Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2017

Помагај им на „дојденците“ радосно да му служат на Јехова

Помагај им на „дојденците“ радосно да му служат на Јехова

Јехова ги чува дојденците (ПС. 146:9)

ПЕСНИ: 84, 73

1, 2. а) Со какви неволји се соочуваат некои наши браќа и сестри? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

„КОГА започна граѓанската војна во Бурунди, јас и моето семејство присуствувавме на еден собир“, вели еден брат по име Лиј. „Гледавме луѓе како трчаат и пукаат. Јас, моите родители и моите десет браќа и сестри побегнавме за да си го спасиме животот, носејќи со себе само неколку основни работи. Некои од семејството успеаја да стигнат до кампот за бегалци во Малави, минувајќи пат од преку 1.600 километри. Ние останатите се распрснавме на различни страни.“

2 Во светот има повеќе од 65 милиони бегалци кои биле принудени да ги напуштат своите домови поради војна или прогон. Ова е највисокиот број на бегалци што некогаш бил регистриран. * Меѓу нив има илјадници Јеховини сведоци. Многу од нив ги изгубиле своите блиски и речиси сѐ што поседувале. Со кои други предизвици се соочиле некои од нив? Како можеме да им помогнеме на нашите браќа и сестри радосно да  му служат на Јехова и покрај неволјите со кои се соочуваат? (Пс. 100:2). Кој е најдобриот начин да им проповедаме на бегалците кои не го познаваат Јехова?

ЖИВОТОТ НА БЕГАЛЦИТЕ

3. Зошто Исус и многу од неговите ученици морале да бегаат?

3 Откако еден Јеховин ангел го предупредил Јосиф дека цар Ирод сака да го убие Исус, Јосиф со своето семејство пребегал во Египет. Таму останале сѐ до смртта на Ирод (Мат. 2:13, 14, 19-21). По неколку децении, учениците на Исус се распрснале „по јудејските и самариските краишта“ поради прогонство (Дела 8:1). Исус прорекол дека голем број од неговите следбеници ќе бидат присилени да ги напуштат своите домови. Тој рекол: „Кога ќе ве прогонуваат во еден град, бегајте во друг“ (Мат. 10:23). Без разлика од која причина некој мора да избега и да го напушти својот дом, тоа воопшто не е лесно.

4, 5. Со какви опасности се соочуваат бегалците додека а) бегаат? б) живеат во бегалски камп?

4 Додека бегаат од својот дом или живеат во бегалски кампови, бегалците се соочуваат со различни опасности. Гат, помладиот брат на Лиј, вели: „Пешачевме со недели, минувајќи покрај стотици мртви тела“. Тој додава: „Тогаш имав 12 години. Стапалата ми беа толку многу отечени што им кажав на моите да продолжат без мене. Татко ми не сакаше да ме остави на бунтовниците, па затоа ме носеше. Се трудевме да преживееме ден за ден, му се молевме на Јехова и се потпиравме на него. Понекогаш јадевме само манго кое растеше покрај патот“ (Фил. 4:12, 13).

5 Повеќето членови од семејството на Лиј поминале многу години во бегалските кампови на Обединетите нации. Сепак, и таму не биле безбедни. Лиј, кој сега служи како покраински надгледник, вели: „Повеќето луѓе ништо не работеа. Само оговараа, се опиваа, се коцкаа, крадеа и се однесуваа неморално“. За да се заштитат од лошото влијание, Сведоците морале да бидат зафатени со теократски активности (Евр. 6:11, 12; 10:24, 25). За да останат духовно јаки, мудро го користеле времето. Многумина служеле како пионери. Се труделе да задржат позитивен став имајќи на ум дека нивниот престој во кампот ќе заврши исто како што завршило патувањето на Израелците низ пустината (2. Кор. 4:18).

ПОКАЖУВАЈ ЉУБОВ КОН БЕГАЛЦИТЕ

6, 7. а) На што нѐ поттикнува „љубовта кон Бог“? б) Наведи пример.

