Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2017

Имај доверба во Јехова и прави добро

Имај доверба во Јехова и прави добро

Имај доверба во Јехова, прави добро и постапувај верно (ПС. 37:3)

ПЕСНИ: 133, 63

1. Какви способности им дал Јехова на луѓето?

ЈЕХОВА нѐ создал со извонредни способности. Ни дал способност да размислуваме, која ни помага да решаваме проблеми и да планираме (Изр. 2:11). Ни дал сила за да можеме да го направиме она што сме го испланирале и да ги оствариме нашите цели (Фил. 2:13). Ни дал и совест, односно внатрешно чувство кое ни кажува што е исправно, а што погрешно. Совеста ни помага да внимаваме да не направиме грев. Но, доколку ни се случи да згрешиме, совеста ни помага да се поправиме (Рим. 2:15).

2. Како Јехова сака да ги користиме нашите способности?

2 Јехова очекува од нас да ги користиме нашите способности на исправен начин. Зошто? Бидејќи многу нѐ сака и знае дека така ќе бидеме среќни. На пример, во Хебрејските списи пишува: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ и „сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила“ (Изр. 21:5, фус.; Проп. 9:10). А во Грчките списи пишува: „Додека имаме можност  за тоа, да им правиме добро на сите“ и „служете си еден на друг — секој со дарот што го примил“ (Гал. 6:10; 1. Пет. 4:10). Ова јасно покажува дека Јехова сака да ги користиме способностите за наше добро и за доброто на другите.

3. Какви ограничувања имаат луѓето?

3 Од друга страна, Јехова знае дека имаме ограничувања. На пример, не можеме да ги отстраниме несовршеноста, гревот и смртта. Исто така, немаме контрола над другите луѓе бидејќи секој има право сам да донесува одлуки (1. Цар. 8:46). Освен тоа, без разлика колкаво знаење или искуство имаме, секогаш ќе бидеме како деца во споредба со Јехова (Иса. 55:9).

Кога ќе се соочиш со проблеми, „имај доверба во Јехова и прави добро“

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Секогаш треба да бараме водство од Јехова со доверба дека тој ќе нѐ поддржува и ќе го направи за нас она што самите не можеме. Сепак, Јехова очекува од нас да правиме сѐ што можеме за да ги решаваме своите проблеми и да им помагаме на другите. (Прочитај Псалм 37:3.) Треба да имаме доверба во Јехова, но и да правиме добро, односно да постапуваме верно. Што ќе ни помогне во овој поглед? Да го разгледаме примерот на Ное, Давид и други верни Божји слуги кои се потпирале на Јехова. Ќе видиме дека, иако имало работи што не можеле да ги направат, тие се концентрирале на она што можеле да го направат.

ДОДЕКА ЖИВЕЕМЕ ВО ОВОЈ ЗЛОБЕН СВЕТ

5. Во каква ситуација се наоѓал Ное?

5 Во времето на Ное, светот бил полн со насилство и неморал (1. Мој. 6:4, 9-13). Иако знаел дека ќе дојде време кога Јехова ќе го уништи тој злобен свет, Ное сигурно бил вознемирен поради она што го правеле луѓето. Тој бил свесен дека има работи што не може да ги направи во таа ситуација, но и дека има работи што може да ги направи.

Противење во служба (Види во пасуси 6-9)

6, 7. а) Што не можел да направи Ное? б) Во кој поглед нашата ситуација е слична со ситуацијата на Ное?

6 Што не можел да направи Ное: Тој верно проповедал, односно ги предупредувал луѓето за она што Јехова имал намера да го стори. Но, не можел да ги натера да ја прифатат пораката што ја проповедал, а не можел ни да предизвика  Потопот да дојде порано. Ное морал да има доверба дека Јехова ќе го исполни своето ветување и дека ќе ѝ стави крај на злобата токму во вистинското време (1. Мој. 6:17).

7 И ние живееме во злобен свет кој Јехова има намера да го уништи (1. Јов. 2:17). Исто така, не можеме да ги натераме луѓето да ја прифатат добрата вест за Царството. А не можеме ни да предизвикаме големата неволја да започне порано (Мат. 24:14, 21). Слично на Ное, и ние мора да имаме цврста вера дека Бог наскоро ќе му стави крај на сето зло (Пс. 37:10, 11). Уверени сме дека Јехова нема да дозволи овој расипан свет да трае ниту еден ден подолго од времето што го одредил (Авак. 2:3).

