Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2016

„Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“

„Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“

Одете и правете ученици од луѓето од сите народи крштавајќи ги... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав (МАТ. 28:19, 20)

ПЕСНИ: 141, 97

1, 2. Кои прашања се наметнуваат од она што го кажал Исус во Матеј 24:14?

ИСУС прорекол дека, во последните денови, добрата вест за Царството ќе им се проповеда на сите народи (Мат. 24:14). Како Јеховини сведоци, ние сме познати во целиот свет по нашето проповедање. На некои им се допаѓа пораката што им ја носиме, а други ни се противат. Сепак, дури и некои од оние што не се согласуваат со нашите верувања нѐ почитуваат поради делото што го вршиме. Но, од каде знаеме дека токму ние го исполнуваме она што го прорекол Исус? Дали имаме право да го тврдиме тоа?

2 Многу религии тврдат дека ја проповедаат истата порака што ја објавувал Христос. Но, тоа го прават главно на богослужбите во своите цркви, на телевизија, на Интернет или така што раскажуваат како го прифатиле Исус. Други сметаат дека ја шират добрата вест со тоа што учествуваат во добротворни активности, или се ангажираат на полето на медицината или образованието.  Но, дали тоа е начинот на кој Исус рекол дека ќе се проповеда?

3. Според Матеј 28:19, 20, кои четири работи треба да ги прават Христовите следбеници?

3 Дали Исус сакал неговите ученици да чекаат луѓето да дојдат кај нив? Не! Откако воскреснал, тој им ја дал следнава заповед на неколку стотини свои следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Мат. 28:19, 20). Според тоа, како следбеници на Исус, ние треба да правиме четири работи. Треба да им помагаме на луѓето да станат негови ученици, да ги крштаваме и да ги поучуваме. Но, најпрво треба да одиме кај нив. Еден библиски изучувач објаснува: „Секој верник има задача да ,оди‘ кај луѓето, сеедно дали тие живеат преку улица или преку океан“ (Мат. 10:7; Лука 10:3).

4. На што укажал Исус кога ги повикал учениците да станат „рибари на луѓе“?

4 Што очекувал Исус од своите ученици? Дали сакал да проповедаат сам по сам или да бидат организирани и да проповедаат како група? Бидејќи е невозможно еден човек да им проповеда на „сите народи“, неговите ученици морале да го прават тоа на организиран начин. Самиот Исус укажал на ова кога ги повикал учениците да станат „рибари на луѓе“. (Прочитај Матеј 4:18-22.) Тој не зборувал за еден рибар кој користи трска и мамка, и чека рибата да се закачи на јадицата. Напротив, зборувал за риболов со мрежи, за кој е неопходна добра организација и голем труд, како и соработка на повеќе луѓе (Лука 5:1-11).

5. Кои четири прашања треба да ги одговориме, и зошто?

5 За да дознаеме кој ја проповеда добрата вест денес, треба да го добиеме одговорот на следниве четири прашања:

  • Која порака треба да ја проповедаат Христовите следбеници?

  • Од кој мотив треба да го прават тоа?

  • На кој начин треба да проповедаат?

  • Во колкави размери и колку долго треба да проповедаат?

Одговорот на овие прашања ќе ни помогне да откриеме кој го врши ова животоспасувачко дело, и ќе ја разгори нашата желба да продолжиме да проповедаме (1. Тим. 4:16).

КОЈА ПОРАКА ТРЕБА ДА СЕ ПРОПОВЕДА?

6. Зошто можеш да бидеш уверен дека Јеховините сведоци ја проповедаат истата порака што ја објавувал Исус?

6 Прочитај Лука 4:43. Исус ја проповедал „добрата вест за царството“, и сака неговите ученици да го прават истото. Која група луѓе им ја проповедаат таа порака на сите? Само Јеховините сведоци! Ова го признаваат дури и некои што не нѐ сакаат. На пример, забележи што му рекол на еден наш брат еден свештеник кој служел како мисионер во многу земји. Во секоја земја, свештеникот ги прашувал Јеховините сведоци каква порака проповедаат. Тој рекол: „Сите беа толку глупави што секогаш ми даваа ист одговор: ,Добрата вест за Царството‘“. Таквиот одговор не покажува дека сме „глупави“ туку, напротив, дека сме обединети како вистински христијани (1. Кор. 1:10). Божјето Царство е  главната порака и на нашето списание Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство. Тоа е достапно на 254 јазици, а секој број излегува во речиси 59 милиони примероци. Всушност, Стражарска кула е списание со најголем тираж во светот!

7. Од каде знаеме дека свештениците на христијанскиот свет не ја проповедаат исправната порака?

