Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2017

Поддржи го Јехова како Севишен Владетел

Поддржи го Јехова како Севишен Владетел

Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ (ОТК. 4:11)

ПЕСНИ: 112, 133

1, 2. Во што мора да се увери секој од нас? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

КАКО што видовме во претходната статија, Ѓаволот тврди дека Јехова нема право да владее со луѓето и дека тие ќе бидат посреќни ако владеат сами. Дали Сатана е во право? Замисли си каков би бил животот доколку луѓето би можеле да владеат сами и да живеат вечно. Дали би биле посреќни без водството од Бог? Дали ти би бил посреќен доколку би можел да живееш вечно и да бидеш потполно независен од Бог?

2 Секој од нас треба внимателно да размисли за овие прашања. Додека го правиме тоа, ќе ни стане јасно дека Јехова е најдобриот Владетел и дека заслужува да го поддржуваме со сето срце. Во Библијата се наведени силни причини кои нѐ уверуваат во тоа. Да разгледаме што пишува во Божјата Реч за правото на Јехова да владее над сѐ.

ЈЕХОВА ИМА ПРАВО ДА ВЛАДЕЕ

3. Зошто Јехова има право да владее над сѐ?

3 Единствено Јехова има право да владее над сѐ бидејќи тој е семоќен Бог и Творец (1. Лет. 29:11; Дела 4:24). Во едно видение, 144-те илјади совладетели на Исус рекле:  „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Отк. 4:11). Бидејќи создал сѐ, Јехова има потполно право да владее над луѓето, како и над духовните суштества.

4. Зошто слободната волја не ни дава право да се побуниме против Бог?

4 Сатана не создал ништо. Затоа, тој нема право да владее над никого. Сатана и првите луѓе постапиле дрско со тоа што го отфрлиле Јехова како Севишен Владетел (Ерем. 10:23). Точно е дека Јехова ги создал со слободна волја. Но, дали слободната волја им дала право да се побунат против него? Не. Таа ни помага да носиме одлуки, но не ни дава право да се побуниме против нашиот Творец, Јехова. Значи, побуната против Бог е злоупотреба на слободната волја. Луѓето се создадени со потреба Јехова да владее над нив и да им дава водство.

5. Зошто можеме да бидеме сигурни дека одлуките на Јехова секогаш се праведни?

5 Јехова има право да владее од уште една причина — својот авторитет го користи на совршено праведен начин. Тој ни вели: „Јас сум Јехова, оној што покажува милост, правда и праведност на земјата, зашто на тоа се радувам“ (Ерем. 9:24). На Јехова не му требаат човечките закони за да може да одлучува што е праведно. Наместо тоа, тој ги поставува мерилата за правда. И, на темел на неговата совршена правда им дава закони на луѓето. Псалмистот напишал: „Праведноста и правдата се темелот на твојот престол“. Според тоа, сите закони, начела и одлуки што доаѓаат од Јехова се праведни (Пс. 89:14; 119:128). Сатана тврди дека Јехова не е праведен Владетел. Сепак, Сатана е тој што не успеал да донесе правда во светот.

6. Наведи една причина зошто Јехова има право да владее со светот.

6 Друга причина зошто Јехова има право да владее со светот е тоа што тој има знаење и мудрост за да се грижи за она што го создал. Ова се гледа од фактот дека Бог му дал моќ на својот Син да лечи болести кои лекарите не можеле да ги излечат (Мат. 4:23, 24; Мар. 5:25-29). Тоа за нас можеби е чудо, но за Јехова не е. Тој знае како функционира човечкото тело и може да ја излекува секоја болест. Освен тоа, Јехова може да ги врати мртвите во живот и да ги спречи природните катастрофи.

7. Зошто Јехова е помудар од кој и да било друг во светот на Сатана?

7 Во светот со кој владее Сатана сѐ уште никој не успеал да најде начин за да ги реши граѓанските војни и конфликтите меѓу државите. Јехова има најголема мудрост и само тој знае како да донесе мир во светот (Иса. 2:3, 4; 54:13). Затоа, и ние се чувствуваме како апостол Павле кој рекол: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (Рим. 11:33).

ЈЕХОВА Е НАЈДОБРИОТ ВЛАДЕТЕЛ

8. Како влијае врз тебе начинот на кој владее Јехова?

