Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2016

,Духот сведочи со нашиот дух‘

,Духот сведочи со нашиот дух‘

„Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји“ (РИМ. 8:16)

ПЕСНИ: 109, 108

1-3. а) Зошто Педесетница бил посебен ден? б) Како со настаните кои се случиле тогаш се исполнило она што било проречено во светите списи? (Види ја сликата погоре.)

ПЕДЕСЕТНИЦА ЗЗ год. од н.е. бил свет празник за оние што дошле во Ерусалим. Тој посебен ден го означувал почетокот на жетвата на пченицата. Истото утро, првосвештеникот ги принел редовните жртви во храмот. А потоа, околу девет часот, принел нишана жртва — два леба со квасец кои биле замесени од првините на пченицата (3. Мој. 23:15-20).

2 Со векови, оној што служел како првосвештеник во Израел принесувал ваква нишана жртва секоја година. Оваа жртва била тесно поврзана со нешто многу важно што токму тоа утро им се случило на околу 120 ученици на Исус. Тие биле собрани во една горна соба во Ерусалим, каде што ‚истрајно му се молеле‘ на Бог (Дела 1:13-15). Тој ден, на нив се исполнило едно пророштво кое 800 години пред тоа го кажал пророкот Јоил (Јоил 2:28-32; Дела 2:16-21). Зошто овој настан бил од толку голема важност?

 3 Прочитај Дела 2:2-4. Бог го излеал својот свет дух врз оваа група ученици (Дела 1:8). Наскоро околу нив се собрало мноштво народ, и учениците почнале да му зборуваат за величествените Божји дела. Апостол Петар им објаснил на насобраните луѓе што значи и колку е важно она кое штотуку го виделе и чуле. Тој им се обратил со следниве зборови: „Покајте се и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за да му бидат простени гревовите, и ќе го примите бесплатниот дар на светиот дух“. Тој ден, околу 3.000 души се одѕвале на овој повик, се крстиле и го примиле ветениот свет дух (Дела 2:37, 38, 41).

4. а) Зошто треба да знаеме што се случувало на Педесетница? б) Кој друг важен настан веројатно се случил на истиот ден со векови пред тоа? (Види ја фуснотата.)

4 Што претставувале првосвештеникот и жртвата која тој ја принесувал секоја Педесетница? Првосвештеникот го претставувал Исус, а лебовите ги претставувале неговите помазани ученици. Тие биле избрани од грешните луѓе за да станат усвоени Божји синови, и Библијата ги нарекува „првини“ (Јак. 1:18). Овие помазаници ќе владеат заедно со Исус на небото како дел од Божјето Царство, кое ќе им донесе безброј благослови на сите послушни луѓе (1. Пет. 2:9). Според тоа, сеедно дали имаме надеж да бидеме со Исус на небото или да живееме засекогаш во рајот на Земјата, настаните што се случиле на Педесетница 33 год. од н.е. се од голема важност за нас! [1]

ШТО СЕ СЛУЧУВА КОГА НЕКОЈ Е ПОМАЗАН?

5. Од каде знаеме дека сите помазаници не го добиваат своето помазание на потполно ист начин?

5 Учениците кои биле во горната соба во Ерусалим никогаш не го заборавиле тој ден. Над секого од нив се појавило нешто како пламен јазик. Исто така, Јехова им дал и способност да зборуваат на други јазици. Тие немале ни трошка сомнеж дека биле помазани (Дела 2:6-12). Но, дали сите што се помазани со свет дух добиваат помазание на ист впечатлив начин како што добиле тие 120-тина ученици? Не. Неколкуте илјади луѓе во Ерусалим кои истиот ден го прифатиле она што го зборувал Петар биле помазани при своето крштавање (Дела 2:38). Но, над нивните глави немало нешто што личело на пламени јазици. Освен тоа, сите помазани христијани не добиваат помазание при своето крштавање. На пример, Самарјаните биле помазани со свет дух некое време откако се крстиле (Дела 8:14-17). А во еден посебен случај, Корнелиј и неговите домашни биле помазани со свет дух уште пред да бидат крстени (Дела 10:44-48).

