Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2016

Што ти е на прво место — Божјето Царство или материјалните работи?

Што ти е на прво место — Божјето Царство или материјалните работи?

Барајте го Божјето царство, а ова ќе ви се додаде! (ЛУКА 12:31)

ПЕСНИ: 40, 98

1. Која е разликата меѓу потребите и желбите?

СЕ ВЕЛИ дека човекот има малку потреби, но безброј желби. За жал, изгледа дека многумина не прават разлика меѓу потребите и желбите. По што се разликуваат овие две работи? Потребите се нешто што мора да го задоволиме бидејќи од тоа ни зависи животот. На пример, неопходно е да имаме храна, облека и покрив над главата. Но, желбите се однесуваат на нешто што би сакале да го имаме, но можеме да живееме и без него.

2. Кои работи ги посакуваат луѓето?

2 Оние што живеат во сиромашни земји може да имаат сосема поинакви желби од оние што живеат во богати земји. Во некои делови од светот, луѓето би сакале да си купат мобилен телефон, мотор или нива. Но, на други места, сакаат да купуваат скапа облека, да имаат поголема куќа или полуксузен автомобил. Сеедно каде живееме и колку пари имаме, би можеле да паднеме во замката на  материјализмот. Како? Така што ќе посакуваме сѐ повеќе материјални работи без разлика дали ни се потребни и дали можеме да си ги дозволиме.

ЧУВАЈ СЕ ОД ЗАМКАТА НА МАТЕРИЈАЛИЗМОТ

3. Што е материјализам?

3 Што е материјализам? Тоа е став што го има човек кому материјалните работи му се поважни од духовните. Значи, материјализмот е тесно поврзан со желбите, приоритетите и целите на едно лице. Оној што е материјалист има ненаситно око и никогаш не знае за доста. Дури и оние што немаат многу пари и не купуваат скапи работи можат да станат жртви на материјализмот и да престанат да го бараат најнапред Божјето Царство (Евр. 13:5).

4. Како Сатана ја користи „желбата на очите“?

4 Сатана сака да нѐ натера да мислиме дека ќе уживаме во животот само ако имаме многу во материјален поглед. За да го постигне ова, тој ги користи својот свет и „желбата на очите“ (1. Јов. 2:15-17; 1. Мој. 3:6; Изр. 27:20). Постојано сме бомбардирани со реклами чија цел е да нѐ убедат дека секогаш треба да купиме некој нов производ. Дали некогаш ти се случило да купиш нешто само затоа што ти изгледало привлечно или затоа што си го видел на реклама? Дали подоцна си сфатил дека си можел да живееш и без тоа? Кога нонстоп купуваме работи кои не ни требаат, само си го комплицираме животот. Тие можат да ни го одвлечат вниманието од духовните активности. На пример, можат да ни го одземат времето што ни е потребно за да ја проучуваме Библијата, да се подготвуваме и да присуствуваме на состаноците, и редовно да одиме во служба. Не заборавај го следново предупредување на апостол Јован: „Светот поминува и неговата желба“.

5. Што може да им се случи на оние кои трчаат по материјални работи?

5 Сатана сака да му робуваме на богатството наместо на Јехова (Мат. 6:24). Но, ако трчаме по материјални работи, нашиот живот ќе нема вистинска смисла затоа што ќе се врти само околу задоволување на себичните желби. Длабоко во себе ќе се чувствуваме празно и разочарано, па дури може да ја изгубиме и својата вера во Јехова и во неговото Царство (1. Тим. 6:9, 10; Отк. 3:17). Ќе се случи токму она што го објаснил Исус во споредбата за сејачот. Кога речта за Царството е посеана меѓу трње, „желбите за сѐ друго“ ја задушуваат и „таа останува без плод“ (Мар. 4:14, 18, 19).

6. Што учиме од Варух?

6 Размисли за Варух, кој му бил писар на пророкот Еремија. Кога почнал да бара „големи работи за себе“, Јехова го потсетил дека наскоро Ерусалим ќе биде уништен. Сепак, му ветил дека ќе му го спаси животот (Ерем. 45:1-5). Варух не требало да очекува ништо повеќе од тоа. Јехова во никој случај немало да ги зачува материјалните поседи на оние што живееле во град кој за кратко време ќе бил уништен (Ерем. 20:5). Денес живееме пред самиот крај на Сатановиот свет. Затоа не е време да си трупаме материјално богатство. И, во никој случај не треба да очекуваме дека во големата неволја Бог ќе ги зачува и нашите поседи, без оглед колку тие се вредни и скапоцени за нас (Изр. 11:4; Мат. 24:21, 22; Лука 12:15).

7. Што ќе разгледаме, и зошто?

7 Како можеме да се грижиме за себе и за семејството, а сепак духовните работи да ни останат на прво место? Што ќе ни помогне да се чуваме од материјализмот и да не бидеме претерано  загрижени? Исус ни ги дал најдобрите совети за овие работи во својата Проповед на гората (Мат. 6:19-21). Да ги разгледаме стиховите од Матеј 6:25-34. Тоа ќе нѐ увери дека и понатаму мора најважно да ни биде Царството, а не материјалните работи (Лука 12:31).

