Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2017

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали еден христијанин треба да поседува огнено оружје, како на пример пиштол или пушка, за да се одбрани од други луѓе?

Разумно е христијаните да преземат практични мерки за да се заштитат и да се одбранат, но тоа го прават во склад со библиските начела. Овие начела покажуваат дека е погрешно да користиме огнено оружје, како на пример, пиштоли, пушки и слично, за да се заштитиме од други луѓе. Да разгледаме некои од тие начела.

Човечкиот живот е свет за Јехова. Во врска со Јехова, псалмистот Давид напишал: „Во тебе е изворот на животот“ (Пс. 36:9). Затоа, кога еден христијанин презема мерки за да се одбрани и заштити себеси или својот имот, треба да направи сѐ што е во негова моќ за да не одземе човечки живот и да не си навлече вина за крв (5. Мој. 22:8; Пс. 51:14).

Точно е дека некој може да стане виновен за крв ако употреби каков и да било предмет за да се одбрани. Но, многу полесно може да се случи некој да биде убиен со огнено оружје, без оглед дали намерно или ненамерно. * Освен тоа, напаѓачот можеби веќе е вознемирен, и ако види дека другото лице има оружје, ситуацијата најверојатно ќе се влоши и некој може да загине.

Исус им рекол на своите следбеници да носат мечеви ноќта пред да биде убиен, но не со цел да се заштитат себеси (Лука 22:36, 38). Напротив, Исус им рекол да носат меч затоа што сакал да им даде важна поука — неговите следбеници не треба да користат насилство, дури ни кога против нив ќе излезе цела вооружена толпа (Лука  22:52). Откако Петар извадил меч за да го нападне робот на првосвештеникот, Исус му заповедал: „Врати го својот меч на неговото место“. Потоа дал едно начело што важи и за христијаните денес: „Сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Мат. 26:51, 52).

Во Михеј 4:3 било проречено дека Божјите слуги „ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови“. Вистинските христијани се познати како мирољубиви луѓе. Тие се послушни на заповедите што Бог ги дал преку апостол Павле: „Никому не враќајте зло за зло“ и „Бидете во мир со сите луѓе“ (Рим. 12:17, 18). Иако се нашол во голем број тешки ситуации, па дури и во „опасност од разбојници“, Павле никогаш не ги прекршувал библиските начела за да се заштити себеси (2. Кор. 11:26). Напротив, тој имал доверба во Бог и знаел дека мудроста од Библијата „е подобра од воена опрема“ (Проп. 9:18).

За Божјите слуги животот е поскапоцен од материјалните работи. Ние знаеме дека животот на еден човек „не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Затоа, ако не успееме со љубезни зборови да спречиме некој вооружен крадец во неговата намера, тогаш е добро да го следиме советот на Исус: „Не спротивставувајте му се на оној што е злобен“. Ова може да значи да му дозволиме да земе сѐ што сака (Мат. 5:39, 40; Лука 6:29). * Се разбира, најдобро е да внимаваме да не станеме мета на криминалци. Помала е веројатноста дека ќе бидеме нападнати ако го послушаме библискиот совет да не го истакнуваме својот имот (1. Јов. 2:16). Исто така, ако меѓу нашите соседи сме познати како мирољубиви слуги на Јехова, тоа може да ни служи како заштита (Изр. 18:10).

Божјите слуги ја почитуваат совеста на другите (Рим. 14:21). Некои браќа и сестри би биле запрепастени, па дури и би се спрепнале кога би дознале дека некој од нивните соверници има огнено оружје за да се заштити од други луѓе. Иако можеби имаме законско право да поседуваме такво оружје, од љубов кон нашите браќа никогаш не би направиле нешто со што би ги спрепнале (1. Кор. 10:32, 33; 13:4, 5).

Божјите слуги сакаат да им дадат добар пример на другите (2. Кор. 4:2; 1. Пет. 5:2, 3). Ако некој Јеховин сведок поседува огнено оружје за да се заштити од други луѓе, старешините ќе му дадат совет на темел на Библијата. Доколку тој одлучи и понатаму да чува оружје, нема да се смета за примерен објавител. Поради тоа, нема да може да извршува никакви задачи ниту да има посебни одговорности во собранието. Истото важи и ако некој Божји слуга продолжува да носи оружје поради својата световна работа. Би било многу подобро ако се обиде да најде друго вработување. *

Секој Божји слуга мора самиот да одлучи како ќе се заштити себеси, своето семејство и својот имот, а мора сам да избере и вработување. Но, кога донесува такви одлуки, треба да ги земе предвид библиските начела. Нашиот мудар Бог ни ги дал тие начела бидејќи нѐ сака. Токму затоа, духовно зрелите христијани ќе одлучат да не поседуваат огнено оружје за да се заштитат себеси од други луѓе. Тие знаат дека, ако имаат доверба во Бог и ако живеат во склад со библиските начела, ќе бидат вистински безбедни во сета вечност (Пс. 97:10; Изр. 1:33; 2:6, 7).

Во текот на големата неволја, Божјите слуги нема да се обидуваат самите да се одбранат, туку ќе имаат доверба во Јехова

^ пас. 3 Еден христијанин можеби ќе реши да има пушка за да лови животни за храна или за да се заштити од диви животни. Но, кога не ја користи пушката треба да ги извади куршумите, па дури и да ја расклопи и да ја чува заклучена на безбедно место. Онаму каде што поседувањето оружје е забрането, ограничено или регулирано на некој друг начин, христијаните се послушни на законот (Рим. 13:1).

^ пас. 2 Повеќе информации во врска со тоа како можеш да се одбраниш од силување можеш да најдеш во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1, стр. 228-234.

^ пас. 4 Нешто повеќе за вработување кое вклучува носење оружје можеш да прочиташ во Стражарска кула од 1 ноември 2005, стр. 31.