6. Што се случува со сите помазаници, и како ова влијае врз нив?

6 Според тоа, помазувањето не е исто кај сите помазаници. На некои од нив светиот дух наеднаш им открива дека добиле небесен повик, а на други им помага постепено да го сфатат тоа. Апостол Павле објаснил што се случува со секој од нив, кога им рекол: „Откако поверувавте, бевте запечатени со ветениот свет дух, кој е залог на нашето наследство“ (Еф. 1:13, 14). Значи, Јехова го користи својот свет дух за јасно да им стави до знаење на тие христијани дека ги избрал да одат на небото. На тој начин, светиот дух служи како „залог“, или еден вид капар, односно гаранција за она што ќе дојде. Поради тоа, помазаните христијани се цврсто уверени дека имаат можност да живеат на небото, а не на Земјата. (Прочитај 2. Коринќаните 1:21, 22; 5:5.)

7. Што треба да прави секој помазан христијанин за да ја добие својата награда на небото?

 7 Кога некој христијанин е помазан, дали тоа значи дека сигурно ќе добие небесна награда? Не. Тој е сигурен дека е повикан да оди на небото. Но, дали на крајот ќе ја добие таа награда или не, зависи од тоа дали ќе му остане верен на Јехова. Петар го објаснил ова со следниве зборови: „Затоа, браќа, уште повеќе дајте сѐ од себе за да ги потврдите својот позив и избор, зашто ако го правите тоа, никогаш нема да паднете. Всушност, на тој начин ќе ви биде великодушно овозможено да влезете во вечното царство на нашиот Господар и Спасител Исус Христос“ (2. Пет. 1:10, 11). Според тоа, секој помазан христијанин треба и понатаму да дава сѐ од себе за да остане верен. Во спротивно, нема да има никаква корист од својот небесен повик (Евр. 3:1; Отк. 2:10).

КАКО НЕКОЈ ЗНАЕ ДАЛИ Е ПОМАЗАН?

8, 9. а) Зошто на повеќето Божји слуги им е тешко да разберат што се случува кога некој е помазан? б) Како некој знае дека добил повик за небесен живот?

8 На повеќето Божји слуги денес им е тешко да разберат што се случува кога некој е помазан од Бог. Ова е сосема нормално бидејќи самите не го искусиле тоа. Впрочем, Божјата првобитна намера била луѓето да живеат засекогаш на Земјата, а не на небото (1. Мој. 1:28; Пс. 37:29). Дури подоцна Јехова одлучил да избере некои од Земјата за да владеат како цареви и свештеници од небото. Но, ова било исклучок. Кога некој е помазан, се менува неговата надеж и начинот на кој размислува за иднината. (Прочитај Ефешаните 1:18.)

9 Но, како некој знае дека добил небесен повик? Одговорот јасно се гледа од зборовите што Павле им ги напишал на помазаните браќа во Рим, кои биле „повикани да бидат свети“. Тој им рекол: „Вие не примивте дух на ропството, за повторно да се плашите, туку примивте дух на посинувањето, кој нѐ поттикнува да викаме: ‚Ава, Татко!‘ Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји“ (Рим. 1:7; 8:15, 16). Со други зборови, преку својот свет дух, Бог јасно му става до знаење на христијанинот дека е повикан да владее заедно со Исус во небесното Царство (1. Сол. 2:12).

10. Што сакал да каже Јован кога напишал дека ‚нема потреба никој да ги поучува‘ помазаните христијани?

