Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2016

„Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“

„Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“

Чуј Израеле: Јехова нашиот Бог е еден Јехова! (5. МОЈ. 6:4)

ПЕСНИ: 138, 112

1, 2. а) Зошто зборовите од 5. Мојсеева 6:4 им се познати на многу луѓе? б) Зошто Мојсеј ги кажал тие зборови?

СО ВЕКОВИ, Евреите ги користат зборовите од 5. Мојсеева 6:4 како дел од една посебна молитва. Таа е наречена Шема бидејќи овој стих на хебрејски започнува токму со овој збор. Многу Евреи секојдневно ја кажуваат оваа молитва, и наутро и навечер, за да покажат дека му се оддадени само на Бог.

2 Всушност, Мојсеј ги кажал тие зборови во 1473 год. пр.н.е., кога за последен пат му се обратил на израелскиот народ. Израелците биле собрани на моавските рамници, спремни да ја преминат реката Јордан и да ја заземат Ветената земја (5. Мој. 6:1). Мојсеј ги водел 40 години, и сакал да бидат храбри за да се соочат со тешкотиите што им претстоеле. Тие требало да имаат доверба во својот Бог, Јехова, и верно да му служат. Последните зборови на Мојсеј имале силно влијание врз народот. Откако ги спомнал Десетте заповеди и некои други Божји закони, тој им дал на Израелците едно важно потсетување кое е запишано во 5. Мојсеева 6:4, 5. (Прочитај.)

3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

 3 Евреите знаеле дека Јехова, нивниот Бог, е „еден Јехова“. Верните Израелци му служеле само на еден Бог — Богот на нивните прататковци Авраам, Исак и Јаков. Тогаш, зошто Мојсеј ги потсетил дека нивниот Бог е „еден Јехова“? Како ова е поврзано со заповедта да го сакаме Бог со сето срце, со сета душа и со сета сила? И од каква важност се за нас зборовите од 5. Мојсеева 6:4, 5?

НАШИОТ БОГ Е „ЕДЕН ЈЕХОВА“

4, 5. а) На што укажува изразот „еден Јехова“? б) По што се разликува Јехова од боговите на кои им служеле паганските народи?

4 Единствен. Зборот „еден“ на хебрејски и на многу други јазици не означува само бројка, туку има пошироко значење. Тој може да значи „уникатен“ или „еден и единствен“. Зошто Мојсеј го користел изразот „еден Јехова“? Јехова е Творецот на небото и Земјата — Севишниот Владетел на целата вселена. Тој е единствениот вистински Бог, ниту еден друг бог не му е рамен (2. Сам. 7:22). Според тоа, целта на Мојсеј сигурно не била да го побие лажното верување во тројство, туку да ги потсети Израелците дека треба да му служат само на Јехова. Тие не требало да се поведат по околните народи, кои им служеле на лажни богови и божици. Овие народи верувале дека нивните божества имаат моќ над одредени делови од природата.

5 На пример, Египќаните го обожавале богот на Сонцето, Ра; божицата на небото, Нут; богот на земјата, Геб; богот на реката Нил, Хапи; а обожавале и многу други животни кои ги сметале за свети. Јехова покажал дека е далеку помоќен од овие лажни божества кога им ги нанел десетте неволји на Египќаните. Главно божество на Ханаанците бил Ваал, лажниот бог на плодноста, кој исто така бил обожаван како бог на небото, дождот и бурата. На многу места, луѓето го сметале Ваал за заштитник (4. Мој. 25:3). Израелците никогаш не смееле да заборават дека нивниот Бог — „вистинскиот Бог“, Јехова — е единствен. Нема друг како него (5. Мој. 4:35, 39).

6, 7. На што друго укажувал изразот „еден Јехова“, и како Јехова покажал дека е „истиот“?

6 Непроменлив и верен. Хебрејскиот израз „еден Јехова“ укажувал и на тоа дека Бог не ги менува своите намери и начин на постапување. Можеме секогаш да имаме доверба дека Јехова ќе постапува доследно и во склад со својата утврдена намера. Тој не е променлив или непредвидлив, туку секогаш е доследен, верен и вистинит. На пример, Бог му ветил на Авраам дека неговите потомци ќе живеат во Ветената земја. Иако поминале 430 години откако му го дал ова ветување, Јехова не ја сменил својата намера со Израелците. Тој направил многу чуда за да го одржи своето ветување кога ги избавил од Египет (1. Мој. 12:1, 2, 7; 2. Мој. 12:40, 41).

