Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2017

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Многу ми користи тоа што одев со мудрите

Многу ми користи тоа што одев со мудрите

СЕ СЕЌАВАМ, беше едно студено утро пред многу години во Брукингс (Јужна Дакота, САД). Се чувствуваше дека наскоро ќе започне зимата. Заедно со уште неколкумина, стоевме во една плевна и се тресевме од студ. До нас имаше големо железно корито за напојување на стока кое беше полно со ладна вода. Пред да ви објаснам зошто бевме таму, ќе ви раскажам нешто за мојот живот.

МОЕТО ДЕТСТВО

Чичко ми Алфред и татко ми

Роден сум на 7 март 1936 год. како најмал од четирите деца. Живеевме на една мала фарма во источниот дел од Јужна Дакота. Иако работата на фармата беше важен дел од нашиот живот, тоа не ни беше најважното нешто. Моите родители се крстија како Јеховини сведоци во 1934 год. Бидејќи својот живот му го заветуваа на Јехова, за нив беше најважно да ја вршат неговата волја. Татко ми Кларенс, а подоцна и чичко ми Алфред, служеше како слуга на друштвото (кој сега се нарекува координатор на старешинството) во нашето мало собрание во Конди (Јужна Дакота).

Како семејство редовно ги посетувавме собраниските состаноци и одевме од куќа до куќа за да им кажуваме на другите за прекрасната библиска надеж. Примерот на моите родители и нивната поука многу ни помогнаа да го засакаме Јехова. Јас и сестра ми Дороти станавме објавители на Божјето Царство кога имавме шест години. Во 1943 год., почнав да учествувам во Теократската школа за служба, која штотуку беше почнала да се одржува.

Како пионер во 1952 год.

Конгресите и собирите беа важен дел од нашиот живот. Се сеќавам на еден конгрес кој се одржа во 1949 год. во Сијукс Фолс (Јужна  Дакота). Брат Грант Сјутер го изнесе говорот со наслов „Крајот е поблиску отколку што мислиш!“ Тој нагласи дека сите Божји слуги треба да го користат својот живот за да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Тоа ме поттикна да му го заветувам својот живот на Јехова. Се крстив на следниот покраински собир во Брукингс на 12 ноември 1949 год. Токму затоа бев во студената плевна што ја спомнав на почетокот. За мене и за другите тројца кои требаше да се крстиме тој ден, железното корито беше „базенот“ за крштавање.

Тогаш си поставив цел да служам како пионер. Започнав со пионерската служба на 1 јануари 1952 год., кога имав 15 години. Во Библијата пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“, а голем број членови од моето семејство беа мудри и ја поддржуваа мојата одлука да служам како пионер (Изр. 13:20). Честопати проповедав заедно со мојот чичко Џулиус кој имаше 60 години. Иако беше доста постар од мене, многу убаво си поминувавме во служба. Навистина научив многу од него и од неговото искуство во животот. По кратко време, и сестра ми Дороти стана пионер.

ПОМОШ ОД ПОКРАИНСКИТЕ НАДГЛЕДНИЦИ

Кога бев млад, моите родители канеа многу покраински надгледници со нивните сопруги да престојуваат кај нас. Брачниот пар Џеси и Лин Кантвел многу ми помогнаа. Тие се грижеа за мене и ме охрабруваа. Кога служеа во соседните собранија, понекогаш ме земаа со себе во служба. Навистина уживав со нив! Нивната грижа беше една од работите кои ме поттикнаа да си поставам теократски цели и да станам пионер.

Наш следен покраински надгледник беше Бад Милер. Имав 18 години кога тој и неговата сопруга Џоан го посетија нашето собрание. Во тоа време морав да се пријавам кај регрутната комисија која утврдува кој треба да оди во војска. Од мене се бараше да извршувам задачи за кои сметав дека се косат со Исусовата заповед да бидеме неутрални во однос на политиката. Освен тоа, јас сакав да ја проповедам добрата вест за Царството (Јован 15:19). Затоа побарав да ме евидентираат како верски проповедник. *

 Многу се израдував кога брат Милер ми рече дека ќе дојде со мене на состанокот со регрутната комисија. Тој не беше срамежлив човек и немаше страв од луѓе. Исто така, добро ја познаваше Библијата. Тоа што беше со мене ми влеа многу храброст. Кон крајот на летото 1954 год., како резултат на тој состанок, регрутната комисија го прифати моето барање да бидам евидентиран како верски проповедник. Така можев без никаква пречка да правам повеќе за Јехова.

