Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2017

Тие се ставиле на располагање

Тие се ставиле на располагање

МЕЃУ ревносните објавители што служат во земји каде што има потреба од повеќе објавители, има и многу немажени сестри. Некои од нив со децении служат во друга земја. Што им помогнало да решат да се преселат? Што научиле од службата таму? Каков им бил животот? Во врска со тоа, разговаравме со неколку од овие сестри. Ако и ти си немажена сестра * и сакаш службата да ти носи уште повеќе радост, сигурни сме дека она што тие го кажаа ќе ти биде од помош. Но, нивниот пример може да им користи и на сите Божји слуги.

ДА СЕ РАСЧИСТАТ СОМНЕЖИТЕ

Анита

Можеби се прашуваш дали ти би успеала да служиш како пионер во друго место. Анита, која сега има 75 години, била речиси сигурна дека нема да успее. Таа пораснала во Англија, каде што на 18 години започнала со пионерска служба. „Многу сакав да разговарам со луѓето за Јехова, но не ни помислував дека би можела да служам во друга земја“, вели таа. „Никогаш немав учено друг јазик и бев убедена дека не можам ни да научам. Затоа, просто не ми се веруваше кога добив покана за школата Гилеад! Се чудев како е можно некој толку безначаен како мене да добие една таква покана. Но, си реков: ‚Штом Јехова мисли дека можам, ќе пробам‘. Тоа беше пред 50 години. Оттогаш па сѐ досега служам како мисионер во Јапонија“. Анита вели: „Понекогаш на шега ќе им речам на помладите сестри: ‚Ако сакаш животот да ти биде интересен, спакувај го куферот и ајде со мене!‘ Драго ми е што можам да кажам дека многу сестри навистина го направија тоа“.

ПОТРЕБНА Е ХРАБРОСТ

На многу сестри што служеле во друга земја, отпрвин не им било лесно да се одлучат на таков чекор. Како собрале храброст?

Морин

„Уште од младоста, сакав мојот живот да има некаква цел, да правам нешто за да им помагам на другите“, вели Морин, која сега има 64 години. Кога наполнила 20 години, таа се преселила во Квебек (Канада), каде што имало голема потреба од пионери. „Подоцна добив покана за школата Гилеад, но ме плашеше помислата да отидам во непознато место, далеку од пријателите“. Таа додава: „Исто така, не знаев дали е добро да ја оставам мајка ми сама да се грижи за татко ми, кој имаше слабо здравје. Многу ноќи со солзи го молев Јехова околу овие работи. Кога им кажав  на родителите што ме загрижува, тие ме поттикнаа да ја прифатам поканата. Освен тоа, собранието многу им помагаше на моите родители. Тоа што видов дека Јехова се грижи за нив, ми помогна да имам доверба дека ќе се грижи и за мене. Кога го сфатив тоа, бев спремна да одам!“ Од 1979 год., Морин повеќе од 30 години служела како мисионер во Западна Африка. Денес, таа служи како специјален пионер и се грижи за својата мајка во Канада. Во врска со годините што ги поминала служејќи во друга земја, таа вели: „Јехова секогаш ми го даваше она што ми требаше и тогаш кога ми требаше“.

Венди

Венди, која сега има 65 години, почнала со пионерска служба уште додека била тинејџер во Австралија. Таа раскажува: „Бев многу срамежлива и ми беше тешко да зборувам со непознати. Но, пионерската служба ме научи да комуницирам со секакви луѓе, а тоа ми ја зголеми самодовербата. Со текот на времето, успеав да го надминам тој проблем. Пионерската служба ме научи да се потпирам на Јехова, и мислата да служам во друга земја ми стана прифатлива. Освен тоа, една немажена сестра, која преку 30 години служела како мисионер во Јапонија, ми предложи заедно да појдеме таму на три месеци. Службата со неа ми ја засили желбата да се преселам во друго место“. Во средината на 1980-тите, Венди се преселила на Вануату, островска земја која се наоѓа на околу 1.770 километри источно од Австралија.

Венди сѐ уште живее на Вануату, и моментално служи во преведувачка канцеларија. „Многу се радувам кога гледам како во изолирани подрачја се формираат нови групи и собранија“, вели таа. „За мене е неопислива чест тоа што имав некаков удел во Јеховиното дело на овие острови.“

Кумико (во средина)

Кумико, која има 65 години, служела како пионер во Јапонија заедно со една сестра. По некое време, сестрата ѝ предложила да се преселат во Непал. „Стално ја отвораше темата, ама јас секогаш ја одбивав“, вели Кумико. „Се плашев од помислата да учам нов јазик и да се приспособувам на нова средина. Исто така, немав доволно пари за да се преселам во друга земја. Баш во периодот кога размислував што да правам, доживеав сообраќајна несреќа и завршив во болница. Таму си помислив: ‚Кој знае што сѐ може да ми донесе животот? Можеби тешко ќе се разболам и ќе ја пропуштам можноста да служам како пионер во друга земја. Зошто да не се обидам барем една година?‘ Многу го молев Јехова да ми помогне да направам нешто околу тоа“. Откако ја отпуштиле од болница, Кумико отишла накратко во Непал, а подоцна таа и сестрата со која биле пионери се преселиле таму.

 По речиси десет години служба во Непал, Кумико вели: „Јехова ги расчисти проблемите што ме загрижуваа како што ги раздвоил водите на Црвеното Море пред Израелците. Среќна сум што одлучив да служам на место каде што има поголема потреба од објавители. Често се случува додека зборувам за библиската порака со некое семејство, да дојдат уште пет-шест соседи за и тие да слушаат. Дури и малите деца учтиво ми бараат трактат за Библијата. Многу е убаво да се служи на подрачје со толку голем интерес“.

