Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2016

Објавувај ја добрата вест за незаслужената доброта

Објавувај ја добрата вест за незаслужената доброта

Темелно сведочи за добрата вест за Божјата незаслужена доброта (ДЕЛА 20:24)

ПЕСНИ: 101, 84

1, 2. Како апостол Павле покажал дека е благодарен за Божјата незаслужена доброта?

АПОСТОЛ Павле можел со чиста совест да каже: „Незаслужената доброта што ми ја покажа [Бог] не беше залудна“. (Прочитај 1. Коринќаните 15:9, 10.) Овој човек, кој во почетокот ги прогонувал христијаните, бил свесен дека ниту ја заработил ниту, пак, ја заслужил Божјата голема милост.

2 При крајот на својот живот, Павле му напишал на Тимотеј: „Благодарен сум му на Христос Исус, нашиот Господар, кој ми даде сила, зашто сметаше дека сум достоен за доверба, па ме постави во служба“ (1. Тим. 1:12-14). На која служба мислел Павле? Тој им го кажал следново на старешините во собранието во Ефес: „Ни најмалку не се грижам за својот живот, само сакам да ја довршам својата трка и службата што ја примив од Господарот Исус: темелно да сведочам за добрата вест за Божјата незаслужена доброта“ (Дела 20:24).

3. Која посебна служба му била доверена на Павле? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

 3 Која „добра вест“ ја проповедал Павле, и како Јехова ја покажал својата незаслужена доброта преку неа? Павле им напишал на христијаните во Ефес: „Сте чуле дека за ваше добро ми е доверено управувањето со Божјата незаслужена доброта“ (Еф. 3:1, 2). Тој добил заповед да им ја проповеда добрата вест на оние што не биле Евреи за и тие да имаат можност да владеат со Христос во месијанското Царство. (Прочитај Ефешаните 3:5-8.) Павле ревносно проповедал и им дал добар пример на христијаните денес. Во неговиот случај, Бог навистина не ја покажал залудно својата незаслужена доброта.

ДАЛИ БОЖЈАТА ДОБРОТА ТЕ ПОТТИКНУВА ДА ПРОПОВЕДАШ?

4, 5. Зошто добрата вест за Царството е наречена и „добрата вест за Божјата незаслужена доброта“?

4 Во ова време на крајот, Јеховините слуги имаат задача да ја проповедаат „добрата вест за царството... по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14). Добрата вест за Царството е и добра вест „за Божјата незаслужена доброта“. Во која смисла? Сите благослови што ќе ги добиеме под власта на Божјето Царство се резултат на Јеховината доброта (Еф. 1:3). Павле покажал дека е благодарен за неа така што ревносно проповедал. Дали го следиме неговиот пример? (Прочитај Римјаните 1:14-16.)

5 Во претходната статија видовме како Јехова ни ја покажува својата незаслужена доброта на многу начини, иако сме грешници. Затоа сме должни да даваме сѐ од себе за да им објасниме на луѓето како Јехова ја покажува својата љубов и како тоа може да им користи. На кој начин можеме да им помогнеме да стекнат ценење за Божјата незаслужена доброта?

ОБЈАВУВАЈ ЈА ДОБРАТА ВЕСТ ЗА ОТКУПНАТА ЖРТВА

6, 7. Зошто може да се каже дека им пренесуваме на луѓето добра вест за Божјата незаслужена доброта кога им ја објаснуваме откупнината?

6 Денес сѐ повеќе луѓе сфаќаат дека начинот на кој живеат не им носи вистинска радост и среќа. Сепак, мнозина не чувствуваат вина кога грешат, и затоа не можат да разберат зошто ни е потребна откупнина. Сѐ додека не разговараат со Јеховините сведоци, тие не сфаќаат што е гревот, како влијае врз нас и што треба да правиме за да бидеме избавени од неговото ропство. Искрените луѓе се многу благодарни кога ќе разберат дека, поради својата голема љубов и незаслужена доброта, Јехова го испратил својот Син на Земјата за да нѐ откупи од гревот и смртта (1. Јов. 4:9, 10).