8 Како што видовме, Библијата јасно покажува дека Јехова има право да владее. Освен тоа, од неа дознаваме и зошто Јехова е најдобриот Владетел. Една причина е тоа што владее со љубов. Сѐ чувствуваме уште поблиски со него кога размислуваме колку е „милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. Мој. 34:6). Бог постапува со нас љубезно и со почит. Тој се грижи за нас подобро  отколку ние самите. Ѓаволот тврди дека Јехова им ускратува добри работи на своите слуги, но тоа е чиста лага. Бог дури го дал својот сакан Син за да имаме надеж да живееме вечно. (Прочитај Псалм 84:11; Римјаните 8:32.)

9. Од каде знаеме дека Бог се грижи за секој од нас поединечно?

9 Јехова го сака својот народ како група, но тој се грижи и за секој поединец. На пример, размисли за она што се случило во минатото. Во период од околу три века, Јехова користел судии за да го води својот народ и да го избавува од непријателите. Сепак, дури и во тој бурен период, Бог обрнувал внимание на поединци. Јехова ја забележал Рут која, иако не била Израелка, се откажала од многу работи за да може да му служи. Тој ја благословил со сопруг и син. Но, тоа не било сѐ. Синот на Рут станал дел од семејната лоза од која дошол Месијата. Освен тоа, Јехова сметал дека она што го доживеала Рут треба да се запише во Библијата, и таа библиска книга денес го носи нејзиното име. Можеш ли да си замислиш како ќе се чувствува Рут кога ќе воскресне и ќе дознае за овие работи? (Рут 4:13; Мат. 1:5, 16).

10. Од каде знаеме дека Јехова не е премногу строг Владетел?

10 Како Владетел, Јехова не ги угнетува другите и не е премногу строг кон нив. Напротив, оние што му се послушни се чувствуваат слободни и радосни (2. Кор. 3:17). Во врска со Јехова, Давид рекол: „Честа и величието се пред него, силата и радоста се во неговото светилиште“ (1. Лет. 16:7, 27). Псалмистот Етан напишал: „Среќен е народот кој знае радосно да воскликнува. О Јехова, тие одат во светлината на твоето лице! Поради твоето име се веселат по цел ден и твојата праведност ги возвишува“ (Пс. 89:15, 16).

11. Што може уште повеќе да нѐ увери дека Јехова е најдобриот Владетел?

11 Колку повеќе размислуваме за Јеховината добрина, толку поуверени сме дека тој е најдобриот Владетел. И ние се чувствуваме како псалмистот, кој му рекол на Бог: „Еден ден во твоите дворови е подобар отколку илјада денови на друго место“ (Пс. 84:10). Бидејќи нѐ создал, Јехова точно знае што ни треба за да бидеме вистински среќни. Тој великодушно ни дава и повеќе отколку што ни е потребно. Сѐ што бара од нас е за наше добро. Дури и ако мора да направиме жртви за да му бидеме послушни, сепак ќе бидеме среќни. (Прочитај Исаија 48:17.)

12. Која е главната причина зошто го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел?

12 Од Библијата дознаваме дека, откако ќе заврши Христовото илјадагодишно владеење, некои ќе се побунат против Јехова (Отк. 20:7, 8). Зошто ќе го направат тоа? Ѓаволот, како и секогаш, ќе се обиде да ги наведе луѓето да постапат себично. Тој можеби ќе се обиде да ги убеди дека можат да живеат засекогаш без да му бидат послушни на Јехова. Но, тоа не е вистина. Затоа, добро е да си го поставиме следново прашање: „Дали јас би поверувал во една таква лага?“ Ако го сакаме Јехова и ако сме уверени дека е добар и дека има право да владее над сѐ, тогаш една таква лага ќе ни биде нешто одвратно. Никогаш нема да посакаме да живееме без Јехова како наш Севишен Владетел кој владее со љубов.

ВЕРНО ПОДДРЖУВАЈ ГО ЈЕХОВА КАКО ВЛАДЕТЕЛ

13. Како можеме да го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел?

13 Како што видовме, Јехова има право да владее и неговиот начин на владеење е најдобар. Тој заслужува да  го поддржуваме со сето срце. Тоа го правиме така што сме му верни и се трудиме да го следиме неговиот пример. Кога даваме сѐ од себе за да постапуваме како Јехова, покажуваме дека го сакаме и дека го поддржуваме како Севишен Владетел. (Прочитај Ефешаните 5:1, 2.)

14. Како можат старешините и семејните поглавари да го следат примерот на Јехова?

14 Библијата ни кажува дека Јехова секогаш го спроведува својот авторитет со љубов. Семејните поглавари и старешините кои го поддржуваат Јехова како Владетел ќе го следат неговиот пример така што нема да бидат премногу строги со другите и нема да ги контролираат. Апостол Павле многу се трудел да постапува како Бог и неговиот Син (1. Кор. 11:1). Тој не ги засрамувал другите ниту, пак, им вршел притисок за да го прават она што е исправно. Напротив, Павле љубезно ги поттикнувал да му бидат послушни на Јехова (Рим. 12:1; Еф. 4:1; Филим. 8-10). На тој начин го следел неговиот пример. Со тоа што постапуваме со другите со љубов, го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел.

