Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2017

Собирај си вистинско богатство

Собирај си вистинско богатство

Стекнувајте си пријатели со неправедното богатство (ЛУКА 16:9)

ПЕСНИ: 32, 154

1, 2. Зошто секогаш ќе има сиромашни луѓе во овој свет?

ДЕНЕШНИОТ економски систем е суров и неправеден. На многу млади луѓе им е тешко да најдат работа. Некои си го ризикуваат животот за да се преселат во побогати земји. Но, сиромаштијата е раширена дури и во тие земји. Низ целиот свет, јазот меѓу богатите и сиромашните станува сѐ поголем. Според некои неодамнешни проценки, еден отсто од луѓето во светот поседуваат пари колку останатите 99 отсто луѓе заедно. Иако не е лесно да се потврди овој податок, очигледно е дека милијарди луѓе се многу сиромашни, а други имаат доволно пари за неколку следни генерации нивни потомци. Исус ја потврдил оваа сурова реалност кога рекол: „Сиромасите секогаш ќе ги имате покрај себе“ (Мар. 14:7). Зошто постои таква нееднаквост?

2 Исус знаел дека само Божјето Царство ќе го отстрани таквиот економски систем. Заедно со политичкиот и религиозниот систем, алчниот трговски систем * кој во Откровение 18:3 е претставен со „трговците“, е дел од Сатановиот свет. Божјите  слуги потполно се одвоиле од политиката и од лажната религија. Но, повеќето од нив не можат потполно да се одвојат од трговскиот дел на светот на Сатана.

3. Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Како слуги на Јехова, ние треба да го преиспитаме нашиот став кон трговскиот систем. Затоа, добро е да се прашаме: „Како можам да ги користам материјалните работи за да покажам дека сум му верен на Бог? Како можам да се спротивставам на влијанието на трговскиот систем?“ Овие прашања ќе бидат одговорени во оваа статија. Ќе разгледаме и искуства на некои слуги на Бог кои во овие тешки времиња покажуваат дека имаат целосна доверба во него.

СПОРЕДБАТА ЗА НЕПРАВЕДНИОТ УПРАВИТЕЛ

4, 5. а) Што му се случило на управителот од споредбата на Исус? б) Каков поттик им дал Исус на своите следбеници?

4 Прочитај Лука 16:1-9. Споредбата на Исус во врска со неправедниот управител треба да нѐ поттикне на размислување. Управителот бил обвинет дека не се грижи добро за имотот на својот господар, и затоа тој одлучил да го отпушти. * Но, управителот постапил снаодливо во таа ситуација. Пред да ја напушти работата, тој си стекнал пријатели кои подоцна можеле да му помогнат. Се разбира, Исус не сакал со оваа споредба да ги поттикне своите ученици да постапуваат нечесно за да преживеат, како што прават луѓето во светот. Наместо тоа, ја кажал споредбата за да им истакне една важна поука.

5 Исус знаел дека, слично како управителот кој бил во тешка ситуација, повеќето негови следбеници ќе мора да заработуваат за живот во овој неправеден свет. Затоа, тој ги поттикнал: „Стекнувајте си пријатели со неправедното богатство за, кога тоа ќе исчезне, [Јехова и Исус] да ве примат во вечните живеалишта“. Што можеме да научиме од овој совет на Исус?

6. Од каде знаеме дека Бог немал намера луѓето алчно да заработуваат пари?

6 Иако Исус не објаснил зошто го нарекол материјалното богатство „неправедно“, Библијата јасно ни покажува дека Бог немал намера луѓето алчно да заработуваат пари. Во рајската градина Јехова бесплатно им дал на Адам и Ева сѐ што им требало, па дури и повеќе од тоа (1. Мој. 2:15, 16). Подоцна, кога било основано христијанското собрание, никој од помазаните ученици не рекол дека нешто од она што го поседува е негово, туку сѐ им било заедничко (Дела 4:32). Пророкот Исаија рекол дека ќе дојде време кога сите луѓе бесплатно ќе го користат сето она што го произведува Земјата (Иса. 25:6-9; 65:21, 22). Но, во меѓувреме, следбениците на Исус ќе мора да бидат снаодливи. Тие ќе мора да се издржуваат со „неправедното богатство“ од овој свет, а во исто време да се трудат да го радуваат Бог.

