Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2016

Дали вистински ја цениш Јеховината Реч?

Дали вистински ја цениш Јеховината Реч?

Божјата реч, која ја примивте, ја прифативте како реч Божја, каква што таа навистина е (1. СОЛ. 2:13)

ПЕСНИ: 114, 113

1-3. а) Што можеби се случило меѓу Еводија и Синтихија? б) Како можат да се избегнат такви проблеми? (Види ја сликата погоре.)

КАКО слуги на Јехова, ние многу ја цениме неговата Реч, Библијата. Таа може да нѐ исправи кога грешиме, но содржи и совети кои можат да ни помогнат да избегнеме проблеми. Како реагираме на таквите совети? Да го разгледаме примерот на две жени од првиот век, Еводија и Синтихија. Овие две помазани христијанки имале сериозно несогласување. Иако Библијата не кажува за што точно станувало збор, да претпоставиме дека се случило следново.

2 Можеби Еводија викнала на гости некои браќа и сестри, но не ја поканила Синтихија. Подоцна, кога чула колку убаво си поминале таму, Синтихија многу се налутила. Можеби си рекла: „Не ми се верува дека Еводија не ме покани! Па, нели сме најдобри пријателки?“ Бидејќи се чувствувала изневерено, почнала да си мисли дека, всушност, Еводија ја избегнува и дека не ја сака. Затоа ги викнала на гости истите браќа и сестри, но не ја поканила Еводија! Оваа ситуација можеби ги вознемирила и другите во собранието. Апостол Павле им дал совет на овие две сестри  и ги поттикнал да се смират. Иако во Библијата не пишува како реагирале на советот, тие веројатно го послушале и продолжиле со радост да му служат на Јехова (Фил. 4:2, 3).

3 И денес можат да се појават слични проблеми во нашите собранија. Сепак, тие можат да се решат, па дури и да се избегнат, доколку ги применуваме советите од Библијата. Ако навистина ја цениме Божјата Реч, ќе живееме во склад со тоа што го пишува во неа (Пс. 27:11).

БИБЛИЈАТА НЀ СОВЕТУВА ДА СИ ГИ КОНТРОЛИРАМЕ ЧУВСТВАТА

4, 5. Кои библиски совети можат да ни помогнат да ги контролираме своите чувства?

4 Не е секогаш лесно да си ги контролираме чувствата. Ако некој ни каже нешто навредливо или ако постапи неправедно со нас поради нашето потекло, боја на кожата или нашиот изглед, можеби ќе ни биде многу тешко или ќе се налутиме. Сигурно ќе чувствуваме уште поголема болка ако тоа лице е наш соверник. Божјата Реч содржи совети кои можат да ни помогнат кога некој ќе нѐ повреди.

5 Јехова знае што може да се случи кога емоциите ќе излезат од контрола. Ако сме вознемирени или гневни, може да кажеме или да направиме нешто за кое подоцна ќе зажалиме. Многу е помудро во такви ситуации да го послушаме следниов совет: „Немој брзо да се навредуваш“. Ако вложиме напор да останеме смирени, може да избегнеме многу проблеми. (Прочитај Проповедник 7:9; Изреки 16:32.) Без сомнение, сите треба да се трудиме да не бидеме пречувствителни и спремно да простуваме. Простувањето е многу сериозна работа. Всушност, Исус рекол дека, ако не им простиме на другите, Јехова нема да ни прости нам (Мат. 6:14, 15). Дали можеби и тебе ти е тешко да си ги контролираш емоциите? Дали треба да вложиш поголем труд за спремно да им простуваш на другите?

6. Што може да се случи ако не си ги контролираме чувствата?

6 Луѓето што не ги контролираат своите чувства обично стануваат огорчени. Поради тоа, другите можеби нема да сакаат да бидат во нивно друштво. Оној што е огорчен може лошо да влијае врз собранието. Можеби ќе се обидува да ја прикрие својата огорченост, па дури и својата омраза. Но, колку и да се преправа, негативните чувства кои тлеат во неговото срце кога-тогаш ќе испливаат на површина и другите ќе ги видат (Изр. 26:24-26). Можеби старешините ќе можат да им помогнат на таквите да сфатат дека во Божјата организација нема место за огорченост, омраза или држење лутина. Јеховината скапоцена Реч е многу јасна во овој поглед (3. Мој. 19:17, 18; Рим. 3:11-18). Дали се согласуваш со ова?

ЈЕХОВА НИ ДАВА ВОДСТВО

7, 8. а) Како Јехова го води земниот дел од својата организација? б) Наведи некои библиски совети преку кои Јехова ни го дава потребното водство, и објасни зошто треба да ги слушаме.

7 Денес Јехова ги води и ги поучува своите слуги во земниот дел од својата организација. Тој го прави тоа преку „верниот и разборит роб“, кој е поставен од Христос, главата на собранието (Мат. 24:45-47; Еф. 5:23). Исто како водечкото тело во првиот век, овој „роб“ вистински ја цени Библијата бидејќи е Божја Реч. (Прочитај 1. Солуњаните 2:13.) Да разгледаме некои библиски совети преку кои Јехова ни го дава потребното водство.

