Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2016

Извлечи потполна корист од духовната храна

Извлечи потполна корист од духовната храна

Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро (ИСА. 48:17)

ПЕСНИ: 117, 114

1, 2. а) Како гледаат Јеховините сведоци на Библијата? б) Кој ти е омилен дел од Библијата?

КАКО Јеховини сведоци, ние ја сакаме Библијата. Таа ни влева утеха и надеж, и ни дава водство на кое може да се потпреме (Рим. 15:4). Тоа не е книга со човечка мудрост, туку „реч Божја“ (1. Сол. 2:13).

2 Веројатно секој од нас си има омилени библиски книги или стихови. На некои им се допаѓаат евангелијата бидејќи ни ги откриваат Јеховините прекрасни особини кои Исус ги одразувал во потполна мера (Јован 14:9). Други, пак, најмногу сакаат да ги читаат пророчките книги, како што е Откровението, кое ни покажува што ќе се случи наскоро (Отк. 1:1). Некои наоѓаат утеха во Псалмите, а други со задоволство ги читаат корисните совети во Изреките. Сето ова јасно покажува дека Библијата е книга за сите луѓе.

3, 4. а) Како гледаме на нашите публикации? б) Кои публикации и други материјали се наменети за одредени групи читатели?

3 Бидејќи ја сакаме Божјата Реч, ние ги сакаме и нашите публикации кои се темелат на неа. Сите книги, брошури, списанија и други публикации што ги добиваме се духовна храна која ни ја обезбедува Јехова. Тие ни помагаат  да останеме блиски со него и ни ја зајакнуваат верата (Тит 2:2).

4 Повеќето наши изданија се наменети за сите Јеховини сведоци. Но, некои од нив се напишани за одредени групи читатели. На пример, има статии кои содржат конкретни совети за младите, а други за родителите. Голем дел од содржините на нашата интернет-страница е наменет за оние што не се Јеховини сведоци. Ова изобилство од разнолика духовна храна покажува дека Јехова си го одржува ветувањето така што обезбедува „гозба од избрани јадења“ за сите луѓе (Иса. 25:6).

5. На што се радува Јехова?

5 Може да бидеме уверени дека Јехова се радува кога мудро го користиме времето за редовно да ја читаме и проучуваме Библијата (Еф. 5:15, 16). Сепак, мнозина од нас би сакале да имаат повеќе време за да ја читаат Божјата Реч и нашите публикации. Бидејќи не можеме секогаш да посветиме исто време и внимание на сета духовна храна што ја добиваме, би можеле да паднеме во една скриена замка. Која е таа?

6. Што може да нѐ спречи да извлечеме потполна корист од духовната храна?

6 Ако не внимаваме, би можеле лесно да си помислиме дека некои делови од Библијата или некои публикации немаат практична вредност за нас. Можеби ни се чини дека тие не одговараат на нашите околности. Или можеби не спаѓаме во групата за која првенствено е наменета одредена публикација. Дали само површно ќе го поминеме таквиот материјал или, пак, воопшто нема ни да го прочитаме? Ако постапиме така, би можеле да пропуштиме некои скапоцени информации. Што ќе ни помогне да се чуваме од оваа замка? Треба секогаш да имаме на ум дека сета духовна храна што ја добиваме доаѓа од Јехова. Во Библијата пишува: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“ (Иса. 48:17). Во оваа статија ќе разгледаме три предлози кои ќе ни помогнат да извлечеме корист од целокупната духовна храна што ни ја дава Јехова.

КАКО ДА ИЗВЛЕЧЕМЕ КОРИСТ ОД ЧИТАЊЕТО НА БИБЛИЈАТА

7. Зошто треба да ја читаме Библијата со отворен ум?

7 Читај со отворен ум. Точно е дека во почетокот некои делови од Библијата биле упатени до одредена личност или група луѓе. Сепак, таа јасно вели дека „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување“ (2. Тим. 3:16). Затоа треба да ја читаме со отворен ум, секогаш спремни да научиме нешто ново. Еден брат вели: „Кога ја читам Библијата, се потсетувам дека од секој извештај можам да извлечам повеќе поуки“. Тоа го поттикнува да чита уште повнимателно. Затоа, пред да ја читаме Библијата, добро е да му се помолиме на Јехова да ни помогне да го правиме тоа со отворен ум, и да ни даде мудрост за да го разбереме она што сака да ни го каже (Езра 7:10; прочитај Јаков 1:5).

Дали извлекуваш потполна корист од читањето на Библијата? (Види во пасус 7)

8, 9. а) Кои прашања може да си ги поставиме додека ја читаме Библијата? б) Што учиме за Јехова од неговите барања за старешините?

