Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2016

Ерик и Ејми

Тие се ставиле на располагање — во Гана

Тие се ставиле на располагање — во Гана

ДАЛИ познаваш некој соверник што се преселил во земја каде што има поголема потреба од објавители на добрата вест? Си се прашал ли некогаш: „Што го поттикнало да служи во друга земја? Како се подготвил за оваа служба? Дали и јас би можел да служам на место каде што има поголема потреба од објавители?“ Одговорот на овие прашања може да го добиеме ако поразговараме со браќа и сестри кои веќе го направиле тоа. Да видиме што велат некои од нив.

ШТО ГИ ПОТТИКНАЛО НА ТОА?

Зошто почнавте да размислувате да служите во друга земја каде што има потреба од повеќе објавители? Ејми од САД, која сега има околу 35 години, раскажува: „Иако долго време размислував да служам во друга земја, тоа ми изгледаше како недостижна цел“. Зошто си го сменила мислењето? „Во 2004 год., еден брачен пар пионери кои престојуваа во Белисе ме поканија да ги посетам и да служам еден месец заедно со нив. Ја прифатив поканата, и одлично си поминав! Една година подоцна, се преселив во Гана за да служам таму како пионер“.

Арон и Стефани

Пред неколку години, Стефани, која исто така е од САД и сега има 30-ина години, решила внимателно да размисли за своите околности. „Здрава сум и немам никакви семејни одговорности“, си рекла. „Ништо не ме спречува да правам многу повеќе за Јехова.“ Ова искрено самоиспитување ја поттикнало да се пресели во Гана и да ја зголеми својата служба. Филип и Ида, еден средовечен брачен пар пионери од Данска, отсекогаш сакале да се преселат на место каде што има потреба од повеќе објавители, и барале начин да ја остварат таа цел. Филип вели: „Кога конечно ни се укажа ваква можност, почувствувавме како Јехова да ни вели: ,Одете!‘“ Во 2008 год., тие се  преселиле во Гана и служеле таму повеќе од три години.

Брук и Ханс

Ханс и Брук, брачен пар пионери кои имаат над 30 години, сега служат во САД. Во 2005 год., тие помагале во акцијата за помош по ураганот Катрина. Подоцна поднеле молба да служат на меѓународни градежни проекти, но не биле повикани. Ханс вели: „Тогаш чувме еден говор на конгрес во кој беше спомнато дека цар Давид се помирил со тоа дека не може да го гради храмот, и затоа си поставил друга цел. Тој говор ни помогна да сфатиме дека не е погрешно да си ги смениме теократските цели“ (1. Лет. 17:1-4, 11, 12; 22:5-11). Брук додава: „Јехова сакаше да ,чукнеме на друга врата‘“.

Некои нивни пријатели кои служеле во други земји им раскажувале интересни искуства. Тоа ги поттикнало Ханс и Брук и самите да служат како пионери во друга земја. Во 2012 год., отишле во Гана, каде што можеле да останат четири месеци и да помагаат во собрание на знаковен јазик. Иако морале да се вратат во САД, тоа што го доживеале во Гана уште повеќе ја разгорело нивната желба да го стават Царството на прво место во животот. Подоцна имале прилика да учествуваат во изградбата на подружницата во Микронезија.

ПРЕЗЕЛЕ ЧЕКОРИ ДА ЈА ПОСТИГНАТ СВОЈАТА ЦЕЛ

Како се подготвивте да служите онаму каде што има поголема потреба од објавители? „Читав статии од Стражарска кула поврзани со оваа служба“, вели Стефани. * „Освен тоа, им кажав на старешините и на покраинскиот надгледник и неговата сопруга дека имам желба да служам во странство. Но, пред сѐ, често ја спомнував оваа цел во моите молитви до Јехова.“ Стефани продолжила да води едноставен живот, и тоа ѝ помогнало да заштеди пари за да се издржува кога отишла да служи во друга земја.

 Ханс раскажува: „Го молевме Јехова за ова бидејќи сакавме да одиме онаму каде што ќе нѐ води тој. Освен тоа, во молитвите го спомнувавме и конкретниот датум кога планираме да ја оствариме нашата цел“. Овој брачен пар испратил писма до четири подружници. Откако добиле позитивен одговор од подружницата во Гана, тие отпатувале таму со намера да останат два месеца. Ханс вели: „Толку уживавме во службата со собранието што останавме подолго од планираното“.

Адрија и Џорџ

Џорџ и Адрија, еден брачен пар од Канада, имаат околу 40 години. Тие биле свесни дека Јехова ги благословува добрите одлуки, а не само добрите намери. Затоа презеле решителни чекори за да ја постигнат својата цел. Контактирале со една сестра во Гана, која служела на место со поголема потреба од објавители, и ѝ поставиле многу прашања. Исто така, испратиле писма до подружниците во Канада и во Гана. Адрија вели: „Се трудевме уште повеќе да си го поедноставиме животот“. Благодарение на тие одлуки, Џорџ и Адрија успеале да се преселат во Гана во 2004 год.

КАКО СЕ СПРАВИЛЕ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ?

