Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2016

Организирани во склад со Божјата Реч

Организирани во склад со Божјата Реч

Јехова со мудрост ја втемели земјата. Со разборитост ги зацврсти небесата (ИЗР. 3:19)

ПЕСНИ: 105, 107

1, 2. а) Што велат некои во врска со тоа дали Бог има своја организација? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ДАЛИ Бог има своја организација? Некои луѓе велат: „Не треба да припаѓаш на организирана религија за да му служиш на Бог. Важно е само да веруваш во него“. Дали ова е точно? Што покажуваат фактите?

2 Во оваа статија, ќе разгледаме некои докази кои потврдуваат дека Јехова е Бог на редот и дека го организира својот народ. Освен тоа, ќе видиме што треба да правиме кога добиваме упатства и совети од неговата организација (1. Кор. 14:33, 40). Во првиот век, Јеховините слуги го следеле водството од Светите списи, и поради тоа успеале да ја пренесат добрата вест на многу места. И ние денес се трудиме да го следиме водството од Библијата и да ги применуваме упатствата што ги добиваме од Божјата организација. Како резултат на тоа, ја проповедаме добрата вест низ целиот свет и придонесуваме да се зачуваат чистотата, мирот и единството во собранието.

ЈЕХОВА Е БОГ НА РЕДОТ

3. Што те уверува дека Јехова е Бог на редот?

3 Божјите творби се јасен доказ дека Јехова е Бог на редот. Библијата вели: „Јехова со мудрост ја втемели земјата. Со  разборитост ги зацврсти небесата“ (Изр. 3:19). Има да учиме уште многу за Божјите созданија. Всушност, она што го знаеме „се само делчиња“ од неговите творечки дела (Јов 26:14). Но, и тие ограничени сознанија ни откриваат дека во вселената владее величествен ред и организираност (Пс. 8:3, 4). На пример, галаксиите се состојат од милиони ѕвезди, кои се движат во космосот според утврден ред. А планетите во нашиот Сончев Систем кружат во орбити околу Сонцето како послушно да следат сообраќајни правила! Ваквиот неверојатен ред во вселената ни помага да сфатиме дека Јехова, кој „разборито ги направил небесата“ и Земјата, заслужува да го фалиме, да го славиме и да му бидеме верни (Пс. 136:1, 5-9).

4. Зошто научниците немаат одговор на голем број важни прашања?

4 Научниците откриле многу работи за вселената и за нашата планета, и го искористиле тоа за да ни го подобрат животот на разни полиња. Но, не успеале да одговорат на голем број важни прашања. На пример, астрономите не можат да објаснат како настанала вселената ниту, пак, знаат зошто луѓето се на Земјата, која изобилува со најразновиден жив свет. Освен тоа, повеќето не можат да објаснат зошто во нас има силна желба за живот (Проп. 3:11). Зошто луѓето немаат одговор на овие важни прашања? Една причина е тоа што научниците и многу други ја застапуваат теоријата на еволуција и тврдат дека нема Бог. Но, Јехова ни го дава одговорот во својата Реч, Библијата.

5. Во кој поглед зависиме од природните закони?

5 Јехова воспоставил многу закони во природата, и тие се непроменливи. Електричарите, водоинсталатерите, инженерите, пилотите, хирурзите и други се потпираат на овие закони додека ја извршуваат својата работа. На пример, анатомската градба на човечкото тело во основа е иста кај сите луѓе. Од таа причина, хирургот знае каде му е срцето на секој пациент и не мора да го бара. Сите ние мора да ги почитуваме природните закони. Што ќе се случи ако, на пример, го игнорираме законот за гравитација? Тоа може да нѐ чини живот!

ОРГАНИЗИРАНИ ОД БОГ

6. Од каде знаеме дека Јехова сака неговите слуги да бидат добро организирани?

6 Јехова навистина ја организирал вселената на неверојатен начин! Според тоа, јасно е дека сака и неговите слуги да бидат добро организирани. Всушност, тој ни ја дал Библијата за да нѐ поучи како да му служиме. Само ако го следиме водството што ни го дава преку својата Реч и организација, ќе имаме среќен и исполнет живот.

7. Кои работи укажуваат на внатрешниот склад на Библијата?

7 Библијата е бесценет дар од Бог, вистинско ремек-дело! Некои изучувачи тврдат дека таа е само збирка од неколку неповрзани еврејски и христијански записи што ја составиле луѓе. Меѓутоа, одделните библиски книги се меѓусебно поврзани, и ни помагаат да ја разбереме Божјата порака. На пример, од 1. Мојсеева до Откровение, се зборува за едно „потомство“ кое ќе ја претвори Земјата во рај. Тоа потомство е Исус Христос, а неговото Царство ќе докаже дека Јехова е единствениот кој има право да владее над сѐ. Оваа главна тема се провлекува низ целата Библија. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15; Матеј 6:10; Откровение 11:15.)

8. Што покажува дека Израелците биле добро организирани?

