Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2017

Аса, Јосафат, Езекија и Јосија

Служи му на Јехова со цело срце!

Служи му на Јехова со цело срце!

Те молам, Јехова, те молам, сети се како ти служев верно и ти бев оддаден со цело срце (2. ЦАР. 20:3)

ПЕСНИ: 52, 65

1-3. Што значи да му служиме на Јехова со „потполно оддадено срце“? Наведи пример.

СИТЕ сме несовршени и правиме грешки. Сепак, благодарни сме што Јехова дал откупнина за нас. Ако сме понизни и ако се каеме, тој е спремен да ни прости. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова нема да постапува со нас „според нашите гревови“ (Пс. 103:10). Сепак, мора да му служиме со цело, односно со „потполно оддадено срце“ (1. Лет. 28:9). Како е можно да го правиме тоа кога сме несовршени?

2 За да го добиеме одговорот, ќе направиме споредба меѓу животот на цар Аса и животот на цар Амазија. И двата цара го правеле она што е исправно во Јеховини очи, но правеле и грешки бидејќи биле несовршени. Сепак, Аса му останал верен на Бог до крајот на својот живот. Библијата за него вели: „Срцето на Аса му беше потполно оддадено на Бог сѐ додека беше жив“ (2. Лет. 15:16, 17; 25:1, 2; Изр. 17:3). За жал, Амазија не му служел на Јехова со цело срце. Откако ги поразил Божјите непријатели, тој ги донел со себе нивните идоли и почнал да ги обожава (2. Лет. 25:11-16).

 3 Оној што му служи на Јехова со „потполно оддадено срце“ има длабока љубов кон него и сака да му служи засекогаш. Во Библијата, зборот „срце“ обично укажува на она што сме однатре. Во тоа се вклучени нашите желби, мисли, ставови, способности, мотиви и цели. Иако сме несовршени, можеме да му служиме на Јехова со цело срце. Му служиме затоа што искрено го сакаме, а не затоа што мораме или само затоа што ни станало навика (2. Лет. 19:9).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 За подобро да разбереме што значи да му служиме на Бог со цело срце, ќе го разгледаме животот на цар Аса, како и на три други верни цареви на Јуда — Јосафат, Езекија и Јосија. Иако овие цареви правеле грешки, сепак Јехова бил задоволен со нив и ги сакал. Зошто Јехова гледал на нив како на луѓе кои му служат со цело срце, и како можеме да го следиме нивниот пример?

„СРЦЕТО НА АСА МУ БЕШЕ ПОТПОЛНО ОДДАДЕНО НА ЈЕХОВА“

5. Што направил Аса кога станал цар?

5 Аса бил третиот цар на Јуда откако израелскиот народ бил поделен на северно царство Израел и јужно царство Јуда. Кога станал цар на Јуда, Аса бил решен да ги отстрани идолопоклонството и сексуалниот неморал од своето царство. Тој ги уништил идолите што луѓето ги обожавале и ги истерал храмските блудници. Аса дури ја отстранил и својата баба Мааха од „положбата на царица-мајка“ затоа што „направила одвратен идол“ (1. Цар. 15:11-13). Исто така, Аса го поттикнал народот да го бара Јехова и да ги држи законот и заповедите. Тој направил сѐ што можел за да им помогне на другите да му служат на Јехова (2. Лет. 14:4).

6. Што направил Аса кога Етиопјаните го нападнале царството Јуда?

6 Во текот на првите десет години од владеењето на цар Аса, Јехова го благословил царството Јуда со мир. Потоа, Етиопјаните дошле да се борат против Јуда со милион војници и со 300 бојни коли (2. Лет. 14:1, 6, 9, 10). Што направил Аса? Тој имал целосна доверба во Јехова и затоа го молел да им помогне да победат во таа битка. (Прочитај 2. Летописи 14:11.) Понекогаш, дури и кога царевите на Израел не му биле верни, Јехова им помагал да извојуваат победа за да покаже дека тој е вистинскиот Бог (1. Цар. 20:13, 26-30). Но, овојпат му помогнал на својот народ затоа што Аса имал доверба во него. Јехова одговорил на неговата молитва и тие извојувале победа (2. Лет. 14:12, 13). Подоцна, цар Аса направил голема грешка — побарал помош од царот на Сирија, наместо од Јехова (1. Цар. 15:16-22). Сепак, Јехова видел дека Аса го сака. Неговото срце му било потполно оддадено на Јехова сѐ додека бил жив. Како можеме да го следиме добриот пример на Аса? (1. Цар. 15:14).

