Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2017

Цени ја слободната волја што ти ја дал Бог

Цени ја слободната волја што ти ја дал Бог

Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата (2. КОР. 3:17)

ПЕСНИ: 62, 65

1, 2. а) Што мислат некои за слободната волја? б) Што дознаваме од Библијата во врска со слободната волја, и кои прашања ќе ги разгледаме?

КОГА требало да донесе лична одлука во врска со некоја работа, една жена му кажала на својот пријател: „Не ме терај да мислам, кажи ми што да направам. Тоа е полесно“. Оваа жена сакала некој друг да ѝ каже што да прави, наместо да ја користи слободната волја која е скапоцен дар од нашиот Творец. А како гледаш ти на слободната волја? Дали сакаш самиот да донесуваш одлуки или повеќе сакаш другите да ти кажуваат што да правиш?

2 Луѓето имаат различни мислења во врска со слободната волја. Некои тврдат дека не постои слободна волја затоа што, според нив, Бог предодредил како ќе постапуваме. Други сметаат дека не можеме да имаме слободна волја ако немаме апсолутна слобода. Сепак, од Библијата дознаваме дека Јехова нѐ создал со слободна волја, односно способност и право самите да носиме одлуки. (Прочитај Исус Навин 24:15.) Освен тоа, Библијата може да ни даде одговор и на следниве прашања: Дали слободната волја има граници? Како треба да ја користиме кога донесуваме одлуки? Како со нашите одлуки може да покажеме  колку многу го сакаме Јехова? Како може да покажеме дека ги почитуваме одлуките на другите?

ШТО МОЖЕМЕ ДА НАУЧИМЕ ОД ЈЕХОВА И ОД ИСУС?

3. Како Јехова ја користи својата апсолутна слобода?

3 Само Јехова има апсолутна слобода. Сепак, можеме многу да научиме од начинот на кој ја користи. На пример, Јехова ги избрал Израелците како свој народ, како своја „најмила сопственост“ (5. Мој. 7:6-8). Тој имал причина зошто ги избрал токму нив — сакал да си го одржи ветувањето што му го дал на својот пријател Авраам (1. Мој. 22:15-18). Освен тоа, Бог секогаш ја користи својата слобода во склад со љубовта и правдата. Тоа се гледа и од начинот на кој постапувал со Израелците кои честопати му биле непослушни. Кога искрено се каеле за своите грешки, Јехова им покажувал љубов и милост. Тој рекол: „Јас ќе ја излекувам нивната неверност. Ќе ги сакам со задоволство“ (Оси. 14:4). Јехова ни дава добар пример со тоа што ја користи слободната волја за да им помага на другите.

4, 5. а) Кој бил првиот што бил создаден со слободна волја, и како ја користи? б) Кое прашање мора да си го постави секој од нас?

4 Јехова решил да ги создаде ангелите и луѓето со слободна волја. Исус, кој е „сликата на невидливиот Бог“, бил првиот што го добил тој дар (Кол. 1:15). Како Исус ја користи слободната волја? Уште пред да дојде на Земјата, тој решил да му остане верен на Бог и да не му се придружи на Сатана во побуната. Кога дошол на Земјата, одлучил да им се спротивстави на искушенијата од Сатана (Мат. 4:10). Ноќта пред да умре, Исус му кажал на својот татко дека сака да ја врши Неговата волја. Тој рекол: „Татко, ако сакаш, тргни ја оваа чаша од мене! Но нека не биде мојата волја, туку твојата!“ (Лука 22:42). Дали е можно да го следиме примерот на Исус така што ќе ја користиме слободната волја за да го славиме Јехова и да го правиме она што тој го бара од нас?

5 Можно е бидејќи и ние сме создадени според Божјиот лик (1. Мој. 1:26). Сепак, немаме апсолутна слобода како Јехова. Божјата Реч ни открива дека Јехова ја ограничил нашата слобода и дека очекува да ги почитуваме границите што ги поставил. На пример, во семејството, жените треба да им бидат подложни на своите мажи, а децата да ги слушаат своите родители (Еф. 5:22; 6:1). Како тие граници влијаат врз начинот на кој ја користиме нашата слободна волја? Одговорот на ова прашање е поврзан со нашата иднина.

КАКО МОЖЕШ ДА ЈА КОРИСТИШ СЛОБОДНАТА ВОЛЈА?

6. Наведи пример кој покажува зошто е потребно нашата слобода да има граници.