7 Во врска со Божјиот сакан Син, Павле напишал: „Преку него, со посредство на неговата крв, ослободени сме со откупнина, простени ни се престапите според богатството на [Јеховината] незаслужена доброта“ (Еф. 1:7). Христовата откупна жртва е најсилниот доказ за тоа колку Бог нѐ сака и колку е голема неговата незаслужена доброта. Колкаво олеснување чувствуваме кога сфаќаме дека нашите гревовите ќе бидат простени и ќе имаме чиста совест ако покажуваме вера во жртвата на Исус! (Евр. 9:14). Зарем ова не е добра вест  која треба да им ја објавуваме на другите?

ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА СТАНАТ БОЖЈИ ПРИЈАТЕЛИ

8. Зошто има потреба несовршените луѓе да се помират со Бог?

8 Сѐ додека луѓето не покажат вера во жртвата на Исус, Бог ги смета за свои непријатели. Наша одговорност е да им помогнеме да сфатат дека можат да бидат пријатели со својот Творец. Апостол Јован напишал: „Кој верува во Синот, има вечен живот. Кој не му е послушен на Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“ (Јован 3:36). Среќни сме што можеме да бидеме пријатели со Бог благодарение на Христовата откупна жртва. Павле го опишал ова со следниве зборови: „Вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бог и му бевте непријатели бидејќи вашите мисли беа насочени кон зли дела, Бог сега ве помири со себе преку [Христовото] човечко тело, преку неговата смрт“ (Кол. 1:21, 22).

9, 10. а) Каква одговорност им доверил Христос на своите помазани браќа? б) Како „другите овци“ им помагаат на помазаните христијани?

9 Христос им ја доверил „службата на помирувањето“ на своите помазани браќа на Земјата. Павле им рекол: „Сѐ е од Бог, кој нѐ помири со себе преку Христос и ни ја довери службата на помирувањето, имено, да објавуваме дека Бог преку Христос го помири светот со себе, не сметајќи ги престапите на луѓето, а нам ни ја довери пораката за тоа помирување. Значи, ние сме пратеници кои го застапуваат Христос, а тоа е како Бог преку нас да ги моли луѓето. Како Христови застапници молиме: ,Помирете се со Бог!‘“ (2. Кор. 5:18-20).

10 „Другите овци“ имаат чест да им помагаат на помазаниците во оваа служба (Јован 10:16). Како Христови застапници, односно гласници, „другите овци“ имаат најголем удел во проповедничкото дело со тоа што ги поучуваат луѓето за вистината и им помагаат да станат блиски со Јехова. Ова е важен дел од проповедањето на добрата вест за Божјата незаслужена доброта.

ПОУЧУВАЈ ГИ ДРУГИТЕ ДЕКА БОГ ГИ СЛУША МОЛИТВИТЕ

11, 12. Зошто е важно луѓето да сфатат дека можат да му се молат на Јехова?

11 Многу луѓе се молат бидејќи така се чувствуваат подобро иако, всушност, не веруваат дека Бог ги слуша нивните молитви. Тие треба да сфатат дека Јехова навистина ги слуша кога му се молат. Псалмистот Давид напишал: „Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек. Грешните дела се посилни од мене. Ти ќе ги покриеш нашите престапи“ (Пс. 65:2, 3).

12 Исус им рекол на своите ученици: „Ако замолите за нешто во мое име, тоа ќе го направам“ (Јован 14:14). Ова значи дека може да се молиме за сѐ што е во склад со Јеховината волја. Јован напишал: „Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14). Колку е убаво што можеме да им помогнеме на луѓето да разберат дека молитвата не е само емоционален вентил туку начин на кој можат да пристапат кон Јеховиниот престол на незаслужената доброта (Евр. 4:16). Кога ги поучуваме да се молат на вистинската Личност, на исправен начин и за исправните работи, ние им помагаме  да станат Јеховини пријатели и да најдат утеха кога доживуваат страдања (Пс. 4:1; 145:18).

НЕЗАСЛУЖЕНАТА ДОБРОТА ВО НОВИОТ СВЕТ

13, 14. а) Која огромна чест ќе им биде укажана на помазаниците во иднина? б) Што ќе направат помазаниците за луѓето во новиот свет?

13 Во „поредокот што доаѓа“, Јехова ќе ја покаже својата незаслужена доброта во уште поголема мера. На кој начин? Тој ќе им укаже неверојатна чест на 144-те илјади кои ќе владеат заедно со Христос на небото. Павле објаснил за каква чест станува збор, кога напишал: „Бог, кој е богат со милосрдие, ни ја покажа својата голема љубов така што нѐ оживеа и нѐ обедини со Христос уште додека бевме мртви поради престапите — преку незаслужената доброта сте спасени — и нѐ воскресна со него и нѐ седна со него на небесата, бидејќи сме во единство со Христос Исус, за, во поредокот што доаѓа, да ни го покаже неизмерното богатство на својата незаслужена доброта, во благонаклоноста што ја чувствува кон нас кои сме во единство со Христос Исус“ (Еф. 2:4-7).