7, 8. Како можеш да се угледаш на Аса?

7 Како можеме да дознаеме дали нашето срце му е потполно оддадено на Јехова? Би можеле да се прашаме: „Дали сум му послушен на Јехова дури и во тешки ситуации? Дали сум цврсто решен да го штитам собранието од лоши влијанија?“ Размисли колкава храброст му била потребна на Аса за да ја отстрани својата баба од положбата на царица-мајка. Понекогаш, можеби и тебе ќе ти биде потребна храброст каква што имал Аса. На пример, што ако некој член на твоето семејство или некој твој близок пријател направи грев и не се кае, и поради тоа мора да биде исклучен од  собранието? Дали ќе бидеш решен да не контактираш со него? На што ќе те поттикне твоето срце?

8 Исто како Аса, и ти можеш да покажеш дека имаш потполно оддадено срце така што ќе се потпираш на Бог кога ќе се соочиш со противење, дури и ако ти се чини дека тоа е неподносливо. Можеби твоите соученици или наставници те исмеваат бидејќи си Јеховин сведок. Можеби колегите на работа ти се потсмеваат бидејќи користиш слободни денови за да одиш на конгрес или затоа што често не остануваш прекувремено на работа за да заработиш повеќе пари. Во такви ситуации потпирај се на Бог, исто како Аса. Моли му се на Јехова, биди храбар и продолжи да го правиш она што е исправно. Биди уверен дека тој ќе те зајакне и ќе ти помогне исто како што му помогнал на Аса.

9. Како може да го радуваме Јехова кога проповедаме?

9 Аса не мислел само на себе. Тој ги поттикнувал и другите „да го бараат Јехова“. И ние можеме да им помагаме на луѓето да му служат на Бог. Тој забележува кога им зборуваме за него и сигурно многу се радува кога гледа дека тоа го правиме од љубов кон него и кон луѓето.

ЈОСАФАТ ГО БАРАЛ ЈЕХОВА

10, 11. Како можеме да се угледаме на Јосафат?

10 Јосафат, синот на Аса, одел „по патот на својот татко“ (2. Лет. 20:31, 32). Во која смисла? Исто како неговиот татко, Јосафат го поттикнал народот да продолжи да му служи на Јехова. Тој испратил луѓе во градовите на Јуда за да го поучуваат народот од „книгата на Јеховиниот закон“ (2. Лет. 17:7-10). Јосафат отишол дури до подрачјето на северното царство Израел, кај луѓето во ефремските планини, „за да ги обрати кон Јехова“ (2. Лет. 19:4). Овој цар навистина го барал Јехова со сето срце! (2. Лет. 22:9).

11 Денес, Јехова сака луѓето низ целиот свет да бидат поучени за него, и сите ние можеме да учествуваме во тоа дело. Дали имаш цел секој месец да ги поучуваш луѓето за Библијата и да ги поттикнуваш да му служат на Јехова? Дали се молиш за тоа? Ако дадеш сѐ од себе, Јехова може да ти помогне да започнеш некој библиски курс. Дали си спремен да ја проучуваш Библијата со некого иако ќе мора да жртвуваш дел од своето слободно време? Исто како што Јосафат се трудел да им помогне на другите повторно да му служат на Јехова, и ние можеме да се обидеме да им помогнеме на оние кои станале неактивни. Исто така, старешините ги посетуваат исклучените лица кои можеби повеќе не прават грев и кои живеат на подрачјето на нивното собрание со цел да им помогнат да се вратат во организацијата.

12, 13. а) Што направил Јосафат кога се соочил со еден проблем? б) Зошто треба да го следиме примерот на Јосафат?

