Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2017

Оддавај им чест на оние што го заслужуваат тоа

Оддавај им чест на оние што го заслужуваат тоа

На оној што седи на престолот и на Јагнето нека биде благословот и честа и славата и моќта во сета вечност! (ОТК. 5:13)

ПЕСНИ: 9, 108

1. На кого обично му оддаваме чест, и што ќе дознаеме од оваа статија?

ШТО значи да му се оддава чест некому? Тоа значи да му се посветува посебно внимание, односно да му се покажува почит. Најчесто им оддаваме чест на оние што направиле нешто со што го заслужуваат тоа или на оние што имаат некаква важна задача или одговорна положба. Во оваа статија ќе видиме кому треба да му оддаваме чест и зошто.

2, 3. а) Зошто особено Јехова заслужува да му оддаваме чест? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Кого го претставува „Јагнето“ кое е спомнато во Откровение 5:13, и зошто треба да му оддаваме чест?

2 Во Откровение 5:13 пишува дека „оној што седи на престолот“ и „Јагнето“ заслужуваат да им се оддава чест. „Оној што седи на престолот“ е Јехова. Во Откровение поглавје 4, духовните суштества на небото ни откриваат една причина зошто Јехова, „оној што живее во сета вечност“, заслужува да му се оддава чест. Тие велат: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа  и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Отк. 4:9-11).

3 „Јагнето“ спомнато во Откровение 5:13 е Исус Христос. Од каде го знаеме ова? Кога бил на Земјата, Исус бил наречен „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29). Библијата ни кажува дека Исус е „Цар над царевите и Господар над господарите“ (1. Тим. 6:14-16). Кој друг цар бил спремен да го даде својот живот како откупнина за своите поданици? Ова е силна причина поради која треба да му оддаваме чест. Зарем не се чувствуваш како илјадниците духовни суштества кои на сет глас извикуваат: „Јагнето, кое беше заклано, е достојно да прими моќ и богатство и мудрост и сила и чест и слава и благослов“? (Отк. 5:12).

4. Зошто е мудро да им оддаваме чест на Јехова и на Христос?

4 Нашиот живот зависи од тоа дали ќе им оддаваме чест на Јехова и на Христос. Ова јасно се гледа од зборовите кои се запишани во Јован 5:22, 23: „Таткото не суди никому, туку сиот суд му го довери на Синот за сите да го почитуваат Синот како што го почитуваат Таткото. Кој не го почитува Синот, не го почитува ни Таткото, кој го испрати“. (Прочитај Псалм 2:11, 12.)

5. Зошто сите луѓе заслужуваат да им се оддава чест во одредена мера?

5 Луѓето се создадени „според Божјиот лик“ (1. Мој. 1:27). Тоа значи дека тие имаат способност да покажуваат особини слични на Божјите, како што се љубовта, добротата и сочувството. Луѓето се создадени и со совест — чувство за тоа што е добро или лошо, исправно или погрешно, чесно или нечесно (Рим. 2:14, 15). Повеќето луѓе го сакаат она што е чисто и убаво, и сакаат да живеат во мир со другите. Ова не треба да нѐ изненади бидејќи Јехова е Бог на редот и мирот. Без разлика дали се свесни или не, сите луѓе до одредена мера ги покажуваат особините на Јехова. Затоа, заслужуваат да им оддаваме чест, односно да ги почитуваме (Пс. 8:5).

КАКО И ВО КОЈА МЕРА ТРЕБА ДА ИМ ОДДАВАМЕ ЧЕСТ НА ДРУГИТЕ

6, 7. Во што се разликуваат Јеховините сведоци од многу луѓе кога станува збор за оддавањето чест?

6 Понекогаш не ни е лесно да одредиме кој е исправниот начин и во која мера треба да им оддаваме чест на другите луѓе. Повеќето луѓе се под силно влијание на ставовите на Сатановиот свет. Затоа имаат склоност да им оддаваат претерана почит на одредени личности. Тие ги идолизираат, односно гледаат на нив како на богови. Имитираат спортисти, филмски ѕвезди, политичари, верски водачи и други познати личности така што се облекуваат и се однесуваат исто како нив.

7 Вистинските христијани се свесни дека е погрешно на таков начин и во толкава мера да им се оддава чест на луѓето. Од сите луѓе што некогаш живееле на Земјата, само Исус оставил совршен пример на кој треба да се угледаме (1. Пет. 2:21). Не смееме да заборавиме една основна вистина која е запишана во Библијата: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Рим. 3:23). Затоа, ниеден човек не заслужува да му оддаваме чест до таа мера што тоа ќе биде рамно на идолопоклонство. Ако на луѓето им покажуваме претерана почит, ќе го повредиме Јехова.

