Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2017

Зошто е важно да бидеме скромни

Зошто е важно да бидеме скромни

Мудроста е кај скромните (ИЗР. 11:2)

ПЕСНИ: 38, 69

1, 2. Зошто Бог го отфрлил Саул? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

КОГА Јехова го избрал за цар, Саул бил скромен човек (1. Сам. 9:1, 2, 21; 10:20-24). Но, кратко потоа, тој се вообразил. Во една прилика, илјадници Филистејци дошле да се борат со Израелците. Пророкот Самоил му рекол на Саул дека ќе дојде за да му принесе жртва на Јехова. Но, додека го чекале да пристигне, Израелците се исплашиле и затоа многумина од оние што биле со Саул се разотишле. Тој станал нестрплив и, наместо да чека да дојде Самоил, самиот ја принел жртвата. На Јехова не му се допаднало тоа што Саул ја принел жртвата бидејќи немал право да направи такво нешто (1. Сам. 13:5-9).

2 Кога пристигнал Самоил, го укорил Саул за неговата непослушност кон Јехова. Но, Саул не сметал дека направил нешто погрешно. Наместо да го прифати укорот, тој си барал оправдувања, и вината за својата  грешка им ја префрлил на други (1. Сам. 13:10-14). Оттогаш натаму, Саул постапувал вообразено и во други ситуации, што на крајот довело до тоа Јехова да го отфрли како цар (1. Сам. 15:22, 23). Иако почнал добро, Саул завршил катастрофално (1. Сам. 31:1-6).

3. а) Како гледаат многу луѓе на скромноста? б) Кои прашања ќе бидат одговорени?

3 Денес, многу луѓе мислат дека не можат да имаат успешен живот и кариера ако се скромни. Тие се фалат и се истакнуваат пред другите. На пример, еден познат глумец и политичар рекол: „Скромноста не е збор со кој би се опишал себеси, ниту сега а се надевам ниту некогаш во иднина“. Но, зошто за нас христијаните е важно да бидеме скромни? Што значи да се биде скромен? Во оваа статија ќе бидат одговорени овие две прашања. А во следната статија ќе видиме како да останеме скромни и кога тоа не е лесно.

ЗОШТО Е ВАЖНА СКРОМНОСТА?

4. Што значи некој да постапува вообразено?

4 Библијата покажува дека вообразеноста е сосема спротивна особина од скромноста. (Прочитај Изреки 11:2.) Давид го молел Јехова: „Од вообразени постапки чувај го својот слуга“ (Пс. 19:13). Што значи некој да постапува вообразено? Тоа значи да прави нешто на кое нема право, можеби затоа што е нестрплив или горд. Бидејќи сме несовршени, на секого од нас може да му се случи да постапи вообразено. Но, како што гледаме од примерот на цар Саул, на Јехова воопшто не му се допаѓа ако тоа ни стане навика. Во Псалм 119:21 пишува: „Вообразените ти ги прекоруваш“ (Радосна Вест). Но, зошто Јехова го прави тоа?

5. Зошто е погрешно да постапуваме вообразено?

5 Како прво, ако постапуваме вообразено, покажуваме непочитување кон Јехова, нашиот Бог и Владетел. Второ, кога правиме нешто на кое немаме право, тоа веројатно ќе води до расправии и недоразбирања со другите (Изр. 13:10). И трето, кога другите ќе забележат дека сме постапиле вообразено, може да се посрамиме, па дури и да се почувствуваме понижено (Лука 14:8, 9). Сето ова јасно покажува зошто Јехова сака да бидеме скромни.

ШТО Е СКРОМНОСТ?

6, 7. Како скромноста е поврзана со понизноста?

6 Скромноста е поврзана со понизноста. Понизниот христијанин не се поставува над другите, туку ги смета за поважни од себе (Фил. 2:3). Понизната личност обично е и скромна. Таа е свесна за своите ограничувања, и понизно си ги признава грешките. Спремна е да ги сослуша туѓите предлози и да учи од другите. Јехова многу ги цени понизните луѓе.

7 Библијата покажува дека оној што е скромен има реално гледиште за себеси и сфаќа дека има работи што не може или не смее да ги прави. Тоа му помага да ги почитува другите и да се однесува љубезно со нив.

