Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2016

Биди благодарен за Божјата незаслужена доброта

Биди благодарен за Божјата незаслужена доброта

Она со кое тој е полн го примаме постојано сите ние — незаслужената доброта (ЈОВАН 1:16)

ПЕСНИ: 95, 13

1, 2. а) Раскажи ја Исусовата споредба за работниците на лозјето. б) Како во споредбата се истакнати великодушноста и незаслужената доброта?

РАНО наутро, еден човек излегол на плоштадот за да најми работници за своето лозје. Тој им понудил одредена сума пари како дневница, и тие се согласиле да работат кај него. Но, бидејќи на лозјето имало многу работа, човекот навраќал на плоштадот неколку пати во текот на денот за да најми уште работници. Им понудил добра дневница на сите, дури и на оние што ги најмил последни. На крајот на денот, ги собрал работниците за да им плати. Тој им дал на сите иста дневница, без разлика дали работеле цел ден или само еден час. Но, оние што биле на лозјето цел ден почнале да приговараат поради тоа. Тогаш сопственикот им рекол: „Зарем не се погодивте со мене за дневницата што ви ја понудив? Немам ли право да им дадам на сите работници колку што сакам? Зарем сте завидливи затоа што сум великодушен?“ (Мат. 20:1-15).

2 Од оваа споредба на Исус можеме да извлечеме важна поука за Јеховината „незаслужена доброта“. (Прочитај 2. Коринќаните 6:1.) Некои можеби мислат дека  оние што работеле само еден час не заслужиле да добијат цела дневница. Сепак, сопственикот покажал незаслужена доброта кон нив. Во врска со зборот кој во Библијата е преведен со „незаслужена доброта“, еден изучувач го рекол следново: „Овој збор укажува на незаслужен дар — на нешто кое му се дава некому без да му следува и без да го заработи“.

ЈЕХОВИНИОТ ВЕЛИКОДУШЕН ДАР

3, 4. Зошто и како Јехова покажал незаслужена доброта кон сите луѓе?

3 Библијата ни кажува дека Божјата незаслужена доброта е дар (Еф. 3:7). Бидејќи не можеме совршено да му бидеме послушни на Јехова, не заслужуваме тој да биде добар кон нас. Всушност, ние заслужуваме смрт. Цар Соломон рекол: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проп. 7:20). Подоцна, апостол Павле напишал: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“. А потоа додал: „Платата за гревот е смрт“ (Рим. 3:23; 6:23а).

4 Јехова толку многу ги сака луѓето што го испратил „својот единороден Син“ да умре за нив. Со тоа ја покажал својата незаслужена доброта на највпечатлив начин (Јован 3:16). Павле рекол дека Исус бил овенчан со слава и чест бидејќи претрпел смрт, „за со тоа, преку Божјата незаслужена доброта, да ја вкуси смртта за секого“ (Евр. 2:9). Библијата вели: „Дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 6:23б).

5, 6. а) Што ќе се случи ако му робуваме на гревот? б) Кои благослови ги имаме затоа што сме под незаслужената доброта?

5 Како луѓето ги наследиле гревот и смртта? Божјата Реч објаснува: „Поради престапот на еден човек [Адам], смртта царуваше“ над сите негови потомци (Рим. 5:12, 14, 17). Сепак, среќни сме што сега имаме избор — можеме да одлучиме повеќе да не му робуваме на гревот. Кога покажуваме вера во Христовата откупна жртва, ние дозволуваме со нас да господари Јеховината незаслужена доброта. Библијата вели: „Каде што се покажа гревот, таму незаслужената доброта се покажа во уште поголема мера. Зошто? За да може незаслужената доброта да царува преку праведноста, исто како што гревот царуваше заедно со смртта, за да можат луѓето да добијат вечен живот преку Исус Христос“ (Рим. 5:20, 21).

6 Иако сѐ уште сме грешници, тоа не значи дека мора да му робуваме на гревот. Ако направиме грев, го молиме Јехова да ни прости. Павле нѐ предупредил: „Гревот не смее да владее над вас, бидејќи не сте под закон, туку под незаслужена доброта“ (Рим. 6:14). Кои благослови ги имаме затоа што сме под Божјата незаслужена доброта? Павле рекол: „Божјата незаслужена доброта... нѐ поучи да се откажеме од безбожноста и од световните желби и да живееме разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет“ (Тит 2:11, 12).

НЕЗАСЛУЖЕНАТА ДОБРОТА „СЕ ПОКАЖУВА НА РАЗНИ НАЧИНИ“

7, 8. Што значи тоа што Јехова ни покажува незаслужена доброта „на разни начини“? (Види ги сликите на почетокот од статијата.)