14 Не можеме ни да си ги замислиме прекрасните работи што Јехова ги подготвил за помазаните христијани кои ќе владеат заедно со Христос на небото (Лука 22:28-30; Фил. 3:20, 21; 1. Јов. 3:2). Бог на посебен начин ќе го покаже кон нив „неизмерното богатство на својата незаслужена доброта“. Тие ќе го сочинуваат „новиот Ерусалим“, односно Христовата невеста (Отк. 3:12; 17:14; 21:2, 9, 10). Заедно со Исус, ќе учествуваат во лекувањето на народите. Тие ќе им помогнат на луѓето да се ослободат од прангите на гревот и смртта, и да станат совршени. (Прочитај Откровение 22:1, 2, 17.)

15, 16. Како Јехова ќе ја покаже својата незаслужена доброта кон „другите овци“ во иднина?

15 Во Ефешаните 2:7 пишува дека Бог ќе покаже незаслужена доброта „во поредокот што доаѓа“. Во тоа време, сите на Земјата ќе го искусат „неизмерното богатство на [Божјата] незаслужена доброта“ (Лука 18:29, 30). Еден од највозвишените начини на кој Јехова ќе ја покаже својата доброта на Земјата ќе биде воскресението на мртвите (Јов 14:13-15; Јован 5:28, 29). Кој ќе биде воскреснат? Верните мажи и жени кои умреле пред да умре Христос, како и оние од „другите овци“ кои му останале верни на Јехова до крајот на животот во овие последни денови. Сите тие ќе воскреснат и ќе продолжат да му служат на Бог.

16 Ќе бидат воскреснати и милиони луѓе кои умреле без да го запознаат Бог. Јован напишал: „Ги видов мртвите, големите и малите, како стојат пред престолот, и свитоци се отворија. А се отвори и еден друг свиток — свитокот на животот. И мртвите беа судени според нивните дела на темел на она што е напишано во свитоците. И морето ги предаде мртвите што беа во него, и смртта и гробот ги предадоа мртвите што беа во нив. И секому му беше судено според неговите дела“ (Отк. 20:12, 13). Воскреснатите ќе имаат можност да го запознаат Јехова и да го прифатат како свој Владетел. Тие ќе мора да ги дознаат и да ги применуваат библиските начела, како и новите упатства кои ќе бидат напишани во „свитоците“. Преку тие упатства, Јехова на уште еден начин  ќе ја покаже својата незаслужена доброта.

ПРОДОЛЖИ ДА ЈА ПРОПОВЕДАШ ДОБРАТА ВЕСТ!

17. Која е нашата цел кога проповедаме?

17 Бидејќи крајот е на прагот, денес е поважно од кога и да било порано да ја проповедаме добрата вест за Царството! (Мар. 13:10). Нема никакво сомнение дека преку неа Јехова ја покажува својата незаслужена доброта кон луѓето. Затоа, кога сведочиме, наша цел е да го славиме Бог така што ќе им кажуваме на другите за сите убави работи кои ќе ги доживееме во новиот свет благодарение на неговата неопислива доброта.

Служи ревносно како добар управител на Божјата незаслужена доброта (1. Пет. 4:10) (Види во пасуси 17-19)

18, 19. Како го славиме Јехова поради неговата незаслужена доброта?

18 Кога проповедаме, можеме да им објасниме на другите дека, под власта на Христовото Царство, луѓето ќе можат во целост да ги уживаат благословите од откупнината и постепено да станат совршени. Библијата вели: „Самото создание ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и... ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21). Ова ќе биде можно само благодарение на Јеховината неизмерна доброта.

19 Ние имаме чест да им го кажуваме на сите луѓе прекрасното ветување запишано во Откровение 21:4, 5: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“. А Јехова, кој седи на престолот вели: „Гледај, правам сѐ ново!“ А потоа додава: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни!“ Кога ревносно ја проповедаме добрата вест, ние навистина го славиме Бог поради неговата незаслужена доброта!