Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2016

Покажувај ценење за Божјиот „неопислив дар“

Покажувај ценење за Божјиот „неопислив дар“

„Му благодариме на Бог за неговиот неопислив дар!“ (2. КОР. 9:15)

ПЕСНИ: 121, 63

1, 2. а) Што спаѓа во Божјиот „неопислив дар“? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

ЈЕХОВА ни го дал најголемиот можен подарок кога од љубов го испратил својот единороден Син на Земјата (Јован 3:16; 1. Јов. 4:9, 10). Апостол Павле рекол дека тоа е „неопислив дар“ (2. Кор. 9:15). Зошто го употребил овој израз?

2 Павле знаел дека совршената жртва на Христос е гаранција дека ќе се исполнат сите величествени ветувања што ги дал Бог. (Прочитај 2. Коринќаните 1:20.) Според тоа, освен жртвата на Исус, во овој „неопислив дар“ спаѓаат и сета добрина и лојална љубов што Јехова ќе ни ги покаже во иднина. Всушност, овој дар е толку скапоцен што не може да се опише со зборови. На кој начин треба да влијае врз нас? И како овој дар може да ни помогне да се подготвиме за Спомен-свеченоста, која ќе се одржи во среда, на 23 март 2016 год.?

 БОЖЈИОТ ПОСЕБЕН ДАР

3, 4. а) Како се чувствуваш кога некој ќе ти даде подарок? б) Како може некој посебен дар да ти го смени животот?

3 Сигурно многу се радуваш кога ќе добиеш подарок. Некои подароци се навистина посебни и толку значајни што можат да ни го променат животот. На пример, замисли дека си бил обвинет за некое злосторство и поради тоа си осуден на смрт. Додека те водат на погубување, одеднаш од мноштвото истапува еден човек кој не го познаваш и вели дека е спремен да биде погубен наместо тебе. Всушност, тој сака да умре за да можеш да живееш ти! Како би се чувствувал кога би добил толку скапоцен дар?

4 Еден ваков несебичен израз на љубов сигурно ќе те поттикне да ги преиспиташ своите постапки, па дури и да го смениш поранешниот начин на живот. Веројатно ќе те мотивира да бидеш повеликодушен, да покажуваш уште поголема љубов кон другите и да им простиш на сите што ти згрешиле. До крајот на животот, ќе се чувствуваш како должник на оној што спремно умрел за тебе.

5. Во кој поглед откупнината што ја дал Бог е поскапоцена од кој и да било друг дар?

5 Меѓутоа, она што ни го дал Јехова преку Христос е далеку поскапоцено од дарот што беше опишан во примерот (1. Пет. 3:18). Да видиме зошто. Поради гревот што сме го наследиле, сите сме осудени на смрт (Рим. 5:12). Но, Јехова со љубов го испратил Исус на Земјата за „да ја вкуси смртта за секого“ (Евр. 2:9). Всушност, така Бог поставил темел да ја уништи засекогаш причината за смртта (Иса. 25:7, 8; 1. Кор. 15:22, 26). Сите што покажуваат вера во Исус ќе можат да живеат вечно во мир и среќа — или како цареви што ќе владеат заедно со него на небото или како земни поданици на Божјето Царство (Рим. 6:23; Отк. 5:9, 10). Кои други благослови ќе ни ги донесе овој дар од Јехова?

6. а) Кои благослови од Јеховиниот дар ги очекуваш со нетрпение? б) На кои три работи ќе нѐ поттикне Божјиот дар?

6 Поради Божјиот дар, Земјата ќе стане рај, болните ќе бидат излекувани и мртвите ќе бидат воскреснати (Иса. 33:24; 35:5, 6; Јован 5:28, 29). Ние многу ги сакаме Јехова и неговиот мил Син затоа што ни го дале овој „неопислив дар“. Сепак, останува прашањето: На што ќе нѐ поттикне Божјата љубов? Да видиме како таа нѐ поттикнува 1) во сѐ да одиме по стапките на Исус Христос, 2) да покажуваме љубов кон нашите браќа, и 3) од срце да им простуваме на другите.

„ХРИСТОВАТА ЉУБОВ НЀ ТЕРА“

7, 8. Како Христовата љубов треба да влијае врз нас?

7 Прво, мора да бидеме поттикнати да не живееме за себе туку за Исус Христос. Апостол Павле изјавил: „Христовата љубов нѐ тера“. (Прочитај 2. Коринќаните 5:14, 15.) Павле знаел дека, ако ја прифатиме големата љубов што ни ја покажал Исус, ќе бидеме мотивирани да живееме за него. Кога во потполност ќе разбереме што направил Јехова за нас и кога неговата љубов ќе нѐ допре до срце, ќе сакаме да го живееме животот на начин што го одобрува Исус. Како може да го правиме тоа?