6 Дали ограничената слобода може да се нарече вистинска слобода? Да, може. Зошто? Затоа што границите можат да нѐ заштитат. На пример, замисли си дека сакаш да возиш со кола до некој подалечен град. Дали ќе се чувствуваш сигурно доколку нема сообраќајни правила и секој сам одлучува колку брзо и на која страна од патот ќе вози? Најверојатно не. За да можеме потполно да уживаме во благословите од вистинската слобода, потребно е таа да има граници. Да разгледаме неколку библиски примери кои ќе ни покажат колку е мудро да ја користиме слободната волја во границите што ни ги поставил Јехова.

7. а) Која била една од разликите меѓу Адам и животните? б) Како Адам ја користел слободната волја на исправен начин?

 7 Кога го создал првиот човек, Адам, Јехова му го дал истиот дар што им го дал на ангелите — слободната волја. Но, Јехова не им дал слободна волја на животните. Како Адам го користел овој дар на исправен начин? Тој добил една убава задача од Јехова — да им даде имиња на животните. Бог ги доведувал пред него „за да види како ќе го нарече секое суштество“. Откако го набљудувал секое животно, Адам му давал соодветно име. Јехова го прифатил неговиот избор. Во Библијата пишува: „Како што човекот ќе го наречеше секое од нив, секоја жива душа, така му беше името“ (1. Мој. 2:19).

8. Како Адам ја злоупотребил слободната волја, и со какви последици?

8 Адам требало да ја претвори Земјата во рај. Јехова му рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мој. 1:28). За жал, Адам одлучил да јаде од забранетиот плод и со тоа ги пречекорил границите што му ги поставил Јехова. Бидејќи ја злоупотребил слободната волја, луѓето страдаат веќе илјадници години (Рим. 5:12). Никогаш да не ги заборавиме горките последици од одлуката на Адам. Тоа ќе нѐ поттикне да ја користиме слободната волја на исправен начин и во границите што ни ги поставил Јехова.

9. Каква можност им дал Јехова на Израелците, и што му ветиле тие?

9 Сите луѓе наследиле несовршеност и смрт од своите прародители, Адам и Ева. Сепак, секој човек има право да ја користи својата слободна волја. Ова се гледа од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците. Тој им дал можност да изберат дали ќе станат негова најмила сопственост (2. Мој. 19:3-6). Како реагирале тие? Израелците прифатиле да го прават она што Бог го барал од нив и да станат негов народ. Тие едногласно изјавиле: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме“ (2. Мој. 19:8). За жал, подоцна ја злоупотребиле слободната волја и го прекршиле ова ветување. Од нивниот пример учиме колку е важно да покажеме дека ја цениме слободната волја што ни ја дал Јехова така што ќе останеме блиски со него и ќе му бидеме послушни (1. Кор. 10:11).

10. Кои примери покажуваат дека е можно несовршени луѓе да ја користат слободната волја за да го слават Бог? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Во Евреите поглавје 11 се спомнати 16 верни Божји слуги кои ја користеле слободната волја во границите што им ги поставил Јехова. Како резултат на тоа, тие имале многу благослови, а ги очекува и прекрасна иднина. На пример, Ное покажал голема вера и решил да ги следи Божјите упатства додека ја градел арката за да го спаси своето семејство, како и идните генерации (Евр. 11:7). Авраам и Сара спремно го послушале Бог и се преселиле во земјата што им ја ветил. Откако тргнале на тој далечен пат, „имале можност да се вратат“ во Ур. Сепак, не го сториле тоа бидејќи постојано мислеле на она што им го ветил Бог (Евр. 11:8, 13, 15, 16). Мојсеј ги отфрлил богатствата на Египет затоа што повеќе сакал „да биде малтретиран заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите грешни задоволства“ (Евр. 11:24-26). Да ги следиме овие примери од минатото и  да покажеме дека ја цениме нашата слободна волја така што ќе ја користиме за да го радуваме Јехова.

11. а) Кој е еден од најголемите благослови што ги носи слободната волја? б) Што те поттикнува да ја користиш слободната волја на исправен начин?

11 Можеби ни се чини дека е полесно некој друг да донесува одлуки за нас. Но, така никогаш нема да доживееме еден од најголемите благослови што ги носи слободната волја. Од 5. Мојсеева 30:19, 20 дознаваме кој е тој благослов. (Прочитај.) Во стих 19 пишува дека Бог им дал на Израелците избор. Во стих 20 читаме дека им дал можност да покажат колку го сакаат. И ние можеме да избереме да му служиме на Јехова. Освен тоа, имаме прекрасна можност да ја користиме слободната волја за да го славиме и да му покажеме колку го сакаме.

НЕ ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВАЈ СЛОБОДНАТА ВОЛЈА

12. Како не треба никогаш да ја користиме слободната волја?