8 Поставувај си прашања. Додека ја читаш Божјата Реч, прашај се: „Што учам од ова за Јехова? Како можат овие мисли да ми помогнат? Како можам да ги искористам за да им помагам на другите?“ Ако размислуваме за овие прашања, ќе извлечеме поголема корист од читањето на Библијата. Да разгледаме еден пример. Во  Библијата се наведени одредени барања кои треба да ги исполнат старешините. (Прочитај 1. Тимотеј 3:2-7.) Но, повеќето од нас не се старешини. Поради тоа би можеле да си помислиме дека тие стихови не можат многу да ни користат. Сепак, трите прашања кои беа спомнати погоре ќе ни помогнат да сфатиме дека секој од нас може да извлече корист од она што го пишува во 1. Тимотеј 3:2-7.

9 Што учам од ова за Јехова? Тој го дал овој список со барања кои треба да ги исполнат оние што се грижат за неговото стадо. Бог очекува од нив да се држат за високи мерила. Од ова учиме дека собранието е скапоцено во негови очи. Библијата вели дека тој го купил „со крвта на својот Син“ (Дела 20:28). Затоа, Јехова очекува старешините да дадат добар пример. Тие ќе му положат сметка за начинот на кој постапуваат со членовите на собранието. Тој сака да се чувствуваме безбедно додека тие одговорни браќа се грижат за нас (Иса. 32:1, 2). Кога ги читаме овие барања, всушност, гледаме колку многу Јехова нѐ сака.

10, 11. а) Каква корист може да извлечеме додека ги читаме барањата за старешините? б) Како можеме со тие информации да им помагаме на другите?

10 Како можат овие мисли да ми помогнат? Ако веќе служиш како старешина, треба одвреме-навреме да го разгледуваш овој список со барања, и да се трудиш да се подобруваш. А доколку сакаш да станеш старешина, треба да дадеш сѐ од себе за да ги исполниш тие барања (1. Тим. 3:1). Но, секој христијанин може да научи нешто од условите кои треба да ги исполнат старешините. На пример, Јехова очекува од сите нас да бидеме разумни и разборити (Фил. 4:5; 1. Пет. 4:7). Освен тоа, кога старешините му се „пример на стадото“, објавителите можат да учат од нив и да се угледаат на нивната вера (1. Пет. 5:3; Евр. 13:7).

11 Како можам да ги искористам овие информации за да им помагам на другите? Може да го користиме овој список со барања за да им помогнеме на оние со кои ја проучуваме Библијата и на другите интересенти да сфатат во кој поглед старешините се  разликуваат од свештениците. Исто така, тој список може да ни помогне да мислиме на трудот што го вложуваат старешините во нашето собрание, а тоа ќе нѐ поттикне да ги почитуваме (1. Сол. 5:12). Колку повеќе им покажуваме дека искрено ги цениме, толку поголема радост ќе чувствуваат додека ги вршат своите одговорности (Евр. 13:17).

12, 13. а) Како би можел да истражуваш? б) Како дополнителните информации можат да ни помогнат да извлечеме поуки кои не се веднаш очигледни? Наведи пример.

12 Истражувај. Кога ја проучуваме Божјата Реч, може да размислуваме за следниве прашања:

  • Кој го напишал овој дел од Библијата?

  • Каде и кога бил напишан?

  • Кои важни настани се случувале кога била пишувана оваа библиска книга?

Ваквите дополнителни информации ќе ни помогнат да извлечеме поуки кои не се очигледни веднаш.

13 На пример, во Езекиел 14:13, 14 пишува: „,Ако некоја земја ми згреши мене така што ќе ми биде неверна, ќе ја подигнам раката против неа и ќе ѝ ги уништам резервите од леб, ќе испратам против неа глад и ќе ги истребам од неа луѓето и стоката. Кога во неа би се нашле овие тројца — Ное, Даниел и Јов — тие би ја избавиле својата душа поради својата праведност‘, вели Севишниот Господар Јехова“. Ако истражиме малку повеќе, ќе видиме дека Езекиел го напишал ова околу 612 год. пр.н.е. Иако Ное и Јов веќе биле мртви со векови, Јехова не ја заборавил нивната верност. Но, Даниел сѐ уште бил жив. Најверојатно имал дваесетина години кога Јехова рекол дека тој бил праведен исто како Ное и Јов. Што учиме од ова? Бог ги гледа и ги цени сите свои верни слуги, вклучувајќи ги и младите (Пс. 148:12-14).

