Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2017

Не дозволувај твојата љубов да олади

Не дозволувај твојата љубов да олади

Беззаконието ќе се зголеми, па кај мнозина љубовта ќе олади (МАТ. 24:12)

ПЕСНИ: 60, 135

1, 2. а) На кого првенствено се однесувале зборовите што ги кажал Исус во Матеј 24:12? б) Како книгата Дела покажува дека повеќето христијани во првиот век имале силна љубов? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

КОГА бил на Земјата, Исус објаснил како луѓето ќе можат да препознаат дека живеат во „свршетокот на овој поредок“. Меѓу другото, тој прорекол: „Кај мнозина љубовта ќе олади“ (Мат. 24:3, 12). Овие зборови првенствено се однесувале на Евреите во првиот век кои тврделе дека се Божји народ, но дозволиле нивната љубов кон Бог да олади.

2 Меѓутоа, повеќето христијани во тоа време ревносно ја објавувале „добрата вест за Христос“ и покажувале љубов кон Бог, кон соверниците, па дури и кон оние што сѐ уште не ја знаеле вистината (Дела 2:44-47; 5:42). За жал, некои христијани дозволиле нивната љубов да олади. Од каде го знаеме ова?

3. Зошто љубовта на некои христијани оладила?

3 На собранието во Ефес во првиот век, Исус му го кажал следново: „Ова го имам против тебе: ја остави  својата прва љубов“ (Отк. 2:4). Која може да биде една од причините за тоа? Овие христијани можеби биле под влијание на луѓе на кои најважно им било да си угодуваат себеси (Еф. 2:2, 3). Ефес бил богат град во кој луѓето биле преокупирани со материјалното богатство, задоволствата и удобниот живот. Освен тоа, многу од неговите жители живееле неморално и немале никакво ценење за Божјите закони. Поважно им било да ги задоволуваат своите себични желби отколку да покажуваат несебична љубов кон Бог и кон другите.

4. а) Во која смисла љубовта оладува во нашево време? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Пророштвото на Исус во врска со тоа дека љубовта ќе олади се исполнува и денес. Луѓето сѐ помалку го сакаат Бог. Милиони му свртеле грб на Бог, и решение за светските проблеми бараат од човечките организации. Љубовта во светот сѐ повеќе оладува. Таа може да олади дури и кај слугите на Јехова, како што било случај со собранието во древниот Ефес. Во оваа статија ќе разгледаме како може да биде ставена на испит нашата љубов 1) кон Јехова, 2) кон библиската вистина и 3) кон браќата и сестрите.

ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА

5. Зошто треба да го сакаме Бог?

5 Кого треба најмногу да го сакаме? Исус рекол: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед“ (Мат. 22:37, 38). Љубовта кон Бог ни помага да ги слушаме неговите заповеди, да истраеме и да го мразиме она што е лошо. (Прочитај Псалм 97:10.) Но, Сатана и неговиот свет прават сѐ за да ни ја ослабнат и уништат љубовта кон Бог.

6. Што се случува кога кај луѓето исчезнува љубовта кон Бог?

6 Луѓето во светот имаат искривено гледиште за љубовта. Наместо да го сакаат Бог, многумина се сакаат себеси (2. Тим. 3:2). Тие се преокупирани со „желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот“ (1. Јов. 2:16). Апостол Павле предупредил што може да се случи ако ни е најважно да си угодуваме себеси. Тој рекол: „Размислувањето својствено за телото донесува смрт... Зашто, размислувањето својствено за телото донесува непријателство со Бог“ (Рим. 8:6, 7). Луѓето на кои животот им се врти околу парите или задоволувањето на сексуалните желби на крајот остануваат длабоко разочарани (1. Кор. 6:18; 1. Тим. 6:9, 10).

7. Кои опасни ставови можат да влијаат врз Божјите слуги денес?

7 Многу атеисти, агностици и еволуционисти се обидуваат да ги наведат другите да не го сакаат Бог, па дури и да не веруваат дека тој постои. Тие убедиле многу луѓе да мислат дека само наивните и необразованите веруваат во Творец. Освен тоа, голем број луѓе повеќе ги почитуваат научниците отколку нашиот Творец (Рим. 1:25). Овие ставови можат да влијаат дури и врз Божјите слуги. Ако го дозволиме тоа, би можеле да се оддалечиме од Јехова и нашата љубов би можела да олади (Евр. 3:12).

8. а) Од кои причини Јеховините слуги би можеле да се обесхрабрат? б) Каква утеха ни дава Псалм 136?