12 Замисли дека си му дал скапоцен подарок на некој пријател. Како би се чувствувал ако тој го фрли подарокот или, пак, што е уште полошо, ако го користи за да му наштети некому? Сигурно ќе ти биде тешко. Слободната волја ни е дар од Јехова. Замисли како се чувствува тој кога гледа како луѓето ја злоупотребуваат својата слобода и носат погрешни одлуки или им наштетуваат на другите. Библијата вели дека во „последните денови“ луѓето ќе бидат неблагодарни (2. Тим. 3:1, 2). Тогаш, како можеме да покажеме благодарност за скапоцениот дар што сме го добиле од Јехова? Што ќе ни помогне да не го злоупотребиме?

13. Што ќе ни помогне да не ја злоупотребуваме слободната волја?

13 Секој од нас има право да избере со кого ќе се дружи, каква облека ќе носи и како ќе се забавува. Сепак, некој би можел да ја користи својата слобода како изговор кога носи одлуки што не му се допаѓаат на Бог или кога постапува како луѓето во светот. (Прочитај 1. Петрово 2:16.) Наместо да ја користиме нашата слобода за погрешни работи, треба да ја користиме за да правиме „сѐ за Божја слава“ (1. Кор. 10:31; Гал. 5:13).

14. Зошто довербата во Јехова ќе ни помогне да не ја злоупотребиме слободната волја?

 14 Јехова рекол: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“ (Иса. 48:17). Треба да имаме доверба во Јехова и да ги прифатиме границите што тој ни ги поставил за да можеме да носиме мудри одлуки. Мора понизно да признаеме дека „патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Ерем. 10:23). И Адам и неверните Израелци одлучиле да ги пречекорат границите што ги поставил Јехова и се потпирале на себеси. Никогаш да не дозволиме да паднеме во таа замка! Наместо да се потпираме на себе, да имаме „доверба во Јехова со сето свое срце“ (Изр. 3:5).

ПОЧИТУВАЈ ЈА СЛОБОДНАТА ВОЛЈА НА ДРУГИТЕ

15. Што учиме од начелото запишано во Галатите 6:5?

15 Една од границите што Јехова ни ги поставил е дека мора да го почитуваме правото на другите да носат свои одлуки. Бидејќи секој човек има слободна волја, не е можно сите христијани да носат потполно исти одлуки. Тука спаѓаат и одлуките поврзани со нашето однесување и службата за Јехова. Да се потсетиме на начелото запишано во Галатите 6:5. (Прочитај.) Ако сфатиме дека секој христијанин носи одговорност за своите одлуки, ќе ја почитуваме слободната волја на другите.

Имаме право самите да носиме одлуки, но не треба да ги принудуваме другите да носат исти одлуки како нас (Види во пасус 15)

16, 17. а) Каков проблем се појавил во Коринт? б) Како Павле им помогнал на тамошните христијани, и што учиме од тоа?

16 Да разгледаме еден библиски пример кој покажува зошто треба да ја почитуваме слободната волја на соверниците. Меѓу христијаните во Коринт се појавил спор во врска со тоа дали да јадат месо кое било жртвувано на идоли, а кое подоцна се продавало на пазар. Совеста на некои христијани им дозволувала да јадат од месото затоа што идолите за нив немале никакво значење. Но, за оние што порано обожавале идоли, да се јаде такво месо било исто како да се врши идолопоклонство (1. Кор. 8:4, 7). Ова било сериозен проблем кој можел да води до поделби во собранието. Како апостол Павле им помогнал на христијаните да го имаат Божјето гледиште за оваа работа?

17 Прво, Павле ги потсетил и двете групи дека храната нема да ги зближи со Јехова (1. Кор. 8:8). Второ, им рекол дека не треба да дозволат нивното право на избор да им „стане камен за спрепнување на слабите“ (1. Кор. 8:9). Трето, им кажал на оние што имале слаба совест да не ги осудуваат оние што јадат такво месо (1. Кор. 10:25, 29, 30). Значи, секој морало на темел на својата совест да одлучи што ќе прави. Штом христијаните во првиот век требало да донесат лична одлука во врска со вакви важни работи поврзани со службата за Јехова, зарем не треба ние денес да го почитуваме правото на нашите соверници да донесат лична одлука за работи кои не се толку важни? (1. Кор. 10:32, 33).

18. Како ќе покажеш дека ја цениш слободната волја што ти ја дал Јехова?

18 Јехова ни дал слободна волја, а таа ни носи вистинска слобода (2. Кор. 3:17). Ние го цениме тој скапоцен дар затоа што ни овозможува да носиме одлуки кои покажуваат колку многу го сакаме нашиот Бог. Затоа да бидеме решени и понатаму да го славиме Јехова со своите одлуки и да го почитуваме правото на другите да изберат како ќе ја користат слободната волја.