Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2017

Јехова „нека ги исполни сите твои намери“

Јехова „нека ги исполни сите твои намери“

Јехова нека биде твојата радост, па ќе добиеш од него што ти срце сака (ПС. 37:4)

ПЕСНИ: 89, 140

1. Каква одлука треба да донесат младите во врска со својата иднина, но зошто не треба да бидат премногу загрижени? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

МЛАДИ, сигурно ќе се согласите дека пред да тргнете на некое патување мудро е прво да испланирате каде ќе одите. Животот е како патување, а младоста е времето кога треба да испланирате каде ќе одите. Се разбира, не е лесно да се направат такви планови. Една млада сестра по име Хедер вели: „Тоа е страшно. Уште сега треба да одлучиш што ќе правиш целиот свој живот“. Ако и ти се чувствуваш така, имај ги на ум следниве зборови на Јехова: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Иса. 41:10).

2. Од каде знаеме дека Јехова сака мудро да ја планираме својата иднина за да бидеме среќни?

2 Јехова те поттикнува мудро да ја планираш својата иднина (Проп. 12:1; Мат. 6:20). Тој сака да бидеш среќен. Тоа се гледа од прекрасните работи што ги создал како, на пример, убавите пејзажи, вкусната храна и разновидниот животински свет. Освен тоа, Јехова ни дава совети и нѐ поучува кој е најдобриот начин на живот. Затоа, на оние што ги отфрлаат неговите совети, тој им вели: „Го избравте она што не ми е по  волја... Еве, моите слуги ќе се радуваат, а вие ќе се срамите. Еве, моите слуги ќе воскликнуваат од радост во срцето“ (Иса. 65:12-14). Кога донесуваме мудри одлуки во животот, ние му носиме фалба на Јехова (Изр. 27:11).

ПЛАНОВИ КОИ ВОДАТ ДО СРЕЌЕН ЖИВОТ

3. Какви планови сака Јехова да направиш?

3 Какви планови сака Јехова да направиш? Тој е наш Творец и знае што е потребно за да бидеме среќни — треба да го познаваме него и верно да му служиме (Пс. 128:1; Мат. 5:3). Јехова ги создал животните само да јадат, да пијат и да се размножуваат. Но, тој сака луѓето да прават планови кои ќе им помогнат да имаат вистински среќен и исполнет живот. Нашиот Творец е „Богот на љубовта“, „среќниот Бог“ кој ги создал луѓето „според својот лик“ (2. Кор. 13:11; 1. Тим. 1:11; 1. Мој. 1:27). И ти ќе бидеш среќен ако го следиш примерот на нашиот грижлив Бог. Во Библијата пишува: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Зарем не си го почувствувал ова и самиот? Тоа е основна вистина за човечкиот живот. Значи, Јехова сака твоите планови за иднината да се темелат на љубовта кон него и кон другите. (Прочитај Матеј 22:36-39.)

4, 5. Зошто Исус бил среќен?

4 Исус Христос оставил совршен пример за младите. Додека бил дете, тој сигурно си играл и се забавувал. Божјата Реч вели дека има „време за смеење... и време за танцување“ (Проп. 3:4). Исто така, Исус се зближил со Јехова така што ги проучувал светите списи. Кога имал 12 години, учителите во храмот се восхитувале „на неговата остроумност и на неговите одговори“ (Лука 2:42, 46, 47).

5 Кога станал возрасен, Исус го правел она што Бог го барал од него, и затоа бил среќен. На пример, Јехова сакал тој да им објавува „добра вест на сиромасите“ и да проповеда „враќање на видот на слепите“ (Лука 4:18). Во Псалм 40:8 пророчки биле опишани чувствата на Исус: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој“. На Исус му причинувало задоволство да ги поучува луѓето за својот Татко. (Прочитај Лука 10:21.) Еднаш, откако ѝ проповедал на една жена, Исус им рекол на своите ученици: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:31-34). Исус бил среќен затоа што покажувал љубов кон Бог и кон другите. Ако го правиш тоа, и ти ќе бидеш среќен.

6. Зошто е мудро да разговараш со зрели и искусни соверници за твоите планови за иднината?

6 Многу Божји слуги почнале со пионерска служба додека биле млади, и тоа ги направило среќни. Зошто не поразговараш со некои од нив за твоите планови? Тоа би било мудро бидејќи Библијата вели: „Плановите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“ (Изр. 15:22, фус.). Овие браќа и сестри веројатно ќе ти кажат дека пионерската служба ќе ти помогне да научиш работи кои ќе ти користат низ целиот живот. Исус научил многу работи од својот Татко додека бил на небото. Потоа, додека бил на Земјата, тој продолжил да учи. Научил дека човек може да чувствува голема радост кога им ја објавува добрата вест на другите и кога му останува верен на Бог во тешки ситуации. (Прочитај Исаија 50:4; Евр. 5:8; 12:2.) Да видиме зошто полновремената служба може да ти донесе голема радост.