8 Оние што го сакаат Јехова се поттикнати да се угледаат на Христос, да живеат како него и во сѐ да ги следат неговите стапки (1. Пет. 2:21; 1. Јов. 2:6). Со тоа што сме им послушни на Бог и на Христос, покажуваме дека ги сакаме. Исус рекол: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој ме сака. А кој  ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко, и јас ќе го сакам и ќе му се објавам“ (Јован 14:21; 1. Јов. 5:3).

9. На каков притисок сме изложени?

9 Во периодот околу Спомен-свеченоста, добро е да размислуваме како го користиме својот живот. Прашај се: ‚На кои полиња веќе постапувам како Исус Христос? Во што можам да се подобрам?‘ Многу е важно да се преиспитуваме бидејќи постојано сме под притисок да живееме како што живеат луѓето во светот (Рим. 12:2). Ако не внимаваме, би можеле да почнеме да ги следиме филозофите на овој свет, па дури и некои славни личности или познати спортисти (Кол. 2:8; 1. Јов. 2:15-17). Како можеме да се спротивставиме на таквиот притисок?

10. Кои прашања треба да си ги поставиме во периодот околу оваа Спомен-свеченост, и на што може да нѐ поттикне таквото преиспитување? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Околу Спомен-свеченоста, добро е да одвоиме време за да ја провериме нашата облека, како и филмовите, музиката и сите други работи што ги имаме на нашиот компјутер, таблет или мобилен телефон. Додека ја разгледуваш облеката во гардероберот, прашај се: ‚Кога би одел на место каде што е Исус, дали би се чувствувал непријатно во оваа облека?‘ (Прочитај 1. Тимотеј 2:9, 10.) ‚Кога сепак би ја носел, дали на сите би им било очигледно дека сум следбеник на Исус Христос?‘ Слични прашања може да си поставиме и во врска со нашиот избор на филмови и музика. ‚Дали Исус би го гледал овој филм или би ја слушал оваа музика? Ако му го позајмам мојот мобилен или таблет, дали ќе се засрамам од она што ќе го види таму?‘ Додека размислуваш за некоја видеоигра, прашај се: ‚Ќе ми биде ли тешко да му објаснам на Исус зошто уживам да ја играм?‘ Нашата љубов кон Јехова треба да нѐ поттикне да го отстраниме сето она што би било несоодветно за еден христијанин, сеедно колку пари сме потрошиле за него (Дела 19:19, 20). Кога сме му го заветувале својот живот на Јехова, ние сме му ветиле дека повеќе нема да живееме за себе туку за Христос. Затоа не треба да се врзуваме за ништо што може да нѐ спречи да одиме по Христовите стапки (Мат. 5:29, 30; Фил. 4:8).

11. а) Како нашата љубов кон Јехова и кон Исус нѐ мотивираат во службата? б) Како може љубовта да нѐ поттикне да им помагаме на другите во собранието?

11 Нашата љубов кон Исус исто така нѐ поттикнува со сета душа да проповедаме и да ги поучуваме другите (Мат. 28:19, 20; Лука 4:43). Околу Спомен-свеченоста, ќе имаме можност да служиме како помошни пионери и да поминеме 30 или 50 часа во службата. Дали и ти би можел да го направиш тоа? Еден 84-годишен вдовец мислел дека не може да биде помошен пионер затоа што е стар и има слабо здравје. Но, пионерите кои живееле во негова близина се договориле да му помагаат. Тие му обезбедиле превоз и земале подрачја за сведочење на кои можел да ги придружува во службата. Така тој успеал да ја исполни квотата од 30 часови. Дали и ти би можел да му помогнеш некому од твоето собрание да служи како помошен пионер во март или април? Се разбира, сите нема да можеме да учествуваме во помошна пионерска служба. И покрај тоа, во текот на овие месеци може да посветиме повеќе време и сила за да го славиме Јехова. На тој начин, исто како апостол Павле, ќе покажеме дека Христовата љубов силно влијае врз нашиот  живот. На што друго може да нѐ поттикне Божјата љубов?

ДОЛЖНИ СМЕ ДА СЕ САКАМЕ ЕДЕН СО ДРУГ

12. На што нѐ поттикнува Божјата љубов?

12 Второ, Божјата љубов ќе нѐ поттикне да ги сакаме нашите браќа. Апостол Јован го знаел ова. Тој напишал: „Сакани, ако Бог така нѐ сакаше нас, тогаш и ние сме должни да се сакаме еден со друг“ (1. Јов. 4:7-11). Според тоа, ако сакаме Бог и понатаму да покажува љубов кон нас, ние мора да ги сакаме нашите браќа (1. Јов. 3:16). Како може да покажеме љубов кон нив?

13. На кој начин Исус покажал како да ги сакаме другите?

13 Размисли за Исус. Додека служел на Земјата, тој им обрнал посебно внимание на луѓето што страдале. На пример, ги лекувал слепите, глувите, немите и сакатите (Мат. 11:4, 5). За разлика од верските водачи, кои го сметале обичниот народ за „проклет“, Исус со задоволство ги поучувал луѓето што биле духовно гладни (Јован 7:49). Тој ги сакал тие понизни лица и многу се трудел да им помага (Мат. 20:28).

