Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2016

Бидете решени ‚братската љубов и понатаму да владее меѓу вас‘!

Бидете решени ‚братската љубов и понатаму да владее меѓу вас‘!

„Братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас“ (ЕВР. 13:1)

ПЕСНИ: 72, 119

1, 2. Зошто Павле им напишал писмо на еврејските христијани?

ВО 61 год. од н.е., христијанските собранија во Израел живееле во релативен мир. Иако апостол Павле бил во затвор во Рим, се надевал дека наскоро ќе биде пуштен на слобода. Неговиот соработник Тимотеј веќе бил ослободен, и тие планирале да ги посетат своите соверници во Јудеја (Евр. 13:23). Но, христијаните во Јудеја, а особено оние што живееле во Ерусалим, ги очекувало тешко време. По само пет години, Ерусалим ќе бил „опколен од улогорени војски“, токму како што прорекол Исус. Тој ги предупредил своите ученици дека ќе треба да побегнат оттаму веднаш штом ќе видат дека овие настани почнуваат да се исполнуваат (Лука 21:20-24).

2 Во текот на 28-те години откако Исус го кажал тоа пророштво, еврејските христијани кои живееле во Израел му останале верни на Јехова иако претрпеле големо противење и прогонство (Евр. 10:32-34). Сепак, Павле знаел дека наскоро ќе се соочат со еден од најтешките испити на својата вера  (Мат. 24:20, 21; Евр. 12:4). Тој сакал да бидат подготвени да се справат со какви и да било неволји на кои ќе наиделе. Ќе им била потребна голема истрајност, како и многу цврста вера која ќе им помогнела да си го спасат животот. (Прочитај Евреите 10:36-39.) Затоа, поттикнат од Јеховиниот дух, Павле им напишал на тие драги браќа и сестри едно писмо за да ги подготви за она што ќе се случи. Ова писмо сега е дел од Библијата и е познато како послание до Евреите.

3. Зошто треба да обрнеме внимание на посланието до Евреите?

3 Сите ние денес треба да обрнеме внимание на она што Павле им го напишал на тие еврејски христијани во првиот век. Зошто? Затоа што се наоѓаме во слична ситуација. Во текот на овие „особено тешки времиња“, Јеховиниот народ се соочил со најразлично противење и прогонство, но му останал верен на својот Бог (2. Тим. 3:1, 12). Денес, мнозина од нас живеат во релативен мир, и не трпат директно прогонство. Меѓутоа, слично на христијаните во времето на Павле, не смееме да го изгубиме од вид овој важен факт — наскоро ќе се соочиме со најтешкиот испит на нашата вера! (Прочитај Лука 21:34-36.)

4. Кој е годишниот стих за 2016 год., и зошто е соодветен?

4 Што ќе нѐ подготви за настаните кои нѐ очекуваат во многу блиска иднина? Во посланието до Евреите, Павле наведува повеќе работи што ќе ни помогнат да си ја зајакнеме верата. Во првиот стих од последното поглавје од ова послание е запишано едно многу важно потсетување. Таму Павле нѐ поттикнува: „Братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас“ (Евр. 13:1). Овие зборови се избрани за годишен стих за 2016 год.

Годишен стих за 2016 год.: „Братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас“ (Евреите 13:1)

ШТО Е БРАТСКАТА ЉУБОВ?

5. Што е братската љубов?

5 Што е братската љубов? Буквалниот превод на грчкиот збор филаделфија, кој го употребил Павле, е „наклоност кон братот“. Според тоа, може да се каже дека братската љубов е силна и срдечна приврзаност кон некој близок пријател или член на семејството (Јован 11:36). Ние не се преправаме дека сме браќа и сестри — ние сме браќа и сестри (Мат. 23:8). Павле многу убаво ја опишал ваквата силна меѓусебна приврзаност кога рекол: „Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг. Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Рим. 12:10). Братската љубов, заедно со агапе — љубовта која се темели на христијански начела — им помага на Божјите слуги да бидат блиски пријатели и да живеат во единство.

6. Кого вистинските христијани го сметаат за брат?

6 Изразот „братска љубов“ најчесто се среќава во христијанската литература. Во минатото, Евреите обично ги сметале за „браќа“ своите роднини, а понекогаш и некои други кои не биле членови на семејството. Но, зборот „брат“ никогаш не се однесувал на луѓе кои не биле Евреи. За разлика од нив, вистинските христијани го сметаат за свој брат секој соверник, без оглед на неговото национално потекло (Рим. 10:12). Јехова ги поучил сите свои слуги да се сакаат како браќа (1. Сол. 4:9). Но, зошто е многу важно и понатаму да покажуваме братска љубов?

ЗОШТО Е МНОГУ ВАЖНО И ПОНАТАМУ ДА ПОКАЖУВАМЕ БРАТСКА ЉУБОВ?

7. а) Која е најважната причина зошто треба да покажуваме братска љубов? б) Од која друга причина е важно уште повеќе да се сакаме еден со друг?

