Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2017

Верата ни помага да носиме мудри одлуки

Верата ни помага да носиме мудри одлуки

Барајте со вера, не сомневајќи се ни најмалку (ЈАК. 1:6)

ПЕСНИ: 81, 70

1. Зошто Каин донел погрешна одлука, и какви биле последиците?

КАИН требало да донесе една важна одлука. Тој можел да избере да ги надвладее своите погрешни чувства или, пак, да дозволи неговите чувства да ги контролираат неговите постапки. Каква одлука и да донел, таа ќе влијаела врз целиот негов живот. Од Библијата дознаваме дека Каин донел погрешна одлука. Поради тоа, неговиот брат Авел го изгубил животот, а Каин си го уништил пријателството со Јехова (1. Мој. 4:3-16).

2. Зошто е важно какви одлуки носиме?

2 И ние мора да носиме одлуки во животот. Некои од нив се поважни, а некои не се толку важни. Сепак, многу од нашите одлуки имаат силно влијание врз нас. Ако носиме добри одлуки, ќе имаме помалку проблеми и помирен живот. Но, ако носиме лоши одлуки, може да се соочиме со голем број проблеми и разочарувања (Изр. 14:8).

3. а) Што ќе ни помогне да носиме мудри одлуки? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Што ќе ни помогне да носиме мудри одлуки? Треба да имаме вера во Бог, односно доверба дека тој сака да ни  помогне и дека ќе ни ја даде потребната мудрост. Освен тоа, треба да имаме доверба во советите што се запишани во неговата Реч. (Прочитај Јаков 1:5-8.) Колку поблиски стануваме со Бог и колку повеќе ја сакаме неговата Реч толку повеќе ќе расте нашата доверба дека тој знае што е најдобро за нас. Тогаш, пред да донесеме некоја одлука ќе бараме водство од неговата Реч. Но, како можеме да ја подобриме нашата способност да донесуваме добри одлуки? И, дали некогаш е потребно да смениме одлука што веќе сме ја донеле?

СЕКОЈ ОД НАС МОРА ДА НОСИ ОДЛУКИ

4. Каква одлука требало да донесе Адам, и кој бил резултатот?

4 Уште од самиот почеток на човечката историја, луѓето морале да носат важни одлуки. Првиот човек, Адам, морал да одлучи дали ќе го слуша својот Творец, Јехова, или својата жена, Ева. Адам избрал да ја послуша Ева, која го поттикнала да донесе многу лоша одлука. Како резултат на тоа, Јехова го истерал од рајската градина и подоцна Адам умрел. Сѐ до денес ги чувствуваме последиците од неговата лоша одлука.

5. Зошто треба да ја користиме способноста да носиме одлуки?

5 Некои мислат дека животот би бил полесен доколку не мора да носат одлуки. Дали и ти мислиш така? Добро е да имаме на ум дека Јехова не ги создал луѓето како роботи кои не можат да размислуваат и сами да одлучуваат. Тој ни ја дал својата Реч од која можеме да научиме како да донесуваме мудри одлуки. Јехова сака да носиме одлуки, и тоа, всушност, е за наше добро.

6, 7. Каква одлука требало да донесат Израелците, и зошто тоа им било тешко? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Кога живееле во Ветената земја, Израелците морале да изберат дали ќе му служат на Јехова или на други богови. (Прочитај Исус Навин 24:15.) Ова можеби изгледало како едноставна одлука. Сепак, од неа зависел нивниот живот. Во времето на судиите, Израелците постојано носеле погрешни одлуки. Тие престанале да му служат на Јехова и почнале да им служат на лажни богови (Суд. 2:3, 11-23). Подоцна, во времето на пророкот Илија, Божјиот народ требало да одлучи дали ќе му служи на Јехова или на лажниот бог, Ваал (1. Цар. 18:21). Можеби ни се чини дека ова не било тешка одлука затоа што не постои ништо подобро од тоа да му се служи на Јехова. Ниту еден разумен човек не би сакал да му служи на безживотен бог. Но, Израелците не можеле да донесат одлука. Во Библијата пишува дека тие кривеле на две страни. Затоа Илија ги поттикнал да изберат да му служат на вистинскиот Бог, Јехова.

7 Зошто на Израелците им било тешко да донесат мудра одлука? Како прво, тие немале вера во Јехова и не сакале да го слушаат. Не одвојувале доволно време за подобро да го запознаат Бог или за да стекнат мудрост, а немале ни доверба во него. Ако добро го познавале Јехова, ќе можеле да носат мудри одлуки (Пс. 25:12). Како второ, Израелците дозволиле околните народи да влијаат врз нивното размислување, па дури и да донесуваат одлуки наместо нив. Поради тоа, почнале да ги обожаваат нивните лажни богови. Со години претходно, Јехова ги предупредил Израелците дека можело да се случи такво нешто (2. Мој. 23:2).

