Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2017

„Плачете со оние што плачат“

„Плачете со оние што плачат“

Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг (1. СОЛ. 5:11)

ПЕСНИ: 121, 75

1, 2. Зошто е потребно да разгледаме како може да им се даде утеха на ужалените? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

„ИАКО беше помината речиси цела година откако почина нашиот син, сѐ уште чувствувавме многу силна болка“, вели Сузи. Еден брат рекол дека, кога неговата жена починала ненадејно, доживеал „неопислива физичка болка“. За жал, и многу други луѓе на своја кожа го почувствувале истото. Многу браќа и сестри не очекувале дека некој од нивните блиски ќе умре пред да дојде Армагедон. Можеби и тебе ти починал некој од најблиските или, пак, познаваш некого што жали поради таква загуба. Затоа, можеби се прашуваш: „Што може да им помогне на ужалените да најдат утеха?“

2 Некои луѓе велат дека времето може да ги излечи раните. Но, дали тоа секогаш е точно? Една вдовица рекла: „Точно е дека времето може да ги излечи раните, но сфатив дека многу зависи од тоа на кој начин го користиме“. За да зарасне една дословна рана, потребни се време и грижа. На сличен начин, потребни се време и грижа за да се ублажи една емоционална болка. Што конкретно може да  им помогне на ужалените да ги залечат своите емоционални рани?

ЈЕХОВА Е „БОГОТ НА СЕКОЈА УТЕХА“

3, 4. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова сочувствува со оние на кои им починал некој близок?

3 Без сомнение, главниот извор од кој добиваме утеха е нашиот сочувствителен небесен Татко Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.) Тој покажува најголемо сочувство од сите, и го уверува својот народ: „Јас сум вашиот утешител“ (Иса. 51:12; Пс. 119:50, 52, 76).

4 Нашиот грижлив Татко знае што значи да се изгуби некој близок. На пример, многу негови верни слуги, меѓу кои биле Авраам, Исак, Јаков, Мојсеј и цар Давид, починале (4. Мој. 12:6-8; Мат. 22:31, 32; Дела 13:22). Од Библијата дознаваме дека Јехова копнее по денот кога ќе ги воскресне овие верни мажи (Јов 14:14, 15). Тогаш тие ќе бидат среќни и ќе имаат совршено здравје. Освен тоа, Јехова ја доживеал смртта и на својот сакан првороден Син. Во Библијата пишува дека Исус му бил „посебна радост“ на Бог (Изр. 8:22, 30). Не можеме ни да си замислиме колкава болка чувствувал Јехова кога гледал како неговиот Син умира на ужасен начин (Јован 5:20; 10:17).

5, 6. На кој начин нѐ теши Јехова?

5 Можеме да бидеме потполно уверени дека Јехова ќе ни помогне. Затоа, не треба да се колебаме во молитва да му кажеме колку голема болка и тага чувствуваме. Навистина е многу утешно тоа што знаеме дека Јехова нѐ разбира и дека секогаш ни ја дава потребната утеха. Но, како го прави тоа?

6 Еден начин на кој Јехова нѐ теши е преку светиот дух (Дела 9:31). Исус ветил дека нашиот Татко ќе им го даде својот моќен свет дух на сите оние што го молат за тоа (Лука 11:13). Сузи, која беше спомната претходно, вели: „Многу пати на колена го молевме Јехова да ни даде утеха. Секој пат, мирот Божји навистина ги чуваше нашето срце и нашиот ум“. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.)

ИСУС Е НАШИОТ СОЧУВСТВИТЕЛЕН ПРВОСВЕШТЕНИК

7, 8. Што нѐ уверува дека Исус може да нѐ утеши?

7 Кога бил на Земјата, Исус совршено го одразувал Јеховиното сочувство и со своите зборови и со своите постапки (Јован 5:19). Јехова го испратил својот Син за да ги утеши „оние што се со скршено срце“ и „сите што тагуваат“ (Иса. 61:1, 2; Лука 4:17-21). Луѓето можеле да видат дека Исус ги разбирал нивните маки и дека навистина сакал да им помогне (Евр. 2:17).

8 Кога бил млад, Исус сигурно се соочил со смртта на некои од членовите на семејството и некои блиски пријатели. Неговиот очув Јосиф најверојатно умрел додека Исус сѐ уште бил во тинејџерски години или во своите рани 20-ти години. * Замисли си колку мора да му било тешко на Исус кој бил полн со сочувство да ја поднесе својата тага, како и да ја гледа тагата на својата мајка и на своите браќа и сестри.