МУДРО КОРИСТИ ГО НЕПРАВЕДНОТО БОГАТСТВО

7. Каков совет дал Исус во Лука 16:10-13?

7 Прочитај Лука 16:10-13. Управителот од споредбата си стекнувал пријатели само за лична корист. Меѓутоа, Исус сакал неговите следбеници да станат пријатели со Јехова и Исус од несебични причини. Тој сакал да сфатиме дека начинот на кој го користиме неправедното богатство може да покаже дали сме му верни на Бог. Како можеме да го правиме тоа?

8, 9. Како некои покажуваат верност со начинот на кој ги користат материјалните работи?

8 Еден начин на кој може да ја покажеме нашата верност кон Бог со нашите  материјални средства е така што ќе даваме прилози за меѓународното проповедничко дело кое го прорекол Исус (Мат. 24:14). Едно девојче во Индија имало касичка за пари. За да ја наполни, дури се откажало од купување играчки. Кога ја наполнило, сите пари ги дало за проповедничкото дело. Еден брат во Индија, кој има плантажа со кокосови ореви, дал како прилог голема количина од овие плодови за преведувачката канцеларија на јазикот малајалам. Бидејќи овие браќа и сестри имаат потреба од кокосови ореви, тој смета дека тоа што директно ги снабдува со овој производ им користи повеќе отколку да дава паричен прилог. Слично на тоа, некои браќа во Грција редовно даваат маслиново масло, сирење и други производи за бетелското семејство. Тоа е навистина мудар начин на кој може да се користат материјалните средства.

9 Еден брат од Шри Ланка, кој живее во странство, својот имот во родната земја ѝ го ставил на располагање на нашата организација. На тој имот се одржуваат собраниски состаноци и собири, а се користи и за сместување на полновремени слуги. Ова за братот е жртва во материјален поглед, но за тамошните објавители, кои се сиромашни, тоа е голема помош. Во една земја каде што нашето дело е законски ограничено, браќата ги користат своите домови како сали за состаноци. Благодарение на тоа, пионерите и други посиромашни објавители имаат место за состаноци за кое не треба да плаќаат кирија.

10. Наведи некои благослови што ги носи дарежливоста.

10 Овие примери покажуваат на кој начин Божјите слуги се верни во најмалото (Лука 16:10). Тие ги користат своите материјални средства за да им помагаат на другите. Како овие пријатели на Јехова гледаат на таквите жртви? Среќни се бидејќи знаат дека со својата дарежливост си стекнуваат вистинско богатство (Лука 16:11). Една сестра која редовно дава паричен прилог за делото за Царството доживеала нешто неочекувано низ годините. Таа вели: „Сфатив дека, колку повеќе сум дарежлива во материјален поглед, толку подарежлива сум и во други работи. На пример, поспремно простувам, пострплива сум со луѓето, подобро ги поднесувам разочарувањата и полесно прифаќам совет“. Многумина откриле дека тоа што се дарежливи ги збогатило во духовен поглед (Пс. 112:5; Изр. 22:9).

11. а) Како покажуваме мудрост со нашата дарежливост? б) Какво изедначување на средствата има меѓу Божјите слуги денес? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Има уште една причина зошто е мудро да даваме прилози за делото за Царството. Можеби ние не можеме да бидеме во полновремена служба или да се преселиме онаму каде што има поголема потреба од објавители, но со нашите прилози можеме да ги поддржуваме другите во службата (Изр. 19:17). На пример, со нашите прилози се поддржува проповедањето и се обезбедува литература за подрачја кои се многу сиромашни и каде што голем број луѓе ја прифаќаат вистината. Во земји како Мадагаскар, Руанда и Демократска Република Конго, Библиите обично се многу скапи. Една Библија може да чини исто колку една седмична или месечна плата. Со години,  нашите браќа честопати морале да изберат дали да купат храна за семејството или Библија. А сега, благодарение на прилозите што ги даваат другите и изедначувањето на средствата, Јеховината организација преведува Библии и се грижи бесплатно да му се дадат на секој објавител и на заинтересираните лица. (Прочитај 2. Коринќаните 8:13-15.) На тој начин, и оние што даваат и оние што добиваат помош можат да станат пријатели со Јехова.

