Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2017

Јехова ни е утеха во секоја наша неволја

Јехова ни е утеха во секоја наша неволја

Богот на секоја утеха нѐ теши во секоја наша неволја (2. КОР. 1:3, 4)

ПЕСНИ: 38, 56

1, 2. Како Јехова нѐ теши во секоја наша неволја, и во што можеме да бидеме сигурни?

ЕДЕН млад неженет брат размислувал за стихот од 1. Коринќаните 7:28, каде што стои дека оние што ќе стапат во брак „ќе имаат телесни неволји“. Тој прашал еден повозрасен оженет старешина што се овие неволји и како би се справил со нив ако се ожени. Пред да му одговори, старешината му рекол на младиот брат да размисли за зборовите на Павле од 2. Коринќаните 1:3, 4: Јехова е „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“.

2 Знаеме дека Јехова, нашиот Татко, нѐ сака. Тој нѐ теши кога имаме неволји и проблеми. Можеби на своја кожа си почувствувал како во такви моменти те води и те поддржува преку својата Реч. Бог отсекогаш им го мислел најдоброто на своите слуги. Можеме да бидеме сигурни дека ни го мисли најдоброто и нам. (Прочитај Еремија 29:11, 12.)

3. Кои прашања ќе ги разгледаме?

 3 Обично е полесно да се носиме со проблемите и неволјите кога знаеме што ги предизвикало. Тогаш, што ги предизвикува проблемите во бракот и во семејството? Кои библиски и современи примери може да ни помогнат да најдеме утеха? Одговорот на овие прашања ќе ни помогне да се справиме со неволјите.

„ТЕЛЕСНИ НЕВОЛЈИ“

4, 5. Кои се некои причини за „телесни неволји“ во бракот?

4 Откако Јехова ја создал првата жена, ја довел кај мажот, и таа му станала сопруга. Тогаш Јехова рекол: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мој. 2:24). Но, денес сите сме несовршени (Рим. 3:23). Затоа, кога еден маж и една жена ќе стапат во брак, може да очекуваат проблеми. Според Божјата Реч, мажот е глава на семејството (1. Кор. 11:3). Но, нему може да му биде тешко да предводи, а на жената да го прифати неговото водство. Пред да се омажи, жената можеби живеела со родителите и им била послушна ним. Сега, мажот е оној што предводи, а не тие. Ова може да доведе до затегнати односи со родителите од двете страни и да им прави проблеми на младенците.

5 „Ќе имаме бебе!“ Оваа вест може да биде причина за голема радост, но и за голема загриженост. Можеби родителите се загрижени како ќе помине бременоста и стравуваат за здравјето на бебето. Освен тоа, свесни се дека и трошоците ќе се зголемат. Откако ќе се роди детето, родителите ќе треба да направат и некои промени. Многу мажи се чувствуваат запоставено затоа што поголем дел од времето мајката обично го минува со бебето. Исто така, таткото ќе има повеќе одговорности бидејќи сега во семејството има нов член.

6-8. Како може да се чувствуваат мажот и жената ако не можат да имаат деца?

6 Некои брачни другари се соочуваат со поинаква неволја. Очајно посакуваат да имаат деца, но не можат. Тоа може да предизвика силна емоционална болка кај жената (Изр. 13:12). Во библиски времиња, на раѓањето деца се придавало голема важност. Рахела, жената на Јаков, чувствувала голема болка затоа што сестра ѝ имала деца, а таа не можела да забремени (1. Мој. 30:1, 2). И денес, во некои култури е многу важно да се има големо семејство. Луѓето не можат да сфатат зошто тамошните мисионери немаат деца. Дури и откако мисионерите ќе пробаат да им објаснат најдобро што можат, некои сепак велат: „Ајде, ќе даде Бог“.

7 Една сестра од Англија отсекогаш сакала да има деца. Кога сфатила дека не може да има, многу се разочарала. Таа и нејзиниот сопруг одлучиле да посвојат дете. Но и покрај тоа, некое време сѐ уште чувствувала тага. Таа вели: „Знаев  дека нема да биде исто да посвоиш дете и да родиш дете“.

8 Библијата вели дека „жените ќе ги заштити раѓањето“ (1. Тим. 2:15). Но, дали ова значи дека една жена ќе добие вечен живот само затоа што родила? Не. Тогаш како да го разбереме овој стих? Грижата за децата и домот може да ја заштити жената да не почне да озборува и да се меша во туѓи работи (1. Тим. 5:13). Сепак, тоа не значи дека ќе нема брачни или семејни проблеми.

Што може да ти даде утеха ако го изгубиш брачниот другар? (Види во пасуси 9, 12)

9. Која друга неволја може да ја доживеат оние што се во брак?

9 Уште една неволја во бракот може да биде смртта на брачниот другар. Многумина не ни помислувале дека ќе доживеат вакво нешто, но морале да се соочат со оваа тешка ситуација. Христијаните се цврсто уверени дека ќе има воскресение, и ова им дава голема утеха (Јован 5:28, 29). Во својата Реч, нашиот Татко Јехова дал многу ветувања кои нѐ тешат кога ни е тешко. Да видиме како Јехова утешил некои Божји слуги и како тоа им помогнало.

УТЕХА ВО НЕВОЛЈА

10. Како Ана нашла утеха? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Ана, саканата жена на Елкана, имала тежок проблем — сакала да има деца, но не можела. А Фенина, другата жена на Елкана, имала многу деца. (Прочитај 1. Самоилова 1:4-7.) Згора на сѐ, Фенина постојано ја исмевала Ана поради ова. Тоа многу ја вознемирувало Ана и ѝ нанесувало силна болка. Што направила? Побарала помош од Јехова. Отишла дури и во Јеховиниот дом и таму долго се молела. Имала доверба дека Јехова ќе ја услиши нејзината молитва. После тоа се чувствувала многу подобро и повеќе не била тажна (1. Сам. 1:12, 17, 18). Таа знаела дека Јехова или ќе ѝ даде син или ќе ја утеши на друг начин.