8 Израелците се држеле за Законот што им го дал Бог и биле добро организирани. На пример, на влезот од шаторот на средбата имало жени кои служеле  на „организиран начин“ (2. Мој. 38:8, фус.). Израелците добиле упатства и за тоа како организирано да ги преместуваат својот логор и светиот шатор. Подоцна, цар Давид ги организирал свештениците и левитите за да ја извршуваат својата служба во храмот (1. Лет. 23:1-6; 24:1-3). Кога Израелците биле послушни, Јехова ги благословувал, а меѓу нив имало ред, мир и единство (5. Мој. 11:26, 27; 28:1-14).

9. Од што се гледа дека собранијата во првиот век биле организирани?

9 Собранијата во првиот век исто така биле организирани. Имало водечко тело, односно група мажи кои им давале упатства. Во почетокот, оваа група се состоела само од апостолите, а подоцна и други старешини станале дел од неа (Дела 6:1-6; 15:6). Под водство на Јехова, некои членови на водечкото тело, како и други браќа кои тесно соработувале со нив, пишувале писма со совети и упатства за собранијата (1. Тим. 3:1-13; Тит 1:5-9). Како тогашните собранија извлекувале корист од таквото водство?

10. Каков бил резултатот кога собранијата во првиот век послушно ги следеле упатствата од водечкото тело? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Прочитај Дела 16:4, 5. Во првиот век, некои браќа кои биле испратени од водечкото тело ги посетувале собранијата за да им ги пренесат одредбите што ги донесувале „апостолите и старешините во Ерусалим“. Бидејќи христијаните послушно ги следеле тие упатства, собранијата се зацврстувале во верата и растеле од ден на ден. Која поука од овој библиски извештај може да ја примениме во нашето собрание денес?

ДАЛИ ГИ СЛЕДИШ УПАТСТВАТА?

11. Што треба да прават именуваните браќа кога добиваат упатства од Божјата организација?

11 Што треба да прават членовите на Одборот на подружницата или Одборот на земјата, како и покраинските надгледници, старешините и слуга-помошниците кога добиваат упатства од Божјата организација денес? Јеховината Реч нѐ советува сите нас да им бидеме послушни и подложни на оние што предводат (5. Мој. 30:16; Евр. 13:7, 17). Оние што му се верни на Јехова не се бунтуваат ниту, пак, го критикуваат водството што го добиваат. Во Божјата организација нема место за таков дух бидејќи со тоа би се нарушиле мирот и единството меѓу нас. Сигурно не би сакале да бидеме како Диотреф, кој не покажувал никаква почит кон браќата што предводеле. (Прочитај 3. Јованово 9, 10.) Затоа е добро да се прашаме: „Дали духовно ги изградувам моите соверници? Дали веднаш ги прифаќам и ги применувам упатствата од Божјата организација?“

12. Како се именуваат старешини и слуга-помошници?

12 Неодамна Водечкото тело направи промена во начинот на кои се именуваат старешини и слуга-помошници. Во рубриката „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 ноември 2014 год., беше објаснето дека водечкото тело во првиот век ги овластило патувачките надгледници да именуваат старешини и слуга-помошници. Од 1 септември 2014 год., покраинските надгледници почнаа да именуваат браќа на ваков начин. Кога старешинството ќе препорача некој брат да биде старешина или слуга-помошник, покраинскиот надгледник се труди да оди со него во служба и подобро да го запознае. Ако препорачаниот брат е женет, тој гледа и какво е неговото семејство (1. Тим. 3:4, 5). Потоа покраинскиот надгледник се состанува со старешинството за да разгледаат заедно дали тој брат ги исполнува библиските  барања за старешини или слуга-помошници (1. Тим. 3:1-10, 12, 13; 1. Пет. 5:1-3).

13. Како ќе покажеме дека го следиме водството кое ни го даваат старешините?

13 Старешините се грижат за собранието и сакаат да го заштитат. Треба да соработуваме со овие верни пастири бидејќи тие ни даваат библиски совети кои се за наше добро (1. Тим. 6:3). Некои поединци во првиот век живееле неуредно. Тие ништо не работеле и се мешале во она што не ги засега. Иако старешините се обиделе да ги исправат, не сакале да се сменат. Павле објаснил како требало браќата во собранието да постапуваат со таквите. Тој рекол: „Обележете го, не дружете се повеќе со него“. Тие требало да престанат да се дружат со таквото лице, но не требало да го сметаат за непријател (2. Сол. 3:11-15). И денес старешините се обидуваат да помогнат кога некој ги прекршува Божјите мерила. Ако тој одбива да се промени и ако неговото постапување влијае лошо врз собранието, тие можат да решат да одржат предупредувачки говор. На пример, би можеле да преземат ваков чекор кога еден брат или сестра е во врска со некој што не е Јеховин сведок (1. Кор. 7:39). Како ќе реагираш ако старешините одржат таков говор во твоето собрание? Ако знаеш за кого станува збор, дали ќе престанеш да се дружиш со него? Така можеш да му помогнеш да си го смени ставот и да сфати дека неговото однесување е неприфатливо за Јехова. [1]

ДА ГИ ЗАЧУВАМЕ ЧИСТОТАТА, МИРОТ И ЕДИНСТВОТО ВО СОБРАНИЕТО

14. Како можеме да придонесеме да се зачува чистотата на собранието?

