Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2016

Збор со длабоко значење!

Збор со длабоко значење!

ВО БИБЛИСКИ времиња, мажите понекогаш им се обраќале на лицата од спротивниот пол со зборот „жено“. Во хебрејскиот јазик, ова било учтива форма на обраќање. И Исус понекогаш им се обраќал на таков начин на жените. На пример, откако излекувал една жена која била згрбавена 18 години, тој ѝ рекол: „Жено, ослободена си од својата болест!“ (Лука 13:10-13). Исус го користел овој вообичаен начин на обраќање и кога зборувал со својата мајка (Јован 19:26; 20:13). Но, имало уште еден збор со многу подлабоко значење.

За некои жени, во Библијата се користи еден особено нежен и љубезен збор. Исус го употребил тој збор кога ѝ се обратил на една жена која страдала од крвавење 12 години. Начинот на кој таа му се приближила не бил во склад со Божјиот закон, во кој пишувало дека оној што има „излив на крв од телото“ е нечист. Некои би можеле да тврдат дека поради тоа жената навистина требало да се држи настрана од другите (3. Мој. 15:19-27). Но, таа била во очај. Всушност, извештајот вели дека претрпела големи маки од многу лекари и потрошила сѐ што имала, но ништо не ѝ помогнало, напротив, ѝ било уште полошо (Мар. 5:25, 26).

Жената незабележливо му се приближила одзади на Исус и го допрела работ на неговата облека. Таа веднаш престанала да крвави! Си мислела дека никој нема да ја забележи, но Исус прашал: „Кој ме допре?“ (Лука 8:45-47). Тогаш, преплашена и растреперена, жената се фрлила пред Исус и му ја кажала „целата вистина“ (Мар. 5:33).

За да ја смири, Исус љубезно ѝ рекол: „Биди храбра, ќерко“ (Мат. 9:22). Според некои библиски изучувачи, хебрејскиот и грчкиот збор преведени со „ќерко“ немаат само дословно значење туку понекогаш се користеле и за да се покаже љубезност и нежност. Исус уште повеќе ја успокоил жената со следниве зборови: „Твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“ (Мар. 5:34).

„Ќерко.“ Со овој збор богатиот Израелец, Вооз, ѝ се обратил на Моавката Рут. И таа имала причина да се чувствува несигурно затоа што доприбирала јачмен на нивата на непознат човек. Вооз ѝ рекол: „Слушај, ќерко. Не оди да доприбираш на друга нива, немој да си одиш одовде, туку држи се близу до моите девојки“. Тогаш Рут му се поклонила доземи и го прашала зошто е толку добар кон неа, иако е туѓинка. Вооз уште повеќе ја утешил со следниве зборови: „Чув за сѐ што си направила за својата свекрва [вдовицата Ноемина]... Јехова нека ги награди твоите дела“ (Рут 2:8-12).

Исус и Вооз им оставиле многу убав пример на христијанските старешини. Понекогаш двајца старешини разговараат со некоја сестра на која ѝ треба библиски совет и охрабрување. Откако ќе побараат водство од Јехова во молитва и внимателно ќе ја ислушаат, старешините ќе можат да ја успокојат и да ѝ ја пружат потребната утеха од Божјата Реч (Рим. 15:4).