8. Што покажува дека некој почнува да станува вообразен?

8 Сепак, можно е несвесно да почнеме да размислуваме вообразено. Како може да дојде до тоа? На пример, може да почнеме да се чувствуваме  поважни од другите поради одговорностите во собранието што ги имаме ние или ги имаат оние со кои сме блиски (Рим. 12:16). Може да почнеме да свртуваме преголемо внимание кон себе (1. Тим. 2:9, 10). Би можеле дури и да почнеме да им го наметнуваме своето мислење на другите и да им кажуваме што треба а што не треба да прават (1. Кор. 4:6).

9. Зошто некои станале вообразени? Наведи пример од Библијата.

9 Може да почнеме да се однесуваме вообразено и доколку не ги контролираме нашите погрешни желби. Мнозина станале вообразени затоа што сакале да стекнат слава, почнале да им завидуваат на другите или не си ја контролирале лутината. Ова се случило со некои личности од Библијата како, на пример, Авесалом, Озија и Навуходоносор. Но, Јехова јасно им покажал дека требало да бидат понизни (2. Сам. 15:1-6; 18:9-17; 2. Лет. 26:16-21; Дан. 5:18-21).

10. Зошто не треба да ги судиме туѓите мотиви? Наведи пример од Библијата.

10 Има и други причини зошто некои луѓе понекогаш не се скромни. Размисли за Авимелех и за Петар (1. Мој. 20:2-7; Мат. 26:31-35). Дали тие биле вообразени? Или можеби не им биле познати сите факти или, пак, постапиле непромислено? Бидејќи не можеме да ги читаме срцата, не треба да ги судиме мотивите на другите луѓе. (Прочитај Јаков 4:12.)

БИДИ СВЕСЕН ЗА СВОЕТО МЕСТО ВО БОЖЈАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

11. Што треба да сфати секој од нас?

11 Оној што е скромен сфаќа кое е неговото место во Божјата организација. Јехова е Бог на редот. Тој му дал одредена улога на секој член на собранието. Значи, секој од нас е потребен. Јехова љубезно му дал на секого од нас различни дарови, вештини, таленти и способности. Ако сме скромни, ќе ги користиме онака како што сака Јехова (Рим. 12:4-8). Тој очекува да ги користиме нашите дарови за да му носиме слава нему и да им помагаме на другите. (Прочитај 1. Петрово 4:10.)

Како може да ни помогне примерот на Исус кога ќе добиеме нова задача? (Види во пасуси 12-14)

12, 13. Што треба да задржиме на ум ако доживееме промени што ќе влијаат врз нашата служба?

12 Со текот на времето, нашите задачи и одговорности во службата за Јехова може да се сменат. На пример, помисли на многуте промени што ги доживеал Исус. Во почетокот, тој бил сам со својот Татко (Изр. 8:22). Потоа, соработувал со Јехова додека тој ги создавал ангелите, вселената и луѓето (Кол. 1:16). Подоцна, бил испратен на Земјата за најпрво да се роди како беспомошно бебе, а потоа да стане возрасен човек (Фил. 2:7). По својата смрт, Исус повторно се вратил на небото и во 1914 год. станал Цар на Божјето Царство (Евр. 2:9). А во иднина, откако ќе владее илјада години, Исус ќе му го врати Царството на Јехова за „Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:28).

13 Можеби и нам ќе ни се случат многу промени во животот. Понекогаш, нашите одговорности може да се сменат поради некоја одлука што самите сме ја донеле. На пример, сме одлучиле да стапиме во брак, ни се родиле деца или сме направиле промени за да му служиме на Јехова полновремено. Во  други случаи, нашите одговорности може да се сменат поради тоа што ни се смениле околностите, па можеме да правиме повеќе или, пак, треба да правиме помалку. Но, без разлика дали сме помлади или постари, дали добро нѐ служи здравјето или не, Јехова знае како секој од нас го дава најдоброто за него. Тој не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме. И многу цени сѐ што правиме за него (Евр. 6:10).

14. Како може скромноста да ни помогне радосно да ги извршуваме своите задачи?