ЗОШТО ВРЕДИ ДА СЕ ПОСВЕТИШ НА СЛУЖБАТА НА ПРОПОВЕДАЊЕ

7. Зошто многу млади уживаат да ги поучуваат другите за Јехова?

7 Исус рекол да ги поучуваме луѓето за да им помогнеме да станат негови  ученици (Мат. 28:19, 20). Ако планираш да се посветиш на службата на проповедање, ќе водиш исполнет живот со кој ќе му носиш фалба на Бог. Како и со секоја друга работа, потребно е време да научиш како вешто да проповедаш и да поучуваш. Еден брат по име Тимотеј започнал со пионерска служба кога бил на тинејџерска возраст. Тој вели: „Ми се допаѓа полновремената служба бидејќи ми овозможува да му покажам на Јехова колку го сакам. На почетокот, не можев да започнам ниту еден библиски курс, но подоцна се преселив на друго подрачје каде што за еден месец започнав неколку курсеви. Еден од интересентите почна да доаѓа на состаноците. Откако бев на Библиската школа за неженети браќа која траеше два месеци, * ме испратија на друго подрачје каде што започнав четири библиски курсеви. Уживам да ги поучувам луѓето, бидејќи гледам како светиот дух им помага да се сменат“ (1. Сол. 2:19).

8. Што направиле некои млади за да можат да им проповедаат на повеќе луѓе?

8 Некои млади научиле друг јазик. На пример, Јаков од Северна Америка напишал: „Кога имав седум години, многу од моите соученици беа Виетнамци. Бидејќи сакав да им зборувам за Јехова, по некое време почнав да го учам нивниот јазик. Најмногу ми помогна тоа што ги споредував англиското и виетнамското издание на Стражарска кула. Исто така, стекнав пријатели во собранието на виетнамски јазик кое беше во близина. Кога имав 18 години, почнав со пионерска служба. Подоцна, присуствував на Библиската школа за неженети браќа. Ова ми помага подобро да служам како пионер и како единствен старешина во една група на виетнамски јазик. Многу Виетнамци се воодушевени што го научив нивниот јазик. Тие ме канат дома, и честопати можам да ја проучувам Библијата со нив. Некои дури и станаа Јеховини сведоци“. (Спореди со Дела 2:7, 8.)

9. Како влијае врз нас тоа што ги поучуваме другите за Јехова?

9 Кога ги поучуваш луѓето за вистината, стекнуваш добри работни навики, учиш како да комуницираш со другите, стекнуваш самодоверба и учиш да бидеш тактичен (Изр. 21:5; 2. Тим. 2:24, фус.). А особена радост ти носи тоа што учиш како да ги докажеш своите верувања на темел на Библијата. Исто така, учиш како подобро да соработуваш со Јехова (1. Кор. 3:9).

10. Како можеш да најдеш радост во службата на проповедање дури и ако на подрачјето нема многу заинтересирани лица?

10 Службата на проповедање може да ти носи радост дури и ако на подрачјето нема многу заинтересирани лица. За да му се помогне на некој да стане ученик на Христос, целото собрание треба да соработува како еден тим. Иако само еден брат или сестра можеби ќе најдат некое заинтересирано лице кое ќе стане Божји слуга, сите се радуваме бидејќи сите сме учествувале во потрагата. На пример, Брендон, кој девет години служел како пионер на едно подрачје каде што малкумина сакале да ја проучуваат Библијата, вели: „Сакам да ја проповедам добрата вест бидејќи Јехова го бара тоа од нас. Почнав со пионерска служба кратко откако завршив со училиштето. Мило ми е што можам да ги охрабрувам младите браќа во нашето собрание и што гледам како духовно напредуваат. Откако бев на Библиската школа за неженети браќа, ме испратија да служам како пионер на друго место. Иако јас не најдов никој на подрачјето што ја прифати вистината и се крсти, другите најдоа. Се радувам што си поставив за цел во поголема мера да учествувам во службата на проповедање“ (Проп. 11:6).

 КАКВИ МОЖНОСТИ ТИ СЕ ОТВОРААТ СО ПИОНЕРСКАТА СЛУЖБА

11. Во кој вид служба за Јехова учествуваат многу млади?

11 Можеш да му служиш на Јехова на многу начини. На пример, голем број млади помагаат во градежните проекти на нашата организација. Потребно е да се изградат стотици сали за состаноци. Овие објекти му носат фалба на Јехова, и затоа ќе бидеш многу радосен ако учествуваш во нивната изградба. Освен тоа, можеш да уживаш во соработката со твоите соверници. А можеш и да научиш многу работи како, на пример, да бидеш трудољубив, да внимаваш на безбедноста и добро да соработуваш со надгледниците.

Оние што започнуваат со полновремена служба можат да очекуваат многу благослови (Види во пасуси 11-13)

12. Како може пионерската служба да ти отвори други можности?