7 Пред сѐ, треба да покажуваме братска љубов затоа што Јехова го очекува  тоа од нас. Не можеме да тврдиме дека го сакаме Бог ако не ги сакаме нашите браќа (1. Јов. 4:7, 20, 21). Освен тоа, ние сме си потребни еден на друг, особено во време на неволја. Павле знаел дека некои од еврејските христијани на кои им го напишал своето писмо наскоро ќе требало да ги остават своите домови и материјални поседи. Исус објаснил колку тешко ќе било тоа време (Мар. 13:14-18; Лука 21:21-23). Затоа, тие христијани требало да се сакаат повеќе од кога и да било порано (Рим. 12:9).

8. Што треба да правиме сега, пред да започне големата неволја?

8 Наскоро ќе бидат пуштени разорните ветришта на најголемата неволја во човечката историја (Мар. 13:19; Отк. 7:1-3). Тогаш ќе треба да го послушаме следниов совет од Јехова: „Ајде, народе мој, влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Овие „соби“ можеби ги претставуваат нашите собранија. Таму се собираме како браќа и сестри за да го славиме Јехова. Но, не е доволно само редовно да одиме на состаноци. Павле ги потсетил еврејските христијани дека треба да ги користат таквите прилики да се поттикнуваат „кон љубов и кон добри дела“ (Евр. 10:24, 25). Треба уште сега да ја зајакнеме својата братска љубов, бидејќи таа ќе ни помогне да се справиме со сите испити и неволји со кои можеби ќе се соочиме во иднина.

9. а) Кои прилики ги имаме денес за да им покажеме на нашите браќа дека ги сакаме? б) Наведи примери за тоа како Јеховините слуги покажале братска љубов.

9 Уште сега, пред да избувне големата неволја, имаме многу прилики да покажеме колку ги сакаме нашите браќа. Голем број сохристијани се погодени од земјотреси, поплави, урагани, цунамија и други природни катастрофи. Некои браќа страдаат поради противење и прогонство (Мат. 24:6-9). Освен тоа, секојдневно се соочуваме со економски тешкотии затоа што живееме во овој расипан свет (Отк. 6:5, 6). Колку повеќе проблеми имаат нашите браќа толку повеќе прилики имаме да им покажеме дека многу ги сакаме. Иако „кај мнозина љубовта ќе олади“, ние мора и понатаму да покажуваме братска љубов (Мат. 24:12). [1]

КАКО МОЖЕ И ПОНАТАМУ ДА ПОКАЖУВАМЕ БРАТСКА ЉУБОВ?

10. Што ќе разгледаме сега?

10 И покрај многуте проблеми со кои се соочуваме, како да продолжиме да покажуваме братска љубов? Како може да докажеме дека имаме ваква љубов кон браќата? Откако рекол: „Братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас“, апостол Павле навел неколку начини на кои христијаните можат да го прават тоа. Да разгледаме шест од нив.

11, 12. Што е гостољубивоста, и како може да ја покажуваме? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 „Не заборавајте ја гостољубивоста.“ (Прочитај Евреите 13:2.) Зборот кој од изворниот јазик е преведен со „гостољубивост“ значи „љубов кон непознати“. Овој израз можеби нѐ потсетува на примерот на Авраам и на Лот. И двајцата покажале гостољубивост кон посетители кои не ги знаеле. Отпосле сфатиле дека тие, всушност, биле ангели (1. Мој. 18:2-5; 19:1-3). Павле се осврнал на овие примери за да ги охрабри еврејските христијани да покажуваат братска љубов со своето гостопримство.

12 Дали покажуваме гостољубивост со тоа што ги каниме другите на ручек или на дружење за меѓусебно да се охрабриме? Не мора да правиме некое  посебно јадење или да потрошиме многу пари за да покажеме гостољубивост. Освен тоа, не сакаме да ги каниме само оние што можат да ни возвратат на некој начин (Лука 10:42; 14:12-14). Наша цел треба да биде да ги охрабриме другите, а не да ги импресионираме. Иако можеби не ги познаваме добро покраинскиот надгледник и неговата жена, дали ги каниме на гости кога се во посета на нашето собрание? (3. Јов. 5-8). И покрај многуте обврски што ги имаме, никогаш да ‚не ја заборавиме гостољубивоста‘!

13, 14. Како може ‚да мислиме на оние што се во окови‘?

13 „Мислете на оние што се во окови.(Прочитај Евреите 13:3.) Овде Павле не се осврнал на какви и да било затвореници, туку зборувал за браќата кои биле в затвор поради својата вера. До моментот кога им ги напишал овие зборови на еврејските христијани, самиот тој бил во окови околу четири години (Фил. 1:12-14). Павле ги пофалил браќата затоа што ‚сочувствувале со оние што биле во затвор‘ (Евр. 10:34). Некои сохристијани му помагале и нему лично додека бил затворен. Но, други биле далеку од него. Тогаш, како можеле тие да му помогнат? Така што горливо ќе се молеле за него (Евр. 13:18, 19).