12 Слично на својот татко, Аса, и Јосафат се потпирал на Јехова кога една бројна војска дошла да се бори против царството Јуда. (Прочитај 2. Летописи 20:2-4.) Јосафат многу се исплашил. Сепак, решил „да го бара Јехова“. Во молитва признал дека не можат да ги победат своите непријатели. Исто така, рекол дека тој и неговиот народ не знаат што да прават. Јосафат воопшто не се сомневал дека Јехова ќе им помогне. Тој рекол: „Нашите очи се вперени во тебе“ (2. Лет. 20:12).

13 Како Јосафат, и ние понекогаш не знаеме како да решиме некој проблем, па можеби дури и сме исплашени (2. Кор. 4:8, 9). Но, да не заборавиме што направил Јосафат. Тој застанал пред народот на Јуда, му се помолил  на Јехова и признал дека тој и неговите луѓе се чувствуваат беспомошно (2. Лет. 20:5). Како може да го следиме примерот на Јосафат? Ако си семеен поглавар и твоето семејство се соочува со некој проблем, моли го Јехова да ви даде водство и сила да се справите со него. Додека се молиш пред членовите на семејството, немој да се срамиш да признаеш дека си беспомошен и дека не знаеш што да правиш во таа ситуација. Тие ќе сфатат колку голема доверба имаш во Јехова. Тој му помогнал на Јосафат, а ќе ви помогне и вам.

ЕЗЕКИЈА ГО ПРАВЕЛ ОНА ШТО Е ИСПРАВНО

14, 15. Како Езекија покажал потполна доверба во Бог?

14 Езекија бил уште еден цар кој цврсто се држел за Јехова. Тоа го правел иако неговиот татко му оставил многу лош пример со тоа што им служел на лажни богови. Езекија ги отстранил обредните височинки, ги искршил обредните столбови и го исекол обредниот дирек. Ја скршил и бакарната змија што ја направил Мојсеј, бидејќи Израелците ја користеле како идол. Езекија му бил потполно оддаден на Јехова. Тој ги држел заповедите кои Бог му ги дал на Мојсеј (2. Цар. 18:1-6).

15 Додека Езекија владеел како цар, моќната асирска војска навлегла во Јуда и се заканила дека ќе го уништи Ерусалим. Сенахирим, царот на Асирија, му се подбивал на Јехова и се обидел да го натера Езекија да се предаде. Во овој тежок период, Езекија имал потполна доверба во Јехова и го молел да им помогне. Тој знаел дека Бог е многу помоќен од Асирците и дека може да го спаси својот народ. (Прочитај Исаија 37:15-20.) Бог одговорил на неговата молитва така што испратил еден ангел да убие 185.000 асирски војници (Иса. 37:36, 37).

16, 17. Како може да се угледаме на Езекија?

16 Подоцна, Езекија се разболел и бил на умирање. Во оваа тешка ситуација, тој го молел Јехова да се сети на неговата верност и да му помогне. (Прочитај 2. Царевите 20:1-3.) Јехова ја чул молитвата на Езекија и со чудо го излекувал. Од Библијата знаеме дека денес не можеме да очекуваме Бог со чудо да ги излечи нашите болести или да ни го продолжи животот. Но, исто како Езекија, можеме да го молиме Јехова да ни помогне и да му кажеме: „Те молам, Јехова, те молам, сети се како ти служев верно и ти бев оддаден со цело срце“. Дали веруваш дека Јехова секогаш ќе ти помага, дури и кога си тешко болен? (Пс. 41:3).