10 На оние што го добиле овој посебен повик од Бог не им е потребно некој друг да им го потврди тоа. Јехова не остава апсолутно никаков сомнеж во нивниот ум и срце. Апостол Јован им го вели следново на помазаните христијани: „Вие имате помазание од Светиот, сите вие ја знаете вистината“. А потоа додава: „Во вас останува помазанието, кое го примивте од него, и никој не треба да ве поучува, туку помазанието од него ве учи за сѐ — а тоа е вистинито и не е лага — и како што ве поучи, останете во единство со Него“ (1. Јов. 2:20, 27). Во која смисла никој не треба да ги поучува помазаниците? Се разбира, ним им се потребни духовни поуки како и на сите други. Но, не им треба некој друг да им потврди дека се помазани. Ова уверување им го дава светиот дух — најмоќната сила во вселената!

ТИЕ СЕ ‚ПОВТОРНО РОДЕНИ‘

11, 12. Што можеби се прашува еден помазан христијанин, но во што воопшто не се сомнева?

11 Кога светиот дух ќе му го даде ова уверување, помазаниот христијанин доживува длабоки промени. Таа  внатрешна преобразба е толку голема што Исус ја споредил со ‚повторно раѓање‘ [2] (Јован 3:3, 5). Тој му го рекол следново на Никодим: „Не чуди се што ти реков: ‚Мора да се родите повторно‘. Ветрот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Таков е секој што е роден од духот“ (Јован 3:7, 8). Според тоа, не е возможно во потполност да им се објасни небесниот повик на оние што не се помазани.

12 Оние што се помазани можеби се прашуваат: ‚Зошто Јехова ме избра мене, а не некој друг?‘ Можеби дури сметаат дека не се достојни за таква чест. Сепак, воопшто не се сомневаат дека Јехова им упатил небесен повик. Нивните срца се прелеваат од радост и од благодарност за тој дар. Помазаниците се чувствуваат исто како Петар, кој под водство на светиот дух напишал: „Благословен да е Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос, зашто според своето големо милосрдие повторно нѐ роди за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за наследството што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее. Тоа е зачувано на небесата за вас“ (1. Пет. 1:3, 4). Кога помазаните христијани ги читаат овие зборови, тие се потполно сигурни дека нивниот небесен Татко им ги упатува лично ним.

13. Како се менува начинот на кој размислува оној што е помазан со свет дух, и што е причината за оваа промена?

13 Пред да го добијат ова лично сведоштво од Божјиот дух, овие христијани имале надеж за вечен живот на Земјата. Тие копнееле да дојде времето кога Јехова ќе го отстрани злото, и сакале да бидат меѓу оние кои ќе ја претворат нашата планета во рај. Можеби дури и си замислувале како ги пречекуваат своите најмили кои починале. Со нетрпение очекувале да живеат во куќи што ќе ги градат со свои раце, и да јадат од плодовите на дрвјата што сами ќе ги засадат (Иса. 65:21-23). Зошто почнале да размислуваат поинаку? Дали се премислиле затоа што се чувствувале потиштено или доживеале многу страдања? Дали одеднаш сфатиле дека ќе биде здодевно да живеат засекогаш на Земјата и дека нема да бидат среќни овде? Дали можеби сакале да видат како е да живеат на небото? Не. Бог ја предизвикал таа промена кај нив. Кога ги повикал, тој го употребил својот свет дух за да им ја промени надежта и начинот на размислување.

14. Како гледаат помазаните христијани на својот живот на Земјата?

14 Дали тогаш треба да заклучиме дека помазаниците сакаат да умрат? Под водство на Божјиот дух, апостол Павле го дал следниов одговор: „Всушност, ние, кои сме во овој шатор, воздивнуваме оптоварени, зашто наша желба не е да го соблечеме овој, туку да облечеме друг, за животот да го проголта она што е смртно“ (2. Кор. 5:4). Тие не сакаат овој живот да заврши што побрзо бидејќи изгубиле интерес за него. Напротив, уживаат во животот и сакаат да го користат секој ден за да му служат на Јехова со семејството и пријателите. Сепак, што и да прават, тие не можат а да не мислат на величествената надеж која Бог им ја ветил за иднината (1. Кор. 15:53; 2. Пет. 1:4; 1. Јов. 3:2, 3; Отк. 20:6).