11. Како треба да се молиме за да добиеме утеха од Бог?

11 Сѐ додека сме несовршени и живееме во овој свет под власта на Сатана, ќе имаме неволји и проблеми (1. Јов. 5:19). Но, не сме препуштени сами на себе. Јехова е „Богот на секоја утеха“. Еден начин на кој ни помага е преку молитвата. Ана му ги кажала своите најдлабоки чувства на Јехова и го преколнувала за помош. Затоа, кога се соочуваме со некоја неволја, не треба само да му ги спомнеме нашите проблеми на Јехова. Треба горливо да го молиме и да му ги кажеме нашите најдлабоки чувства (Фил. 4:6, 7).

12. Што ѝ помогнало на пророчицата Ана да најде радост?

12 Можеби чувствуваме голема празнина бидејќи не можеме да имаме деца или ни умрел некој близок. Но, можеме да најдеме утеха. Пророчицата Ана од времето на Исус го изгубила својот сопруг после седум години брак. Библијата не спомнува дека имала деца. Што ѝ помогнало? И покрај тоа што имала 84 години, за неа се вели: „Никогаш не изостануваше од храмот, туку ден и ноќ му служеше на  Бог со пости и со сесрдни молитви“ (Лука 2:37). Ана нашла утеха и радост во службата за Јехова.

13. Како може да нѐ охрабрат вистинските пријатели кога роднините не го прават тоа?

13 Ако сме блиски со нашите браќа и сестри, помеѓу нив ќе најдеме вистински пријатели (Изр. 18:24). Пола имала 5 години кога мајка ѝ ја напуштила вистината. Ѝ било многу тешко. По некое време, Ен, сестра која служела како пионер, покажала грижа за неа. Пола вели: „Иако не бевме во крвно сродство, нејзината љубов и внимание многу ми помогнаа да продолжам да му служам на Јехова“. Пола била многу радосна што подоцна мајка ѝ се вратила кај Јехова. И Ен е среќна што ѝ била како „духовна мајка“ на Пола.

14. Какви благослови ќе добиеме ако ги тешиме другите?

14 Кога им помагаме на другите, не се концентрираме на нашите проблеми. На многу мажени и немажени сестри проповедањето им носи голема радост затоа што знаат дека соработуваат со Јехова и ја вршат неговата волја. Некои од нив на службата гледаат како на „лек“. Сите ние можеме да им помагаме на луѓето така што ќе им ја проповедаме добрата вест. Освен тоа,  кога покажуваме грижа за нашите браќа и сестри и соработуваме со нив во службата, тоа нѐ зближува (Фил. 2:4). Павле ни дал одличен пример за ова. Тој се грижел за другите „како мајка која ги храни и ги негува своите деца“. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7, 11, 12.)

ПОМОШ И УТЕХА ЗА СЕМЕЈСТВАТА

15. Кој ја има одговорноста да ги поучува децата за Јехова?

15 Посебно е важно да им помагаме и да им даваме утеха на семејствата. Понекогаш, новите ќе замолат некој објавител да им помогне додека ги поучуваат своите деца за Јехова. Можеби ќе побараат дури и објавителот да проучува со децата наместо нив. Според Библијата, Јехова им ја дал на родителите одговорноста да ги поучуваат своите деца (Изр. 23:22; Еф. 6:1-4). Иако во некои случаи е потребна помош, тоа не ги ослободува родителите од нивната одговорност. Тие треба редовно да разговараат со децата и добро да ги запознаат.

16. На што треба да внимаваме ако некој родител нѐ замоли да ја проучуваме Библијата со неговото дете?

16 Ако по желба на родителот почнеш да ја проучуваш Библијата со неговото дете, внимавај да не преземеш улога на родител. Понекогаш можеби ќе проучуваме со дете чии родители не се во вистината. Кога проучуваме со туѓи деца, мудро е да го правиме тоа кај нив дома во присуство на родителите, некој зрел Јеховин сведок или на соодветно јавно место. Така никој нема да има основа да нѐ обвини за нешто. Со текот на времето, родителите можеби ќе ја преземат одговорноста да ги поучуваат децата за Јехова.

17. Како може младите да бидат утеха за своето семејство?

17 Младите кои го сакаат Јехова може да бидат утеха за семејството. Како? Така што ќе ги почитуваат родителите и ќе им помагаат низ дома и финансиски. Освен тоа, кога децата му се верни на Јехова, тоа влијае позитивно врз семејството во духовен поглед. Пред Потопот, Ламех му служел на Јехова. За својот син Ное, тој рекол: „Ќе ни донесе одмор од нашата работа и од маката на нашите раце што ни ја задава земјата, која ја проколна Јехова“. Ова пророштво се исполнило после Потопот, кога Јехова го отстранил проклетството од земјата (1. Мој. 5:29; 8:21). И денес, младите што му служат на вистинскиот Бог можат да им помогнат на најблиските да ги издржат сегашните неволји и да преживеат неволја поголема и од Потопот. Тоа е уште еден начин на кој може да бидат утеха за семејството.

18. Што може да ни помогне да издржиме во неволја?

18 Јеховините слуги добиваат утеха преку молитвата, длабокото размислување за библиските примери и преку блиските пријатели во Божјата организација. (Прочитај Псалм 145:18, 19.) Уверени сме дека Јехова е секогаш тука за да нѐ утеши. Тоа ќе ни помогне да издржиме какви и да било неволји — сега и во иднина!