8 Библијата ни заповеда редовно да одиме на состаноците (Евр. 10:24, 25).  Таа нѐ поттикнува сите да веруваме во истите библиски учења (1. Кор. 1:10). Исто така, нѐ советува да го бараме „најнапред царството“ (Мат. 6:33). Библијата нагласува и дека имаме чест и одговорност да проповедаме од куќа до куќа, на јавни места и секаде каде што има луѓе (Мат. 28:19, 20; Дела 5:42; 17:17; 20:20). Таа ги советува старешините да внимаваат собранијата да останат чисти (1. Кор. 5:1-5, 13; 1. Тим. 5:19-21). Освен тоа, јасно кажува дека и ние треба да бидеме чисти во телесен и морален поглед (2. Кор. 7:1).

9. Кого го користи Исус за да ни помогне да ја разбереме Божјата Реч?

9 Некои мислат дека можат сами да си ја толкуваат Библијата и дека нема потреба друг да им ја објаснува. Но, од 1919 год., Исус го користи „верниот и разборит роб“ за да дели духовна храна, односно да им помага на Божјите слуги да ја разберат Библијата и да го следат нејзиното водство. Кога сме послушни на советите од Божјата Реч, придонесуваме за чистотата, мирот и единството во собранието. Добро е секој од нас да се праша: „Дали сум му лојален на Исус и дали го следам водството што го дава ‚верниот роб‘?“

ЈЕХОВИНАТА КОЧИЈА ЗАБРЗАНО СЕ ДВИЖИ НАПРЕД!

10. Како пророкот Езекиел го опишал небесниот дел од Јеховината организација?

10 Преку Библијата, Јехова ни помага да се запознаеме со небесниот дел од неговата организација. На пример, пророкот Езекиел добил видение во кое небесниот дел од Божјата организација е претставен со небесна кочија (Езек. 1:4-28). Јехова управува со оваа кочија, која брзо се движи таму каде што ја води неговиот дух. Небесниот дел од неговата организација влијае врз земниот дел. Размисли за многуте организациски промени што беа направени во последниве десет години. Никогаш да не заборавиме дека Јехова стои зад тие промени. Наскоро Исус и ангелите ќе го уништат овој злобен свет. Никој веќе нема да го срамоти Јехова и неговото име, и да го доведува во прашање начинот на којшто владее!

Многу го цениме трудот на сите доброволци за изградба кои неуморно работат! (Види во пасус 11)

11, 12. Кои работи ги постигнала Јеховината организација во овие последни денови?

11 Да разгледаме што постигнала Јеховината организација во овие последни денови. Изградба. Стотици браќа и сестри напорно работеа на изградбата на новото главно седиште на Јеховините сведоци во Ворвик (Њујорк, САД). Илјадници други доброволци градат подружници и сали за состаноци низ целиот свет. Тие ги следат упатствата што ги добиваат од Меѓународниот оддел за проектирање и изградба. Многу сме им благодарни на сите доброволци кои напорно работат на ваквите проекти! Јехова ги благословува своите слуги кои насекаде во светот понизно и верно го поддржуваат  ова градежно дело со своите финансиски прилози (Лука 21:1-4).

12 Образовно дело. Јехова многу сака да го поучува својот народ (Иса. 2:2, 3). За таа цел, биле основани разни школи, како што се: Школата за пионери, Школата за полновремени објавители, Школата Гилеад, Школата за нови бетелски слуги, Школата за покраински надгледници и нивните сопруги, Школата за собраниски старешини, Школата за именувани браќа и Школата за членови на одборите на подружниците и нивните сопруги. Освен тоа, имаме и интернет-страница, jw.org, на која може да ја читаме Библијата и други библиски публикации на стотици јазици. Таму има и посебни рубрики за деца и за семејства, како и рубрика со вести. Дали ја користиш нашата интернет-страница во службата и во текот на семејното проучување?

БИДИ МУ ВЕРЕН НА ЈЕХОВА И ПОДДРЖУВАЈ ЈА НЕГОВАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

13. Каква одговорност имаме како Јеховини слуги?

13 За нас е огромна чест што сме дел од Божјата организација! Бидејќи знаеме што очекува Јехова од своите слуги, имаме одговорност да го слушаме и да постапуваме исправно. Додека овој свет сѐ повеќе тоне во морален поглед, ние мора да го мразиме злото како што го мрази Јехова (Пс. 97:10). Никогаш не смееме да бидеме како „оние што доброто го нарекуваат зло, а злото добро“ (Иса. 5:20). Бидејќи сакаме да го радуваме Јехова, решени сме да останеме чисти во телесен, морален и духовен поглед (1. Кор. 6:9-11). Ние го сакаме Бог и имаме доверба во него. Покажуваме дека сме му верни со тоа што живееме според неговите мерила кои се јасно изнесени во неговата скапоцена Реч. Даваме сѐ од себе за да постапуваме во склад со тие мерила каде и да сме — дома, во собрание, на работа и на училиште (Изр. 15:3). Да видиме на кои други полиња од животот можеме да ја покажеме нашата верност кон Бог.

