Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2017

Дали ќе го земеш при срце она што е напишано?

Дали ќе го земеш при срце она што е напишано?

Сето тоа е напишано како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок (1. КОР. 10:11)

ПЕСНИ: 11, 61

1, 2. Зошто ќе ги разгледаме примерите на четири цареви од Јуда?

ДОКОЛКУ видиш како некој што оди по еден пат се слизнува и паѓа, зарем нема да бидеш внимателен ако и ти треба да поминеш по истиот пат? На сличен начин, тоа што ќе размислуваме за грешките што ги направиле другите може да ни помогне да не ги направиме истите грешки. На пример, можеме да учиме од грешките на луѓето што се спомнати во Библијата.

2 Четирите цареви на Јуда кои беа спомнати во претходната статија му служеле на Јехова со цело срце. Сепак, тие направиле и некои сериозни грешки. Нивните примери се запишани во Библијата за да можеме да размислуваме за нив и да извлечеме важни поуки. Што можеме да научиме од она што им се случило и како можеме да ги избегнеме нивните грешки? (Прочитај Римјаните 15:4.)

ДОВЕРБАТА ВО ЧОВЕЧКАТА МУДРОСТ ВОДИ ВО ПРОПАСТ

3-5. а) Каква грешка направил Аса иако му бил потполно оддаден на Јехова? б) Зошто можеби Аса се потпрел на луѓе кога Васа тргнал против Јуда?

3 Најпрво да го разгледаме примерот на Аса. Тој се потпрел на Јехова кога Јуда била нападната од еден милион  Етиопјани. Сепак, кога израелскиот цар, Васа, тргнал против Јуда и почнал да го утврдува Рама, кој бил важен град во Израел во близина на царството Јуда, Аса не побарал помош од Јехова (2. Лет. 16:1-3). Во оваа ситуација, Аса се потпрел на својата мудрост и му дал поткуп на царот на Сирија за да го нападне израелскиот цар Васа. Кога сириската војска ги нападнала градовите во Израел, Васа веднаш престанал да ја утврдува Рама и ја запрел работата (2. Лет. 16:5). На почетокот, Аса можеби мислел дека неговата тактика успеала.

4 Но, како гледал Јехова на тоа? Бидејќи Аса не покажал доверба во него, Јехова го испратил својот пророк Ананиј за да го укори. (Прочитај 2. Летописи 16:7-9.) Ананиј му кажал на Аса: „Отсега ќе се поведуваат војни против тебе“. Аса успеал да преземе контрола врз градот Рама, но до крајот на својот живот морал заедно со народот на Јуда да води многу војни.

5 Како што видовме во претходната статија, Јехова бил задоволен од Аса затоа што, иако бил несовршен, му служел со потполно оддадено срце (1. Цар. 15:14). Сепак, кога донел лоша одлука, Аса морал да се соочи со последиците. Зошто овој цар се потпрел на себе и на други луѓе, а не на Јехова? Можеби си мислел дека има поголеми шанси да извојува победа ако употреби добра воена стратегија или, пак, можеби послушал нечиј лош совет.

6. Што можеме да научиме од грешката на Аса? Наведи пример.

6 Што можеме да научиме од грешката на Аса? Во секоја ситуација треба да се потпираме на Јехова, а не на сопствената мудрост. Треба да бараме помош од Јехова без разлика дали се соочуваме со мал или со голем проблем. Добро е да се прашаме: „Дали некогаш се потпираме на себеси така што се обидуваме да решиме некој проблем онака како што ние мислиме дека е најдобро? Или, секогаш проверуваме што вели Библијата и потоа се трудиме да ги примениме библиските начела за да ги решиме нашите проблеми?“ На пример, можеби семејството не ти дозволува да одиш на состанок или на конгрес. Дали ќе го молиш Јехова да ти даде мудрост за да знаеш што да правиш во оваа ситуација? Или, можеби веќе некое време си без работа, и сега конечно наоѓаш некој што сака да те вработи. Дали ќе му кажеш дека секоја седмица треба да одиш на состаноци, дури и по цена да не ја добиеш работата? Сеедно со каков проблем ќе се соочиме, мора да го имаме на ум следниов совет: „Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне“ (Пс. 37:5).

КОИ СЕ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ЛОШОТО ДРУШТВО?

7, 8. Кои грешки ги направил Јосафат, и какви биле последиците? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Да го разгледаме примерот на Јосафат, синот на Аса. Тој имал многу убави особини. Кога покажувал доверба во Јехова, правел многу добри работи. Сепак, донел и некои лоши одлуки. На пример, договорил неговиот син да се ожени со ќерка на злобниот цар Ахав, кој владеел со северното царство Израел. Подоцна, заедно со Ахав отишол да се бори против Сиријците иако пророкот Михаија го предупредил да не оди. Во битката, Сиријците го нападнале Јосафат и се обиделе да го убијат (2. Лет. 18:1-32). Кога се вратил во Ерусалим, пророкот Јуј го прашал: „Дали е исправно да му помагаш на  злиот и да ги сакаш оние што го мразат Јехова?“ (Прочитај 2. Летописи 19:1-3.)