17 Додека размислуваме за примерот на Езекија, можеби ќе сфатиме дека нешто ни го загрозува пријателството со Јехова или ни го одзема времето што би можеле да го користиме за да му служиме. На пример, денес многумина во светот преку социјалните мрежи или други средства за комуникација на Интернет идолизираат славни личности, па дури и луѓе кои воопшто не ги познаваат. Честопати, трошат голем дел од своето време за да читаат за такви лица и да ги разгледуваат нивните фотографии. Се разбира, и ние можеме да комуницираме преку социјалните мрежи со нашето семејство или со блиските пријатели. Но, тие средства за комуникација можат да ни одземат премногу време. Би можеле дури да се возгордееме ако многу луѓе ни потврдуваат дека им се допаѓаат нашите фотографии или коментари што сме ги ставиле на Интернет. Или, можеби ќе се навредиме ако сфатиме дека престанале да ги гледаат. Примерот на апостол Павле, како и на Акила и Прискила може да ни помогне во овој поглед. Можеш ли да си ги замислиш нив како секој ден трошат  време за да следат што сѐ им се случува на другите во животот, особено на оние што не му служат на Јехова? Библијата вели дека Павле потполно се посветил на „проповедањето на речта“. А Прискила и Акила користеле голем дел од времето за да проповедаат и поточно да им ја објаснат вистината на другите (Дела 18:4, 5, 26). Можеме да се прашаме: „Дали внимавам да не ги идолизирам луѓето? Дали внимавам да не трошам премногу време на работи што не се вистински важни?“ (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.)

ЈОСИЈА ГИ ДРЖЕЛ ЈЕХОВИНИТЕ ЗАПОВЕДИ

18, 19. Како може да се угледаме на Јосија?

18 Цар Јосија, правнукот на Езекија, исто така ги држел Јеховините заповеди „со сето свое срце“ (2. Лет. 34:31). Кога бил на тинејџерска возраст, тој почнал „да го бара Богот на Давид“. А кога имал 20 години, почнал да го отстранува идолопоклонството од Јуда. (Прочитај 2. Летописи 34:1-3.) Јосија ревносно се трудел да му угоди на Јехова повеќе отколку многу други цареви на Јуда. Но, еден ден, првосвештеникот ја нашол во храмот книгата на Божјиот закон. Ова веројатно била книгата што ја напишал самиот Мојсеј! Кога писарот му ја прочитал на Јосија, тој сфатил дека требало да прави уште повеќе за да му служи на Јехова со цело срце. Освен тоа, тој ги поттикнал и другите да го прават истото. Како резултат на тоа, сѐ додека бил жив Јосија, луѓето не отстапиле од Јехова (2. Лет. 34:27, 33).

19 Јосија можеби научил од својот дедо, цар Манасија, дека Јехова е милостив. Кога Манасија се покајал за своите гревови, Јехова спремно му простил. Ако си млад, можеш да го следиш примерот на Јосија и подобро да го запознаеш Јехова. Како? Така што ќе учиш од постарите во твоето семејство и во собранието. Тие можат да ти раскажат за многуте добри работи што Јехова ги направил за нив. Освен тоа, не заборавај како се чувствувал Јосија откако дознал што пишува во Божјата Реч. Тој имал голема желба да го радува Јехова и затоа веднаш ги направил потребните промени. Додека ја читаш Библијата, можеби ќе се зголеми и твојата решеност уште повеќе да му бидеш послушен на Јехова. Како резултат на тоа, ќе се зајакне твоето пријателство со него и ти ќе бидеш посреќен. А потоа ќе сакаш да им кажуваш и на другите за Јехова. (Прочитај 2. Летописи 34:18, 19.) Додека ја проучуваш Библијата, можеби ќе сфатиш и како можеш подобро да му служиш на Бог. Ако е така, исто како Јосија, дај сѐ од себе за да ги направиш тие промени.

СЛУЖИ МУ НА ЈЕХОВА СО ЦЕЛО СРЦЕ!

20, 21. а) Што им е заедничко на четирите цареви спомнати во оваа статија? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Што можеме да научиме од овие четири цареви на Јуда кои му служеле на Јехова со потполно оддадено срце? Тие биле решени да му угодат на Јехова и да му служат целиот свој живот. Се потпирале на него кога се соочиле со моќни непријатели. А што е најважно, тие му служеле на Јехова бидејќи го сакале.

21 Иако овие четири цареви биле несовршени и правеле грешки, Јехова бил задоволен од нив. Тој видел што имаат во срцето и знаел дека искрено го сакаат. И ние сме несовршени и правиме грешки, но Јехова ќе биде задоволен од нас ако види дека му служиме со цело срце. Во следната статија, ќе разгледаме што можеме да научиме од грешките што ги направиле овие цареви.