ЈЕХОВА СЕ ГРИЖИ ЗА НАШИТЕ ПОТРЕБИ

8, 9. а) Зошто не треба да бидеме претерано загрижени за нашите основни потреби? б) Што знаел Исус за луѓето и за нивните потреби?

8 Прочитај Матеј 6:25. Исус знаел дека неговите ученици се загрижени за своите секојдневни потреби. Затоа, во Проповедта на гората, тој им рекол: „Престанете да се грижите за својот живот“ (фус.). Исус сакал да сфатат зошто не треба да се грижат. Тој знаел дека, ако се претерано загрижени, дури и за она што навистина им е потребно, би можеле да заборават што е најважно во животот. Бидејќи многу ги сакал своите ученици, Исус ги предупредил на оваа опасност уште четири пати во оваа проповед (Мат. 6:27, 28, 31, 34).

9 Но, зошто кажал да не се грижиме за храната и за облеката? Зарем тоа не се наши основни потреби? Се разбира дека се! Всушност, сосема е нормално да бидеме загрижени ако немаме доволно пари за да ги купиме овие работи. Исус бил свесен за тоа. Тој знаел што им е потребно на луѓето. Освен тоа, знаел и дека „во последните денови“, неговите ученици ќе живеат во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Денес многумина не можат да најдат работа, а цените постојано растат. Во многу места, луѓето се сиромашни и немаат што да јадат. Сепак, Исус знаел дека животот е поважен од храната и дека телото е поважно од облеката.

10. Според она што го кажал Исус, што треба да ни биде најважно во животот?

10 Пред тоа, Исус им кажал на учениците да се молат за своите материјални потреби. Тие можеле да го молат својот небесен Татко со следниве зборови: „Лебот наш за овој ден дај ни го денес“ (Мат. 6:11). И во една друга прилика, Исус им рекол да се молат: „Лебот наш потребен за овој ден дај ни го денес“ (Лука 11:3). Сепак, ова не значи дека треба да мислиме само на материјалните потреби. Напротив, Исус им укажал на своите следбеници дека е поважно да се молат да дојде Божјето Царство (Мат. 6:10; Лука 11:2). За да им помогне да не бидат претерано загрижени, тој ги потсетил дека Јехова им дава сѐ што им е потребно на сите свои творби.

11, 12. Што учиме од начинот на кој Јехова се грижи за небесните птици? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Прочитај Матеј 6:26. Исус нѐ советувал да ги погледнеме небесните птици. Иако повеќето од нив се мали, тие јадат многу. Всушност, кога една птица би била со големина на човек, би ѝ било потребно многу повеќе храна отколку нам! Птиците јадат овошје, семки, инсекти и црви. Но, не мора да садат и да ја обработуваат земјата. Јехова им дава сѐ што им треба (Пс. 147:9). Се разбира, тој не им ја става храната во клунот! Иако се погрижил да ја има во изобилство, тие мора сами да ја најдат.

12 За Исус било незамисливо неговиот Татко да им дава храна на птиците, а да не се погрижи за основните потреби на луѓето. [1] (1. Пет. 5:6, 7). Точно, Бог нема да ни ја стави храната в уста. Сепак, може да го благослови трудот што го вложуваме за да ја  одгледуваме или за да заработиме пари да ја купиме. Дури и кога немаме доволно пари или храна, тој може да ни го даде она што ни е неопходно. На пример, можеби другите ќе го поделат со нас тоа што го имаат. Јехова се погрижил птиците да имаат и свој „дом“. Освен што им дал инстинкт и разни вештини, тој им ги обезбедил и потребните материјали за да си прават гнезда. Јехова може да се погрижи и ние да најдеме соодветен дом за нашето семејство.

13. Што докажува дека вредиме многу повеќе од небесните птици?

13 Откако ги потсетил своите ученици дека Јехова ги храни птиците, Исус ги прашал: „Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ Кога ги кажал овие зборови, тој веројатно мислел на тоа дека наскоро ќе го даде својот живот за сите луѓе. (Спореди со Лука 12:6, 7.) Исус не умрел ниту за птиците ниту за другите животни. Тој умрел за нас — за да можеме ние да живееме засекогаш (Мат. 20:28).

14. Што не можеме да направиме ако премногу се грижиме?

14 Прочитај Матеј 6:27. Исус многу јасно кажал дека не можеме ни малку да си го продолжиме својот животен век ако сме претерано загрижени за материјалните потреби. Напротив, може само да се разболиме и да си го скратиме животот.

15, 16. а) Што учиме од начинот на кој Јехова се грижи за полските кринови? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Кои прашања можеби треба да си ги поставиме, и зошто?