7 Апостол Петар напишал: „Служете си еден на друг — секој со дарот што го примил — како добри управители на Божјата незаслужена доброта, која се покажува на разни начини“ (1. Пет. 4:10). Ова значи дека,  сеедно со какви неволји ќе се соочиме во животот, Јехова ќе ни даде сѐ што ни е потребно за да се справиме со нив (1. Пет. 1:6). Со други зборови, нема тешкотија со која не можеме да излеземе на крај со помош на Божјата незаслужена доброта.

8 Апостол Јован напишал: „Она со кое тој е полн го примаме постојано сите ние — незаслужената доброта“ (Јован 1:16). Бидејќи Јехова ни покажува незаслужена доброта на разни начини, имаме многу благослови. Да разгледаме некои од нив.

9. Каков благослов имаме поради Јеховината незаслужена доброта, и како може да покажеме дека сме благодарни за неа?

9 Можеме да добиеме простување на гревовите. Поради својата незаслужена доброта, Јехова ги простува нашите гревови. Сепак, го прави тоа само ако вистински се каеме и ако продолжуваме да се бориме против нашите грешни желби. (Прочитај 1. Јованово 1:8, 9.) Божјата милост треба да нѐ исполни со благодарност и да нѐ поттикне да го славиме. На своите помазани соверници, апостол Павле им го напишал следново: „[Јехова] нѐ избави од власта на темнината и нѐ пренесе во царството на својот сакан Син, преку кого сме ослободени со откупнина — простени ни се гревовите“ (Кол. 1:13, 14). Бидејќи Јехова ни ги простува гревовите, можеме да добиеме и многу други прекрасни благослови.

10. Во каков однос можеме да бидеме со Бог поради неговата незаслужена доброта?

10 Можеме да бидеме во мир со Бог. Бидејќи сме несовршени, уште од раѓање сме Божји непријатели. Сепак, апостол Павле рекол: „Се помиривме со Бог преку смртта на неговиот Син уште додека бевме непријатели“ (Рим. 5:10). Поради откупнината, ние може да се помириме со Бог и да станеме негови пријатели. Павле го поврзал ова со Божјата незаслужена доброта, кога им го рекол следново на своите помазани браќа: „Бидејќи сме прогласени за праведни поради верата, да останеме во мир со Бог преку нашиот Господар Исус Христос, преку кого можеме со вера да ѝ пристапиме на оваа незаслужена доброта во која стоиме“ (Рим. 5:1, 2). Колку сме среќни што можеме да бидеме во мир со Јехова!

Јехова покажува незаслужена доброта на следниве начини: Им дава можност на луѓето да ја слушнат добрата вест (Види во пасус 11)

11. Како помазаниците им помагаат на „другите овци“ да бидат праведни во Божји очи?

11 Можеме да бидеме праведни во Божји очи. Пророкот Даниел напишал дека во времето на крајот, „оние што се разборити“, односно помазаниците, ќе доведат „мнозина до праведност“. (Прочитај Даниел 12:3.) Со тоа што проповедаат и ги поучуваат другите за Јеховините закони, тие им помогнале на милиони „други овци“ да бидат праведни во Божји очи (Јован 10:16). Ова е можно само благодарение на Јеховината незаслужена доброта. Павле објаснил: „Дар е тоа што преку [Божјата] незаслужена доброта се прогласени за праведни затоа што се ослободени со откупнината што ја плати Христос Исус“ (Рим. 3:23, 24).

Нѐ слуша кога му се молиме (Види во пасус 12)

12. Како молитвата е поврзана со Божјата незаслужена доброта?

12 Можеме да се зближиме со Бог преку молитва. Благодарение на незаслужената доброта што ни ја покажува Јехова, ние можеме да му се молиме. Павле вели дека Јеховиниот престол е престол на незаслужената доброта, и нѐ повикува да му пристапиме на Бог „со слобода на говорот“ (Евр. 4:16а). Можеме во секое време  да му се молиме на Јехова преку Исус. Тоа е огромна чест! Павле рекол: „Можеме слободно да зборуваме и со доверба да му пристапиме на Бог преку нашата вера во Христос“ (Еф. 3:12).

Ни помага секогаш кога имаме потреба (Види во пасус 13)

13. Како Бог ни покажува незаслужена доброта секогаш кога ни треба помош?