7 Стотици години подоцна, Јехова ги нарекол Израелците свои сведоци и им рекол: „Јас сум оној истиот. Пред мене не беше направен ниту еден бог и по мене не ќе има ниту еден“. Освен тоа, тој јасно им ставил до знаење дека неговата намера никогаш не се менува, кога рекол: „За сите времиња јас сум истиот“ (Иса. 43:10, 13; 44:6; 48:12). Колку голема чест имале Израелците да му служат на Јехова, Богот кој е постојан и верен на сите свои патишта! И ние денес ја имаме истата чест (Мал. 3:6; Јак. 1:17).

8, 9. а) Што бара Јехова од своите слуги? б) Како Исус нагласил колку се важни зборовите на Мојсеј?

 8 Мојсеј ги потсетил Израелците дека Божјата љубов и грижа кон нив никогаш нема да се променат. За возврат, Јехова очекувал тие да му бидат оддадени само нему и да го сакаат со сето срце, душа и сила. Родителите требало во секоја прилика да ги поучуваат своите деца за да можат и тие да му служат само на Јехова (5. Мој. 6:6-9).

9 Бидејќи никогаш не ја менува својата намера, тој и денес има исти основни барања за своите вистински слуги. Ако сакаме да ја прифати нашата служба, мора да му бидеме оддадени само нему и да го сакаме со сето срце, ум и сила. Исус рекол дека тоа е најголемата заповед. (Прочитај Марко 12:28-31.) Да видиме како можеме да покажеме на дело дека навистина сфаќаме што значи изразот „Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“.

ПОКАЖИ ДЕКА СИ МУ ОДДАДЕН САМО НА ЈЕХОВА

10, 11. а) Како покажуваме дека сме му потполно оддадени на Бог? б) Како четворицата млади Евреи во Вавилон покажале дека му се оддадени само на Јехова?

10 Јехова е нашиот еден и единствен Бог. Покажуваме дека сме му потполно оддадени кога му служиме само нему. Освен што не смееме да обожаваме други богови, нашето обожавање не смее да вклучува ни примеси од верувања или обичаи кои потекнуваат од лажните религии. Јехова не е само еден бог кој е помоќен од други богови или кој е над сите нив. Тој е вистинскиот Бог, и треба да му служиме само нему. (Прочитај Откровение 4:11.)

11 Во библиската книга Даниел е запишан извештајот за младите Евреи — Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. Тие покажале дека му се оддадени само на Јехова кога одбиле да јадат храна која била нечиста според Законот. Освен тоа, тројцата пријатели на Даниел не сакале да се поклонат пред златниот кип на Навуходоносор. Бидејќи Јехова им бил најважен, овие млади луѓе воопшто не помислувале да направат компромис (Дан. 1:1 — 3:30).

12. Од што мора да се чуваме ако сакаме да му бидеме оддадени само на Јехова?

12 Јехова мора да биде на прво место во нашиот живот. Ако сакаме да му бидеме оддадени само нему, не смееме да дозволиме нешто друго да ни стане поважно од него. Што би можело да биде тоа? Кога ги дал Десетте заповеди, Јехова рекол дека неговите слуги не смеат да им служат на други богови и дека треба да се чуваат од секакво идолопоклонство (5. Мој. 5:6-10). Денес постојат најразлични видови идолопоклонство, а некои од нив се прикриени. Но, Јехова не ги сменил своите барања — тој сѐ уште е „еден Јехова“. Да видиме како можеме да се чуваме од идолопоклонство.

13. Што би можело да ја задуши нашата љубов кон Јехова?

13 Во Колошаните 3:5 (прочитај), се запишани некои работи кои би можеле да ни го нарушат блиското пријателство со Јехова. Според тој извештај, лакомоста е поврзана со идолопоклонство. На кој начин? Ако дозволиме да нѐ обземе некоја силна желба како, на пример, желбата за многу пари или удобности, таа може да почне да го контролира нашиот живот како да е моќен бог. Всушност, сите гревови кои се спомнати во Колошаните 3:5 на некој начин се поврзани со лакомост, која е еден вид идолопоклонство. Силниот копнеж по тие работи би можел да ја задуши нашата љубов кон Бог. Дали ќе дозволиме таквата желба толку да завладее со нас што Јехова нема да ни биде  единствен Бог? Никогаш не би сакале да паднеме во оваа замка.

14. Какво предупредување дал Јован во врска со нашата љубов кон Бог?

