Како може еден христијанин да знае дали е во ред да му даде пари или нешто друго како подарок на некој вработен во јавниот сектор?

Треба да се земат предвид повеќе фактори. Христијаните мора да бидат чесни. Тие се должни да ги држат законите на државата сѐ додека тие не се во судир со Јеховините мерила (Мат. 22:21; Рим. 13:1, 2; Евр. 13:18). Исто така, бидејќи го сакаат својот ближен како себеси, христијаните се трудат да ги почитуваат локалните обичаи и да не ги повредат чувствата на луѓето (Мат. 22:39; Рим. 12:17, 18; 1. Сол. 4:11, 12). Сеедно каде живеат, тие треба да ги имаат на ум овие начела кога одлучуваат дали ќе му дадат пари или нешто друго како подарок на некој вработен во јавна установа.

Во многу места, луѓето не мора да им даваат ништо на ваквите лица за да добијат услуга која законски им следува. Вработените во јавниот сектор вршат услуги за кои добиваат плата од државата, и затоа ниту бараат ниту, пак, очекуваат да добијат нешто повеќе од тоа. Во многу земји, законот дури и забранува да бараат или да примаат какви и да било вредни работи од луѓето кои имаат право на таква законска услуга. Подарокот би се сметал за поткуп, сеедно дали ќе влијае врз исходот од услугата или не. Во таков случај, христијаните воопшто не треба да се прашуваат дали би можеле да им дадат пари или некој друг подарок. Јасно е дека тоа не е исправно.

Меѓутоа, во некои делови од светот нема такви закони или, пак, не се спроведуваат како што треба. Оние што извршуваат јавни служби во тие земји можеби имаат поинаков став кон подароците. Всушност, некои ја злоупотребуваат својата функција за да изнудуваат пари или други услуги од граѓаните, и не се спремни да направат ништо сѐ додека не добијат некаков подарок. На пример, државните службеници кои издаваат градежни дозволи, или работат на царина, во инспекција и на други места бараат пари за да си ја завршат работата. Во спротивно, тие можат намерно да прават пречки, поради кои на граѓаните ќе им биде тешко, па дури и невозможно да го добијат она што законски им следува. Се известува дека во една земја пожарникарите не почнуваат да го гаснат пожарот ако прво не им се даде прилично голема сума пари!

Понекогаш е во ред да се даде мал подарок во знак на благодарност за некоја услуга на која имаме законско право

 Онаму каде што ваквите ставови се раширени, некои сметаат дека е невозможно да избегнат да дадат пари како подарок. Во таков случај, христијаните можеби ќе гледаат на тие пари како на додатна такса која треба да ја платат за да добијат законска услуга. Но, во земјите каде што корупцијата е вообичаена, тие треба многу да внимаваат да не направат нешто што е неприфатливо од Божја гледна точка. Едно е да дадеме подарок за некоја услуга која ни следува, а сосем друго е да бараме незаконска услуга. Во корумпираните општества, некои луѓе им даваат пари на службениците за да добијат услуги на кои немаат право, или им нудат „бакшиш“ на полицајците или државните инспектори за да избегнат некоја заслужена парична казна. Се разбира, погрешно е да поткупиш некого со „подарок“, но погрешно е и да примиш таков „подарок“ како мито. И во двата случаја би постапил неправедно (2. Мој. 23:8; 5. Мој. 16:19; Изр. 17:23).

Повеќето зрели христијани, чија совест е обликувана според Библијата, сметаат дека не е во ред да дадат пари или друг подарок кога некој државен службеник го бара тоа од нив бидејќи така би ја одобрувале или поддржувале корупцијата. Од таа причина, не даваат никаков подарок кога некој сака да изнуди такво нешто од нив.

