Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2017

„Ме сакаш ли повеќе отколку овие?“

„Ме сакаш ли повеќе отколку овие?“

Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли повеќе отколку овие? (ЈОВАН 21:15)

ПЕСНИ: 128, 45

1, 2. Што му се случило на Петар откако поминал цела ноќ во рибарење?

ВО ЕДНА прилика, седум ученици на Исус цела ноќ се обидувале да уловат риби на Галилејското Море. Сепак, не успеале да уловат ништо. Кога се разденило, воскреснатиот Исус стоел на брегот и ги набљудувал. Потоа им рекол: „,Фрлете ја мрежата од десната страна на чамецот и ќе најдете!‘ И ја фрлија, но повеќе не можеа да ја извлечат од многу риби“ (Јован 21:1-6).

2 Исус им дал на своите ученици леб и риба за да јадат. Потоа му се обратил на Петар со зборовите: „Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли повеќе отколку овие?“ Исус знаел дека Петар многу сакал да лови риби. Според тоа, можеби Исус го прашал Петар дали го сака повеќе него и неговите поуки или рибарењето. Петар му одговорил: „Да, Господару, ти знаеш дека те сакам“ (Јован 21:15). Од тој ден, Петар докажал дека тоа што го рекол е вистина. Тој ја покажал својата љубов кон Исус така што останал зафатен во проповедничкото дело, и станал еден од столбовите на христијанското собрание.

3. Од каква опасност треба да се чуваат Божјите слуги?

 3 Што можеме да научиме од она што Исус му го кажал на Петар? Треба да внимаваме нашата љубов кон Христос да не олади. Исус знаел дека животот во овој свет ќе биде тежок и дека ќе имаме многу грижи и проблеми. Во својата споредба со сејачот, Исус рекол дека некои луѓе ќе ја прифатат „речта за царството“ и дека на почеток ќе бидат ревносни. Но потоа, „грижите од овој свет и примамливото богатство“ ќе ја задушат Речта и затоа ќе ја изгубат својата ревност (Мат. 13:19-22; Мар. 4:19). Ако не внимаваме, секојдневните грижи можат да нѐ спречат да даваме сѐ од себе во службата за Јехова. Затоа Исус ги предупредил своите ученици: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи“ (Лука 21:34).

4. Како можеме да дознаеме колку е силна нашата љубов кон Христос? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Слично на Петар, и ние можеме да ја покажеме нашата љубов кон Христос така што службата на проповедање ќе ни биде на прво место во животот. Како може службата да ни остане најважна? Одвреме-навреме, треба да се прашаме: „Што најмногу сакам во животот? Дали најголема радост ми носи службата за Јехова или некои други активности?“ За да го добиеме одговорот, ќе разгледаме кои три работи може да ни ја ослабнат љубовта кон Христос. Тоа се световното вработување, рекреацијата и материјалните работи.

ЗАДРЖИ УРАМНОТЕЖЕНО ГЛЕДИШТЕ ЗА СВЕТОВНОТО ВРАБОТУВАЊЕ

5. Каква одговорност имаат семејните поглавари?

5 За Петар, рибарењето не било само нешто што му носело задоволство туку и начин на кој заработувал за да го издржува семејството. И денес Јехова очекува од семејните поглавари да се грижат за материјалните потреби на семејството (1. Тим. 5:8). Тие мора многу да се трудат за да ја исполнат оваа одговорност. Меѓутоа, во овие последни денови, световното вработување честопати е извор на многу грижи.

6. Зошто световното вработување може да предизвикува стрес?

6 Денес има повеќе луѓе што бараат работа отколку што има слободни работни места. Затоа, многумина се чувствуваат принудени да работат многу време за малку пари. Освен тоа, фирмите сакаат да го зголемуваат производството, а да користат помалку работници од кога и да било порано. Поради тоа, работниците се наоѓаат под голем стрес, се чувствуваат исцрпено во физички и емоционален поглед, па дури и се разболуваат. Многумина се плашат дека ќе ја изгубат работата доколку не го прават она што фирмата го бара од нив.

7, 8. а) Кому е најважно да му бидеме верни? б) Каква важна поука извлекол еден брат од Тајланд?

7 Како христијани, најважно е да му бидеме верни на Јехова, а не на нашиот работодавач (Лука 10:27). Световната работа е само начин на кој можеме да се грижиме за нашите основни животни потреби и кој ни помага да ја извршуваме службата за Бог. Но, ако не внимаваме, световното вработување може да нѐ спречи службата за Јехова да ја ставиме на прво место во животот. На пример, еден брат во Тајланд рекол: „На работа поправав компјутери и тоа ми беше многу интересно, но морав да работам прекувремено. Поради тоа речиси воопшто немав време за духовни активности. По некое време сфатив дека, ако сакам Божјето Царство да ми биде на прво место, ќе морам да најдам друга работа“. Што направил овој брат?