9. Како Исус покажал сочувство кога починал Лазар?

9 Во текот на својата служба на Земјата, Исус покажал дека навистина ги  разбира луѓето и дека сочувствува со нив. На пример, кога неговиот близок пријател Лазар починал, Исус ја чувствувал силната болка на Марија и Марта. Иако знаел дека ќе го воскресне Лазар, го преплавиле толку силни чувства што почнал да плаче (Јован 11:33-36).

10. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус сочувствува со нас?

10 Како можат зборовите на Исус што им влеале утеха на луѓето во минатото да нѐ утешат и нас денес? Библијата ни кажува дека Исус не се сменил. Таа вели: „Исус Христос е истиот вчера, и денес, и засекогаш“ (Евр. 13:8). Бидејќи „Главниот Застапник на животот“ и самиот почувствувал тага и болка, „тој може да им дојде на помош на оние што се во искушенија“ (Дела 3:15; Евр. 2:10, 18). Затоа, можеме да бидеме уверени дека Исус и денес сочувствува со оние што страдаат. Тој потполно разбира низ што минуваат и може да им даде утеха кога ќе им биде потребна. (Прочитај Евреите 4:15, 16.)

УТЕХА ОД ПИСМАТА

11. Кои стихови се особено утешни за тебе?

11 Стиховите од кои се гледа големата тага што ја чувствувал Исус кога починал Лазар се само дел од многуте утешни стихови запишани во Божјата Реч. Ова не нѐ изненадува бидејќи во Библијата стои: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4). Ако тагуваш поради смртта на некој близок, и тебе можат да ти влеат утеха следниве стихови:

  • „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Пс. 34:18, 19).

  • „Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе [Јехова] ми ја милуваа душата“ (Пс. 94:19).

  • „И самиот наш Господар, Исус Христос, и Бог, нашиот Татко, кој нѐ сакаше и преку својата незаслужена доброта ни даде вечна утеха и прекрасна надеж, нека ги утешат вашите срца и нека ве зацврстат“ (2. Сол. 2:16, 17). *

СОБРАНИЕТО Е ИЗВОР НА ГОЛЕМА УТЕХА

12. Како можеме да ги утешиме другите?

12 Друг извор на утеха за ужалените е христијанското собрание. (Прочитај 1. Солуњаните 5:11.) Како можеш да ги охрабриш и да ги утешиш оние што се скршени од тага? (Изр. 17:22). Не заборавај дека има „време за молчење и време за зборување“ (Проп. 3:7). Една вдовица, по име Делина, вели: „Оние што тагуваат поради смртта на некој близок имаат потреба да ги изразат своите мисли и чувства. Затоа, најмногу ќе им помогнеш на таквите лица така што ќе ги слушаш додека ти зборуваат без да ги прекинуваш“. Јунија, чиј брат извршил самоубиство, исто така вели: „Иако можеби не можеш потполно да ја разбереш нивната тага, важно е што сакаш да разбереш како се чувствуваат“.

13. Што треба да имаме на ум во врска со тагувањето?

13 Треба да имаме на ум дека сите луѓе не тагуваат на ист начин. Понекогаш може да биде тешко да им објасниме на другите колку голема болка чувствуваме. Во Божјата Реч пишува: „Срцето ја познава горчината на душата, а неговата радост не може да  ја дели никој отстрана“ (Изр. 14:10). Дури и ако некој каже како се чувствува, другите не можат секогаш потполно да го разберат.

14. Каде можеме да најдеме утешни мисли за оние на кои им починал некој близок?

14 Можеби не знаеме што да му кажеме на некој што тагува. Но, Библијата вели дека „јазикот на мудрите е лек“ (Изр. 12:18). Брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш содржи мисли со кои можеме да ги утешиме другите. * Сепак, честопати најдоброто нешто што можеме да го направиме е да плачеме со оние што плачат (Рим. 12:15). Габи, чиј сопруг починал, вели дека понекогаш единствениот начин на кој ги изразува своите чувства е плачењето. Таа додава: „Затоа наоѓам утеха кога пријателите плачат заедно со мене. Тогаш не се чувствувам толку осамена во мојата тага“.

15. Како можеме да ги утешиме другите ако ни е тешко да го направиме тоа лице в лице? (Види ја и рамката „ Зборови кои можат да утешат“.)