14. Како можат христијанските родители да покажат дека му се верни на Јехова?

14 Како ги воспитуваме децата. Христијанските родители покажуваат дека му се верни на Јехова со тоа што ги воспитуваат своите деца во склад со неговата Реч. Христијаните мора да внимаваат да не паднат под влијание на локалните обичаи. Во христијанскиот дом не смее да навлезе духот на светот (Еф. 2:2). На пример, не е мудро еден татко да си рече: „Во нашата земја, жените ги воспитуваат децата“. Библијата јасно вели дека татковците се должни да ги поучуваат своите деца за Јехова (Еф. 6:4). Родителите кои имаат страхопочит кон Бог сакаат нивните деца да бидат блиски со Него, исто како што бил Самоил додека бил мал (1. Сам. 3:19).

15. Како ќе покажеме дека сме му верни на Јехова кога донесуваме важни одлуки?

15 Како донесуваме одлуки. За да му останеме верни на Јехова, добро е пред да донесеме некои важни одлуки во животот да дознаеме како гледа тој на работите. Во тоа ќе ни помогнат Библијата и Божјата организација. На пример, да разгледаме едно осетливо прашање со кое се засегнати многу родители. Некои доселеници обично го праќаат своето бебе во родната земја за да живее кај роднините. На тој начин, родителите можат да продолжат да работат во странство и да печалат пари. Иако секој сам одлучува што ќе прави во ваква ситуација, добро е да имаме на ум дека сме одговорни пред Бог за одлуките што ги носиме. (Прочитај  Римјаните 14:12.) Дали е мудро да донесеме некоја важна одлука во врска со нашето семејство или работа без најпрво да провериме што вели Библијата? Се разбира дека не! Нам ни треба помош од нашиот небесен Татко затоа што не можеме сами да управуваме со своите чекори (Ерем. 10:23).

16. а) Каква одлука морала да донесе една жена? б) Што ѝ помогнало да донесе исправна одлука?

16 Откако еден брачен пар се преселил во друга земја, им се родило машко дете. Тие сакале да го испратат во родната земја за да живее кај бабата и дедото. Но, во тоа време жената почнала да ја проучува Библијата со една наша сестра. Таа дознала дека има одговорност да го поучува своето дете за Јехова (Пс. 127:3; Изр. 22:6). Затоа, му го излеала своето срце во молитва и побарала водство од него (Пс. 62:7, 8). Освен тоа, разговарала за таа работа со сестрата со која проучувала и со некои други од собранието. Иако нејзините роднини и пријатели упорно ја наговарале да го испрати бебето кај бабата и дедото, таа заклучила дека тоа не е исправно. Кога видел како членовите на собранието спремно им помагаат на жена му и на детенцето, нејзиниот сопруг бил толку воодушевен што почнал да ја проучува Библијата и да оди на состаноците заедно со неа. Замисли колку била среќна оваа мајка кога сфатила дека Јехова одговорил на нејзината сесрдна молитва!

17. Кои упатства треба да ги следиме кога ја проучуваме Библијата со некого?

17 Како ги следиме упатствата. Ако сме му верни на Бог, ќе бидеме послушни на упатствата што ги добиваме од неговата организација. На пример, да се потсетиме што треба да правиме кратко откако ќе почнеме да ја проучуваме книгата Што навистина учи Библијата? со некое заинтересирано лице. Бевме поттикнати да одвоиме неколку минути по секое проучување за да му помогнеме да дознае нешто повеќе за Јеховината организација. Можеме да му го покажеме видеоклипот Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? и да ја разгледуваме брошурата Кој ја врши Јеховината волја денес? Откако ќе ја завршиме книгата Што учи Библијата, можеме да му помогнеме уште повеќе да се зацврсти во верата така што ќе продолжиме да ја проучуваме со него книгата Зачувај ја Божјата љубов, дури и ако се крсти во меѓувреме (Кол. 2:7). Дали ги применуваш овие упатства од Јеховината организација?

18, 19. Од кои причини треба да му бидеме благодарни на Јехова?

18 Навистина имаме многу причини да му бидеме благодарни на Јехова! Ние му го должиме својот живот бидејќи без него воопшто не би постоеле (Дела 17:27, 28). Тој ни дал еден скапоцен дар — својата Реч, Библијата. Исто како христијаните од Солун, ние од срце го цениме тој дар бидејќи е порака од него (1. Сол. 2:13).

19 Со помош на Библијата, ние се зближивме со Јехова и тој се зближи со нас (Јак. 4:8). Многу сме благодарни што нашиот небесен Татко ни укажал чест да бидеме дел од неговата организација. Имаме исти чувства како псалмистот, кој напишал: „Благодарете му на Јехова, зашто е добар — зашто неговата лојална љубов трае довека“ (Пс. 136:1, фус.). Во секој стих од тој псалм, овој писател ги повторува зборовите: „Зашто неговата лојална љубов трае довека“. Ако сме му верни на Јехова и ако го следиме водството што го добиваме преку неговата организација, тој ќе ни даде вечен живот и ќе ни биде лојален засекогаш!