СПРОТИВСТАВИ СЕ НА ВЛИЈАНИЕТО НА ТРГОВСКИОТ СИСТЕМ

12. Како Авраам покажал доверба во Бог?

12 Можеме да станеме пријатели со Јехова ако се спротивставиме на влијанието на трговскиот систем и ако си собираме вистинско богатство. Во минатото, Божјиот слуга Авраам имал силна вера и затоа го послушал Јехова кога му заповедал да го напушти богатиот град Ур и да живее во шатори. Тоа го направил бидејќи сакал да биде пријател со Јехова (Евр. 11:8-10). Авраам секогаш покажувал доверба во Бог, а не во материјалните работи (1. Мој. 14:22, 23). Исус ги поттикнал другите да покажуваат таква вера. Во една прилика, на еден млад богаташ му го рекол следново: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го својот имот и дај им ги парите на сиромасите, па ќе имаш богатство на небото. А потоа дојди и оди по мене“ (Мат. 19:21). Тој млад човек немал вера како Авраам, но имало други луѓе кои покажале доверба во Бог.

13. а) Каков совет му дал Павле на Тимотеј? б) Како можеме денес да го примениме советот на Павле?

13 Тимотеј верно му служел на Јехова. Павле го нарекол „добар војник на Христос Исус“, а потоа му рекол: „Ниту еден војник не се впушта во работите на секојдневниот живот, бидејќи сака да му угоди на оној што го зел за војник“ (2. Тим. 2:3, 4). Денешните следбеници на Исус, меѓу кои се и повеќе од еден милион полновремени слуги, прават сѐ што можат за да го применат советот на Павле. Тие се спротивставуваат на влијанието на привлечните реклами на овој алчен свет и го имаат на ум начелото: „Кој зема на заем, слуга му е на оној што му го дава заемот“ (Изр. 22:7). Сатана сака да ги трошиме времето и силата за да бидеме робови на трговскиот систем кој е под негова власт. Некои влегуваат во големи долгови за да купат стан, кола, за да одат на факултет, па дури и за да направат голема свадба. Ако не сме внимателни, би можеле да западнеме во долгови кои ќе мора да ги отплаќаме со години. Значи, ако си го поедноставиме животот, ако внимаваме да не се задолжуваме и ако ги намалиме трошоците, ќе станеме поблиски пријатели со Јехова. Така ќе можеме послободно да му служиме на Бог наместо да му робуваме на денешниот трговски систем (1. Тим. 6:10).

14. Што мора да сме решени да правиме? Наведи примери.

14 За да водиме едноставен живот, Божјето Царство мора да ни биде на прво место. Еден брачен пар имал голем и успешен бизнис. Меѓутоа, тие сакале повторно да почнат со полновремена служба. Затоа го продале својот бизнис, својот глисер и други материјални работи. Се пријавиле како доброволци за изградба на светското седиште во Ворвик (Њујорк). Ова било посебен благослов за нив бидејќи можеле да служат во Бетел со нивната ќерка и со зетот, а и неколку седмици со родителите на сопругот, кои исто така учествувале во изградбата на Ворвик. Една сестра која служи како пионер во Колорадо (САД), се вработила во банка со скратено работно време. Нејзините претпоставени биле многу задоволни од неа, и затоа ѝ било понудено да работи полновремено за трипати поголема плата. Но, ако ја прифатела таа привлечна понуда, нема да можела да се посвети на проповедањето, и затоа ја одбила.  Ова се само неколку примери за многуте жртви што ги прават Јеховините слуги. Кога сме решени да го ставиме Божјето Царство на прво место, покажуваме дека пријателството со Јехова и вистинското богатство ги цениме повеќе од материјалните работи.

КОГА „НЕПРАВЕДНОТО БОГАТСТВО“ ЌЕ ИСЧЕЗНЕ

15. Кое богатство ни носи најголемо задоволство?