 8 Тој вели: „Откако размислував што да правам и откако штедев пари речиси една година, решив да бидам уличен продавач на сладолед. Во почетокот, не заработував доволно и едвај врзував крај со крај. Поради тоа се обесхрабрив. Кога ќе ме сретнеа некои од поранешните колеги, ми се смееја и ме прашуваа како можев да си мислам дека е подобро да продавам сладолед отколку да работам со компјутери во климатизирани простории. Го молев Јехова да ми помогне да издржам и да ја остварам целта да имам повеќе време за духовни активности. Набрзо, работите почнаа да се подобруваат. Дознав кои вкусови им се допаѓаат на моите купувачи и станав повешт во правењето сладолед. По кратко време, успевав секој ден да го продадам целиот сладолед. Всушност, почнав подобро да заработувам отколку кога работев со компјутери. Сега сум посреќен бидејќи ги немам стресот и грижите што ги имав на поранешната работа. А што е најважно, се чувствувам поблизок со Јехова“. (Прочитај Матеј 5:3, 6.)

9. Како можеме да задржиме урамнотежено гледиште за нашата световна работа?

9 Јехова ја цени трудољубивоста. Исто така, кога работиме марливо, тоа ни користи и нам (Изр. 12:14). Сепак, мора да внимаваме нашата световна работа да не ни стане поважна од службата за Јехова. Во врска со нашите основни материјални потреби, Исус рекол: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:33). Но, како да дознаеме дали имаме урамнотежено гледиште за световното вработување? Можеме да се прашаме: „Дали мојата световна работа ми е поинтересна од службата за Бог? Дали службата за Јехова ми е дури и здодевна?“ Ако размислиме за овие прашања, појасно ќе согледаме што најмногу сакаме во животот.

10. Каква важна поука дал Исус?

10 Исус кажал што треба да ни биде на прво место во животот. Во една прилика, тој ги посетил двете сестри Марија и Марта. Додека Марта брзала да подготви нешто за јадење, Марија седнала до Исус и го слушала како поучува. Кога Марта се пожалила дека Марија не ѝ помага, Исус ѝ рекол на Марта: „Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10:38-42). Со тоа Исус дал важна поука. За да не дозволиме нашите лични потреби да ни го одвлечат вниманието од поважните работи, и за да ја покажеме нашата љубов кон Христос, мора да го избереме „подобриот дел“. Ова значи дека нашиот однос со Јехова мора секогаш да ни биде најважен во животот.

КАКВО ГЛЕДИШТЕ ИМАШ ЗА РЕКРЕАЦИЈАТА И ЗАБАВАТА

11. Што вели Божјата Реч во врска со одморот?

11 На сите ни е потребно понекогаш да одвоиме време за да се одмориме и освежиме од напорната работа и од секојдневните обврски. Во Божјата Реч пишува: „За човекот нема ништо подобро отколку да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“ (Проп. 2:24). Исус знаел дека е важно неговите ученици да се одмораат. На пример, по еден период во кој биле многу зафатени со проповедањето на добрата вест, Исус им рекол: „Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку“ (Мар. 6:31, 32).

12. Зошто треба да внимаваме каков став имаме кон рекреацијата и забавата? Наведи пример.

12 Рекреацијата и забавата можат навистина да ни помогнат да се одмориме и освежиме. Меѓутоа, мора да внимаваме тие да не ни станат најважните работи во животот. Во првиот век, многумина го имале овој став: „Да јадеме и да  пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Кор. 15:32). Овој став е вообичаен и денес. На пример, еден млад човек во Западна Европа почнал да присуствува на собраниските состаноци. Но, толку му се допаѓала световната забава што престанал да контактира со Јеховините сведоци. Сепак, подоцна сфатил дека тоа што трошел премногу време на забава му донело многу проблеми и разочарувања. Затоа повторно почнал да ја проучува Библијата и, со текот на времето, ги исполнил условите за да стане објавител на добрата вест. По своето крштавање, тој рекол: „Единственото нешто за кое жалам е што изгубив толку многу време пред да сфатам дека службата за Јехова причинува многу повеќе радост отколку забавата што ја нуди овој свет“.

13. а) Наведи споредба која покажува зошто е опасно да трошиме премногу време на рекреација и забава. б) Што може да ни помогне да задржиме урамнотежено гледиште за рекреацијата и забавата?

13 Целта на рекреацијата е да нѐ освежи и да ни ја обнови силата. Но, колку време треба да трошиме за рекреација? За да го добиеме одговорот, би можеле да размислиме за следнава споредба. Многу луѓе сакаат одвреме-навреме да јадат десерт. Сепак, знаеме дека, ако јадеме само торти и колачи, тоа ќе ни го наруши здравјето. Ако сакаме да бидеме здрави, мора да јадеме храна што е корисна за нас. Слично на тоа, ако поголемиот дел од нашето време го трошиме на забава и рекреација, тоа лошо ќе се одрази врз нашиот однос со Јехова. Како можеме да утврдиме дали имаме урамнотежено гледиште за рекреацијата? Во текот на една седмица, би можеле да си запишуваме колку часови сме минале во активности што се поврзани со службата за Јехова, како што се собраниските состаноци, проповедањето и проучувањето на Библијата. Потоа би можеле да запишеме колку часови сме потрошиле истата седмица за рекреација, како на пример за спорт, гледање телевизија или играње видеоигри. Што можеме да заклучиме кога ќе ги споредиме двете бројки? Дали треба да направиме некои промени и да скратиме малку од „десертот“? (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.)