6 „Љубовта кон Бог“ нѐ поттикнува да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри, особено кон оние што минуваат низ тешки ситуации. (Прочитај 1. Јованово 3:17, 18.) На пример, кога во првиот век на христијаните во Јудеја им се заканувал глад, соверниците им испратиле помош (Дела 11:28, 29). Апостол Павле и Петар исто така ги поттикнале христијаните да бидат гостољубиви (Рим. 12:13; 1. Пет. 4:9). Ако сме гостопримливи кон соверниците што нѐ посетуваат од други места, колку повеќе треба да бидеме гостопримливи кон браќата чии животи се во опасност или кои се прогонети поради својата вера. (Прочитај Изреки 3:27.) *

7 Неодамна, илјадници Јеховини сведоци од источна Украина — мажи, жени и деца — беа принудени да избегаат поради војна и прогонство. За жал, некои од нив загинаа. Но, повеќето беа примени во домовите на браќата и сестрите во другите делови на Украина и во Русија. Во двете земји, тие останаа политички неутрални и покажаа дека не се дел од светот. Освен тоа, продолжија ревносно да ја објавуваат добрата вест (Јован 15:19; Дела 8:4).

 ПОМАГАЈ ИМ НА БЕГАЛЦИТЕ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНАТ ВЕРАТА

8, 9. а) Со кои предизвици може да се соочат бегалците во новата земја? б) Зошто треба стрпливо да им помагаме?

8 Некои бегалци морале да се преселат во друг дел од својата земја, а многу други, пак, пребегале во туѓа земја. Властите можеби им обезбедуваат храна, облека и место за живеење, но бегалците сепак се соочуваат со тешкотии. На пример, храната може да биде многу поинаква од онаа на која се навикнати. Бегалците кои се од потопли краишта можеби не знаат како да се облечат на ладно време. Ако доаѓаат од селски подрачја, можеби не знаат како да ги користат современите апарати.

9 Некои влади имаат програми за да им помогнат на бегалците да се приспособат на новите околности. Но, по неколку месеци, од бегалците обично се очекува да се грижат самите за себе. Оваа промена не е лесна. Замисли што сѐ треба да научат одеднаш: нов јазик, нови обичаи и нови закони во врска со работи како што се плаќање сметки и даноци, посетување училиште, па дури и воспитување на децата! Дали можеш стрпливо и со почит да им помагаш на браќата и сестрите кои се соочуваат со вакви предизвици? (Фил. 2:3, 4).

10. Како можеме да им ја зајакнеме верата на бегалците веднаш штом ќе пристигнат? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Понекогаш, властите им отежнуваат на браќата кои се бегалци да стапат во контакт со локалното собрание. Некои владини организации им се закануваат дека ќе престанат да им помагаат или дека нема да им дозволат да останат во земјата ако одбијат вработување поради кое ќе мора да ги пропуштаат состаноците. Бидејќи биле исплашени и се чувствувале беспомошно, некои прифатиле такво вработување. Затоа, многу е важно што побрзо да стапиме во контакт со нашите браќа и сестри кои се бегалци. Тие треба да видат дека се грижиме за нив. Нашето сочувство и практична помош може да им ја зајакне верата (Изр. 12:25; 17:17).

ПРУЖИ ИМ ПРАКТИЧНА ПОМОШ

11. а) Каква помош им е потребна на бегалците на почетокот? б) Како можат бегалците да покажат благодарност?

11 На почетокот, можеби ќе треба да им дадеме на нашите браќа храна, облека и други основни работи. * Дури и малите подароци можат многу да им значат. На пример, можеш да му дадеш вратоврска на некој брат. Од друга страна, кога бегалците не бараат премногу, туку покажуваат благодарност за она што другите го прават за нив, им овозможуваат на локалните браќа да ја почувствуваат радоста од давањето. Се разбира, важно е бегалците со текот на времето да почнат самите да се грижат за своите потреби. Тоа ќе им помогне да си ја зачуваат самопочитта и да имаат добар однос со локалните браќа и сестри (2. Сол. 3:7-10). Но, потребна им е и практична помош.