ДА СЕ ИСТРАЕ КОГА Е ТЕШКО

Сестрите со кои разговаравме направиле храбар чекор. Но, со какви тешкотии се соочиле? Што им помогнало да истраат?

Дајен

„Во почетокот ми беше многу тешко што сум толку далеку од семејството“, вели Дајен од Канада. Сега таа има 62 години, а 20 години служела како мисионер во Брегот на Слоновата Коска. „Го молев Јехова да ми помогне да ги засакам луѓето во местото каде што служам. Еден од инструкторите на Гилеад, брат Џек Редфорд, ни објасни дека во почетокот можеби ќе бидеме вознемирени, па дури и шокирани од животните услови на своите доделби, особено ако местото во кое служиме е крајно сиромашно. Но, потоа ни рече: ‚Не гледајте на сиромаштијата. Гледајте ги луѓето, нивните лица и очи. Гледајте ја нивната реакција на библиските вистини што ги слушаат од вас‘. Тоа и го направив, и бев многу среќна што го послушав! Кога зборував со луѓето за утешната добра вест, можев да видам како од очите почнува да им зрачи радост!“ Што друго ѝ помогнало на Дајен да се навикне да служи во друго место? „Станав блиска со оние со кои ја проучував Библијата, и затоа ми беше посебно мило кога ќе видев дека почнуваат верно да му служат на Јехова. Почнав да се чувствувам како дома. Во духовна смисла, си најдов мајки и татковци, браќа и сестри, токму како што ветил Исус“ (Мар. 10:29, 30).

Ен, која има 46 години, служи во една земја во Азија во која делото е под забрана. Таа вели: „Низ годините служев на неколку различни места и живеев со сестри кои по своето потекло и карактер многу се разликуваа од мене. Понекогаш тоа водеше до недоразбирања и повредени чувства. Во таквите ситуации, се трудев да станам поблиска со нив и подобро да ја разберам нивната култура. Освен тоа, се трудев да бидам пољубезна и поразумна. Трудот се исплатеше, затоа што сега имам многу блиски пријатели што ми помагаат да истраам на својата доделба“.

Уте

 Во 1993 год., Уте, која по потекло е од Германија и сега има 53 години, била испратена да служи како мисионер на Мадагаскар. Таа вели: „Во почетокот ми беше многу тешко да го научам јазикот, да се приспособам на влажната клима и да живеам со опасноста од маларија, амеби и паразитски црви. Но, не бев оставена сама на себе. Сестрите и нивните деца, како и оние со кои ја проучував Библијата, стрпливо ми помогнаа да го научам јазикот. Сестрата со која соработував во мисионерската служба се грижеше за мене секогаш кога бев болна. Но, Јехова ми помогна повеќе од кој и да е друг. Нему му ги кажував сите мои грижи. А потоа стрпливо го чекав одговорот на моите молитви — некогаш со денови, а некогаш со месеци. Јехова го реши секој проблем што го имав“. Уте служи на Мадагаскар веќе 23 години.

БОГАТО НАГРАДЕНИ

Исто како и други што служат таму каде што има потреба од повеќе објавители, немажените сестри што се преселиле во друга земја често велат дека таа одлука им го разубавила животот. Какви благослови доживеале?

Хајди

Хајди од Германија, која има 73 години, служи како мисионер во Брегот на Слоновата Коска од 1968 год. Таа вели: „Најголема радост ми носи тоа што моите духовни деца ‚живеат според вистината‘. Некои од оние со кои ја проучував Библијата сега се пионери и старешини. Многумина ме чувствуваат како нивна мајка или баба, па дури и ме викаат така. Еден од тие старешини, заедно со жена му и децата, ме сметаат за дел од нивното семејство. Јехова како да ми даде син, снаа и три внуци“ (3. Јов. 4).

Карен (во средина)

Карен од Канада, која има 72 години, служела во Западна Африка преку 20 години. Таа вели: „Мисионерскиот живот ме научи да покажувам поголема самопожртвуваност, љубов и стрпливост. Исто така, тоа што во службата соработував со браќа и сестри од различни националности, ми ги прошири сфаќањата. Научив да ги вршам домашните работи на поинаков начин. Освен тоа, прекрасно е што низ целиот свет имам пријатели што ми се драги! Иако нашите животи се сменија и служиме на различни места, нашите пријателства останаа“.

Маргарет од Англија, која има 79 години, служела како мисионер во Лаос. Таа вели: „Тоа што служев во странство ми помогна од прва рака да видам како Јехова привлекува луѓе од различни раси и потекло во својата организација. Тоа искуство многу ми ја зајакна верата. Сосема сум сигурна дека Јехова ја води својата организација и дека неговата намера ќе се исполни“.

Несомнено, немажените сестри кои се преселиле за да служат во друга земја имаат значаен удел во делото на проповедање. Тие заслужуваат искрена пофалба (Суд. 11:40). Освен тоа, нивниот број постојано расте (Пс. 68:11). Дали можеш да направиш промена во околностите и да тргнеш по стапките на овие ревносните сестри? Ако да, без сомнение ќе вкусиш и ќе видиш колку е добар Јехова! (Пс. 34:8).

^ пас. 2 Иако во оваа статија се користи женски род, советите важат и за двата пола.