15. Како го поддржуваме Јеховиното право да владее кога покажуваме почит кон оние што предводат?

15 Го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел и кога ги почитуваме оние на кои тој им дал авторитет и кога соработуваме со нив. Дури и ако не разбираме во потполност некоја нивна одлука или не се согласуваме со неа, сепак ги поддржуваме. Иако луѓето во светот не постапуваат на таков начин, ние постапуваме така бидејќи го прифаќаме Јехова за наш Владетел (Еф. 5:22, 23; 6:1-3; Евр. 13:17). Освен тоа, бидејќи Јехова секогаш ни го мисли најдоброто, ние сме среќни кога сме му послушни.

16. Како со нашите одлуки можеме да покажеме дека го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел?

16 Можеме да го поддржиме Јехова  како Севишен Владетел и со одлуките што ги носиме. Јехова не ни дал конкретни заповеди во врска со секоја ситуација во животот. Наместо тоа, тој ни открива како размислува. Ова ни помага да разбереме што треба да правиме. На пример, Јехова не ни дал список со правила за тоа каква облека смееме, а каква не смееме да носиме. Тој ни кажал дека треба да изгледаме скромно и достоинствено како негови слуги (1. Тим. 2:9, 10). Јехова сака да размислуваме за тоа како нашите одлуки влијаат врз другите (1. Кор. 10:31-33). Ако го земаме предвид Јеховиното гледиште кога носиме одлуки, покажуваме дека го сакаме и дека го поддржуваме како Севишен Владетел.

Поддржи го Јехова како Севишен Владетел со своите одлуки и во семејниот живот (Види во пасуси 16-18)

17, 18. Како можат христијаните кои се во брак да го поддржат Јехова како Владетел?

17 Да разгледаме еден начин на кој Божјите слуги што се во брак можат да го поддржат Јехова како свој Владетел. Можеби бракот на двајца христијани не е таков каков што си го замислувале. Можеби дури имаат сериозни брачни проблеми. Што би можело да им помогне во таков случај? Можат да размислуваат за тоа како Јехова постапувал со Израелците во минатото. Тој се опишал себеси како сопруг на својот народ (Иса. 54:5; 62:4). Израелците многу пати го разочарале Јехова, и затоа нивниот однос бил како еден лош брак. Сепак, Бог не се откажал веднаш од нив. Тој секогаш одново им простувал и ги исполнил ветувањата што им ги дал. (Прочитај Псалм 106:43-45.)

18 Христијаните кои се во брак и кои го сакаат Јехова се трудат да постапуваат како него. Дури и ако имаат проблеми во бракот, не се разведуваат доколку немаат библиска основа за тоа. Тие знаат дека Јехова го смета брачниот завет за нешто сериозно и дека сака мажот и жената да останат еден покрај друг. Единствена библиска основа поради која некој може да се разведе и повторно да стапи во брак е доколку брачниот другар изврши прељуба (Мат. 19:5, 6, 9). Кога христијаните кои се во брак прават сѐ што можат за нивниот брак да успее, го поддржуваат Јехова како Севишен Владетел.

19. Што треба да направиме кога ќе згрешиме?

19 Сите ние сме несовршени и затоа понекогаш правиме работи со кои го разочаруваме Јехова. Бидејќи е свесен за тоа, Бог го дал својот Син како откупнина за нашите гревови. Затоа, кога ќе згрешиме, треба да го молиме Јехова да ни прости (1. Јов. 2:1, 2). Наместо само да ни биде жал поради грешките што сме ги направиле, треба да се трудиме и да научиме нешто од нив. Ако останеме блиски со Јехова, тој ќе ни прости и ќе ни помогне да закрепнеме во емоционален поглед и да продолжиме да му служиме (Пс. 103:3).

20. Зошто денес треба да го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел?

20 Во новиот свет секој човек ќе му се подложи на Јехова како на Севишен Владетел и ќе биде поучен за неговите патишта (Иса. 11:9). Но, уште сега можеме многу да научиме за тоа како размислува Јехова и како сака да постапуваме. Наскоро, никој нема да го доведува во прашање неговото право да владее. Затоа, сега е време да покажеме дека го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел така што ќе му бидеме послушни, ќе му служиме верно и со сите сили ќе се трудиме да постапуваме како него.