даночници и грешници сакаат да се сменат. Тие не биле во куќата на Матеј само за да јадат. Таму биле бидејќи го следеле Исус (Мар. 2:15). За жал, повеќето фарисеи не гледале на луѓето како Исус. Тие ги сметале другите за непоправливи грешници. Фарисеите сосема се разликувале од Јехова, кој е праведен и милостив.

16. Што мора да утврди еден правен одбор?

16 Старешините денес мора да се угледаат на Јехова кој „ја сака правдата“ (Пс. 37:28). Прво, треба темелно да ги испитаат фактите за да утврдат дали е направен грев. Ако се утврди дека е така, тие ќе ги следат библиските упатства за да донесат исправна одлука (5. Мој. 13:12-14). Кога служат во правен одбор, мора многу внимателно да проценат дали објавителот што направил тежок грев вистински се кае. Ова не е лесно бидејќи треба да утврдат како тој гледа на она што го направил и што има во срцето (Отк. 3:3). Престапникот мора да се кае за да му биде покажана милост. *

17, 18. Како можат старешините да проценат дали некој вистински се кае? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

17 За разлика од Јехова и од Исус, старешините не можат да ги читаат срцата. Затоа, ако ти си старешина, како можеш да знаеш дали некој вистински се кае? Прво, моли се за мудрост и проникливост (1. Цар. 3:9). Второ, проучувај ја Божјата Реч и публикациите од верниот роб за да можеш да ја разликуваш „жалоста што му е својствена на овој свет“ од „жалоста која е во склад со Божјата волја“, односно вистинското каење (2. Кор. 7:10, 11). Провери во Библијата какви чувства, ставови и постапки имале оние што се каеле за разлика од оние што не се каеле.

18 Трето, размислувај за личноста на престапникот, а не само за она што го направил. Земи ги предвид неговото потекло, мотивите и неговите околности. Библијата прорекла дека Исус, главата на христијанското собрание „нема да суди според она што го гледа, ниту ќе укорува според она што го слуша. По правда ќе им суди на сиромасите, праведно ќе укорува, бранејќи ги кротките на земјата“ (Иса. 11:3, 4). Старешини, Исус ве поставил да се грижите за неговото собрание, и тој ќе ви помогне да судите праведно и милостиво (Мат. 18:18-20). Многу сме благодарни што имаме старешини кои се грижат за нас! Исто така, тие ни помагаат да бидеме праведни и милостиви еден кон друг.

19. Кои поуки од градовите-прибежишта сакаш да ги примениш?

19 Во Мојсеевиот закон се наоѓаат „основите на знаењето и на вистината“ за Јехова и за неговите начела (Рим. 2:20). На пример, од градовите-прибежишта старешините можат да научат да судат „според вистинската правда“, а сите ние учиме како да покажуваме „лојална љубов и милосрдие“ еден кон друг (Зах. 7:9, фус.). Ние не треба да го држиме Мојсеевиот закон. Но, Јехова не се менува, и нему сѐ уште му се важни правдата и милоста. Навистина е голема чест што му служиме на Бог чии прекрасни особини можеме да ги покажуваме и во чие засолниште можеме да најдеме заштита!

^ пас. 16 Види во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 септември 2006, стр. 30.