Набрзо откако дојдов на фармата во Бетел

Набрзо потоа, бев поканет да служам во Бетел, на тогашната фарма на Јеховините сведоци, на Стејтен Ајленд (Њујорк). Таму служев три години. Имав многу убави искуства бидејќи соработував со голем број мудри браќа и сестри.

БЕТЕЛСКА СЛУЖБА

На имотот на радиостаницата WBBR со брат Франц

На фармата на Стејтен Ајленд имаше и радиостаница наречена WBBR, која Јеховините сведоци ја користеа од 1924 до 1957 год. Само 15 до 20 членови на бетелското семејство служеа на фармата. Повеќето од нас беа млади и прилично неискусни. Но, со нас работеше и еден постар помазан брат, Елдон Вудворт. Тој ни беше како татко и нѐ поучи за многу работи. Понекогаш, кога ќе се појавеа недоразбирања меѓу нас, брат Вудворт ќе кажеше: „Вистинско чудо е што сѐ постигнува Господарот и покрај несовршеноста на оние што ги користи“.

Хари Петерсон ревносно ја проповедаше добрата вест

Со нас беше и брат Фредерик Франц. Неговата мудрост и извонредно познавање на Библијата извршија многу позитивно влијание врз сите. Исто така, тој се грижеше за секој од нас поединечно. Нашиот готвач беше Хари Петерсон. Многу ни беше полесно да го користиме тоа презиме наместо неговото вистинско, Папаргиропулос. И тој беше помазаник и многу ревносно проповедаше. Брат Петерсон добро си ја вршеше службата во Бетел, но никогаш не ја запоставуваше службата на проповедање. Секој месец даваше стотици списанија. Исто така, одлично ја познаваше Библијата и ни даваше одговор на многу наши прашања.

МНОГУ НАУЧИВ И ОД МУДРИТЕ СЕСТРИ

Овошјето и зеленчукот што го произведувавме на фармата го користевме за да правиме зимница. Секоја година подготвувавме околу 45.000 тегли со овошје и зеленчук за бетелското семејство. Соработував со Ета Хат, една  многу мудра сестра. Таа направи рецепти што ги користевме за подготвувањето на зимницата. И други сестри од околината доаѓаа да работат со нас, а Ета помагаше да се организира работата. Иако знаеше многу за подготовката на зимницата, Ета секогаш покажуваше почит кон браќата кои ја надгледуваа фармата. Со тоа ни остави многу убав пример на сите.

Со Анџела и со Ета Хат

Една од младите сестри што доаѓаа да работат на фармата беше Анџела Романо. Ета ѝ помагала кога дошла во вистината. И така, додека служев во Бетел, запознав уште една мудра сестра, со која сум заедно веќе 58 години. Со Анџела се венчавме во април 1958 год., и доживеавме многу благослови во службата за Јехова. Сите овие години, со својата верност кон Јехова, Анџела многу придонесе нашиот брак да остане цврст. Можам целосно да се потпрам на неа без разлика какви тешкотии имаме.

СЛУЖИМЕ КАКО МИСИОНЕРИ И ВО ПАТУВАЧКОТО ДЕЛО

Во 1957 год., кога браќата ги продадоа објектите на Стејтен Ајленд, кратко време служев во Бетелот во Бруклин. Кога се венчавме со Анџела, прекинав со бетелската служба. Три години служевме како пионери на Стејтен Ајленд. Некое време дури и работев за новите сопственици на радиостаницата, која доби ново име WPOW.

