Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2016

Јехова „се грижи за вас“

Јехова „се грижи за вас“

ЗОШТО можеш да бидеш сигурен дека Јехова навистина се грижи за тебе? Една причина е што самата Библијата го вели тоа. Во 1. Петрово 5:7 стои: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“. Кои други докази потврдуваат дека Јехова е заинтересиран за нас?

СЕ ГРИЖИ ЗА НАШИТЕ МАТЕРИЈАЛНИ ПОТРЕБИ

Јехова ни дава добар пример со тоа што е добар и великодушен

Бог има особини кои најверојатно сакаш да ги имаат твоите најдобри пријатели. Оние што постапуваат великодушно едни со други и си прават добро обично стануваат блиски пријатели. Не е тешко да се забележи дека Јехова секојдневно покажува добрина и великодушност кон луѓето. Размисли за еден пример: „Тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Мат. 5:45). Зошто Бог ни ги дал сонцето и дождот? Меѓу другото, преку нив тој им обезбедува на луѓето храна и го радува нивното срце (Дела 14:17). Јехова навистина се погрижил Земјата да раѓа изобилство храна. А кој не се радува на вкусно јадење?

Тогаш, зошто толку многу луѓе гладуваат? Бидејќи на човечките владетели им е поважно да стекнат политичка моќ и да се збогатат отколку да им го подобрат животот на луѓето. Јехова ќе ѝ стави крај на алчноста кога наскоро небесното Царство, со кое владее неговиот Син, ќе го замени денешниов политички систем. Откако ќе се случи тоа, никој повеќе нема да  гладува. Во меѓувреме, Бог им го дава на своите слуги она што им е неопходно (Пс. 37:25). Зарем тоа не е доказ дека тој се грижи за нас?

СЕКОГАШ ИМА ВРЕМЕ ЗА НАС

Јехова ни дава добар пример со тоа што секогаш има време за нас

Добриот пријател одвојува време за тебе. Можеби со часови зборувате за работи кои и двајцата ве интересираат. Исто така, тој внимателно те слуша кога имаш проблеми и грижи. Дали и Јехова ни обрнува такво внимание? Да. Тој ги слуша нашите молитви. Затоа Библијата нѐ поттикнува да истраеме во молитва, па дури и непрестајно да се молиме (Рим. 12:12; 1. Сол. 5:17).

Колку време е спремен да одвои Јехова за да ги слуша нашите молитви? Еден пример од Библијата ни го дава одговорот. Пред да ги избере апостолите, Исус му се молел на Бог цела ноќ (Лука 6:12). Во таа молитва, тој сигурно ги спомнал повеќето свои ученици по име. Размислувал за јаките и слабите страни кои ги имал секој од нив, и го молел својот Татко да му помогне да направи вистински избор. Следното утро, Исус бил сигурен дека ги избрал оние кои најмногу одговараат да бидат негови апостоли. Јехова со задоволство ја слуша секоја искрена молитва (Пс. 65:2). Дури и ако некој со часови се моли за нешто што многу го загрижува, Бог спремно ќе го слуша.

НИ ПРОСТУВА ВЕЛИКОДУШНО

Јехова ни дава добар пример со тоа што спремно ни простува

И на добрите пријатели понекогаш им е тешко да си простат. Токму поради тоа се распаѓаат и долгогодишни пријателства. Но, Јехова не е како луѓето. Библијата ги поттикнува сите искрени лица да бараат простување од него бидејќи тој великодушно ќе им прости (Иса. 55:6, 7). Зошто Бог е спремен да го стори тоа?

Затоа што има неизмерна љубов. Јехова толку многу ги сака луѓето што го дал својот Син, Исус, за да ги избави од гревот и од неговите горки последици (Јован 3:16). Но, со откупната жртва се постигнува  уште нешто. Преку неа, Бог великодушно им простува на оние што ги сака. Апостол Јован напишал: „Ако ги признаеме своите гревови, Бог ќе ни ги прости... бидејќи е верен и праведен“ (1. Јов. 1:9). Бидејќи Јехова е спремен да прости, луѓето можат да останат негови пријатели. Зарем ова не те допира до срце?

НИ ПОМАГА КОГА ИМАМЕ ПОТРЕБА

Јехова ни дава добар пример со тоа што ни помага кога имаме потреба

Вистинскиот пријател е спремен да ни помогне секогаш кога имаме потреба. Дали и Јехова го прави тоа? Во неговата Реч пишува: „И да се лизне [некој Божји слуга], нема да падне, зашто Јехова го држи за рака“ (Пс. 37:24). Јехова им помага на своите слуги на разни начини. Да разгледаме едно искуство од карипскиот остров Сент Кроа.

Бидејќи една наша млада сестра не сакала да го поздрави знамето, соучениците ѝ вршеле притисок. Откако го молела Јехова за помош, решила да се справи со овој предизвик. Кога ѝ се укажала можност, таа зборувала пред целиот клас на тема поздравување на знамето. Со помош на книгата Библиски приказни, оваа млада сестра објаснила како извештајот за Седрах, Мисах и Авденаго влијаел врз нејзината одлука да не го поздравува знамето. Таа рекла: „Јехова ги заштитил овие тројца Евреи бидејќи одбиле да го обожаваат златниот кип“. Потоа им ја понудила книгата на своите соученици, и единаесет од нив ја зеле. Оваа млада сестра била многу среќна бидејќи сфатила дека Јехова ѝ дал храброст и мудрост за да посведочи, иако станувало збор за осетлива тема.

Ако некогаш се сомневаш дека Јехова се грижи за тебе, размислувај за некои библиски стихови како што се Псалм 34:17-19; 55:22 и 145:18, 19. Зборувај со некои долгогодишни слуги на Бог за тоа како тој се грижел за нив. А кога ти треба помош, моли му се на Јехова во врска со тоа. За кратко време ќе видиш како тој се грижи за тебе.