ИЗВЛЕЧИ КОРИСТ ОД РАЗНИТЕ ПУБЛИКАЦИИ

14. Како им користи на младите материјалот што е наменет за нив, и како и другите можат да извлечат корист од тие информации? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

14 Литература за млади. Видовме дека може да извлечеме поука од секој дел на Библијата. На сличен начин, може да научиме нешто од сите наши публикации. Да разгледаме неколку примери. Голем дел од литературата што излезе во последниве години е наменет за младите. [1] Советите кои се дадени таму им помагаат да се спротивстават на притисоците на училиште и да се справат со проблемите на кои наидуваат додека растат. Но, како може сите ние да извлечеме корист од овие статии и книги? Ако ги читаме, подобро ќе разбереме со какви предизвици се соочуваат младите, и ќе знаеме како да им помогнеме и да ги охрабриме.

15. Зошто и возрасните христијани треба да ги читаат публикациите за младите?

15 Дали возрасните христијани треба да мислат дека нема потреба да читаат материјал за тинејџери бидејќи можеби тоа е под нивното достоинство? Во никој случај! Многу од проблемите за кои се зборува во овие публикации и статии не ги погодуваат само младите. На пример, сите ние треба да ја браниме својата вера, да си ги контролираме емоциите, да се спротивставиме на притисокот од околината, и да избегнуваме лошо друштво и забава. Иако главно се пишувани за младите, тие информации се темелат на библиски начела и сите може да извлечеме корист од нив.

16. Во кој друг поглед им помагаат нашите публикации на младите?

 16 Публикациите што се наменети за младите можат исто така да им помогнат духовно да созреат и да станат уште поблиски со Јехова. (Прочитај Проповедник 12:1, 13.) Но, и возрасните можат да извлечат ваква корист од нив. На пример, во Разбудете се! од април 2009 год., во рубриката „Младите прашуваат“ излезе статијата „Како да уживам во читањето на Библијата?“ Во неа имаше неколку практични предлози, како и рамка која може да се исече и да се чува во Библијата за да се користи при читањето. Дали оваа статија им беше од помош и на возрасните? Една сопруга и мајка го напишала следново: „Секогаш ми беше тешко да ја читам Библијата. Но, ги применив предлозите од оваа статија, и го користам исечокот со рамката“. Оваа сестра сега со задоволство ја чита Божјата Реч бидејќи уште појасно гледа дека сите библиски книги се поврзани меѓу себе и сочинуваат една прекрасна слика. Таа додала: „Никогаш порано не сум ја читала Библијата со таков жар!“

17, 18. Зошто треба да ги читаме публикациите за јавност? Наведи пример.

17 Литература за јавност. Од 2008 год., добиваме Стражарска кула за проучување. Ова издание е наменето пред сѐ за Јеховините сведоци, но имаме и списанија кои се пишувани главно за јавноста. Како може да извлечеме корист и од нив? Да земеме еден пример. Сигурно се радуваш кога некој интересент што си го поканил ќе дојде да го слуша предавањето за јавност. Додека говорникот зборува, најверојатно помислуваш на интересентот и се прашуваш како она што го слуша влијае врз него. Бидејќи сфаќаш колку тие информации можат да му помогнат да направи промени во животот, уште повеќе ги цениш мислите што говорникот ги изнесува на таа тема.

18 Нешто слично може да чувствуваме кога ги читаме публикациите наменети за јавност. На пример, во Стражарска кула која ја нудиме во службата, Библијата е објаснета со лесно разбирливи зборови и изрази. Истото може да се каже и за статиите на нашата интернет-страница, како оние што излегуваат во делот „Одговор на библиски прашања“ и во делот „Најчесто поставувани прашања“. Кога ги читаме тие информации, подобро ги разбираме библиските учења кои веќе добро ги знаеме и уште повеќе ги цениме. Освен тоа, учиме и како да ги објаснуваме нашите верувања на поинаков начин. Слично на тоа, списанието Разбудете се! уште повеќе нѐ уверува дека постои Творец и ни помага подобро да ги браниме нашите убедувања. (Прочитај 1. Петрово 3:15.)

19. Како може да му покажеме на Јехова дека сме благодарни за сите поуки што ни ги дава?

19 Јехова ни дава многу совети и поуки за да ги задоволиме нашите „духовни потреби“ (Мат. 5:3). Затоа, да продолжиме да ги читаме и да ги применуваме сите информации што ги добиваме. Така ќе му покажеме на Јехова колку сме благодарни за сите поуки кои доаѓаат од него (Иса. 48:17).

^ [1] (пасус 14) Вакви информации има во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1 и 2, како и рубриката „Младите прашуваат“, која сега излегува само на Интернет.