 ДАЛИ ДРУГИТЕ ТРЕБА ДА НОСАТ ОДЛУКИ НАМЕСТО НАС?

8. Што учиме од примерот на Израелците?

8 Од примерот на Израелците учиме дека, ако сакаме да носиме мудри одлуки, треба да ја користиме Божјата Реч. Во Галатите 6:5 пишува: „Секој ќе го носи својот товар“. Тоа јасно покажува дека нашата одговорност да носиме одлуки не треба да ја префрламе на некој друг. Наместо тоа, секој од нас треба да дознае што е исправно во Божји очи и да избере да го прави тоа.

9. Зошто е опасно да дозволиме другите да одлучуваат наместо нас?

9 Како би можеле да паднеме во стапица другите да носат одлуки наместо нас? Така што ќе донесеме погрешна одлука поради притисокот од околината (Изр. 1:10, 15). Ние имаме одговорност да ја слушаме нашата совест која е обликувана според Библијата. Ако дозволиме другите да носат одлуки наместо нас, всушност, сме решиле да одиме „по нивниот пат“. Последиците од тоа можат да бидат катастрофални.

10. Кое предупредување им го дал Павле на христијаните во Галатија?

10 Апостол Павле ги предупредил Галатите да не дозволуваат другите да носат одлуки наместо нив. (Прочитај Галатите 4:17.) Некои од христијаните во Галатија сакале да носат одлуки за другите во собранието. Зошто? Овие себични луѓе сакале браќата да ги следат нив наместо апостолите. Тие не биле понизни и не го почитувале правото на другите самите да носат одлуки.

11. Како можеме да им помогнеме на другите кога треба да донесат одлука?

11 Павле ни оставил добар пример со тоа што го почитувал правото на другите да носат лични одлуки. (Прочитај 2. Коринќаните 1:24.) Старешините денес можат да го следат неговиот пример кога даваат совет за работи кои се оставени на личен избор. Тие спремно им пренесуваат на браќата и сестрите поуки кои се темелат на Божјата Реч. Сепак, старешините се свесни дека секој сам треба да донесе одлука бидејќи ќе мора да живее со последиците од неа. Сите треба да  имаме на ум една важна работа: Можеме да им помогнеме на другите да разберат како советите од Библијата се однесуваат на нивната ситуација, но тие имаат право и одговорност самите да донесат одлука. Кога ќе донесат мудра одлука, ќе имаат корист од тоа. Никогаш не треба да мислиме дека имаме право да носиме одлуки наместо нашите браќа и сестри.

Мудрите старешини им помагаат на другите да научат сами да носат одлуки (Види во пасус 11)

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ ЧУВСТВАТА ДА ВЛИЈААТ ВРЗ ТВОИТЕ ОДЛУКИ

12, 13. Зошто е опасно да донесуваме одлуки кога сме гневни или обесхрабрени?

12 Многу луѓе велат дека треба да си го слушаш срцето кога донесуваш одлуки. Но, тоа може да биде опасно. Библијата нѐ предупредува, кога носиме одлуки, да не се потпираме на нашето несовршено срце, односно на нашите чувства (Изр. 28:26). Не смееме да заборавиме дека „срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Ерем. 17:9). Во Божјата Реч се запишани многу примери кои покажуваат дека има лоши последици кога некој се потпира на своето несовршено срце (1. Цар. 11:9; Ерем. 3:17; 13:10). Според тоа, што може да ни се случи ако го слушаме срцето кога донесуваме одлуки?

13 Се разбира, срцето, односно чувствата се важни за еден христијанин бидејќи Јехова ни заповедал да го сакаме со сето срце и да ги сакаме нашите ближни како себеси (Мат. 22:37-39). Но, мора да бидеме внимателни. Стиховите од претходниот пасус ни покажуваат дека е опасно да дозволиме нашите чувства да влијаат врз начинот на кој размислуваме и постапуваме. На пример, кога некој е гневен, потешко е да донесе добра одлука (Изр. 14:17; 29:22). Исто така, на некој што е обесхрабрен може да му биде тешко да донесе мудра одлука (4. Мој. 32:6-12; Изр. 24:10). Ние треба да дозволиме Божјиот закон да влијае врз нашето размислување (Рим. 7:25). Според тоа, кога носиме важни одлуки, не треба да дозволиме нашите чувства да влијаат врз нив.

КОГА ТРЕБА ДА СМЕНИМЕ НЕКОЈА ОДЛУКА?

14. Од каде знаеме дека понекогаш е исправно да смениме некоја своја одлука?