8 Дали Јосафат научил нешто од она што му се случило и од она што му го кажал пророкот Јуј? За жал, не. Иако сѐ уште го сакал Јехова и сакал да му угоди, Јосафат повторно се здружил со човек кој не му служел на Јехова. Тоа бил царот Охозија, синот на Ахав. Јосафат и Охозија заедно изградиле бродови, но тие биле уништени уште пред да запловат (2. Лет. 20:35-37).

9. Како може лошото друштво да влијае врз нашиот живот?

9 Што можеме да научиме од она што му се случило на Јосафат? Тој го правел она што е исправно и со сето срце го барал Јехова (2. Лет. 22:9). Сепак, се дружел со луѓе кои не го сакале Јехова, и тоа имало лоши последици. Всушност, Јосафат за малку ќе бил убиен. Ова нѐ потсетува на библиската изрека: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изр. 13:20). Ние сакаме да им помагаме на оние што се заинтересирани за вистината. Сепак, би било опасно непотребно да поминуваме време со луѓе што не му служат на Јехова.

10. а) Како може да ти помогне примерот на Јосафат ако сакаш да стапиш во брак? б) Што треба да имаме на ум?

10 Како може да ти помогне примерот на Јосафат доколку сакаш да стапиш во брак? Можеби ќе ти се развијат романтични чувства кон некој што не му служи на Јехова затоа што си мислиш дека не можеш да најдеш соверник кој би ти одговарал како брачен другар. Или, можеби роднините што не се Сведоци ти велат да стапиш во брак пред да биде предоцна. Точно е дека Јехова нѐ создал со потреба да сакаме и да бидеме сакани. Но, што треба да правиш ако не можеш да најдеш соодветен брачен другар? Добро е да размислуваш за она што му се случило на Јосафат. Тој во многу ситуации го молел Јехова за водство (2. Лет. 18:4-6). Но, кога се здружил со Ахав, кој не го сакал Јехова, Јосафат не го послушал Јеховиното предупредување. Јосафат не требало да заборави  дека „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9). И ние треба да имаме на ум дека Јехова е спремен да ни помогне. Тој ја разбира нашата ситуација и нѐ сака. Дали имаш доверба дека Јехова ќе ја задоволи твојата потреба за љубов и пријателство на најдобар можен начин? Биди уверен дека ќе го направи тоа!

Биди свесен колку е опасно да развиваш романтични чувства кон некој што не му служи на Јехова (Види во пасус 10)

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ ДА ТИ СЕ ВОЗГОРДЕЕ СРЦЕТО

11, 12. а) На кој начин Езекија покажал што има во своето срце? б) Зошто Јехова му простил на Езекија?

11 Што можеме да научиме од примерот на Езекија? Во една прилика, Јехова дозволил Езекија да покаже што навистина има во срцето. (Прочитај 2. Летописи 32:31.) Кога Езекија тешко се разболел, Бог му кажал дека ќе оздрави и му дал знак за да го увери во тоа. Јехова предизвикал сенката на скалилата да се врати за десет скали наназад. Подоцна, кнезовите на Вавилон, кои веројатно сакале да дознаат повеќе за знакот, испратиле свои луѓе кај Езекија (2. Цар. 20:8-13; 2. Лет. 32:24). Јехова не му кажал како да постапи во таа ситуација, туку го оставил за да види што ќе направи. Езекија им го покажал на пратениците од Вавилон сето свое богатство. Ова открило што се крие во неговото срце.

12 За жал, Езекија станал горд, и затоа не возвратил со благодарност за добрината што му била покажана. Библијата не ни кажува зошто се возгордеал. Можеби поради тоа што ги победил Асирците или поради тоа што Јехова го излекувал, а можеби поради своето богатство и слава. Иако Езекија му служел на Јехова со цело срце, некое време бил горд и Јехова не бил задоволен со него. Сепак, подоцна Езекија се понизил и Јехова му простил (2. Лет. 32:25-27; Пс. 138:6).

13, 14. а) Во која ситуација Јехова би можел да нѐ остави за да нѐ испита? б) Како треба да реагираме кога другите нѐ фалат?

13 Што можеме да научиме од грешката на Езекија? Тој покажал дека е горд набрзо откако Јехова ги поразил Асирците и го излечил него од тешката болест. Што ќе направиме ние ако другите нѐ фалат за нешто што сме постигнале? Можеби тоа е момент во кој Јехова нѐ остава за да нѐ испита. Начинот на кој ќе реагираме може да открие што имаме во нашето срце. На пример, еден брат можеби многу се трудел да подготви говор и да го изнесе пред голема публика. Многумина го фалат за тоа. Како ќе реагира на тие пофалби?

