Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2017

 ОД НАШАТА АРХИВА

„Ревност и љубов како никогаш порано“

„Ревност и љубов како никогаш порано“

ТОА петочно утро, во септември 1922 год., станувало сѐ потопло како што се полнела салата. На крајот се собрале околу 8.000 луѓе. Претседавачот најавил дека за време на следниот важен дел од програмата слободно може да си замине секој што сака, но нема да му биде дозволено повторно да влезе внатре.

Откако се испеале неколку песни во делот „Песни за фалба на Бог“, Џозеф Ратерфорд застанал на бината. Повеќето присутни биле на своите места и со нетрпение го очекувале неговиот говор. Поради топлото време, неколкумина сѐ уште шетале натаму-наваму. Говорникот им кажал да седнат на своите места и да слушаат внимателно. Над бината имало завиткано платно. Ако некој го забележал, сигурно се прашувал што е тоа.

Брат Ратерфорд зборувал на темата „Се приближи небесното Царство“. Околу час и половина, неговиот моќен глас одекнувал низ салата додека објаснувал како пророците од минатото бестрашно го објавувале доаѓањето на Царството. Во највозбудливиот дел од говорот, тој прашал: „Дали верувате дека славниот Цар почна да владее?“ Од публиката се слушнало громогласно „да“.

„Тогаш, назад на полето, о вие, синови на највишиот Бог!“, извикал брат Ратерфорд. „Гледајте, Царот владее! Вие сте негови јавни застапници. Затоа, објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото Царство!“

Во тој миг, платното се одвиткало и на него можело јасно да се прочита: „Објавувајте ги Царот и Царството“.

„Присутните беа одушевени“, изјавил Реј Боп. А Ана Гарднер рекла дека од силниот аплауз се треселе дури и гредите. „Станаа сите до еден“, рекол Фред Тварош. Евангелос Скуфас, пак, изјавил: „Како нешто да нѐ крена од седиштата. Очите ни беа полни со солзи“.

Многумина од присутните веќе ја објавувале добрата вест за Царството. Сепак, тој ден добиле уште поголема мотивација. Етел Бенекоф раскажала дека Истражувачите на Библијата продолжиле да сведочат „со толку голема ревност и љубов како никогаш порано“. Одеса Так, која тогаш имала 18 години, после тој конгрес била решена и таа да се стави на располагање. Одеса рекла: „Не знаев ниту каде, ниту како, ниту што да проповедам. Само знаев дека сакам да бидам како Исаија, кој рекол: ‚Еве ме мене, испрати ме мене!‘“ (Иса. 6:8). Ралф Лефлер изјавил: „Тој важен ден како да почна проповедањето за Царството во вистинска смисла на зборот, дело кое денес стигна до сите краеви на Земјата“.

За конгресот во 1922 год. во Седар Поинт (Охајо, САД) со право може да се рече дека е еден од најзначајните конгреси во нашата теократска историја! Џорџ Гангас рекол:  „После овој конгрес бев цврсто решен да не испуштам ниту еден конгрес во иднина“. Најверојатно така и било. А Џулија Вилкакс напишала: „Не можам ни да опишам како се чувствувам секогаш кога во нашата литература ќе се спомне конгресот во Седар Поинт 1922 год. Веднаш ми доаѓа да кажам: ‚Фала ти, Јехова, што можев да бидам таму‘“.

Многумина од нас денес исто така имаат убави сеќавања од некој конгрес што им оставил посебен впечаток и ги исполнил со ревност и љубов кон нашиот величествен Бог и кон Царот Исус Христос. Додека се присетуваме на таквите моменти, сигурно и ние сме поттикнати да кажеме: „Фала ти, Јехова, што можев да бидам таму“.