15 Прочитај Матеј 6:28-30. Сите сакаме да бидеме убаво облечени,  особено ако одиме во служба или на нашите состаноци и собири. Но, дали треба да бидеме претерано загрижени за облеката? Исус повторно ни го свртува вниманието кон Јеховините творби. Кога ги спомнал полските кринови, тој веројатно мислел на цвеќињата како што се гладиолите, зумбулите, перуниките и лалињата. Можеме многу да научиме од нив. Иако ниту ткаат ниту шијат, тие се толку убави што Исус рекол: „Ни Соломон, во сета своја слава, не беше облечен како еден од нив“!

16 Размисли и за она што го кажал потоа: „Ако Бог така го облекува полското билје... нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни?“ Воопшто не треба да се сомневаме во тоа! Но, учениците на Исус немале доволно вера (Мат. 8:26; 14:31; 16:8; 17:20). Тие требало да ја зајакнат својата доверба во Јехова. А како е со нас? Дали ние сме цврсто уверени дека тој сака и може да се грижи за нас?

17. Што може да го наруши нашиот однос со Јехова?

17 Прочитај Матеј 6:31, 32. На многу луѓе кои не го познаваат Јехова животот им се врти околу пари и материјални работи. Но, ако тоа е случај и со нас, ќе си го нарушиме односот со Бог. Ние знаеме дека Јехова е наш Татко и дека нѐ сака. Уверени сме дека тој нема да ни скрати ништо добро ако го правиме тоа што го бара од нас и ако го ставиме неговото Царство на прво место во животот. Бидејќи сфаќаме дека блиското пријателство со Јехова е извор на вистинска среќа, ние сме задоволни кога ги имаме неопходните работи — „храна,  облека и покрив над главата“ (1. Тим. 6:6-8).

ДАЛИ БОЖЈЕТО ЦАРСТВО ТИ Е НА ПРВО МЕСТО ВО ЖИВОТОТ?

18. Што знае Јехова за секого од нас, и што ќе направи во врска со тоа?

18 Прочитај Матеј 6:33. Ако го ставиме Царството на прво место во животот, Јехова ќе ни даде сѐ што ни е потребно. Исус објаснил зошто може да имаме доверба во тоа ветување. Тој рекол: „Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“. Јехова знае подобро од нас што ни е потребно (Фил. 4:19). Тој знае каква облека ќе ни треба, а знае и колку и каква храна ни е потребна. Освен тоа, знае дека ние и нашето семејство имаме потреба од соодветен дом. Јехова сигурно ќе ни го даде она што навистина ни е неопходно!

19. Зошто не треба да се преокупираме со она што би можело да се случи во иднина?

19 Прочитај Матеј 6:34. Забележи дека Исус уште еднаш им рекол на своите ученици: „Не бидете загрижени“. Јехова ќе ни дава сѐ што ни е потребно од ден за ден. Затоа, не треба да се преокупираме со она што можеби ќе се случи во иднина. Така би можеле да почнеме да се потпираме на себеси, а не на Бог. Тоа може да го наруши нашиот однос со него (Изр. 3:5, 6; Фил. 4:6, 7).

БАРАЈ ГО НАЈНАПРЕД ЦАРСТВОТО, И ЈЕХОВА ЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА ТЕБЕ

Можеш ли да си го поедноставиш животот за да правиш повеќе за Царството? (Види во пасус 20)

20. а) Каква цел би можел да си поставиш во службата за Јехова? б) Како можеш да си го поедноставиш животот?

20 Колку би било жално ако немаме доволно сила да му служиме целосно на Јехова затоа што трчаме по материјални работи! Наместо тоа, треба да му го дадеме нашето најдобро. На пример, можеш ли да се префрлиш во собрание каде што има потреба од повеќе објавители? Можеш ли да служиш како пионер? Или, ако веќе си пионер, дали си размислувал да подадеш молба за Школата за полновремени објавители? Дали би можел неколку дена седмично да помагаш во Бетел или во некоја канцеларија за превод? Дали би можел да се пријавиш како локален доброволец за изградба и да помагаш во градењето на некоја сала за состаноци? Размисли како да си го поедноставиш животот за да трошиш повеќе време и сила на духовни активности. Во рамката „ Како да си го поедноставиш животот?“ се дадени неколку предлози. Моли го Јехова да ти помогне да донесеш исправна одлука, а потоа почни да ги правиш потребните промени.

21. Што ќе ни помогне да станеме поблиски со Јехова?

21 Исус со добра причина нѐ поучил да ни биде најважно Царството, а не материјалните работи. Кога го ставаме Царството на прво место во животот, не сме претерано загрижени за нашите потреби. Освен тоа, стануваме поблиски со Јехова бидејќи покажуваме доверба во него и се контролираме да не купуваме сѐ што ќе посакаме или сѐ што нуди овој свет, дури и кога може да си го дозволиме тоа. Ако си го поедноставиме животот уште сега, ќе можеме да му останеме верни на Јехова и да го освоиме „вистинскиот живот“ што ни го ветил тој (1. Тим. 6:19).

^ [1] (пасус 12) Некои Божји слуги понекогаш немаат доволно храна. Статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од 15 септември 2014, стр. 22, може да ти помогне да разбереш зошто Јехова го дозволува ова.