8, 9. а) Каков став имаат Јеховините сведоци кон властите? б) До која мера треба да им бидеме послушни на властите?

 8 Некои луѓе заслужуваат да им оддаваме чест поради нивната положба. На пример, од човечките власти се очекува да го одржуваат редот и мирот, и да се грижат за потребите на своите граѓани. Тоа ни користи на сите. Апостол Павле рекол дека треба да им бидеме подложни на властите. Во Библијата пишува: „Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара данок — данок,.. кој бара чест — чест“ (Рим. 13:1, 7).

9 Затоа, како Јеховини сведоци, ние правиме сѐ што можеме за да им покажеме почит на властите. Се разбира, она што властите го очекуваат од луѓето во една земја, може да се разликува од она што го очекуваат во друга. Без разлика каде се наоѓаме, ние соработуваме со нив додека тие ги извршуваат своите должности. Сепак, нема да ги послушаме ако бараат од нас да направиме нешто што е спротивно на Божјите закони. Во таков случај, поважно е да му бидеме послушни на Бог отколку на луѓето. (Прочитај 1. Петрово 2:13-17.)

10. Каков добар пример ни оставиле Јеховините слуги во минатото?

10 Јеховините слуги во минатото ни оставиле добар пример за тоа како треба да покажуваме почит кон властите. Кога Римјаните побарале од луѓето да учествуваат во еден попис, Јосиф и Марија патувале до Витлеем иако Марија наскоро требало да се породи (Лука 2:1-5). Апостол Павле е уште еден добар пример за тоа како треба да покажуваме почит кон човечките власти. Кога бил обвинет дека прави нешто погрешно, тој со почит зборувал во своја одбрана пред царот Агрипа и пред Фест, управителот на римската провинција Јудеја (Дела 25:1-12; 26:1-3).

11, 12. а) Зошто не им оддаваме посебна чест на верските водачи? б) Што се случило кога еден Сведок од Австрија покажал почит кон еден политичар?

11 Дали треба да им оддаваме некаква посебна чест на верските водачи? Не. Треба да ги почитуваме во иста мера како и секој друг човек. Би било погрешно да им оддаваме посебна чест, дури и ако го очекуваат тоа. Зошто? Бидејќи лажната религија не им ја кажува на луѓето вистината за Бог и за неговата Реч, Библијата. Исус ги осудил лажните верски учители и ги нарекол лицемери и лоши водачи (Мат. 23:23, 24). Од друга страна, не би било погрешно да им укажеме посебна почит на државните службеници. Тоа понекогаш дури водело до добри резултати.

12 Еден таков службеник бил д-р Хајнрих Глајснер, политичар од Австрија. За време на Втората светска војна, тој бил уапсен од страна на нацистите. Додека бил во возот кој требало да го однесе до концентрациониот логор Бухенвалд, се запознал со Леополд Енглајтнер, ревносен Сведок од Австрија. Брат Енглајтнер со почит му ги објаснил своите верувања на д-р Глајснер, а тој внимателно го слушал. Кога војната завршила, Хајнрих Глајснер повеќе пати ја искористил својата положба за да им помогне на Сведоците во Австрија. Можеби знаеш и други примери од кои се гледа дека имало добри резултати кога Сведоците покажале почит кон некои службеници.

ДРУГИ КОИ ЗАСЛУЖУВААТ ПОЧИТ

13. Кои луѓе особено заслужуваат да ги почитуваме, и зошто?

13 Нашите браќа и сестри ја заслужуваат нашата почит. Ова особено  важи за браќата кои предводат, како што се старешините, покраинските надгледници, членовите на Одборите на подружниците и членовите на Водечкото тело. (Прочитај 1. Тимотеј 5:17.) Сите тие се грижат за потребите на Божјиот народ, и Библијата ги нарекува „луѓе како дарови“ (Еф. 4:8). Затоа заслужуваат да им оддаваме чест без оглед на нивната националност, степен на образование, општествена положба или финансиска состојба. Христијаните од првиот век ни оставиле добар пример во овој поглед. Тие ги почитувале браќата кои предводеле, а истото го правиме и ние. Кога сме заедно со овие браќа, ние не се однесуваме со нив како да се ангели. Но, ги почитуваме поради огромниот труд што го вложуваат за да ни служат и поради понизноста што ја покажуваат. (Прочитај 2. Коринќаните 1:24; Откровение 19:10.)

14, 15. Во што се разликуваат христијанските старешини од многу верски водачи?