Зрелите христијани сфаќаат дека е мито да се даде подарок за да се добие некоја незаконска услуга. Сепак, локалните околности во некои земји им дозволуваат да дадат мал подарок во знак на внимание за да добијат услуга на која имаат законско право или за да избегнат непотребно одложување. Во други случаи, некои христијани што добиле бесплатно лекување во некоја државна болница им даваат подароци на лекарите и медицинските сестри затоа што се благодарни за негата што им ја пружиле. Но, го прават тоа со чиста совест откако ќе заврши лекувањето, а не пред тоа. Така вработените во никој случај нема да помислат дека нашите браќа и сестри им даваат подароци за да ги поткупат или за да добијат подобар третман.

Невозможно е во оваа статија да ги разгледаме сите ситуации кои би можеле да се појават во секоја земја. Сепак, без оглед на локалните околности, христијаните треба да носат одлуки кои не се косат со нивната совест (Рим. 14:1-6). Освен тоа, мора да внимаваат да не го прекршат законот (Рим. 13:1-7). Исто така, не треба да прават ништо со кое би му нанеле срам на Божјето име или би ги спрепнале другите (Мат. 6:9; 1. Кор. 10:32). И, врз нивните одлуки секогаш треба да влијае љубовта кон ближниот (Мар. 12:31).

 Како можат објавителите да ја изразат својата радост кога ќе се даде известување дека некој е повторно примен во собранието?

Во Лука, поглавје 15, е запишана трогателна споредба за еден човек кој имал 100 овци. Кога една од овците се загубила, човекот ги оставил другите 99 и тргнал во пустината да ја бара. Исус рекол: „Кога ќе ја најде, ќе ја стави на рамења и ќе се радува. А кога ќе дојде дома, ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, бидејќи ја најдов својата загубена овца‘“. Исус ја завршил споредбата со зборовите: „Ви велам дека така на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој ќе се покае отколку поради деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание“ (Лука 15:4-7).

Од контекстот се гледа дека Исус ја раскажал оваа споредба за да го исправи гледиштето на книжниците и фарисеите кои го критикувале поради тоа што се дружел со даночници и грешници (Лука 15:1-3). Исус рекол дека на небото владее голема радост кога некој грешник ќе се покае. Штом на небото има радост кога некој ќе се покае, ќе се промени и ќе ги израмни своите патеки, зарем не треба да има радост и на Земјата? (Евр. 12:13).

Ние сме многу радосни кога некој ќе биде повторно примен во собранието. Се разбира, тој мора да се труди да му остане верен на Бог. Сепак, се радуваме затоа што се покајал и бил повторно примен. Од таа причина, ако сакаат, објавителите можат да ракоплескаат на достоинствен начин кога старешините ќе дадат известување дека некој е повторно примен.

Што веројатно било причина да се разбранува водата во езерцето Витезда во Ерусалим?

Во времето на Исус, некои жители на Ерусалим мислеле дека, ако болен човек влезе во езерцето Витезда кога водата ќе се разбранува, може да се излекува (Јован 5:1-7). Поради тоа, таму се собирале многу луѓе кои сакале да оздрават.

Се смета дека ова езерце било место кое Евреите го користеле за обредно очистување. Водата во езерцето доаѓала и била надополнувана од еден резервоар кој бил соѕидан веднаш до него. Археолошките истражувања откриле дека тие биле одвоени со преграден ѕид. Во ѕидот имало вратичка која се отворала за да може водата преку одводен канал да тече од резервоарот до дното на езерцето Витезда. Кога се правело тоа, силниот млаз што влегувал од каналот сигурно предизвикувал бранување на површината на водата.

Во некои преводи на Библијата, во Јован 5:4 пишува дека ангел ја бранувал водата. Но, овој стих го нема во најверодостојните древни грчки ракописи, како што е Синајскиот кодекс кој датира од четвртиот век. Сепак, покрај езерцето Витезда, Исус излекувал еден човек кој бил болен 38 години. Човекот оздравел веднаш, без воопшто да влезе во водата.