8 Обесхрабрувањето исто така може да ни ја ослабне верата и да ја олади нашата љубов кон Бог. Бидејќи живееме во злобен свет кој е под власта на Сатана, има многу причини поради кои можеме понекогаш да се чувствуваме обесхрабрено (1. Јов. 5:19). Можеби  се соочуваме со тешкотии кои се последица на старост, имаме здравствени или, пак, финансиски проблеми. Или можеби се бориме со чувства на безвредност, нѐ мачат неисполнети очекувања или лични слабости. Без разлика со што се соочуваме, никогаш не треба да мислиме дека Јехова нѐ напуштил. Наместо тоа, треба длабоко да размислуваме за утешните зборови од Псалм 136:23, каде што стои: „Се сети на нас во нашето понижување — зашто неговата милост трае довека“. Љубовта што Јехова ја има кон своите слуги никогаш не згаснува. Затоа можеме да бидеме уверени дека тој ги слуша нашите „сесрдни молби“ и одговара на нив (Пс. 116:1; 136:24-26).

9. Што му помогнало на Павле да ја зачува својата љубов кон Јехова?

9 Слично како псалмистот, апостол Павле длабоко размислувал како Јехова му помагал, и тоа му давало сила да истрае. Павле напишал: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“ (Евр. 13:6). Довербата во Јехова му помогнала да се справи со проблемите во животот. Тој не дозволил тешките околности да го обесхрабрат. Всушност, и додека бил во затвор, Павле напишал неколку писма со кои ги охрабрил своите соверници (Еф. 4:1; Фил. 1:7; Филим. 1). Дури и кога доживувал тешки испити, Павле ја зачувал својата љубов кон Јехова. Што му помогнало во тоа? Се потпирал на „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Кор. 1:3, 4). Како можеме да го следиме примерот на Павле?

Покажувај љубов кон Јехова (Види во пасус 10)

10. Како може да остане силна нашата љубов кон Јехова?

10 Апостол Павле спомнал еден начин на кој можеме да ја зачуваме силна нашата љубов кон Јехова. Тој напишал: „Молете се непрестајно“. Исто така, подоцна напишал: „Истрајте во молитвата“ (1. Сол. 5:17; Рим. 12:12). Како молитвата ни помага да станеме поблиски со Бог? Кога се молиме, комуницираме со Јехова. Тоа ни овозможува да имаме добар однос со него (Пс. 86:3). Кога му ги кажуваме нашите најдлабоки мисли и чувства, се зближуваме со нашиот небесен Татко (Пс. 65:2). Исто така, нашата љубов кон Јехова станува посилна кога гледаме како одговара на нашите молитви. Уверени сме дека „Јехова е близу до сите што го повикуваат“ (Пс. 145:18). Бидејќи имаме доверба дека Јехова нѐ сака и дека се грижи за нас можеме да истраеме без разлика со какви испити на верата се соочуваме.

ЉУБОВ КОН БИБЛИСКАТА ВИСТИНА

11, 12. Како можеме да ја продлабочиме љубовта кон библиската вистина?

11 Како христијани, ние ја сакаме вистината која се наоѓа во Божјата Реч. Во една молитва до својот Татко, Исус рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Според тоа, за да ја сакаме вистината од Библијата, мора добро да знаеме што пишува во неа (Кол. 1:10). Меѓутоа, не е доволно само да го полниме умот со знаење. Забележи како писателот на Псалм 119 ни помага да сфатиме што значи да ја сакаме библиската вистина. (Прочитај Псалм 119:97-100.) Дали секој ден одвојуваме време за длабоко да размислуваме за она што го читаме во Библијата? Кога размислуваме како ни користи тоа што живееме во склад со вистината од Божјата Реч, нашето ценење за неа сѐ повеќе расте.

12 Псалмистот понатаму напишал: „Колку му се пријатни на моето непце твоите зборови! Попријатни се од медот на мојата уста!“ (Пс. 119:103). Библиските публикации што ги добиваме  од Божјата организација се како вкусна храна. Кога јадеме храна што ја сакаме, одвојуваме време за да уживаме во неа. На сличен начин, сакаме да си одвоиме доволно време за проучување. Тогаш вистински ќе уживаме во пријатните зборови на вистината. Така ќе можеме полесно да го запомниме она што го читаме и да го користиме за да им помагаме на другите (Проп. 12:10).

13. Што му помогнало на Еремија да ја сака вистината од Божјата Реч, и како таа влијаела врз него?