13 Можеме да добиеме помош секогаш кога ни е потребна. Павле нѐ поттикнал да го молиме „Бог да ни покаже милосрдие и... незаслужена доброта кога ќе ни треба помош“ (Евр. 4:16б). Секогаш кога имаме проблеми или неволји во животот, можеме сесрдно да му се молиме на Јехова. Тој одговара на нашите молитви иако не мора да го стори тоа. Честопати ги користи нашите браќа и сестри за да ни помогне. Бидејќи Бог ни ги услишува молитвите, „исполнети со храброст, можеме да речеме: ,Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?‘“ (Евр. 13:6).

14. Кој друг благослов го имаме поради Божјата незаслужена доброта?

14 Можеме да добиеме утеха. За нас е голем благослов што Јехова нѐ теши секогаш кога сме притиснати од грижи и неволји (Пс. 51:17). Кога христијаните во Солун биле прогонувани, Павле им напишал: „Самиот наш Господар, Исус Христос, и Бог, нашиот Татко, кој нѐ сакаше и преку својата незаслужена доброта ни даде вечна утеха и прекрасна надеж, нека ги утешат вашите срца и нека ве зацврстат“ (2. Сол. 2:16, 17). Колку е утешно што знаеме дека, поради својата незаслужена доброта, Јехова нѐ сака и се грижи за нас!

15. Каква надеж имаме благодарение на Јеховината незаслужена доброта?

15 Можеме да живееме вечно. Како грешници, ние сме биле во очајна и безнадежна состојба. (Прочитај Псалм 49:7, 8.) Но, Јехова ни дал прекрасна надеж. Исус им го ветил  следново на своите следбеници: „Волјата на мојот Татко е: секој што го гледа Синот и верува во него да има вечен живот“ (Јован 6:40). Според тоа, благодарение на Јеховината незаслужена доброта, имаме надеж дека ќе живееме засекогаш. Павле рекол: „Се покажа Божјата незаслужена доброта, која им донесува спасение на најразлични луѓе“ (Тит 2:11).

НЕМОЈ ДА ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВАШ БОЖЈАТА НЕЗАСЛУЖЕНА ДОБРОТА

16. Како некои христијани во првиот век ја злоупотребувале Божјата незаслужена доброта?

16 Иако имаме многу благослови поради Божјата незаслужена доброта, таа не треба да ни биде изговор за да правиме грев, бидејќи на тој начин би ја злоупотребиле. Меѓу првите христијани имало поединци што се обиделе да ја претворат Божјата незаслужена доброта „во изговор за бесрамни дела“ (Јуда 4). Тие неверни христијани очигледно мислеле дека можат слободно да грешат бидејќи Јехова секогаш ќе им простува. Дури пробувале да ги наведат и сохристијаните да прават гревови заедно со нив. И денес, секој што постапува на ваков начин „го навредува духот на незаслужената доброта“! (Евр. 10:29).

17. Кој силен совет го дал Петар?

17 И во нашево време Сатана успеал да наведе некои христијани да мислат дека можат слободно да прават грев бидејќи Јехова автоматски ќе им прости и ќе си поминат без казна. На тој начин успеал лукаво да ги измами. Иако е спремен да им прости на грешниците кои се каат, Јехова очекува од нас со сите сили да се бориме против грешните желби. Тој го поттикнал Петар да го напише следново: „Затоа вие, сакани, бидејќи однапред го знаете тоа, чувајте се од тие дрски беззаконици за да не ве одвлечат со својата заблуда и да не ја изгубите својата постојаност. А растете во незаслужената доброта и во познавањето на нашиот Господар и Спасител Исус Христос“ (2. Пет. 3:17, 18).

НЕЗАСЛУЖЕНАТА ДОБРОТА НОСИ ОДГОВОРНОСТ

18. Каква одговорност имаме поради Јеховината незаслужена доброта?

18 Ние сме многу благодарни за Јеховината незаслужена доброта. Затоа треба да го користиме секој дар од Јехова за да го славиме и за да им помагаме на другите. Должни сме да го правиме тоа. Но, како? Павле вели: „Значи, имаме различни дарови, зависно од незаслужената доброта која ни е покажана... ако е тоа служење, да ја извршуваме таа служба; ако некој поучува, нека се посвети на поучувањето; ако некој советува, нека му се посвети на советувањето... кој покажува милосрдие, нека го прави тоа радосно“ (Рим. 12:6-8). Затоа што Јехова ни покажува незаслужена доброта, ние имаме одговорност да даваме сѐ од себе во службата, да ги поучуваме другите за Библијата, да ги храбриме нашите браќа и сестри, и да им простуваме на оние што ќе ни згрешат.

19. Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Бидејќи сме благодарни за љубовта што Јехова великодушно ни ја покажува, поттикнати сме темелно да сведочиме „за добрата вест за Божјата незаслужена доброта“ (Дела 20:24). За оваа одговорност ќе се зборува во следната статија.