Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2017

Зошто треба да го фалиме Јехова?

Зошто треба да го фалиме Јехова?

Фалете го Јах, зашто е добро со песна да се слави нашиот Бог, прекрасно е — тој е достоен за фалба! (ПС. 147:1)

ПЕСНИ: 104, 152

1-3. а) Кога веројатно бил напишан Псалм 147? б) Што можеме да научиме од овој псалм?

КОГА некој добро ќе изврши некоја задача или ќе покаже некоја убава особина, заслужува пофалба. Колку повеќе причини имаме да го фалиме Јехова Бог! Можеме да го фалиме поради неговата огромна моќ која се гледа од неговите прекрасни созданија и поради неговата силна љубов која се гледа од тоа што го жртвувал својот сакан Син за нас.

2 Кога го читаме Псалм 147, јасно можеме да видиме дека писателот имал силна желба да го фали Јехова. Тој исто така ги поттикнал другите да го фалат Бог заедно со него. (Прочитај Псалм 147:1, 12.)

3 Не знаеме кој го напишал овој псалм, но писателот веројатно живеел во времето кога Израелците се вратиле во Ерусалим откако биле ослободени од ропството во Вавилон (Пс. 147:2). Псалмистот го фалел Јехова бидејќи Неговиот народ можел да му служи во својата земја. Потоа, тој навел и други причини поради кои Јехова  заслужувал фалба. Кои биле тие? Кои причини ги имаш ти за да го фалиш Јехова?

ЈЕХОВА ГИ ТЕШИ ОНИЕ ШТО СЕ СКРШЕНИ ВО СРЦЕТО

4. Како веројатно се чувствувале Израелците кога цар Кир ги ослободил од ропство?

4 Замисли си како се чувствувале Израелците додека биле во ропство во Вавилон. Оние што ги одвеле таму им се потсмевале и им велеле: „Запејте ни песна сионска!“ Но, нив воопшто не им се пеело бидејќи Ерусалим, кој им бил најголемата причина за радост, бил уништен (Пс. 137:1-3, 6). Тие биле скршени во срцата и им требало утеха. Сепак, Јехова му помогнал на својот народ. Точно како што било проречено во Божјата Реч, ослободувањето дошло преку персискиот цар Кир кој го освоил Вавилон. Тој објавил: „Јехова... ми даде налог да му изградам дом во Ерусалим... Кој е меѓу вас од сиот негов народ, Јехова, неговиот Бог, нека биде со него, па нека оди!“ (2. Лет. 36:23). Ова веројатно многу ги утешило Израелците кои биле во Вавилон.

5. Што рекол псалмистот во врска со Јеховината моќ да нѐ утеши?

5 Јехова не ги утешил Израелците само како народ, туку и како поединци. Тој постапува слично и со нас денес. Псалмистот напишал дека Бог „ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“ (Пс. 147:3). Кога сме болни или потиштени, можеме да бидеме уверени дека Јехова се грижи за нас. Тој сака да нѐ утеши и да ги залечи нашите емоционални рани (Пс. 34:18; Иса. 57:15). Ни дава мудрост и сила за да можеме да се справиме со секој проблем што го имаме (Јак. 1:5).

6. Што учиме од зборовите запишани во Псалм 147:4? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Потоа, псалмистот го свртил вниманието кон небото и рекол дека Јехова „ги пребројува ѕвездите“ и дека „сите ги вика по име“ (Пс. 147:4). Псалмистот можел да ги види ѕвездите, но не можел ни да си замисли колку е голем нивниот број. Денес, научниците откриле дека постојат милијарди ѕвезди во нашата галаксија. А се претпоставува дека во целата вселена има билиони галаксии. Луѓето не можат да ги избројат ѕвездите, но Творецот може. Всушност, тој толку добро ги познава ѕвездите што на секоја ѝ дал име (1. Кор. 15:41). Бог, кој знае каде се наоѓа секоја ѕвезда, те познава и тебе — секогаш знае каде точно се наоѓаш, како се чувствуваш и што ти е потребно.

7, 8. а) Што зема предвид Јехова кога ни помага да се справиме со проблемите? б) Наведи пример кој покажува колку сочувствителен е Јехова.