13 Пророкот Еремија ја сакал вистината од Божјата Реч. Забележи какво влијание имале врз него Божјите зборови. Тој напишал: „Кога твоите зборови ми дојдоа, јас ги изедов, и твојата реч ме израдува и ми го развесели срцето, зашто јас го носам твоето име, Јехова, Боже над војските“ (Ерем. 15:16). Еремија симболично ги јадел, односно длабоко размислувал за Божјите скапоцени зборови. Тоа му помогнало да стекне големо ценење за честа да го застапува Јехова и да ја објавува неговата порака. Ако ја сакаме библиската вистина, ќе го сметаме за голема чест тоа што го носиме Божјето име и што можеме да ја објавуваме пораката за Царството во овие последни денови.

Покажувај љубов кон библиската вистина (Види во пасус 14)

14. Што друго може да ни помогне да ја продлабочиме љубовта кон библиската вистина?

14 Освен Библијата и библиските публикации, што друго може да ни помогне да ја продлабочиме љубовта кон вистината од Божјата Реч? Треба редовно да одиме на собраниските состаноци. Еден од главните начини на кој Јехова нѐ поучува е седмичното проучување на Библијата со помош на Стражарска кула. Ако сакаме да извлечеме целосна корист од овој состанок, треба однапред добро да се подготвиме. На пример, можеме да ги прочитаме сите наведени стихови од Библијата. Денес, многумина можат да ја читаат или да ја преземат Стражарска кула во електронски формат. Ова списание е достапно на многу јазици на интернет-страницата jw.org и во апликацијата JW Library. Некои електронски формати ни овозможуваат брзо да  ги најдеме наведените стихови од секоја статија за проучување. Без разлика на кој начин ги проучуваме статиите, кога внимателно ги читаме стиховите и длабоко размислуваме за нив, нашата љубов кон библиската вистина се продлабочува. (Прочитај Псалм 1:2.)

ЉУБОВ КОН НАШИТЕ БРАЌА И СЕСТРИ

15, 16. а) Според Јован 13:34, 35, каква заповед ни дал Исус? б) Како нашата љубов кон браќата и сестрите е поврзана со љубовта кон Бог и кон Библијата?

15 Последната ноќ кога бил на Земјата, Исус им рекол на своите ученици: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35).

16 Љубовта кон браќата и сестрите и љубовта кон Јехова се поврзани. Ако не го сакаме Бог, не можеме да ги сакаме браќата и сестрите. Исто така, ако не ги сакаме браќата и сестрите, не можеме да го сакаме Бог. Апостол Јован напишал: „Кој не го сака својот брат, кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јов. 4:20). Освен тоа, љубовта кон Јехова и кон браќата и сестрите е поврзана со нашата љубов кон Библијата. Зошто? Затоа што љубовта кон вистината од Божјата Реч нѐ поттикнува од срце да се држиме за библиските заповеди да го сакаме Бог и да ги сакаме браќата (1. Пет. 1:22; 1. Јов. 4:21).

Покажувај љубов кон браќата и сестрите (Види во пасус 17)

17. На кои начини можеме да покажеме љубов кон нашите соверници?

17 Прочитај 1. Солуњаните 4:9, 10. На кои практични начини можеме да покажеме дека ги сакаме нашите соверници? Можеби на некој постар брат или сестра им треба превоз за собраниските состаноци. Можеби на некоја вдовица ѝ се потребни поправки во домот (Јак. 1:27). Браќата и сестрите кои се обесхрабрени, потиштени или се соочуваат со некој друг проблем имаат потреба од нашето внимание, охрабрување и утеха (Изр. 12:25; Кол. 4:11). Нашата љубов кон соверниците ја покажуваме со нашите зборови и постапки (Гал. 6:10).

18. Што ќе ни помогне да ги решаваме несогласувањата со нашите соверници?

18 Во Библијата е проречено дека во „последните денови“ од овој злобен свет, многумина ќе бидат себични и алчни (2. Тим. 3:1, 2). Како Божји слуги, мораме со сите сили да се трудиме да ја продлабочуваме нашата љубов кон Јехова, кон вистината од неговата Реч и кон браќата и сестрите. Бидејќи сме несовршени, понекогаш можеби ќе се појават ситни недоразбирања меѓу нас и нашите соверници. Но, бидејќи се сакаме еден со друг, се трудиме да го решиме секое несогласување со љубов и колку што е можно побрзо (Еф. 4:32; Кол. 3:14). Никогаш да не дозволиме нашата љубов да олади! Наместо тоа, и понатаму да имаме силна љубов кон Јехова, кон неговата Реч и кон браќата и сестрите.