14 Можеме да придонесеме да се зачува чистотата на собранието со тоа што ќе го следиме водството од Божјата Реч. Да видиме што се случило во древниот Коринт. Павле им помогнал на мнозина од тамошните браќа и сестри да ја дознаат вистината, и многу ги засакал (1. Кор. 1:1, 2). Затоа, замисли како се чувствувал кога разбрал дека еден од нив живее неморално, а старешините му дозволиле да остане во собранието! Павле им кажал да му го предадат таквиот на Сатана, односно да го исклучат. На тој начин ќе го отстранеле „квасецот“ и ќе ја зачувале чистотата на собранието (1. Кор. 5:1, 5-7, 12). Денес старешините можеби ќе одлучат некој да биде исклучен затоа што направил тежок грев и не се кае. Дали ќе го послушаме библискиот совет во врска со исклучените? Така придонесуваме собранието да остане чисто, и можеме да му помогнеме на таквото лице да сфати дека треба да се покае и да го моли Јехова да му прости.

15. Како може да го зачуваме мирот во собранието?

15 Во Коринт имало и друг проблем. Некои христијани ги изведувале своите браќа на суд. Павле ги прашал: „Зошто попрвин не ја претрпите неправдата?“ (1. Кор. 6:1-8). И денес има слични ситуации. Понекогаш мирот во собранието бил нарушен кога пропаднале деловни зделки што некои христијани ги склучиле меѓу себе. Ова водело до финансиска загуба и до обвиненија за проневера. Поради тоа, некои покренале судски постапки против своите браќа. Но, ако дојде до вакво нешто, може да му се нанесе срам на Јехова и на неговиот народ, и да се одземе мирот во собранието. Божјата Реч ни помага да сфатиме дека мора да останеме во мир со нашите браќа, дури и ако можеби треба да претрпиме материјална штета. [2] Самиот Исус нѐ поучил како да ги решаваме сериозните  проблеми и несогласувања. (Прочитај Матеј 5:23, 24; 18:15-17.) Ако ги слушаме неговите совети, ќе го зачуваме мирот и единството во собранието.

16. Зошто Божјите слуги се обединети?

16 Во Божјата Реч пишува: „Гледај, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ (Пс. 133:1). Кога му биле послушни на Јехова, Израелците биле организирани и обединети. Во врска со своите слуги, Бог прорекол: „Ќе ги обединам како овци во трло“ (Мих. 2:12). Тој исто така претскажал дека неговиот народ ќе биде поучен за вистината од Библијата и дека ќе му служи обединето, кога рекол: „Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик за да го повикуваат сите името на Јехова и да му служат сложно“ (Соф. 3:9). Колку сме среќни што можеме обединето да му служиме на нашиот Бог!

Ако некој греши, старешините се трудат да му пружат духовна помош (Види во пасус 17)

17. Како треба старешините да ги решаваат правните случаи за да се зачува единството и чистотата на собранието?

17 За да се зачува единството и чистотата на собранието, старешините мора веднаш да ги решаваат правните случаи и притоа да постапуваат со љубов. Павле знаел дека Бог не се води само по чувства ниту, пак, им прогледува низ прсти на оние што грешат (Изр. 15:3). Овој апостол многу ги сакал своите браќа во Коринт и ги исправал кога било потребно, како што јасно се гледа од првото послание што им го напишал. Знаеме дека тамошните старешини веднаш го послушале неговиот совет, бидејќи неколку месеци подоцна тој ги пофалил за тоа во своето второ послание до Коринќаните. Ако некој христијанин „ненамерно згреши“, старешините треба да го исправат „во дух на благост“ (Гал. 6:1).

18. а) Како советите од Божјата Реч им помогнале на собранијата во првиот век? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Секогаш кога христијаните во првиот век го следеле водството од Божјата Реч, придонесувале да се зачува чистотата, мирот и единството во собранието (1. Кор. 1:10; Еф. 4:11-13; 1. Пет. 3:8). Како резултат на тоа, тие успеале да ја проповедаат добрата вест „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23). Затоа што се обединети и организирани, Јеховините слуги и денес ја објавуваат добрата вест по целата Земја. Во следната статија ќе разгледаме уште некои работи кои покажуваат дека тие навистина ја ценат Библијата и дека се решени да го слават Севишниот Господар Јехова (Пс. 71:15, 16).

^ [1] (пасус 13) Види во Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, стр. 134-136.

^ [2] (пасус 15) Повеќе информации за тоа во кои ситуации некој христијанин може да одлучи да покрене правна постапка против друг христијанин има во фуснотата на стр. 223 во книгата Зачувај ја Божјата љубов.