12 Еден брат по име Кевин вели: „Уште од дете, имав желба кога ќе пораснам да му служам на Јехова полновремено. Кога наполнив 19 години започнав со пионерска служба. Се издржував така што работев со скратено работно време кај еден брат кој беше градежник. Научив да поставувам покриви, прозорци и врати. Подоцна, две години служев во една екипа за помош при урагани кој поправаше сали за состаноци и домови на браќата. Кога дознав дека има потреба од доброволци за изградба во Јужноафриканската Република, поднесов молба, и бев повикан да служам таму. Тука во Африка, на неколку седмици се селам од еден на друг проект за изградба на сали за состаноци. Мојата група за изградба е како семејство. Заедно живееме, заедно ја проучуваме Библијата и заедно работиме. Исто така, со задоволство проповедам со локалните браќа секоја седмица. Не можев ни да си замислам колку исполнет и среќен живот ќе водам благодарение на плановите што ги направив уште како дете“.

13. Зошто многу млади се среќни затоа што му служат на Јехова во Бетел?

13 Некои што биле пионери сега служат во Бетел. Оваа служба е убав начин  на живот бидејќи сѐ што се прави таму е за Јехова. Бетелското семејство помага да се обезбеди духовната храна. Еден бетелски слуга по име Дастин вели: „Си поставив за цел да бидам во полновремена служба уште кога имав девет години, и почнав да служам како пионер кога завршив со школувањето. По една и пол година, бев поканет да служам во Бетел, каде што научив да работам со машини за печатење, а подоцна научив и компјутерско програмирање. Ме радува тоа што во Бетел можам од прва рака да слушам како напредува делото на проповедање низ целиот свет. Многу сум среќен што сум тука бидејќи со нашата служба им помагаме на луѓето да станат пријатели со Јехова“.

КАКВИ ПЛАНОВИ ИМАШ ЗА ИДНИНАТА?

14. Како можеш да се подготвиш за полновремена служба?

14 Како можеш да се подготвиш за полновремена служба? За да му служиш на Јехова најдобро што можеш, треба да развиеш христијански особини. Затоа, редовно проучувај ја Божјата Реч, длабоко размислувај за неа и труди се да ја изразуваш својата вера на состаноците. За време на школските години, можеш да научиш како подобро да им ја пренесуваш добрата вест на другите. Учи да покажуваш дека си искрено заинтересиран за луѓето така што на тактичен начин ќе ги прашуваш за нивното мислење и внимателно ќе ги слушаш додека ти одговараат. Исто така, можеш да се ставиш на располагање да помагаш во собранието како, на пример, да учествуваш во чистењето и одржувањето на салата за состаноци. На Јехова му е мило да ги користи оние што се понизни и спремни да служат. (Прочитај Псалм 110:3; Дела 6:1-3.) Апостол Павле го поканил Тимотеј да служи како мисионер бидејќи браќата добро зборувале за него (Дела 16:1-5).

15. Што би можел да направиш за да се издржуваш додека служиш како пионер?

15 На повеќето полновремени слуги им е потребно световно вработување (Дела 18:2, 3). Можеби би можел да одиш на некој краток курс за да стекнеш вештини кои ќе ти помогнат да се издржуваш додека служиш како пионер. Разговарај со покраинскиот надгледник и со други пионери во врска со твоите планови и прашај ги за предлози. Потоа, како што пишува во Библијата, „довери му ги своите дела на Јехова, и твоите планови ќе успеат“ (Изр. 16:3, фус.; 20:18).

16. Како може полновремената служба да те подготви за други одговорности во иднина?

16 Можеш да бидеш сигурен дека Јехова сака да имаш среќна иднина. (Прочитај 1. Тимотеј 6:18, 19.) Полновремената служба ти помага да соработуваш со други полновремени слуги и да станеш зрел христијанин. Освен тоа, многумина сфатиле дека тоа што започнале да му служат на Јехова во зголемена мера уште додека биле млади им помогнало да имаат успешен брак. Честопати, оние што служеле како пионери пред да стапат во брак продолжуваат со таа служба заедно со својот брачен другар (Рим. 16:3, 4).

17, 18. Како твоите планови се поврзани со твоето срце?

17 Твоите планови се поврзани со твоето срце. Во Псалм 20:4 пишува: „[Јехова] нека ти даде според желбата на твоето срце и нека ги исполни сите твои намери“. Затоа, додека ја планираш својата иднина, размислувај што навистина сакаш да правиш во животот. Размислувај за тоа што прави Јехова во наше време и како би можел да му служиш. Потоа, прави го она што знаеш дека ќе го радува.

18 Ако го посветиш својот живот на службата за Јехова, ќе бидеш многу среќен бидејќи на тој начин ќе му носиш фалба. Навистина, ако Јехова биде твојата радост, „ќе добиеш од него што ти срце сака“ (Пс. 37:4).

^ пас. 7 Оваа школа е заменета со Школата за полновремени објавители.