7 Јехова разбира низ што минуваш и може да ти помогне да се справиш со проблемите. (Прочитај Псалм 147:5.) Можеби си мислиш дека твојата ситуација е премногу тешка и дека немаш сила да издржиш. Бог ги знае нашите ограничувања и „си спомнува дека сме прав“ (Пс. 103:14). Бидејќи сме несовршени, секогаш одново ги повторуваме истите грешки. Сигурно многу ни е жал за некои работи што понекогаш ги кажуваме, за погрешните желби што понекогаш ги имаме и за љубомората што понекогаш ја чувствуваме кон другите. Јехова е совршен и нема ниту една маана, но потполно разбира како се чувствуваме (Иса. 40:28).

8 Можеби и ти лично си видел како Јехова ти помогнал да се справиш со  некој проблем (Иса. 41:10, 13). Тоа го доживеала една пионерка по име Кијоко. Откако била испратена да служи на ново место, многу се обесхрабрила. Од каде знаела Кијоко дека Јехова има разбирање за нејзините проблеми? Многумина во нејзиното ново собрание покажале дека разбираат како се чувствува. Поради тоа, таа имала чувство како Јехова да ѝ вели: „Те сакам, но не само затоа што си пионер, туку затоа што си ми ќерка и ми служиш со сета душа. Сакам да му се радуваш на животот како мој слуга“. Како Јехова тебе ти покажал дека разбира како се чувствуваш?

ЈЕХОВА НИ ГО ДАВА ОНА ШТО НИ Е ПОТРЕБНО

9, 10. Кој е најважниот начин на кој Јехова ни помага? Наведи пример.

9 На сите нам ни се потребни храна, облека и покрив над главата. На пример, можеби си загрижен дека нема да имаш доволно храна. Но, Јехова ја создал Земјата да произведува доволно храна за сите, дури и за „младите гаврани кои кон него гракаат“. (Прочитај Псалм 147:8, 9.) Ако Јехова ги храни гавраните, можеме да бидеме уверени дека тој ќе се грижи и за нашите физички потреби (Пс. 37:25).

10 Што е уште поважно, Јехова ни го дава сето она што ни е потребно за да ја зачуваме цврста нашата вера и ни го дава неговиот мир „кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7). Размисли за она што им се случило на брат Муцуо и неговата жена. Кога во 2011 год. Јапонија била погодена од цунами, тие на своја кожа почувствувале како Јехова им помага. Едвај успеале да се спасат така што се качиле на покривот од нивната куќа. Тој ден изгубиле речиси сѐ што имале. Ноќта ја минале во темна и ладна соба на вториот кат од куќата. Следното утро, почнале да бараат нешто што би можело духовно да ги зајакне. Единственото нешто што го нашле бил Годишникот на Јеховините сведоци за 2006. Кога Муцуо го отворил, го видел насловот „Најсмртоносното цунами во историјата“. Во тој дел се зборувало за земјотресот во Суматра во 2004 год., кој го предизвика најголемото цунами во историјата. Муцуо и жена му плачеле додека ги читале искуствата на браќата и сестрите. Чувствувале како Јехова да им го дава охрабрувањето што им било потребно. Јехова се погрижил за нив и на други начини. Браќата и сестрите од другите делови на Јапонија им обезбедиле храна и облека. Но, најмногу биле зајакнати од посетите на одговорните браќа кои биле испратени од Божјата организација. Муцуо вели: „Имав чувство дека Јехова беше покрај секој од нас и дека се грижеше за нас. Тоа многу нѐ утеши“. Ова искуство потврдува дека најважниот начин на кој Јехова се грижи за нас е така што ни помага во духовен поглед. Но, тој се грижи и за нашите физички потреби.

ШТО СЕ ОЧЕКУВА ОД НАС

11. Што треба да правиме ако сакаме Јехова да ни помогне?

11 Јехова „им помага на кротките“. Тој нѐ сака и секогаш е спремен да ни помогне (Пс. 147:6). Но, што треба да правиме ние ако сакаме да добиеме помош од Бог? Треба да имаме близок однос со него. А за да можеме да бидеме блиски со Бог, треба да бидеме кротки (Соф. 2:3). Кротките имаат доверба во Јехова — чекаат тој да ја исправи секоја неправда што им е нанесена и да стави крај на нивното страдање. Поради тоа, ја имаат неговата наклоност.

12, 13. а) Што треба да избегнуваме ако сакаме Јехова да ни помага? б) Кој му носи радост на Јехова?

