Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2016

 ОД НАШАТА АРХИВА

„Оние на кои им е доверено делото“

„Оние на кои им е доверено делото“

ПО НЕКОЛКУДНЕВНО ветровито и дождливо време, конечно осамнал топол, сончев ден. Тој понеделник попладне, на 1 септември 1919 год., се собрале речиси 1.000 делегати за да го слушаат првиот дел од програмата на конгресот во Седар Поинт (Охајо, САД). До вечерта, во салата во која имало 2.500 седишта, пристигнале уште 2.000 лица кои допатувале со брод, со кола и со воз. Во вторник имало толку многу присутни што останатиот дел од програмата морал да се одржи надвор, во сенките на раскошните дрвја.

Сончевите зраци продирале низ бујните крошни фрлајќи шарени сенки врз палтата на мажите. А ветрето кое дувкало од езерото Ири си поигрувало со перјата на женските шапки. „Опкружени со прекрасно зеленило, и далеку од вревата на стариот свет, се чувствувавме како во вистински рај“, рекол еден брат.

Но, убавината на природата не можела да се спореди со радоста која зрачела од лицата на присутните. Еден локален весник известил: „Иако јасно можеше да се види дека се многу побожни, сите беа весели и срдечни“. Овие Истражувачи на Библијата биле пресреќни што повторно се заедно со своите соверници откако поминале низ тешки испити на верата во последните неколку години. Тие претрпеле противење во текот на војната, дошло до раздор и поделби во собранијата, Бетелот во Бруклин бил затворен, и мнозина биле уапсени поради своите верувања. Меѓу нив биле и осумте браќа што предводеле, кои биле осудени на долгогодишни затворски казни. Најдолгата изречена казна изнесувала 20 години. *

Обесхрабрени и збунети од она што се случувало во тие тешки години, некои Истражувачи на Библијата престанале да проповедаат. Но, повеќето давале сѐ од себе да истраат во делото иако биле прогонувани од властите. Во еден случај, кој бил сличен на многу други, еден судски иследник рекол дека, и покрај тоа што биле строго предупредени, Истражувачите на Библијата кои ги сослушувал изјавиле дека ништо нема да ги спречи „да продолжат да ја проповедаат Божјата Реч“.

Низ овој период на испити, верните Истражувачи на Библијата „будно внимавале во која насока ги води Господарот... и постојано го молеле Таткото за водство“. Една сестра која присуствувала на овој собир во Седар Поинт, ги изразила чувствата на повеќето од присутните, кога рекла:  „Се прашувавме како ќе успееме пак да почнеме да проповедаме на организиран начин“. Тие со душа чекале да се фатат за работа!

НОВО СПИСАНИЕ

Во текот на целата седмица, делегатите се прашувале што значат двете големи букви кои биле испишани на печатената програма, на картичките за добредојде и на знаците поставени на конгресната локација. Во петок, кој бил наречен „Ден на соработниците“, Џозеф Ратерфорд конечно им го открил значењето на овие букви на шесте илјади делегати. Тие укажувале на името на едно ново списание за службата — Златен век. *

Во врска со своите помазани соверници, брат Ратерфорд рекол: „Со очите на верата, тие зад неволјите ја гледаат ,златната ера‘ кога ќе владее Месијата... За нив е најголема чест и одговорност да го објавуваат доаѓањето на таа величествена ера. Тоа е дел од налогот што им го дал Бог“.

Со Златниот век — „списание на факти, надеж и уверување“ — вистината требало да се шири на еден нов начин. Браќата биле поттикнати да нудат претплата на ова списание додека проповедале од врата до врата. Кога говорникот прашал кој сака да учествува во оваа служба, сите станале на нозе. А потоа, „со ревност и жар кои им се својствени само на оние што одат по стапките на Исус“, тие запеале: „Испрати ја својата светлина и својата вистина, о Боже“. Брат Норис, кој бил присутен во таа прилика, рекол дека пееле толку гласно што се чинело дека дрвјата се тресат!

Откако завршил тој дел од програмата, делегатите со часови чекале во редици за да бидат меѓу првите што ќе се претплатат на новото списание. Мнозина се чувствувале како Мејбел Филбрик, која рекла: „Бевме пресреќни што повторно имавме полни раце работа!“

„ОНИЕ НА КОИ ИМ Е ДОВЕРЕНО ДЕЛОТО“

Околу 7.000 Истражувачи на Библијата си ги засукале ракавите. Во летокот со наслов Организациски упатства и брошурката Оние на кои им е доверено делото биле изнесени некои дополнителни детали. Со проповедањето требало да раководи еден нов Оддел за служба во главното седиште. Во секое собрание требало да се формира одбор и да биде именуван управител кој ќе ги проследува упатствата. Целата територија требало да се подели на подрачја со 150 до 200 домови. Во четврток навечер требало да се одржува Состанок за служба на кој браќата можеле да споделат искуства и да ги предадат извештаите од службата.

„Откако се вративме дома, почнавме да нудиме претплати“, рекол Херман Филбрик. Насекаде наидувале на добар прием. „Изгледаше дека, по многуте маки што им ги донесе војната, на сите им беше мило да слушаат за една ,златна ера‘ “, рекла Бијула Кови. Артур Клаус напишал: „Целото собрание беше многу изненадено од големиот број претплати што беа направени“. По само два месеца од излегувањето на првиот број, беа раздадени околу половина милион примероци од списанието Златен век, и беа направени 50.000 претплати.

Во Стражарска кула од 1 јули 1920 год. излезе статијата „Добрата вест за Царството“. Според брат Мекмилан, со оваа статија организацијата за првпат ги охрабрила сите браќа и сестри низ целиот свет да проповедаат за Божјето Царство. Сите помазани христијани биле поттикнати „да му објавуваат на светот дека небесното Царство е на прагот“. Денес, на Христовите браќа „на кои им е доверено делото“ им се придружиле уште милиони други кои ревносно ја проповедаат добрата вест додека со душа очекуваат да започне златната ера во која ќе владее Месијата.

^ пас. 5 Види во погл. 6, „Време на испити (1914-1918)“, во книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство (англ.).

^ пас. 9 Во 1937 год., списанието Златен век било преименувано во Утеха, а во 1946 год. во Разбудете се!