14 Исус со задоволство ја извршувал секоја задача што му ја дал Јехова, а тоа можеме да го правиме и ние (Изр. 8:30, 31). Оној што е скромен е задоволен со задачите и одговорностите што ги има во собранието. Тој не се концентрира на она што го прават или постигнуваат другите. Наместо тоа, задоволен е со својата улога во Божјата организација. На неа гледа како на нешто што доаѓа од Јехова. Ако сме скромни, ќе ги почитуваме другите и ќе ги поддржуваме. Ќе сфатиме дека и тие си имаат своја улога што им ја дал Јехова (Рим. 12:10).

УРАМНОТЕЖЕНО ГЛЕДИШТЕ ЗА СКРОМНОСТА

15. Зошто Гедеон е добар пример за скромност?

15 Гедеон е одличен пример за скромност. Кога Јехова му дал задача да ги спаси Израелците од Мадијамците, тој рекол: „Мојот род е најслаб  во Манасија, а јас сум најмал во куќата на татко ми“ (Суд. 6:15). Сепак, со доверба дека Јехова ќе му помага, Гедеон ја прифатил задачата. Потоа се уверил дека добро разбира што бара Јехова од него и во молитва побарал тој да го води (Суд. 6:36-40). Гедеон бил силен и храбар човек, но исто така бил мудар и претпазлив (Суд. 6:11, 27). Подоцна, кога народот сакал тој да биде владетел, Гедеон не прифатил. Откако ја завршил задачата што му ја дал Јехова, се вратил во својот дом (Суд. 8:22, 23, 29).

16, 17.Што ќе земе предвид скромното лице пред да прифати нова задача?

16 Ако некој прифати нова задача или сака да прави повеќе во собранието, не значи дека не е скромен. Библијата вели дека е пожелно еден слуга на Јехова да сака да им служи на браќата во поголема мера и да напредува (1. Тим. 4:13-15). Но, дали мора да добиеме нова задача за да напредуваме? Не. Сите ние може постојано да ги подобруваме нашите христијански особини и нашите способности за да можеме уште подобро да му служиме на Јехова и да им помагаме на другите.

17 Пред да прифати нова задача, оној што е скромен најпрво ќе се потруди да дознае што ќе бара таа задача од него. Тој ќе се моли во врска со тоа и внимателно ќе размисли дали ќе може да ја извршува. Дали ќе му остане време и сила за да ги прави и другите важни работи? Ако не, дали дел од работата што ја врши може да ја преземе некој друг? Откако ќе размисли за сето ова, скромното лице можеби ќе увиди дека нема да може добро да ја извршува новата одговорност. Скромниот човек знае кога треба да каже „не“.

18. а) Што ќе направи оној што е скромен кога ќе добие нова задача? б) Како стихот од Римјаните 12:3 ни помага да бидеме скромни?

18 Јехова сака скромно да одиме со него (Мих. 6:8). Затоа, кога ќе добиеме нова задача, треба да бараме водство од Јехова и да го молиме да ни помага, исто како што направил Гедеон. Треба длабоко да размислуваме за она што ни го кажува Јехова преку Библијата и неговата организација. Никогаш да не заборавиме дека, што и да правиме во службата за него, не е поради некоја способност што ја имаме, туку затоа што Јехова е понизен и сака да ни помага (Пс. 18:35). Скромното лице нема да мисли за себе „повеќе отколку што треба да мисли“. (Прочитај Римјаните 12:3.)

19. Зошто треба да бидеме скромни?

19 Скромното лице е свесно дека единствено Јехова ја заслужува сета слава, затоа што тој е наш Творец и Севишен Владетел (Отк. 4:11). Ако сме скромни, ќе бидеме задоволни со она што можеме да го правиме во службата за Јехова. Ќе имаме почит кон чувствата и гледиштата на нашите браќа и сестри, и така ќе придонесуваме за единството меѓу Божјиот народ. Скромниот внимателно размислува пред да направи нешто и така избегнува сериозни грешки. Јехова ги цени и ги сака скромните луѓе. Затоа, на Божјите слуги им е многу важно да бидат скромни. Во следната статија ќе видиме како може да останеме скромни и кога тоа не е лесно.