7 Свештениците на христијанскиот свет не проповедаат за Божјето Царство. Ако зборуваат за Царството, мнозина од нив велат дека тоа е состојба на срцето (Лука 17:21). Тие не ги поучуваат луѓето дека Божјето Царство е небесна влада на чело со Христос. Наместо тоа, обично го спомнуваат Исус на Божиќ или на Велигден. Тие не им објаснуваат на другите дека Царството ќе ги реши сите човечки проблеми и дека наскоро ќе го отстрани сето зло од Земјата (Отк. 19:11-21). Јасно е дека водачите на христијанскиот свет не знаат што ќе направи Исус како Цар на Божјето Царство. Бидејќи не ја разбираат пораката на Исус, тие не знаат ни од кој мотив треба да ја проповедаат.

ОД КОЈ МОТИВ ТРЕБА ДА СЕ ПРОПОВЕДА?

8. Од кој погрешен мотив не треба да се проповеда?

8 Христовите следбеници не треба да проповедаат за да печалат пари или да градат величествени зданија. Исус рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Мат. 10:8). Според тоа, проповедањето не смее да биде извор на заработка (2. Кор. 2:17). Учениците на Исус не треба да бараат плата затоа што проповедаат. (Прочитај Дела 20:33-35.) Иако тој дал многу јасни упатства, на повеќето цркви денес им е најважно да собираат пари од луѓето за да опстанат финансиски или за да ги плаќаат своите свештеници, како и мноштвото други вработени. На тој начин, многу црковни водачи си стекнале огромно богатство (Отк. 17:4, 5).

9. Како Јеховините сведоци покажуваат дека проповедаат од исправен мотив?

9 За разлика од нив, Јеховините сведоци го финансираат своето дело со доброволни прилози. Но, во нивните сали за состаноци и на конгресите никој не е принуден да даде прилог (2. Кор. 9:7). Минатата година, Сведоците поминале речиси две милијарди часови во служба на проповедање, и секој месец ја проучувале Библијата со повеќе од девет милиони луѓе. Меѓутоа, тие не добиваат плата за тоа, туку спремно проповедаат на свој трошок. Еден истражувач го рекол следново за делото на Јеховините сведоци: „Нивна главна цел е да проповедаат и да поучуваат“. Тој исто така рекол дека Сведоците немаат платена свештеничка класа. Ако не проповедаме за пари, тогаш од кој мотив го правиме тоа? Ние спремно го вршиме ова дело од љубов кон Јехова и кон луѓето. Ваквиот став на Божјиот народ бил проречен во Псалм 110:3. (Прочитај.)

НА КОЈ НАЧИН ТРЕБА ДА СЕ ПРОПОВЕДА?

Проповедаме секаде каде што има луѓе (Види во пасус 10)

10. На кој начин проповедале Исус и неговите ученици?

10 На кој начин проповедале Исус и неговите ученици? Тие оделе секаде каде што имало луѓе. На пример, проповедале на улиците и на пазарите. Но, оделе и кај луѓето дома (Мат. 10:11; Лука 8:1; Дела 5:42; 20:20). Со службата од куќа до куќа можело  на организиран начин да им се пренесе добрата вест на најразлични луѓе.

11, 12. По што се разликуваат црквите на христијанскиот свет од Јеховиниот народ во поглед на проповедањето?

11 Дали црквите на христијанскиот свет ја проповедаат добрата вест исто како Исус? Не. Во најголем број случаи, платени свештеници им држат проповеди на своите членови. Наместо да бидат „рибари на луѓе“, се чини дека ним им е важно само да ги задржат „рибите“ што веќе ги имаат. Точно е дека понекогаш тие се обидувале да ги поттикнат верниците да проповедаат. На пример, во едно писмо од 2001 год., папата Јован Павле II ги поттикнал католичките верници да го објавуваат евангелието со иста ревност како апостол Павле, кој напишал: „Тешко мене ако не ја објавувам добрата вест!“ Во продолжение на писмото, папата рекол дека оваа задача „не може да им се препушти само на неколку обучени поединци, туку дека е должност на сите членови на црквата“. Меѓутоа, малкумина го прифатиле тој повик.

12 А што прават Јеховините сведоци? Тие се единствените што објавуваат дека Исус владее како Цар од 1914 год. Сведоците му се послушни на Исус, и проповедањето им е една од најважните работи во животот (Мар. 13:10). Една писателка вели: „За Јеховините сведоци, проповедничката активност е поважна од сѐ друго“. Цитирајќи еден Сведок, таа продолжува: „Кога ќе наидат на некој што е гладен, осамен или болен, се обидуваат да му помогнат... но, никогаш не забораваат дека нивната главна задача е да ја пренесат библиската порака дека ќе дојде крај на светот и дека ни треба некој што ќе нѐ спаси“ (Pillars of Faith—American Congregations and Their Partners). Јеховините сведоци и понатаму ја проповедаат таа порака на истиот начин како Исус и неговите ученици.