На какви предизвици наидовте откако се преселивте, и како се справивте со нив? Првиот предизвик за Ејми била носталгијата. „Сѐ беше сосема различно од она на што бев навикната“, вели таа. Како успеала да се избори со носталгијата? „Телефонските разговори со членовите на моето семејство, кои ми кажуваа колку ја ценат оваа служба, ми помогнаа да не заборавам зошто се  преселив. Подоцна почнав да контактирам со моите преку видеоврска. Бидејќи можевме да се гледаме, ми се чинеше дека не се толку далеку.“ Ејми вели дека се спријателила и со една искусна тамошна сестра, која ѝ помогнала да ги разбере различните обичаи. „Кога не ми беше јасно зошто луѓето реагираат на одреден начин, секогаш ја прашував неа. Таа ми помогна да сфатам што да правам и што да не правам. Така можев радосно да ја извршувам службата.“

Џорџ и Адрија велат дека, кога првпат се преселиле во Гана, се чувствувале како да се вратиле назад во времето. Адрија вели: „Наместо машина за перење, користевме кофи. А за готвење ми требаше десет пати повеќе време од порано! Сепак, со текот на времето, почнавме да гледаме на тие тешки околности само како на уште едно ново искуство“. Брук вели: „И покрај предизвиците со кои се соочуваме како пионери, водиме исполнет живот. Сите охрабрувачки искуства што ги доживеавме се еден прекрасен букет од скапоцени спомени“.

СЛУЖБА КОЈА НОСИ МНОГУ БЛАГОСЛОВИ

Зошто би им ја препорачале оваа служба на другите? Стефани вели: „Чувствувам неопислива радост што проповедам на подрачје каде што некои луѓе толку сакаат да учат за вистината што се спремни да ја проучуваат Библијата секој ден. Кога решив да служам на место каде што има потреба од повеќе објавители, донесов една од најдобрите одлуки во животот!“ Во 2014 год., Стефани се омажила за Арон, и денес служат во подружницата во Гана.

„Тоа е неверојатно искуство“, вели Кристина, пионерка од Германија која сега има 30-ина години. Пред да се пресели во Гана, служела во Боливија. Таа додава: „Бидејќи сум далеку од дома, секогаш барам помош од Јехова. Тој ми стана пореален од кога и да било порано. Исто така, го чувствувам од прва рака единството што владее меѓу Јеховиниот народ. Оваа служба ми го збогати животот“. Кристина неодамна се омажила за Гидеон, и тие продолжуваат да служат заедно во Гана.

Кристина и Гидеон

Филип и Ида раскажуваат како им помагале на интересентите духовно да напредуваат: „Во почетокот ја проучувавме Библијата со повеќе од 15 души, но потоа го ограничивме тој број на 10, со цел да ги поучуваме потемелно“. Дали ова им користело на интересентите? Филип вели: „Ја проучував Библијата со еден млад човек по име Мајкл. Тој можеше да проучува секој ден, и толку добро се подготвуваше што ја завршивме книгата Што учи Библијата за еден месец. Потоа Мајкл стана некрстен објавител. Кога првпат бевме во служба, ме праша: ,Можеш ли да ми помагаш со библиските курсеви што ги водам?‘ Го погледнав изненадено, а тој ми објасни дека веќе почнал да проучува со три лица и дека му треба помош“. Замислете, потребата е толку голема што дури и самите интересенти ги поучуваат другите за Библијата!

Ида и Филип

И Ејми брзо увидела една голема потреба. Таа раскажува: „Кратко откако пристигнав во Гана, проповедавме во едно селце и се распрашавме дали таму има некој што е глувонем. Дознавме дека — само во тоа село — има дури осум глувонеми лица!“ Во меѓувреме Ејми се омажила за Ерик, и сега служат како специјални пионери во собрание на знаковен јазик. Во Гана има повеќе од 300 глувонеми објавители и заинтересирани лица. Службата во оваа земја им помогнала на Џорџ и Адрија да вкусат што значи да се биде мисионер. Тие биле пресреќни кога добиле покана да присуствуваат на 126-тиот клас на Школата Гилеад! Денес служат како мисионери во Мозамбик.

МОТИВИРАНИ ОД ЉУБОВ

Многу се радуваме кога гледаме колку браќа и сестри од други земји соработуваат со локалните објавители во симболичната жетва (Јован 4:35). Секоја седмица, во Гана се крштаваат просечно по 120 лица. Исто како 17-те објавители кои се преселиле во оваа земја, илјадници други браќа и сестри низ целиот свет спремно се ставаат на располагање мотивирани од љубов кон Јехова. Тие служат онаму каде што има потреба од повеќе објавители на Царството. Таквите самопожртвувани работници сигурно го радуваат Јеховиното срце! (Пс. 110:3; Изр. 27:11).

^ пас. 9 На пример, види ги статиите „Можеш ли да се преселиш во место каде што има потреба од повеќе објавители на Царството?“, во Стражарска кула од 15 април 2009, и „Можеш ли да ,прејдеш во Македонија‘?“, во Стражарска кула од 15 декември 2009.