Како можеме да им помогнеме на нашите браќа и сестри кои се бегалци? (Види во пасуси 11-13)

12, 13. а) Како можеме да им пружиме практична помош на бегалците? б) Наведи пример.

12 За практично да им помогнеме на бегалците не ни се потребни многу пари, туку главно треба да им посветиме време и да им покажеме љубов. Би можел да им покажеш како да користат јавен превоз, како да најдат здрава а евтина храна и како да набават алат или опрема со кои би можеле да заработуваат за живот. Што е уште поважно, можеш да им помогнеш да се вклучат во активностите  на нивното ново собрание. Доколку си во можност, понуди им превоз за состаноците. Исто така, објасни им како да им сведочат на луѓето на подрачјето и оди со нив во служба.

13 Кога четворица млади бегалци пристигнале во едно собрание, некои старешини ги учеле да возат, да пишуваат на тастатура и да составуваат кратка биографија за да можат да се вработат. Освен тоа, им покажале како да си го организираат времето за да можат да ја стават службата за Јехова на прво место (Гал. 6:10). Набрзо, сите четворица станале пионери. Благодарение на помошта од старешините и трудот што самите го вложиле за да си постават цели во службата за Јехова, напредувале во духовен поглед и се заштитиле од влијанието на Сатановиот свет.

14. а) На кое искушение треба да му се спротивстават бегалците? б) Наведи пример.

14 Како и другите Божји слуги, и бегалците мора да се борат против искушението и притисокот да го жртвуваат својот однос со Јехова за да стекнат материјални работи. * Лиј, кој беше спомнат претходно, и неговите браќа и сестри се сеќаваат на важните поуки за верата кои нивниот татко им ги кажувал дури и додека бегале. Тие велат: „Една по една, тој ги фрлаше непотребните работи што ги носевме. На крај, ни ја покажа празната торба и со насмевка ни рече: ‚Гледате? Ова е сѐ што ви треба‘“. (Прочитај 1. Тимотеј 6:8.)

ПОГРИЖИ СЕ ЗА НАЈВАЖНИТЕ ПОТРЕБИ НА БЕГАЛЦИТЕ

15, 16. Како можеме да им помогнеме на бегалците а) во духовен поглед? б) во емоционален поглед?

15 На бегалците не им се потребни само храна и облека. Потребни им се и емоционална поддршка и утеха од Библијата (Мат. 4:4). Старешините можат да им помогнат така што ќе им однесат публикации на нивниот јазик и ќе се погрижат да стапат во контакт со браќа и сестри кои го зборуваат тој јазик. Ова е многу важно бидејќи голем број бегалци биле принудени да ги остават своите роднини, пријатели и собранија. Тие треба да ја почувствуваат Јеховината љубов и сочувството кое владее меѓу нивните соверници. Во спротивно, би можеле да бараат помош од други луѓе кои се од нивната земја, но не му служат на Јехова (1. Кор. 15:33). Со тоа што ќе им помогнеме на бегалците да се чувствуваат дел од собранието, имаме чест да  соработуваме со Јехова кој сака да ги заштити (Пс. 146:9).

16 Како што било случај со Исус и неговото семејство, и некои бегалци денес не можат да се вратат во својата земја сѐ додека се на власт оние што ги угнетувале. Други, пак, можеби не сакаат да се вратат бидејќи доживеале трауми. Лиј вели: „Многу родители кои виделе како членови од нивните семејства се силувани или убиени не сакаат ни да помислат да ги вратат своите деца таму каде што се случиле овие трагедии“. Затоа, браќата во земјите каде што дошле бегалци треба да бидат „сочувствителни, полни со братска љубов, сомилосни, понизни“ (1. Пет. 3:8). Поради тоа што биле угнетувани, некои бегалци избегнуваат да се дружат со другите и можеби се срамат да зборуваат за своите страдања, особено во присуство на своите деца. Прашај се: „Ако јас би бил на нивно место, како би сакал другите да постапуваат со мене?“ (Мат. 7:12).

КАКО ДА ИМ ПРОПОВЕДАМЕ НА БЕГАЛЦИТЕ КОИ НЕ СЕ СВЕДОЦИ

17. Како нашето проповедање им носи утеха и охрабрување на бегалците?