8. На што се концентрирал Ное? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 Што можел да направи Ное: Тој не се разочарал поради она што не можел да го направи, туку се концентрирал на она што можел да го направи. Ное истрајно проповедал дека Јехова ќе му стави крај на тогашниот свет (2. Пет. 2:5). Тоа сигурно му помогнало да задржи цврста вера. Освен што проповедал, Ное ги користел своите физички и умствени способности за да изврши уште една задача што му ја дал Јехова — да изгради арка. (Прочитај Евреите 11:7.)

9. Како можеме да го следиме примерот на Ное?

9 Слично како Ное, и ние сме зафатени „во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58). На пример, можеби помагаме околу изградбата и одржувањето на салите за состаноци или конгресните сали, можеби служиме како доброволци на собирите и конгресите или, пак, служиме во некоја подружница или преведувачка канцеларија. Што е најважно, зафатени сме со проповедничкото дело, а тоа ни ја зајакнува надежта за иднината. Една сестра рекла: „Кога разговарам со другите за благословите што ќе ги донесе Божјето Царство, сфаќам дека луѓето немаат надеж и дека не гледаат никаков излез од своите проблеми“. За разлика од другите луѓе, ние имаме прекрасна надеж, а кога учествуваме во делото на проповедање таа станува уште поцврста и ни помага да останеме во трката за живот (1. Кор. 9:24).

 АКО НАПРАВИМЕ ГРЕВ

10. Во каква ситуација се нашол Давид?

10 Цар Давид бил верен Божји слуга кого Јехова многу го сакал (Дела 13:22). Сепак, тој направил неколку тешки гревови. Како прво, извршил прељуба со Витсавеа. А што е уште пострашно, се обидел да го скрие својот грев така што наместил Урија, мажот на Витсавеа, да биде убиен во битка. Давид дури му дал на Урија самиот да го носи писмото во кое пишувало како да биде убиен (2. Сам. 11:1-21). Со текот на времето, гревовите на Давид биле разоткриени (Мар. 4:22). Како реагирал Давид кога се случило тоа?

Поранешни гревови (Види во пасуси 11-14)

11, 12. а) Што не можел да направи Давид откако згрешил? б) Што ќе направи Јехова за нас ако се покаеме за нашите гревови?

11 Што не можел да направи Давид: Тој не можел да го врати времето назад и да ги избегне своите грешки. Исто така, не можел да ги избегне последиците. Всушност, некои од последиците морал да ги трпи до крајот на својот живот (2. Сам. 12:10-12, 14). Поради тоа, на Давид му била потребна вера. Морал да има доверба дека, затоа што вистински се покајал, Јехова ќе му прости и ќе му помогне да се справи со последиците од своите постапки.

12 Бидејќи сме несовршени, сите ние грешиме. Сепак, некои грешки се посериозни, а има и грешки кои не можеме да ги поправиме. Можеби ќе мора да живееме со последиците од нашите постапки (Гал. 6:7). Но, имаме доверба во ветувањето на Бог дека, ако се покаеме, тој ќе ни помага полесно да ги поднесеме последиците, дури и кога самите сме виновни за нив (Прочитај Исаија 1:18, 19; Дела 3:19.)

13. Како Давид си го поправил својот однос со Јехова?

13 Што можел да направи Давид: Тој сакал повторно да стане близок со Бог. Затоа му дозволил на Јехова да му помогне. На пример, го прифатил укорот од пророкот Натан (2. Сам. 12:13). Исто така, во молитва му ги признал своите гревови на Јехова и ја изразил својата искрена желба да ја стекне неговата милост (Пс. 51:1-17). Давид не дозволил да го надвладеат чувствата на вина, туку учел од своите грешки. Никогаш повеќе не ги повторил тие тешки гревови. Со години подоцна, тој умрел како верен Божји слуга кој останал во Јеховиното сеќавање (Евр. 11:32-34).

14. Што можеме да научиме од примерот на Давид?

14 Што можеме да научиме од примерот на Давид? Ако направиме тежок грев, треба искрено да се покаеме, да му го признаеме гревот на Јехова и да го молиме да ни прости (1. Јов. 1:9). Треба да им кажеме и на старешините бидејќи тие можат да ни помогнат да си го поправиме односот со Јехова. (Прочитај Јаков 5:14-16.) Кога ја прифаќаме помошта од Бог, покажуваме доверба во неговото ветување дека ќе ни прости. Освен тоа, треба да учиме од своите грешки и да продолжиме непоколебливо да му служиме на Јехова (Евр. 12:12, 13).