14 И апостол Јован нагласил нешто слично. Тој рекол дека, ако некој го сака она што е во светот — „желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот“ — тогаш „љубовта кон Таткото не е во него“ (1. Јов. 2:15, 16). Затоа мора постојано да си го преиспитуваме срцето. Таквото преиспитување ќе ни помогне да видиме дали можеби нѐ привлекува световната забава, световното друштво или начинот на кој се облекуваат луѓето во овој свет. Или, пак, можеби ќе откриеме дека посакуваме „големи работи“ за себе кои би можеле да ги стекнеме со високо образование (Ерем. 45:4, 5). Ние сме на прагот на ветениот нов свет. Затоа, не смееме да ја заборавиме силната изјава на Мојсеј — „Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“! Ако разбереме што значат овие зборови и ако навистина веруваме во нив, ќе му бидеме оддадени само на Бог и ќе му служиме на начин што тој го одобрува (Евр. 12:28, 29).

ЧУВАЈ ГО ХРИСТИЈАНСКОТО ЕДИНСТВО

15. Зошто Павле ги потсетил христијаните дека имаат еден Бог?

15 Изразот „еден Јехова“ ни помага да сфатиме дека Бог сака неговите слуги да живеат во единство и да имаат иста цел во животот. Во христијанското собрание во првиот век имало Евреи, Грци, Римјани и луѓе од други националности. Тие имале различно потекло, обичаи и менталитет. Поради тоа, на некои не им било баш лесно да го остават поранешниот начин на живот и да почнат да му служат на Бог на нов начин. Затоа Павле ги потсетил дека  христијаните имаат еден Бог, Јехова. (Прочитај 1. Коринќаните 8:5, 6.)

16, 17. а) Кое пророштво се исполнува во денешно време, и каков е резултатот од тоа? б) Што може да ни го поткопа единството?

16 Како е со христијанското собрание денес? Пророкот Исаија претскажал дека „во последните денови“ луѓе од сите народи ќе му служат заедно на Јехова и ќе речат: „Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки“ (Иса. 2:2, 3). Среќни сме што ова пророштво се исполнува во денешно време. Многу наши браќа и сестри потекнуваат од разни места, зборуваат различен јазик и имаат различна култура. И покрај тоа, сите ние обединето му служиме на Јехова. Сепак, бидејќи сме различни, понекогаш може да се појават проблеми.

Дали даваме сѐ од себе за да го зачуваме единството во собранието? (Види пасуси 16-19)

17 На пример, како гледаш на браќата и сестрите од друга култура? Можеби нивниот јазик, однесување, храна или облека многу се разликуваат од она на што си навикнат. Дали ги избегнуваш овие браќа и дали главно се дружиш со оние што се слични на тебе? Како гледаш на старешините или надгледниците кои се помлади од тебе, или кои потекнуваат од друга култура или раса? Ако не внимаваме, би можеле да дозволиме ваквите разлики да влијаат врз нас и да ни го поткопаат единството.

18, 19. а) Кој совет е запишан во Ефешаните 4:1-3? б) Што ќе ни помогне да го зачуваме единството во собранието?

18 Што ќе ни помогне да го зачуваме единството? Павле им дал практичен совет на христијаните во Ефес, богат град во кој живееле најразлични луѓе. (Прочитај Ефешаните 4:1-3.) Тој спомнал некои особини, како што се понизноста, благоста, долготрпеливоста и љубовта. Овие особини се како цврсти столбови кои ја држат целата куќа. Но, за да остане во добра состојба, куќата треба редовно да се одржува. Затоа Павле ги поттикнал христијаните во Ефес и понатаму да се трудат да го одржуваат „единството на духот“.

19 Секој од нас има лична одговорност да го чува единството во собранието. Како може да го правиме тоа? Прво, треба да ги развиваме и да ги покажуваме особините што ги спомнал Павле: понизност, благост, долготрпеливост и љубов. Второ, треба да даваме сѐ од себе за да го зачуваме мирот кој нѐ поврзува. Бидејќи недоразбирањата се како пукнатини во нашето единство, мора да даваме сѐ од себе за да ги расчистуваме. Така ќе успееме да ги зачуваме нашиот скапоцен мир и единство.

20. Како ќе покажеме дека сфаќаме што значи изразот „Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“?

20 „Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова.“ Ова е навистина многу силна изјава! Тоа потсетување им помогнало на Израелците храбро да се соочат со тешкотиите на кои наишле додека ја освојувале Ветената земја. Тие зборови можат и нам да ни влеат сила да ја преживееме големата неволја и да ни помогнат да придонесеме за единството и мирот кои ќе владеат во рајот што ни претстои. Да бидеме решени и понатаму да му останеме оддадени само на Јехова. Треба да го сакаме и да му служиме со сето срце, ум и сила. Освен тоа, мора да даваме сѐ од себе за да бидеме во мир и единство со нашите браќа. Ако продолжиме да постапуваме така, Исус ќе нѐ одвои како „овци“, и со свои очи ќе го видиме исполнувањето на следниве негови зборови: „Дојдете, благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас од настанувањето на светот“ (Мат. 25:34).