14 Денес многу Сведоци се во затвор поради својата вера. Браќата и сестрите кои се во нивна близина можат да им пружат практична помош. Но, многумина од нас живеат далеку од затворените браќа. Можеме да покажеме сочувство и братска љубов кон тие верни сохристијани со тоа што ќе ги имаме во мислите и постојано ќе го молиме Јехова за нив. На пример, дали се молиме за многуте браќа и сестри, а понекогаш дури и деца, кои се затворени во Еритреја, меѓу кои се и Паулос Ијасу, Исак Могос и Нагада Теклемаријам што се во затвор повеќе од 20 години?

15. Како може да покажеме почит кон нашиот брак?

15 „Бракот нека биде чесен меѓу сите.“ (Прочитај Евреите 13:4.) Можеме да покажеме братска љубов и така што ќе останеме морално чисти (1. Тим. 5:1, 2). На пример, ако некој направи неморал со соверник, ќе му нанесе штета нему и на неговото семејство. Ова ќе ја наруши довербата на која се темели нашата братска љубов (1. Сол. 4:3-8). Освен тоа, замисли си како ќе се чувствува една сопруга ако открие дека нејзиниот маж ја изневерува со тоа што гледа порнографија! Дали со таквото постапување покажува дека ја сака и дека го почитува нивниот брак? (Мат. 5:28).

16. Како ќе покажуваме братска љубов ако сме задоволни со она што го имаме?

16 „Бидете задоволни со она што го имате.“ (Прочитај Евреите 13:5.) Довербата во Јехова ни помага да бидеме задоволни со она што го имаме и да бидеме урамнотежени во поглед на материјалните работи (1. Тим. 6:6-8). Исто така, ни помага да сфатиме дека нашето пријателство со Јехова и со браќата е далеку поважно од сѐ друго што може да се купи со пари. Кога некој е задоволен со она што го има, тој не се жали, не приговара и не бара маани. Освен тоа, не е лаком и не им завидува на своите браќа бидејќи таквите чувства можат да ја задушат братската љубов. Наместо тоа, тој е великодушен и дарежлив (1. Тим. 6:17-19).

17. Како храброста ни помага да покажуваме братска љубов?

17 ‚Бидете исполнети со храброст.‘ (Прочитај Евреите 13:6.) Довербата во Јехова ни влева храброст да ги издржиме сите тешкотии на кои ќе наидеме. Храброста, пак, ни помага да  задржиме позитивен став. А кога сме позитивни, можеме да покажеме братска љубов така што ќе ги зајакнуваме и ќе ги тешиме сохристијаните (1. Сол. 5:14, 15). Дури и во големата неволја, кога ќе настапи најстрашниот период во човечката историја, ќе можеме да бидеме храбри бидејќи ќе знаеме дека се приближува нашето избавување (Лука 21:25-28).

Дали го цениш трудот кој старешините го вложуваат за нас? (Види во пасус 18)

18. Како може да расте нашата братска љубов кон старешините?

18 „Сеќавајте се на оние што ве предводат.“ (Прочитај Евреите 13:7, 17.) Кога размислуваме колку многу старешините се трудат околу нас без да очекуваат никаков паричен надомест, расте нашата љубов и ценење кон нив. Никогаш не би сакале тие да ја изгубат радоста или да воздивнуваат од мака поради нешто што сме направиле. Наместо тоа, ако сме им послушни и подложни, ќе покажеме дека ‚особено ги цениме со љубов поради нивната работа‘ (1. Сол. 5:13).

„ПРАВЕТЕ ГО ТОА УШТЕ ПОВЕЌЕ“

19, 20. Како можеме уште повеќе да покажуваме братска љубов?

19 Јеховините слуги се познати по својата братска љубов. Истото било случај и во времето на Павле. Но, тој ги поттикнал браќата уште повеќе да покажуваат љубов (1. Сол. 4:9, 10). Факт е дека секогаш има место за подобрување!

20 Во текот на оваа година, секогаш кога ќе го погледнеме нашиот годишен стих, да размислиме за следниве прашања: Можам ли да бидам уште погостољубив? Како можам да покажам дека мислам на браќата кои се во затвор? Дали покажувам почит кон бракот, кој го основал Бог? Што ќе ми помогне да бидам задоволен со она што го имам? Како можам да стекнам уште посилна доверба во Јехова? Како можам уште повеќе да соработувам со оние што предводат? Ако се трудиме да се подобриме на овие шест полиња, тогаш нашиот годишен стих нема да биде само знак на ѕидот во нашата сала. Тој ќе нѐ потсетува да го послушаме советот: „Братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас“ (Евр. 13:1).

^ [1] (пасус 9) Некои примери за тоа како Јеховините сведоци покажуваат братска љубов кога има катастрофи се наведени во Стражарска кула од 15 јули 2002, стр. 8-9, и во книгата Божјето Царство владее!, погл. 20.