14. Што може да ни помогне да избереме добра забава и рекреација?

14 Јехова оставил секој од нас да си избере нешто за рекреација. Исто така, семејните поглавари можат да изберат рекреација за своите семејства. Во Библијата, Јехова ни дава начела кои ни откриваат како размислува тој и кои ни помагаат да донесеме мудри одлуки. * Јехова сака да се одмориме и да се освежиме (Проп. 3:12, 13). Се разбира, секој човек си избира свој начин на рекреација (Гал. 6:4, 5). Меѓутоа, без разлика каква забава и рекреација ќе избереме, треба да ги ставиме на исправно место во нашиот живот. Исус рекол: „Каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето“ (Мат. 6:21). Според тоа, љубовта кон нашиот Цар, Исус, треба да нѐ поттикне да размислуваме, зборуваме и постапуваме на начин што ќе покаже дека Царството ни е поважно од сѐ друго (Фил. 1:9, 10).

НАШАТА БОРБА ПРОТИВ МАТЕРИЈАЛИЗМОТ

15, 16. а) Како би можеле да паднеме во замката на материјализмот? б) Каков мудар совет ни дал Исус во врска со материјалните работи?

15 Многумина денес сакаат да ги имаат најновите електронски уреди, да ја носат најмодерната облека и да поседуваат уште многу други работи. Затоа, како христијани треба редовно да си ги преиспитуваме нашите желби со помош на следниве прашања: „Дали трошам повеќе време размислувајќи за најновите модели на автомобили или за  најновите стилови на облекување отколку за подготовка за собраниските состаноци? Дали сум толку преокупиран со секојдневните активности што одвојувам малку време за молитва или за читање на Библијата?“ Ако забележиме дека нашата љубов кон материјалните работи станала посилна од нашата љубов кон Христос, треба да размислуваме за неговите зборови: „Чувајте се од секаква лакомост“ (Лука 12:15). Зошто Исус го кажал ова сериозно предупредување?

16 Исус рекол дека „никој не може да им робува на двајца господари“. Тој додал: „Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“. Не можеме да му го дадеме нашето најдобро на Јехова, а во исто време да ни бидат најважни материјалните работи. Исус рекол дека или ќе го мразиме едниот господар, а другиот ќе го сакаме или ќе бидеме приврзани кон едниот, а другиот ќе го презираме (Мат. 6:24). Бидејќи сме несовршени, мора да продолжиме да се бориме со „желбите на своето тело“, во што спаѓа и материјализмот (Еф. 2:3).

17. а) Зошто на многу луѓе им е тешко да имаат урамнотежен став кон материјалните работи? б) Што ни помага да се бориме со материјализмот?

17 Многу луѓе се толку преокупирани со своите телесни желби што им е тешко да бидат урамнотежени во однос на материјалните работи. (Прочитај 1. Коринќаните 2:14.) Бидејќи нивната „моќ на согледување“ е затапена, тешко им е да разликуваат што е исправно, а што погрешно (Евр. 5:11-14). Поради тоа, тие развиваат незаситна желба за материјални работи (Проп. 5:10). Но, има нешто што може да ни помогне да се бориме против овој начин на размислување. Редовното читање на Божјата Реч ќе ни ја даде потребната сила за да можеме да се спротивставиме на материјализмот (1. Пет. 2:2). Исус длабоко размислувал за Јеховината мудрост, а тоа му помогнало да се спротивстави на искушенијата од Ѓаволот (Мат. 4:8-10). Ако и ние сакаме да се бориме со материјалистичките желби, треба да ги применуваме мудрите совети што ни ги дава Јехова. На тој начин ќе му покажеме на Исус дека го сакаме повеќе од материјалните работи.

Што ти е најважно во животот? (Види во пасус 18)

18. Што си решен да правиш?

18 Кога Исус го прашал Петар: „Ме сакаш ли повеќе отколку овие?“, тој го потсетил Петар дека службата за Јехова треба да му биде на прво место во животот. Вреди да се забележи дека името Петар значи „карпа“. Тој навистина живеел во склад со своето име бидејќи останал цврст како карпа во службата за Јехова (Дела 4:5-20). И ние денес сме решени да ја зачуваме силна нашата љубов кон Христос. Затоа се трудиме световното вработување, рекреацијата и материјалните работи да бидат на исправно место во нашиот живот. На тој начин, и ние, слично на Петар, како да му велиме на Исус: „Господару, ти знаеш дека те сакам“.

^ пас. 14 Види ја статијата „Како да избереме добра разонода?“ во Стражарска кула од 15 октомври 2011, страници 9-12, пасуси 6-15.