14 Секогаш треба да го имаме на ум она што го рекол Исус: „Кога ќе ги извршите сите свои должности, речете: ‚Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘“ (Лука 17:10). Како што беше спомнато претходно, кога станал горд, Езекија не бил благодарен за помошта што ја добил од Јехова. Што ќе ни помогне да останеме понизни кога ќе добиеме пофалба за некој говор што сме го одржале? Можеме да размислуваме за сето она што Јехова го направил за нас и со ценење да им кажеме на другите како ни помогнал. Всушност, тој ни ја дал и Библијата и светиот дух за да можеме да држиме говори.

ПОТПИРАЈ СЕ НА ЈЕХОВА КОГА ДОНЕСУВАШ ОДЛУКИ

15, 16. Поради која грешка Јосија го изгубил животот?

15 Што можеме да научиме од Јосија? Иако бил добар цар, тој направил  грешка поради која го изгубил животот. (Прочитај 2. Летописи 35:20-22.) Како дошло до тоа? Јосија тргнал против Нехо, египетскиот цар, иако тој му кажал дека не сака да се бори со него. Во Библијата пишува дека „зборовите на Нехо“ излегле „од Божјата уста“. Но, Јосија сепак отишол во војна, и загинал. Зошто отишол да се бори против Нехо? Библијата не ни кажува.

16 Јосија требало да провери дали она што го кажал Нехо навистина било од Јехова. Тој можел да го праша Еремија, еден од верните пророци на Бог (2. Лет. 35:23, 25). Освен тоа, Јосија требало да ги земе предвид фактите. Нехо тргнал кон Кархемис за да се бори против друг народ, а не против Ерусалим. Исто така, тој не му се подбивал ниту на Јехова ниту на неговиот народ. Јосија не размислил за овие работи пред да донесе одлука. Која е поуката за нас? Кога имаме некаков проблем и треба да донесеме одлука, најпрво треба да размислиме како сака Јехова да постапиме.

17. Како можеме да ја избегнеме грешката на Јосија кога треба да донесеме одлука?

17 Кога треба да донесеме одлука, најпрво треба да размислиме кои библиски начела можат да ни помогнат и како можеме да ги примениме. Во некои ситуации, можеби ќе треба повеќе да истражуваме во нашите публикации, па дури и да побараме совет од некој старешина кој може да ни посочи и други библиски начела. Да наведеме еден пример. Една сестра, чиј маж не е Сведок, знае дека има одговорност да ја проповеда добрата вест (Дела 4:20). Еден ден планира да оди во служба, но нејзиниот сопруг сака таа да остане дома. Тој ѝ кажува дека во последно време не се гледаат многу и дека би сакал да излезат некаде заедно. Затоа сестрата размислува за некои библиски стихови кои можат да ѝ помогнат да донесе мудра одлука. Таа знае дека мора да му биде послушна на Бог и дека Исус ни заповедал да правиме ученици (Мат. 28:19, 20; Дела 5:29). Но, од друга страна, свесна е дека жената треба да му биде подложна на својот маж и дека Божјите слуги треба да бидат разумни (Еф. 5:22-24; Фил. 4:5). Затоа треба да процени дали нејзиниот сопруг сака да ја спречи да проповеда или едноставно сака да го помине тој ден со неа. Како слуги на Јехова ние сакаме да донесуваме одлуки кои ќе покажат дека сме разумни, но и со кои ќе го радуваме него.

СЛУЖИ МУ НА ЈЕХОВА СО ЦЕЛО СРЦЕ И ПОЖНЕЈ БЛАГОСЛОВИ

18. Зошто е корисно да размислуваме за примерите на четирите цареви спомнати во оваа статија?

18 Бидејќи сме несовршени, можеби и ние некогаш ќе ги направиме грешките што ги направиле овие четири цареви на Јуда. Можеби 1) ќе се потпреме на човечка мудрост, 2) ќе избереме лошо друштво, 3) ќе станеме горди или 4) ќе донесеме одлука без да размислиме која е Јеховината волја. Дури и ако ни се случи вакво нешто, не треба да мислиме дека не можеме да му угодиме на Јехова. Тој го гледа доброто во нас исто како што го видел доброто во овие четири цареви. Освен тоа, Јехова гледа колку многу го сакаме и колку голема желба имаме да му служиме со потполно оддадено срце. Затоа ни дал примери кои можат да ни помогнат да не направиме сериозни грешки. Да размислуваме за овие библиски извештаи и да покажеме благодарност што Јехова се погрижил да бидат запишани за нас.