ДАЛИ ЈЕХОВА ТЕ ПОВИКАЛ ТЕБЕ?

15. Што не е доказ дека некој е помазан со свет дух?

15 Се прашуваш ли дали Јехова и тебе ти го упатил овој прекрасен повик? Ако си мислиш дека можеби си повикан, размисли за следниве важни прашања: Дали чувствуваш посебна  ревност во службата? Дали длабоко ја проучуваш Божјата Реч, и дали уживаш да ги истражуваш „Божјите длабочини“? (1. Кор. 2:10). Дали чувствуваш дека Јехова посебно те благословува во службата? Дали во тебе гори силна желба да ја вршиш Божјата волја? Дали многу ги сакаш другите, и дали длабоко во себе чувствуваш одговорност да им помагаш во духовен поглед? Дали си видел докази дека Јехова лично ти помага во животот? Ако на сите овие прашања одговориш потврдно, дали тоа значи дека имаш небесен повик? Не. Зошто? Затоа што вакви чувства немаат само оние што се помазани. Преку светиот дух, Јехова дејствува подеднакво во животот и на помазаниците и на оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Всушност, ако се прашуваш дали си добил небесен повик, самото тоа покажува дека не си го добил. Оние што Јехова ги избрал не се прашуваат дали се повикани или не. Тие го знаат тоа!

16. Од каде знаеме дека некои од оние на кои Јехова им го давал својот дух не се повикани за небесен живот?

16 Во Библијата има многу примери на верни лица на кои Јехова им го давал својот свет дух иако немале надеж за живот на небото. Еден од нив бил Јован Крстител. Исус рекол дека никој од луѓето не бил поголем од Јован, но дека тој сепак нема да владее како цар на небото (Мат. 11:10, 11). Божјиот дух го водел и Давид (1. Сам. 16:13). Тој му помогнал да ги разбере длабоките работи за Јехова и да напише делови од Библијата (Мар. 12:36). Сепак, на Педесетница, Петар рекол дека ‚Давид не се вознел на небото‘ (Дела 2:34). Јехова го користел светиот дух за да им даде на овие свои слуги моќ да прават неверојатни работи, но не го употребил за да ги повика за небесен живот. Дали ова значи дека немале доволно вера или дека не биле достојни да владеат на небото? Не. Едноставно, Јехова ќе ги воскресне да живеат во рајот на Земјата (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).

17, 18. а) Каква награда очекуваат повеќето Божји слуги денес? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?

17 Повеќето Божји слуги денес немаат небесен повик. Тие имаат иста надеж како Давид, Јован Крстител и други верни Јеховини слуги од минатото. Слично на Авраам, тие со радост очекуваат да живеат како поданици на Божјето Царство (Евр. 11:10). Во ова време на крајот, на Земјата има само мал остаток од оние што се повикани за небесен живот (Отк. 12:17). Тоа значи дека најголемиот дел од 144-те илјади избрани верни помазаници веќе го завршиле својот живот на Земјата.

18 Тогаш, како треба да гледаат Божјите слуги кои имаат земна надеж на некој што тврди дека има надеж за живот на небото? Како треба да реагираш ако некој од твоето собрание почне да зема од симболите на Спомен-свеченоста? Што ако продолжи да расте бројот на оние кои тврдат дека имаат небесен повик? Дали тоа треба да те загрижува? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.

^ [1] (пасус 4) Празникот Педесетница веројатно се славел на истиот ден во годината кога Јехова му го дал Законот на Мојсеј на планината Синај (2. Мој. 19:1). Ако е така, тогаш Исус Христос посредувал во новиот сојуз што Јехова го склучил со духовниот Израел на истиот ден во годината на кој Мојсеј послужил како посредник во сојузот на Законот меѓу Јехова и Израелците.

^ [2] (пасус 11) Додатни информации за тоа што значи некој повторно да е роден има во Стражарска кула од 1 април 2009, стр. 3-11.