17 Многу од бегалците доаѓаат од земји во кои нашето дело е законски ограничено. Благодарение на ревносните браќа и сестри во земјите кои примаат бегалци, илјадници од нив имаат прилика за првпат да ја слушнат „речта за царството“ (Мат. 13:19, 23). Мнозина кои се „оптоварени“ добиваат утеха и охрабрување на нашите состаноци, и за кратко време велат: „Навистина, Бог е меѓу вас“ (Мат. 11:28-30; 1. Кор. 14:25).

18, 19. Како можеме да покажеме мудрост кога им проповедаме на бегалците?

18 Кога им проповедаме на бегалците, мора да бидеме мудри и претпазливи (Мат. 10:16; Изр. 22:3). Внимателно слушај што ги загрижува, но не разговарај за политика. Следи ги упатствата од подружницата и од властите. Никогаш не се доведувај себеси или другите во опасни ситуации. Бидејќи бегалците се од различни религии и култури, треба да ги дознаеме и да ги почитуваме нивните ставови. На пример, луѓето од некои земји имаат многу строги мерила во врска со облекувањето на жените. Затоа, кога проповедаме на бегалци, треба да се облекуваме на начин што нема да ги навреди.

19 Ние сакаме да им помогнеме на луѓето кои страдаат, дури и на оние што не му служат на Јехова. Со тоа го следиме добриот пример на Самарјанинот од споредбата на Исус (Лука 10:33-37). Најдобро ќе им помогнеме ако им ја пренесеме добрата вест. Еден старешина кој им помогнал на многу бегалци вели: „Важно е уште на самиот почеток јасно да им дадеме до знаење дека сме Јеховини сведоци и дека нашата главна цел е да им помогнеме во духовен поглед, а не во материјален. Во спротивно, некои би можеле да се дружат со нас само за лична корист“.

УБАВИ РЕЗУЛТАТИ

20, 21. а) Кои убави резултати произлегуваат кога на бегалците им покажуваме христијанска љубов? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Кога покажуваме христијанска љубов кон „дојденците“, тоа води до убави резултати. Една сестра се сеќава како нејзиното семејство избегало од Еритреја поради прогонство. По осумдневно исцрпувачко патување низ пустината, четири од нејзините деца стигнале во Судан. Таа вели: „Браќата таму се однесувале со нив како да им се блиски роднини. Се погрижиле да имаат храна, облека, место за живеење и превоз. Кој друг би примил некој непознат во својот дом само затоа што му служи на истиот Бог? Единствено Јеховините сведоци!“ (Прочитај Јован 13:35.)

21 А што може да кажеме за многуте деца што доаѓаат со своите родители кои се бегалци или доселеници? Во следната статија ќе разгледаме како секој од нас може да им помогне на овие семејства радосно да му служат на Јехова.

^ пас. 2 Во оваа статија изразот „бегалци“ се однесува на луѓето кои биле присилени да ги напуштат своите домови поради војна, прогон или природни катастрофи. Тие можеби се принудени да живеат во друга земја или во друг дел од нивната земја. Според УНХЦР (Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации), 1 од 113 луѓе во светот е присилен да го напушти својот дом.

^ пас. 6 Види ја статијата „Бидете гостољубиви кон оние што се од друга земја“ која излезе во Стражарска кула од октомври 2016, на страници 8-12.

^ пас. 11 Колку што е можно побрзо откако ќе пристигне еден бегалец, старешините треба да ги применат упатствата од книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, поглавје 8, пасус 30. За да стапат во контакт со собранието на бегалецот, старешините можат да испратат писмо до нивната подружница преку jw.org. Во меѓувреме, тие можат на бегалецот да му постават некои дискретни прашања за собранието во кое припаѓал и за неговата служба со цел да дознаат нешто повеќе за неговата духовна состојба.

^ пас. 14 Види ги статиите „Никој не може да им робува на двајца господари“ и „Биди храбар — Јехова е твојот помошник!“ кои излегоа во Стражарска кула од 15 април 2014, на страници 17-26.