ВО КОЛКАВИ РАЗМЕРИ, И КОЛКУ ДОЛГО ТРЕБА ДА СЕ ПРОПОВЕДА?

13. Во колкави размери треба да се проповеда?

13 Исус рекол дека неговите следбеници ќе ја проповедаат добрата вест и ќе ги поучуваат луѓето „по целиот свет“ (Мат. 24:14). Тој им дал заповед да им помагаат на луѓето од „сите народи“ да станат негови ученици (Мат. 28:19, 20). Ова значи дека добрата вест требало да се проповеда во секое катче на Земјината топка.

14, 15. Во колкави размери проповедаат Јеховините сведоци, и што покажува тоа? (Види ги сликите на почетокот од статијата.)

14 Само Јеховините сведоци го исполнуваат ова пророштво на Исус со тоа што проповедаат насекаде во светот. Зошто го велиме ова? Свештенството на христијанските цркви во  САД има околу 600.000 членови, но има околу 1.200.000 Сведоци. Во целиот свет има нешто повеќе од 400.000 свештеници во Римокатоличката црква. Но, има повеќе од осум милиони Јеховини сведоци кои ја проповедаат библиската порака во 240 земји. Тие извршуваат навистина извонредно дело со кое му оддаваат чест и слава на Јехова Бог! (Пс. 34:1; 51:15).

15 Како Божји народ, ние сме решени да им ја проповедаме добрата вест на што е можно повеќе луѓе пред да дојде крајот. За таа цел, имаме преведено и отпечатено милиони книги, списанија, трактати, како и покани за конгреси и за Спомен-свеченост на повеќе од 700 јазици. Сета таа литература им ја даваме бесплатно на луѓето. Само минатата година, беа отпечатени или излегоа во некој друг формат околу 4,5 милијарди библиски публикации. Исто така, Светото писмо — превод Нов свет досега излезе во тираж од преку 200 милиони примероци на над 130 јазици. А на нашата интернет-страница има содржини на повеќе од 750 јазици. Дали постои друга религија која извршува вакво дело?

16. Од каде знаеме дека Јеховините сведоци го имаат Божјиот свет дух?

16 Колку долго ќе се проповеда? Исус рекол дека добрата вест ќе биде проповедана сѐ додека не дојде крајот. Како Јеховини сведоци, ние истрајно проповедаме во последните денови само благодарение на светиот дух (Дела 1:8; 1. Пет. 4:14). Некои верници кои ги среќаваме во службата тврдат дека нивната црква има свет дух. Но, дали можат да го извршуваат делото што го вршат Јеховините сведоци во овие последни денови? Некои религии се обиделе да проповедаат како нас, но не успеале. Други се спремни да го прават тоа, но само за кратко време. Трети дури и се обидуваат да одат од врата до врата, но не ја проповедаат добрата вест за Царството. Според тоа, јасно е дека не го извршуваат делото што го започнал Исус.

КОЈ НАВИСТИНА ЈА ПРОПОВЕДА ДОБРАТА ВЕСТ ДЕНЕС?

17, 18. а) Зошто сме уверени дека Јеховините сведоци се тие што ја проповедаат добрата вест денес? б) Што ни помага и понатаму да го вршиме ова дело?

17 Од она што го разгледавме досега, што може да кажеме — кои се тие што ја проповедаат добрата вест за Царството денес? Само Јеховините сведоци! Зошто сме уверени во тоа? Затоа што ние ја проповедаме исправната порака — добрата вест за Царството. Со тоа што одиме кај другите, ние проповедаме на исправен начин. Исто така, го правиме тоа од исправен мотив, односно од љубов кон Јехова и кон луѓето, а не заради финансиска добивка. Нашето дело е од најголеми размери бидејќи проповедаме на сите јазици и на сите народи. Ние ќе продолжиме да го извршуваме ова дело без престан сѐ додека не дојде крајот!

18 Навистина сме восхитени од она што Јеховиниот народ го постигнува со проповедањето во овие последни денови. Но, што ни помага и понатаму да го вршиме ова дело низ целиот свет? Апостол Павле објаснил: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13). Јехова и понатаму нека ни ја дава потребната сила за да продолжиме ревносно да ја проповедаме добрата вест! (2. Тим. 4:5).