15 Ако некој е богат во материјален поглед, не значи дека го има Божјиот благослов. Јехова ги благословува оние што „се богатат со добри дела“. (Прочитај 1. Тимотеј 6:17-19.) На пример, Лучија дознала дека има потреба од објавители во Албанија. * Затоа, во 1993 год. се преселила од Италија во Албанија. Таа немала работа, но покажала доверба дека Јехова ќе се грижи за неа. Го научила албанскиот јазик и им помогнала на повеќе од 60 луѓе да станат слуги на Јехова. Можеби повеќето од нас немаат такви резултати во службата. Сепак, сѐ што правиме за да им помогнеме на другите да го запознаат Јехова и да станат негови пријатели е нешто што ќе има трајна вредност и за нас и за нив (Мат. 6:20).

16. а) Што ќе се случи со денешниот трговски систем? б) Како она што го знаеме за иднината треба да влијае врз нашиот став кон материјалното богатство?

16 Од зборовите на Исус запишани во Лука 16:9 може јасно да се заклучи дека на неправедното богатство ќе му дојде крај. Тој рекол дека тоа „ќе исчезне“, а не ако исчезне. Во овие последни денови, некои банки пропаднале, а некои земји се соочуваат со сериозни економски проблеми. Но, во блиска иднина, условите во светот ќе станат уште полоши. Целиот свет на Сатана, во кој спаѓаат политичкиот, религиозниот и трговскиот систем, ќе биде уништен. Пророците Езекиел и Софонија прорекле дека златото и среброто, со кои овој свет тргува со векови, ќе станат безвредни (Езек. 7:19; Соф. 1:18). Како би се чувствувал ако дојдеш до крајот од својот живот и сфатиш дека си го жртвувал вистинското богатство за да собираш неправедно богатство од овој свет? Можеби ќе се чувствуваш како човек кој цел живот работел за да стекне многу пари, а на крајот сфатил дека тие пари се лажни (Изр. 18:11). Материјалното богатство од овој свет сигурно ќе исчезне. Затоа, да не ја пропуштиме можноста да ги користиме нашите материјални работи за да станеме пријатели со Јехова и со Исус. Сѐ што правиме за Јехова и за неговото Царство нѐ збогатува во духовен поглед.

17, 18. Каква иднина ги очекува пријателите на Бог?

17 Кога ќе дојде Божјето Царство, никој нема да треба да плаќа кирија или да се задолжува. Храната ќе биде бесплатна и ќе ја има во изобилство. Никој нема да плаќа за лекување бидејќи нема да има болести. Пријателите на Јехова ќе уживаат во најдобрите производи што ќе ги раѓа Земјата. Златото, среброто и скапоцените камења ќе служат за украсување, а не за збогатување. Сите ќе можат бесплатно да градат прекрасни домови од квалитетни материјали од дрво, камен и метал кои ќе бидат лесно достапни секому. Пријателите ќе ни помагаат бидејќи тоа ќе им причинува задоволство, а не за да заработат пари. Ќе го делиме со другите сето она што го произведува нашата планета.

18 Ова е само дел од скапоценото наследство на оние што стекнуваат пријателство со Јехова и со Исус. Слугите на Јехова ќе воскликнуваат од радост кога ќе ги чујат зборовите на Исус: „Дојдете, благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас од настанувањето на светот“ (Мат. 25:34).

^ пас. 2 Во овој контекст, изразот „трговски систем“ се однесува на делот од Сатановиот свет на кој главна цел му е да заработи многу пари и кој ги поттикнува луѓето да купуваат многу материјални работи кои всушност не им се потребни.

^ пас. 4 Исус не кажал дали тоа обвинение било вистинито. Грчкиот збор што во Лука 16:1 е преведен со „обвинет“ би можел да значи дека некој го наклеветил управителот. Исус, всушност, се концентрирал на реакцијата на управителот, а не на причината зошто ја изгубил работата.

^ пас. 15 Животната приказна на Лучија Мусанет излезе во Разбудете се! од 8 октомври 2003, на страници 26-30.