Со Анџела водевме едноставен живот за да можеме да служиме секаде каде што има потреба. Како резултат на тоа, во 1961 год. ја прифативме поканата да служиме како специјални пионери во Фолс Сити (Небраска, САД). Но, набрзо откако пристигнавме таму, бевме поканети да одиме во Саут Ленсинг (Њујорк) за да присуствуваме на Школата за именувани браќа *‚ која тогаш траеше еден месец. Навистина уживавме во обуката што ја добивме, и очекувавме дека по Школата ќе се вратиме назад во Небраска. Затоа бевме изненадени кога добивме нова задача — да служиме како мисионери во Камбоџа. Во таа прекрасна земја во југоисточна Азија видовме, чувме и вкусивме работи кои беа потполно нови за нас. Многу сакавме на тамошните луѓе да им ја пренесеме добрата вест за Божјето Царство.

Но, политичката ситуација во Камбоџа се смени и моравме да се префрлиме во Јужен Виетнам. За жал, по две години тешко се разболев и моравме да се вратиме во Соединетите Држави. По некое време, откако закрепнав, повторно почнавме со пионерска служба.

Со Анџела во 1975 год., пред едно телевизиско интервју

Во март 1965 год. започнавме да им служиме на собранијата во патувачкото дело. Цели 33 години, додека служев како покраински и областен надгледник, јас и Анџела учествувавме во подготовката на конгресите, а помагавме и додека се одржуваа. Многу уживав во тоа бидејќи конгресите за мене отсекогаш беа нешто посебно. Неколку години ги посетувавме собранијата во и околу Њујорк Сити, а голем број од конгресите се одржуваа на стадионот Јенки.

СЕ ВРАЌАМЕ ВО БЕТЕЛ

Заедно со Анџела низ годините извршувавме голем број интересни и тешки задачи. Во  1995 год., бев замолен да служам како инструктор на Школата за организациско оспособување. Три години подоцна, бевме поканети во Бетел. Бев среќен што, после 40 години, повторно се вратив во Бетел, местото каде што започнав со специјална полновремена служба. Некое време бев во Одделението за служба и бев инструктор на многу од школите. Во 2007 год., Водечкото тело го формираше Одделот за теократски школи кој ги надгледува сите школи кои се одржуваат во Бетел, а неколку години служев како надгледник на тој Оддел.

Во последниве години имаше многу промени во теократските школи. Школата за собраниски старешини започна да се одржува во 2008 год. Следните две години, повеќе од 12.000 старешини добија обука во Бетелот во Патерсон и во Бруклин. Таа Школа сега се одржува и во многу други места. Во 2010 год., името на Школата за организациско оспособување беше сменето во Библиска школа за неженети браќа, а беше формирана и нова школа која се викаше Библиска школа за брачни парови.

Почнувајќи од септември 2014 год., тие две школи беа споени во една која се вика Школа за полновремени објавители. На неа може да присуствуваат брачни парови, како и браќа и сестри кои не се во брак. Многумина низ целиот свет беа пресреќни кога чуја дека и во нивната земја ќе се одржува оваа Школа. Навистина е прекрасно што се отвораат можности за уште многу други да учествуваат во овие теократски школи. И многу сум благодарен што имав можност да сретнам голем број браќа и сестри кои направија промени во својот живот за да можат да ја добијат оваа обука.

Кога ќе размислам за мојот живот, му благодарам на Јехова што ми овозможи да соработувам со голем број мудри луѓе. Тие ми помогнаа да го запознаам и подобро да му служам. Некои беа помлади од мене, а други беа постари. А голем дел од нив потекнуваа од други култури. Но, од нивните постапки и ставови видов дека многу го сакаат Јехова. Од срце сум благодарен што во неговата организација имам голем број мудри пријатели од кои можам постојано да учам.

Се радувам што можам да запознаам браќа и сестри од целиот свет кои присуствуваат на теократските школи

^ пас. 12 Верските проповедници во САД биле ослободени од воена служба.

^ пас. 23 Во тоа време, сопругите кои служеле како специјални пионери биле поканети да присуствуваат на Школата заедно со своите сопрузи.