Можеш ли да му помогнеш на некој постар брат или сестра во службата? (Види во пасус 14)

14. Како можеш да покажеш љубов кон твоите браќа?

14 Во периодот околу Спомен-свеченоста можеме да се угледаме на Исус и така што ќе одвоиме време да размислиме како да им помагаме на браќата и сестрите во нашето собрание, особено на постарите. Дали би можел да ги посетиш? Дали би можел да им направиш ручек, да им помогнеш со некоја работа низ дома, да ги префрлиш со кола на состанок или да ги земеш со себе во служба? (Прочитај Лука 14:12-14.) Божјата љубов и понатаму нека те поттикнува на дело да покажуваш љубов кон браќата!

БИДИ МИЛОСТИВ КОН БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ

15. Што мора да признае секој од нас?

15 Трето, Јеховината љубов мора да нѐ поттикне да им простуваме на нашите браќа и сестри. Како деца на првиот човек, Адам, сите ние сме наследиле грев и смрт. Никој од нас не може да рече: „Не ми треба откупнината“. Дури и најверниот Божји слуга во потполност зависи од незаслужената доброта која Јехова ја покажува преку Христос. Секој од нас мора да признае дека Јехова му простил огромен долг. Зошто е  важно ова? Одговорот се наоѓа во една споредба што ја кажал Исус.

16, 17. а) Што треба да научиме од Христовата споредба за царот и робовите? б) Откако ја разгледавме споредбата на Исус, што си решен да правиш?

16 Исус дал споредба за цар кој му простил на еден свој роб огромен долг од 10.000 таланти, односно 60 милиони денарии. Но, овој роб, на кого му било простено толку многу, не бил спремен да му прости на друг роб кој му должел само 100 денарии. Царот се разбеснил кога дознал колку немилосрдно постапил првиот роб на кого самиот тој милостиво му простил. „Зол робу“, му рекол царот, „јас ти го поништив сиот оној долг, бидејќи ме молеше. Зарем не требаше и ти да му се смилуваш на другиот роб, како што јас ти се смилував тебе?“ (Мат. 18:23-35). Огромната милост на царот требало да го поттикне тој роб да му прости на оној што му должел нему. Слично на овој цар, Јехова и нам ни простил огромен долг. На што треба да нѐ поттикнат неговата љубов и милост?

17 Додека се подготвуваме за Спомен-свеченоста, добро е да се прашаме: ‚Дали некој брат ме повредил? Дали ми е тешко да му простам?‘ Ако е така, сега е добро време да го следиме примерот на Јехова, кој е ‚спремен да прости‘ (Неем. 9:17; Пс. 86:5). Ако сме благодарни за она што тој го направил за нас така што ни простил огромен долг, тогаш ќе сакаме и самите од срце да им простуваме на другите. Ако не ги сакаме нашите браќа и ако не им простуваме, не можеме да очекуваме Јехова да нѐ сака и да ни прости нам (Мат. 6:14, 15). Иако простувањето нема да го промени минатото, сигурно може да ја промени нашата иднина на подобро.

18. Како Божјата љубов ѝ помогнала на една сестра да ги поднесува несовршеностите на друга сестра?

18 Не е секогаш лесно да ги поднесуваме несовршеностите на нашите браќа и сестри. (Прочитај Колошаните 3:13, 14; Ефешаните 4:32.) На пример, Лили е немажена сестра која спремно ѝ помагала на Керол, една вдовица од нејзиното собрание. [1] Лили ја возела Керол секаде каде што било потребно, ѝ помагала со пазарењето и правела многу други работи за неа. И покрај сѐ, Керол постојано била негативна и не било лесно да ѝ се угоди. Сепак, Лили се трудела да мисли на нејзините убави особини. Продолжила да ѝ помага уште неколку години, сѐ додека Керол не се разболела од тешка болест и починала. Иако не ѝ било лесно да се грижи за Керол, Лили вели: „Едвај чекам да воскресне! Сакам да видам каква ќе биде кога ќе стане совршена“. Да, Божјата љубов може да нѐ поттикне да ги поднесуваме нашите браќа и сестри додека со душа го чекаме времето кога сите луѓе ќе бидат совршени.

19. На што ќе те поттикне Божјиот „неопислив дар“?

19 Јехова навистина ни дал „неопислив дар“! Никогаш да не го изгубиме своето ценење за тој дар. Наместо тоа, особено во периодот околу Спомен-свеченоста, да размислуваме со благодарност за сето она што Јехова и Исус го направиле за нас. Нивната љубов нека нѐ поттикне во сѐ да ги следиме стапките на Исус, да покажуваме вистинска љубов кон нашите браќа и да им простуваме од срце.

^ [1] (пасус 18) Некои имиња во оваа статија се сменети.