15 Ако ти е тешко да најдеш зборови за да го утешиш некого лице в лице, можеш да му напишеш картичка, да му испратиш порака или писмо. Би можел да цитираш некој утешен стих, да спомнеш некоја убава особина на починатиот или да спомнеш некои пријатни моменти на кои се сеќаваш. Јунија вели: „Многу ми помага кога некој од моите соверници ќе ми напише охрабрувачка порака или ќе ме покани на дружење. Тоа ми дава чувство дека другите ме сакаат и се грижат за мене“.

16. Кој е еден важен начин на кој можеме да ги утешиме другите?

16 Нашите молитви можат многу да  им помогнат на браќата и сестрите на кои им починал некој близок. Можеме да ги спомнеме во нашите молитви, па дури можеме и да се молиме заедно со нив. Иако сигурно не ти е лесно да се молиш во таква ситуација затоа што ти доаѓа да заплачеш, твојата срдечна молитва кажана низ солзи и со растреперен глас може многу да им ја ублажи тагата. Делина се сеќава: „Понекогаш, кога некои сестри доаѓаа да ме утешат, ги прашував дали сакаат да се помолат. На почетокот гласот многу им трепереше, но по неколку реченици веќе звучеа посталожено. Овие молитви навистина беа трогателни. Кога ги гледав нивната љубов, вера и грижа кон мене, многу ми се зајакнуваше верата“.

ПРОДОЛЖИ ДА ГИ ТЕШИШ ДРУГИТЕ

17-19. Зошто треба да продолжиме да ги тешиме ужалените?

17 Периодот на тагување трае различно кај секој човек. Кога некому ќе му почине некој близок, првите неколку денови доаѓаат многу роднини и пријатели за да го утешат. Но, во месеците што следат, кога другите ќе си се вратат на своите обврски, на ужалените сѐ уште им треба некој што ќе ги теши. Затоа, биди тука за нив. Во Изреки 17:17 пишува: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“. Треба да ги тешиме ужалените сѐ додека имаат потреба од утеха. (Прочитај 1. Солуњаните 3:7.)

18 Имај на ум дека некои работи можат да предизвикаат ужалените одеднаш да бидат преплавени од силни чувства на тага. На пример, тоа може да бидат годишнината од бракот, одредена музика, слики, активности, па дури и специфичен мирис, звук или некое годишно време. Кога ужалениот сопружник за првпат прави нешто што обично го правел заедно со брачниот другар, на пример присуствува на конгрес или Спомен-свеченост, може да чувствува голема болка. Еден брат вели: „Откако почина жена ми, очекував дека ќе ми биде многу тешко на следната годишнина од нашиот брак. И навистина беше така. Сепак, неколку браќа и сестри испланираа да се собереме со некои мои блиски пријатели за да не бидам сам“.

19 Не заборавај дека на оние што тагуваат не им треба утеха само во посебни прилики. Јунија вели: „Многу ми значи кога некој ми помага и ми прави друштво во кое и да било време, а не само во посебни прилики. Таквите спонтани моменти ми се скапоцени и ми влеваат голема утеха“. Точно е дека не можеме целосно да ја отстраниме тагата на ужалениот или да ја пополниме празнината што ја чувствува поради загубата. Сепак, можеме да го утешиме така што ќе направиме нешто за него (1. Јов. 3:18). Габи вели: „Од срце му благодарам на Јехова што старешините ми помогнаа да ги пребродам тешките моменти низ кои минував. Поради нив, се чувствував како Јехова да ме држи во својата прегратка и да ме теши“.

20. Зошто Јеховините ветувања се извор на голема утеха?

20 Многу е утешно тоа што Јехова, Богот на секоја утеха, потполно ќе ја отстрани тагата што ја предизвикува смртта кога „сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Христовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Бог ветува дека „ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Иса. 25:8). Тогаш, наместо да плачат со оние што плачат, сите на Земјата ќе се радуваат со оние што се радуваат (Рим. 12:15).

^ пас. 8 Од Библијата дознаваме дека Јосиф бил жив кога Исус имал 12 години. Меѓутоа, Јосиф не се спомнува кога Исус го направил своето прво чудо претворајќи вода во вино ниту, пак, се спомнува понатаму во некоја следна прилика. Тоа може да значи дека во тоа време Јосиф веќе не бил жив. Освен тоа, додека висел на маченичкиот столб, Исус му ја доверил грижата за својата мајка Марија на апостол Јован. Тој веројатно не би го направил тоа доколку Јосиф бил сѐ уште жив (Јован 19:26, 27).

^ пас. 14 Види ја и статијата „Теши ги ужалените како што правел Исус“ која излезе во Стражарска кула од 1 ноември 2010.