14 Сите ние треба да се трудиме да носиме мудри одлуки. Сепак, понекогаш ќе треба да размислиме за некоја одлука што сме ја донеле во минатото и можеби да ја смениме. Јехова ни оставил совршен пример во овој поглед. Забележи што направил за жителите на Ниневија во времето на Јона. Во Библијата пишува: „Вистинскиот Бог ги виде нивните дела, дека се вратија од својот лош пат, и затоа на вистинскиот Бог му падна жал што им се закани со неволја, и не им ја нанесе“ (Јона 3:10). Кога видел дека Ниневијците се промениле и престанале да прават лоши работи, Јехова ја сменил својата одлука. Од ова се гледа дека тој е разумен, понизен и сочувствителен. За разлика од голем број луѓе, Јехова не донесува непромислени одлуки дури и кога е гневен.

15. Зошто можеби ќе биде потребно да смениме некоја одлука?

15 Можеби понекогаш е добро да размислиме за некоја одлука што веќе сме ја донеле, на пример, кога ќе ни се сменат околностите. Јехова во некои ситуации ја сменил својата одлука поради тоа што се промениле околностите (1. Цар. 21:20, 21, 27-29; 2. Цар. 20:1-5). Освен тоа, можеби ќе треба да смениме некоја одлука кога ќе дознаеме некоја нова информација. Тоа било  случај и со цар Давид. Тој донел една одлука во врска со Мефивостеј, внукот на Саул, на темел на погрешна информација. Подоцна, кога добил точни информации, ја сменил својата одлука (2. Сам. 16:3, 4; 19:24-29). Понекогаш, мудро е и ние да го направиме истото.

16. а) Кои предлози можат да ни помогнат кога донесуваме одлуки? б) Зошто понекогаш треба да ги преиспитаме нашите одлуки? в) Каков став треба да имаме ако треба да смениме некоја одлука?

16 Божјата Реч нѐ советува да нѐ избрзуваме кога носиме важни одлуки (Изр. 21:5). Ако сакаме да донесеме мудра одлука, мора да си одвоиме доволно време и внимателно да размислиме за сите факти кои се поврзани со неа (1. Сол. 5:21). Пред да донесе некоја одлука, еден семеен поглавар треба да одвои време за да истражува во Библијата и во библиските публикации. Исто така, добро е да го земе предвид мислењето на другите членови на семејството. Во една прилика, Бог го поттикнал Авраам да ја послуша својата жена (1. Мој. 21:9-12). И старешините треба да одвојат време за да истражуваат. Кога треба да сменат некоја одлука поради тоа што нашле повеќе информации во публикациите, не се плашат дека ќе ја изгубат почитта од другите. Разумните и скромни старешини се спремни да ги сменат своето мислење и своите одлуки кога тоа е потребно. Добро е сите ние да го следиме нивниот пример. Така ќе придонесеме во собранието да има мир и единство (Дела 6:1-4).

ПОСТАПУВАЈ ВО СКЛАД СО СВОИТЕ ОДЛУКИ

17. Што треба да правиме за да носиме добри одлуки?

17 Некои одлуки се поважни од други. На пример, одлуката дали и со кого да стапиме во брак е многу сериозна. Друга важна одлука, која може да ни донесе многу благослови, е кога да започнеме со полновремена служба. Пред да донесеме вакви важни одлуки, треба внимателно да размислиме за нашата ситуација и да го молиме Јехова за водство. Можеби ова ќе бара да посветиме повеќе време. Но, ако сакаме да донесеме мудра одлука, мора да имаме доверба во Јехова, да ги слушаме неговите совети и да го следиме неговото водство (Изр. 1:5). Најдобрите совети се запишани во Божјата Реч. Затоа е многу важно да истражуваме и да се молиме. Јехова може да ни ги даде особините што ни се потребни за да донесуваме одлуки кои се во склад со неговата волја. Пред да донесеме некоја важна одлука добро е да се прашаме: „Дали со оваа одлука ќе покажам дека го сакам Јехова? Дали таа ќе придонесе да има радост и мир во моето семејство? Дали со неа ќе покажам дека сум стрплив и љубезен?“

18. Зошто Јехова очекува самите да носиме одлуки?

18 Јехова не нѐ присилува да го сакаме и да му служиме. Наместо тоа, ни дал слободна волја и затоа ги почитува нашето право и одговорност да одлучиме дали ќе му служиме (Ис. Нав. 24:15; Проп. 5:4). Но, тој очекува да постапуваме во склад со она што сме го одлучиле следејќи го неговото водство. Кога имаме доверба во Јеховините совети и ги применуваме начелата од неговата Реч, можеме да носиме мудри одлуки. На тој начин ќе покажеме дека сме постојани на сите наши патишта (Јак. 1:5-8; 4:8).