 12 А како гледа Бог на злите? Во Псалм 147:6 пишува: „Злите ги понижува доземи“. Сигурно не би сакале ова да ни се случи нам! Доколку сакаме Јехова да ни покаже верна љубов, мора да го мразиме она што тој го мрази (Пс. 97:10). Една од работите која треба да ја мразиме е сексуалниот неморал. Тоа значи дека треба да избегнуваме сѐ што би можело да нѐ наведе на такво постапување, во што спаѓа и порнографијата (Пс. 119:37; Мат. 5:28). Иако оваа борба може да биде многу тешка, вреди да дадеме сѐ од себе бидејќи така ќе го добиеме Јеховиниот благослов.

13 Сепак, ако сакаме да победиме во борбата, треба да се потпираме на Јехова, а не на себеси. Дали тој ќе се радува ако се потпираме на „силата на коњот“, односно на работи на кои се потпираат луѓето од светот? Не. Јехова нема да се радува ниту ако се потпираме на „брзите човечки нозе“, односно на сопствената сила или на други луѓе (Пс. 147:10). Наместо тоа, треба и понатаму да го молиме да ни помага во борбата со нашите слабости. На Јехова никогаш не му здосадува да ги слуша нашите молитви. Во Псалм 147:11 пишува: „Јеховина радост се оние што се бојат од него, оние што ја чекаат неговата милост“. Бидејќи тој е верен и нѐ сака, можеме да бидеме уверени дека ќе ни помогне да ги победиме нашите погрешни желби.

14. Во што бил уверен псалмистот?

14 Јехова нѐ уверува дека ќе ни помага кога ќе имаме проблеми. Додека размислувал за обновувањето на Ерусалим, псалмистот во врска со Јехова рекол: „Тој ги зацврсти резињата на твојата порта, ги благослови твоите синови што се среде тебе. Ѝ дава мир на целата твоја земја“ (Пс. 147:13, 14). Псалмистот се чувствувал сигурно затоа што знаел дека Бог ги зацврстува портите на градот. Тој бил уверен дека Јехова ќе ги заштити своите слуги.

Како Божјата Реч може да ни помогне кога се соочуваме со проблеми? (Види во пасуси 15-17)

15-17. а) Како понекогаш се чувствуваме поради проблемите? б) Како Јехова ја користи својата Реч за да ни помогне? в) Наведи пример кој покажува дека Божјата реч „брзо трча“ за да ни помогне.

15 Можеби си загрижен поради проблемите со кои се соочуваш. Сепак, Јехова може да ти даде мудрост за да знаеш како да се справиш со нив. Псалмистот рекол дека Бог „својата заповед ја испраќа на земјата, брзо трча неговата реч“. Потоа ги спомнал снегот, сланата и мразот и прашал: „Кој може да опстане на тоа Божје студенило?“ Тогаш рекол дека Јехова „ја праќа својата реч и ги стопува“ (Пс. 147:15-18). Нашиот Бог, кој знае сѐ, кој може да направи сѐ и кој има контрола врз мразот и снегот, сигурно може да ти помогне и тебе да го надминеш секој проблем што го имаш.

16 Денес, Јехова нѐ води преку својата Реч, Библијата. Псалмистот рекол дека Јеховината реч „брзо трча“ за да ни помогне. Бог ни дава духовно водство на вистински начин и во вистинско време. Размисли како ти помагаат Библијата, публикациите од „верниот и разборит роб“, онлајн-телевизијата JW Broadcasting, интернет-страницата jw.org, старешините и соверниците (Мат. 24:45). Дали од лично искуство си видел дека Јехова е спремен да ти даде водство токму тогаш кога ти е потребно?

 17 Една сестра по име Симона се уверила колку голема моќ има Божјата Реч. Таа се чувствувала безвредно и мислела дека Јехова не е задоволен од неа. И покрај тоа, кога била обесхрабрена, продолжила да му се моли на Јехова за помош и да ја проучува Библијата. Симона вели: „Досега немаше ниту една ситуација во која Јехова не ми давал сила и водство“. Ова ѝ помогнало да задржи позитивен став.

18. Зошто се чувствуваш близок со Јехова, и од кои причини сакаш да го фалиш?

18 Псалмистот знаел дека од сите народи на Земјата, Јехова ги избрал древните Израелци да бидат негов народ. Тие биле единствениот народ на кој Бог му ја дал „својата реч“ и своите закони. (Прочитај Псалм 147:19, 20.) Денес, ние имаме огромна чест да го носиме Божјето име. Благодарни сме што го познаваме Јехова, што тој нѐ води преку својата Реч и што можеме да бидеме блиски со него. Исто како писателот на Псалм 147, имаме многу причини да го фалиме Јехова и да ги поттикнуваме другите да го прават тоа.