ВО ДРУГИ СИТУАЦИИ

Здравствени проблеми (Види во пасус 15)

15. Што можеме да научиме од примерот на Ана?

15 Веројатно можеш да се сетиш и на други верни Божји слуги од минатото кои покажале доверба во Јехова додека во исто време правеле сѐ што можеле во своите околности. На пример, Ана не можела да има деца и немала моќ да ја смени својата ситуација. Но, имала доверба дека Јехова ќе ѝ даде утеха. Затоа и понатаму одела во светиот шатор и во молитва му кажувала на Јехова како се чувствува (1. Сам. 1:9-11). Колку убав пример ни оставила Ана! Кога се соочуваме со здравствени проблеми  или со други тешкотии над кои немаме никаква контрола, ние му ги префрламе нашите грижи на Јехова со доверба дека тој ќе ни помага (1. Пет. 5:6, 7). Освен тоа, се трудиме да извлечеме колку што е можно поголема корист од собраниските состаноци и од сѐ друго што добиваме од Божјата организација (Евр. 10:24, 25).

Деца кои ја напуштиле вистината (Види во пасус 16)

16. Што можат родителите да научат од Самоил?

16 А како е со родителите чии деца престанале да му служат на Јехова? Пророкот Самоил не можел да ги принуди своите возрасни синови да му останат верни на Бог (1. Сам. 8:1-3). Морал да ги остави работите во Јеховини раце. Меѓутоа, направил сѐ што можел за самиот да му остане верен на Бог и да го радува својот небесен Татко (Изр. 27:11). Денес, многу родители кои се Јеховини сведоци можеби се наоѓаат во слична ситуација. Тие имаат доверба дека, исто како таткото од споредбата за расипничкиот син, Јехова со раширени раце чека да му се вратат оние што се каат поради гревот што го направиле (Лука 15:20). Во исто време, родителите можат да се трудат да му останат верни на Бог и да се надеваат дека со својот пример ќе ги поттикнат децата да му се вратат.

Финансиски проблеми (Види во пасус 17)

17. Каков пример ни оставила сиромашната вдовица?

17 Друг добар пример е сиромашната вдовица од времето на Исус. (Прочитај Лука 21:1-4.) Таа не можела да стори ништо во врска со корупцијата во храмот, а не можела ни да си ја подобри финансиската состојба (Мат. 21:12, 13). Но, довербата во Јехова ја поттикнала да го поддржува обожавањето на вистинскиот Бог. Таа била великодушна и приложила „две парички“, односно сѐ што имала за живот. Оваа сиромашна вдовица покажала потполна доверба во Јехова. Знаела дека, ако ги стави духовните работи на прво место, тој ќе се погрижи да го има она што ѝ е потребно. Слично на тоа, и ние имаме доверба дека, ако го ставиме Божјето Царство на прво место во животот, Јехова ќе се погрижи да го имаме она што ни е неопходно во материјален поглед (Мат. 6:33).

18. Наведи пример за еден брат кој имал исправен став.

18 Многу наши браќа и сестри денес покажуваат слична доверба во Јехова. Тие се концентрираат на она што можат да го направат, а не на она што не можат. Да го разгледаме примерот на брат Малком, кој му останал верен на Бог до својата смрт во 2015 год. Заедно со својата сопруга му служеле на Јехова со децении. Во тој период доживеале многу убави, но и тешки моменти. Малком рекол: „Понекогаш животот може да биде несигурен, непредвидлив, па дури и тежок. Но Јехова ги благословува оние што се потпираат на него“. Тој го дал следниов совет: „Моли го Јехова да ти помогне да му служиш најдобро што можеш. Размислувај за она што можеш да го правиш, а не за она што не можеш“. *

19. а) Зошто е соодветен годишниот стих за 2017? б) Како ќе ги примениш зборовите од годишниот стих за 2017?

19 Состојбата во овој злобен свет оди „од лошо на полошо“, и затоа можеме да очекуваме дека ќе доживееме сѐ поголеми тешкотии (2. Тим. 3:1, 13). Денес, повеќе од кога и да било порано е важно да не дозволиме нашите проблеми да нѐ совладаат. Наместо тоа, треба да имаме силна доверба во Јехова и да се концентрираме на она што можеме да го направиме. Токму затоа е соодветен годишниот стих за 2017 кој гласи: „Имај доверба во Јехова и прави добро“ (Пс. 37:3).

^ пас. 18 Стражарска кула, 15 октомври 2013, стр. 17-20.

Годишен стих за 2017: Имај доверба во Јехова и прави добро (Псалм 37:3)