14 Таквите старешини се како понизни пастири. Тие не сакаат да се однесуваме со нив како да се славни личности. Поради тоа многу се разликуваат од голем број верски водачи од наше време, како и од верските водачи во времето на Исус. Во врска со нив, Исус рекол: „Го сакаат најдоброто место на гозбите и предните седишта во синагогите и да бидат поздравувани по плоштадите“ (Мат. 23:6, 7).

15 Христијанските старешини се послушни на Исусовите зборови: „Не дозволувајте да ве нарекуваат учители, зашто еден е вашиот учител, а сите вие сте браќа. И никого на земјата не нарекувајте го татко, зашто еден е вашиот Татко — оној што е на небесата. Не дозволувајте ниту да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос. А најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. Зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Мат. 23:8-12). Кога старешините во собранијата низ целиот свет се понизни и послушни на она што го кажал Исус, нивните браќа и сестри ги сакаат и ги почитуваат.

Кога старешините се понизни и послушни на она што го кажал Исус, нивните браќа и сестри ги сакаат и ги почитуваат (Види во пасуси 13-15)

16. Зошто треба и понатаму да се трудиме да им оддаваме чест на другите онака како што сака Јехова?

16 Можеби ќе ни треба време да научиме како да им оддаваме чест на другите на урамнотежен начин. Ова било случај и со првите христијани (Дела 10:22-26; 3. Јов. 9, 10). Сепак, вреди да вложиме труд. Тоа што ќе им покажуваме почит на другите онака  како што сака Јехова може да донесе многу добри резултати.

ЗОШТО Е ДОБРО ДА ИМ ОДДАВАМЕ ЧЕСТ НА ДРУГИТЕ

17. Наведи кои добри резултати произлегуваат кога покажуваме почит кон оние што имаат некаков авторитет.

17 Кога им оддаваме чест на луѓето што имаат некаков авторитет во општеството, тие ќе бидат поспремни да го заштитат нашето право да проповедаме. Можеби дури и ќе стекнат позитивно гледиште за нашите активности. Токму тоа се случило пред неколку години во Германија. Една пионерка, по име Биргит, отишла во училиштето на ќерка ѝ на свеченоста по повод завршувањето на основното училиште. Во таа прилика, наставниците ѝ рекле на Биргит дека им било многу мило што низ годините имале ученици кои биле Јеховини сведоци. Тие сметале дека овие ученици придонеле да има подобра атмосфера во училиштето. Биргит им рекла: „Нашите деца се поучени да се однесуваат во склад со мерилата што ги дал Бог, во што е вклучено и да ги почитуваат своите наставници“. Една наставничка рекла дека, кога сите деца би биле како Сведоците, работата би им била многу полесна. Тие имале толку добро мислење за учениците кои биле Сведоци што неколку седмици подоцна една од наставничките присуствувала на конгрес.

18, 19. Што треба да имаме на ум кога им оддаваме чест на старешините?

18 Начелата од Божјата Реч можат да ни помогнат да сфатиме како треба да им оддаваме чест на собраниските старешини. (Прочитај Евреите 13:7, 17.) Треба да ги пофалуваме за нивниот труд и да го следиме нивното водство. Така ќе им помогнеме да служат со радост. Освен тоа, Библијата вели дека треба да се угледаме на нивната вера. Но, тоа не значи дека треба да го имитираме начинот на кој се облекуваат или изгледаат, начинот на кој што држат говори, па дури и начинот на кој што разговараат. Кога би правеле така, тогаш би изгледало дека следиме луѓе, а не Христос. Не треба да заборавиме дека и старешините се несовршени исто како и ние.

19 Освен тоа, и на старешините им користи кога не им оддаваме претерана почит, односно не се однесуваме со нив како да се славни личности. Тоа им помага да останат понизни и да не мислат дека се подобри од другите или дека секогаш се во право.

20. Како ни помага тоа што им оддаваме чест на другите?

20 Тоа што им укажуваме почит на другите нѐ чува од себичност и ни помага да останеме понизни кога некој нам ни оддава чест. Ова ни служи и како заштита бидејќи ни помага да не се спрепнеме ако нѐ разочара некој што особено го почитуваме. Друга корист е што на тој начин остануваме обединети со Јеховината организација која не му оддава претерана чест на ниту еден човек, без разлика дали е Божји слуга или, пак, не.

21. Која е најважната работа што се постигнува кога на исправен начин им оддаваме чест на другите?

21 Најважно од сѐ, кога на другите им оддаваме чест на исправен начин, го радуваме Бог и му остануваме верни. Јехова тогаш може да му одговори на Сатана, кој тврди дека никој нема да му остане верен (Изр. 27:11). Повеќето луѓе во светот не знаат како и до која мера треба да им оддаваат чест на другите. Ние сме многу благодарни што знаеме како да го правиме тоа на начин што го одредил Јехова!